216/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 и 9 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 61 став 4, занимања во 7 група на сложеност, Подгрупа 7/1-а 4, 12-4, 33 алинеи 6 и 7 и Подгрупа 7/2-а 4, 70-4, 80 алинеи 2 и 4 од Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија, склучен помеѓу Министерството за здравство и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија на 3 мај 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека според наведената одредба од Колективниот договор за здравствена дејност на Република Македонија не биле класифицирани по групи на сложеност и нивниот степен на сложеност не бил утврден според степенот на нивното образование утврден како услов во актот за организација и систематизација на работни места кај работодавачот (член 61 став 2 од наведениот Колективен договор).

Имено, според листата на систематизирани работни места и бројот на нивните извршители во Заводот за здравствена заштита, условите за вршење на работите – стручна подготовка и посебен испит, биле исти и за специјалист фармацевт и за специјалист хемичар и технолог (здравствени соработници). Меѓутоа, со таков ист ранг не биле рангирани овие занимања и во наведениот колективен договор. Така, дипломиран инжењер, дипломиран хемичар и биохемичар имале коефициент 4,28, додека пак, дипломиран фармацевт имал 4,39 коефициент. Тоа значело дека дипломираните инжењери, хемичари и биохемичари во однос на дипломиран фармацевт биле противуставно дискриминирани!? А дека тоа било така, можело да се утврди и од Подгрупата 7/2-б 5,27 – 5,85 од Колективниот договор, каде што било предвидено за дипломиран фармацевт – специјалист дури 5,40 коефициент, додека дипломираните инжењери, хемичари и биохемичари (здравствени работници) – специјалисти биле рангирани една подгрупа подолу, односно во подгрупа 7/2-а, 4,70 – 4,80 со коефициент само 4,80.

Исто така, во Подгрупа 7/2-а, 4,70-4,80 алинеја 2 не бил спомнат магистер инжењер и биохемичар,односно не биле третирани за „живи“.

Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените алинеи на членот 61 став 4 од Колективниот договор за здравствената дејност се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3, 9, 32 став 3, 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, членовите 105 став 3, 106, 107 и 108 од Законот за здравствената заштита, поради што се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведените алинеи од членот 61 став 4 од Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 61 став 4 од Колективнииот договор, поединечните работи, односно занимања се класифицираат по групи на сложеност меѓу кои и оспорените групи и тоа:

Во „Занимања во VII група на сложеност, Подгрупа VII/1-а 4,12 – 4,33 во оспорените алинеи 6 и 7 се утврдени коефициентите и тоа: за дипломиран инжењер 4.28, за дипломиран хемичар и биохемичар 4.28.

Во Подгрупа VII/2-а 4.70 – 4.80 алинеи 2 и 4 за магистер (економист, правник, биолог, физичар, педагот, психолог, логопед, сурдолог, соматопед) е утврден коефициент од 4.70, а за здравствени соработници со специјализација е утврден коефициент од 4.80.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5 на членот 32 од Уставот, оставрувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 105 став 1 од овој закон, работникот има право на заработувачка-плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Според ставот 3 на истиот член, платата е составена од основна плата, дел од платата за работна успешност и додатоци, ако со друг закон поинаку не е определено.

Основната плата, согласно член 106 став 1 од Законот, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување. Работната успешност на работникот, согласно став 2 на истиот член, се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за којашто работникот го склучил договорот за вработување, а додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, продолжена работа, работа во недела, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.

Според член 107 од овој закон, платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена според закон и колективен договор.

Во членот 108 од Законот е утврдено дека работодавачот е должен за еднаква работа со еднакви барања на работното место да исплаќа еднаква плата на работниците без оглед на полот.

Според ставот 2 од овој член од Законот, одредбите на договорот за вработување, колективниот договор, односно општиот акт на работодавачот, кои се во спротивност со ставот (1) на овој член, се ништовни.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Општиот колективен договор, согласно член 205 од овој закон, се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението. Колективниот договор на ниво на гранка се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Според член 206 од истиот закон, со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој договор, се применува колективниот договор.

Согласно член 207 од истиот закон, лицата кои според овој закон можат да бидат страна на колективниот договор, се должни со добра волја да преговараат за склучување на колективен договор во врска со прашањата кои според овој закон можат да бидат предмет на колективниот договор.

Според член 210 од Законот, колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Согласно член 212 став 1 од Законот за работните односи, како репрезентативен синдикат за склучување колективен договор кај работодавачот се смета синдикатот во кој се зачленети најмалку 33% од работниците кај работодавачот или синдикатот кој е член на репрезентативниот синдикат на повисоко ниво на организирање.

Според член 220 од истиот закон, поединечен колективен договор за јавните претпријатија и јавните установи склучуваат основачот или органот кој тој ќе го овласти и репрезентативниот синдикат кај работодавачот.

Министерството за здравство на Република Македонија и репрезентативниот (самостоен) синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, а постапувајќи согласно член 269 став 1 од Законот за работни односи за усогласување на постојниот колективен договор за здравствена дејност на Република Македонија на 3 мај 2006 година, го склучија Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија.

