58/2006-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 и 9 мај 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 132 алинеја 1 во делот „ во државните органи и јавните служби“ од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1998, 19/2000, 42/2005 и 46/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Меѓуопштинското јавно претпријатие за снабдување со вода за пиење и одведување и пречистување на отпадни води за општините Охрид и Струга „Проаква“ од Струга, со Решение У. бр. 58/2006 од 14 март 2007 година, поведе постапка за оценување на делот од оспорената одредба од Законот означен во точка 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 132 од Законот за водите, се утврдуваат физичките и правните лица кои имаат обврска да плаќаат надоместок за водите, се утврдува висината на овој надоместок, обврската за пресметување, наплатување и уплатување на овој надоместок.

5. Според член 8 став 1 али­неја 3 и 7 од Уставот, вла­деењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Согласно член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Со Законот за водите се уредуваат условите и начинот на употреба и користење на водите, заштитата од штетни дејства на водите, заштита на водите од исцрпување и загадување, управување со водите, изворите и начинот на финансирање на водостопанските дејности, услови и начини на вршење на водостопанската дејност, давање на водата на користење со одобрение (концесија), меѓудржавните води и други прашања од значење за обезбедување на единствен режим на водите во Република Македонија.

Според членот 2 од овој закон, водите, водотеците и езерата како добра од општ интерес на Република Македонија уживаат посебна заштита утврдена со овој закон и се во државна сопственост.

Согласно член 122 од Законот, за заштита од штетните дејства на водите, преземање на мерки за извршување на определени работи за заштита на водите од загадување, изработка на студии, планови, водостопански основи, биланси на водите, учество во одржување на основните објекти на хидромелиоративните системи, учество за изградба на водостопански објекти и постројки за наводнување и одводнување, обврските од меѓудржавните договори и конвенции и усовршување на кадри од областа на водостопанството, се формира Фонд за водите.

Согласно член 124 од истиот закон, Фондот има својство на правно лице.

Со членот 131 од Законот се утврдуваат изворите на средства за финансирање и работа на Фондот, при што, покрај средствата добиени по основ на закупнина на државно земјиште што во катастарот на недвижности е заведено „под води“, средства од Буџетот на Република Македонија, средства обезбедени