Со Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија се уредуваат правата и обврските на работниците и на работодавачот од работен однос во здравствената дејност, како и обемот и начинот на остварување на правата, обврските и другите одредби од интерес на работниците и работодавачот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Со овој колективен договор се уредуваат и правни правила со кои се уредуваат односите помеѓу договорните страни во врска со работни односи и други прашања од работните односи (член 1).

Во делот на одредбите со кои се уредува прашањето Плати (членот 55, 58 и 59) од Колективниот договор се утврдува дека работникот има право на плата. Платата на работникот му се обезбедува од средствата на работодавачот сразмерно на извршената работа, според бројот и видовите на извршените здравствени услуги и остварените средства од извршените услуги, како и придонесот на работникот во создавањето на добивката, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и овој колективен договор. Платата на работникот е составена од основната плата, дел од плата за работната успешност и додатоците, ако со закон не е поинаку определено; платата на работникот за полно работно време и нормален учинок, утврдено врз основа на сложеноста на работните задачи и нормалните услови за работа, не може да биде пониска од најниската плата утврдена за одделни степени на сложеност, утврдени со членот 61 од овој договор, која установата односно работодавачот се должни да ја исплатат на работникот; најниската плата за најнизок степен на сложеност месечно ја утврдуваат и објавуваат учесниците на овој колективен договор, најмалку еднаш квартално; при уредувањето на најниската плата ќе се поаѓа особено: од трошоците на живот, од економските можности на стопанството, општото ниво на платите во земјата, нивото на продуктивноста, социјалните давања и други економски и социјални фактори.

Според член 61 од Колективниот договор, најниската плата за одделни степени на сложеност се утврдува така што најниската плата за најнизок степен на сложеност се множи со следните коефициенти за одделни степени на сложеност.

Според ставот 2 на овој член од Колективнииот договор, како степен на сложеност утврден според степенот на обрзование во смисла на овој колективен договор ќе се вреднува степенот на образование утврден како услов во Актот за организација и систематизација на работните места кај работодавачот.

Според ставот 3 од овој член, коефицинетите во секоја група се зголемуваат до коефициентите на следната група, но не помалку од 0,05.

Во ставот 4 на овој член од Колективниот договор е утврдено дека поединечните работи, односно занимања се класифицираат по групи на сложеност меѓу кои и оспорените групи и тоа:

Во „Занимања во VII група на сложеност, Подгрупа VII/1-а 4,12 – 4,33 во оспорените алинеи 6 и 7 се утврдени коефициентите и тоа: за дипломиран инжењер 4.28, за дипломиран хемичар и биохемичар 4.28.

Во Подгрупа VII/2-а 4.70 – 4.80 алинеи 2 и 4 за магистер (економист, правник, биолог, физичар, педагот, психолог, логопед, сурдолог, соматопед) е утврден коефициент од 4.70, а за здравствени соработници со специјализација е утврден коефициент од 4.80.

Определувањето на конкретниот коефициент на сложеност за секое работно место, според мислењето на Судот претставува право и обврска на страните надлежни за склучување на Колективен договор, кои имаат законска обврска за меѓусебно преговарање заради уредување на правата и обврските на договорните страни.

Од увидот во содржината на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија, кој како посебен колективен договор на ниво на гранка е склучен помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и репрезентативниот (самостоен) синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, е констатирано дека поединечните работи, односно занимања се класифицирани и вреднувани според групите на сложеност и коефицинетите утврдени за соодветни поединечни работи во гранковиот колективен договор, од каде не може да произлегува дека работниците дипломирани фармацевти се фаворизирани, односно не се ставени во рамноправна положба во однос на другите вработени во здравство, како што се хемичарите, биохемичарите и инжењерите.

Според Судот, различното определување на коефицинети на сложеност по однос на поединечните работи односно занимања како што е утврдено со оспорените алинеи на членот 61 став 4 од Колективниот договор и тоа за дипломирани инжењери, хемичари, биохемичари и фармацевти, односно дипломиран инжењер – специјалист, хемичари и биохемичари – специјалисти и фармацевт – специјалист, како и тоа дека во подгрупата 7/2-а, 4,70-4,80 алинеја 2 воопшто не биле спомнувани магистер, инжењер и биохемичар, се израз на потребите, барањата и карактерот на здравствената дејност, што е во рамките на уставната и законската определба дека правото на плата на работникот се уредува со закон и со колективен договор. Наводите во иницијативата дека со различните коефициенти противуставно и незаконски се дискриминирани инжењерите, хемичарите и биохемичарите во однос на фармацевтите, не можат да претставуваат основ за изразување на сомневање во уставноста и законитоста на оспорените одредби од Колективниот договор, затоа што определувањето на овие критериуми е фактичко прашање кое го утрдуваат договорните страни при колективното преговарање и за кое Судот не е надлежен да одлучува.

Поради наведеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на наведените одредби од Колективниот договор за здравствената дејност со Уставот, Законот за работните односи и Законот за здравствената заштита.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.216/2006
8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи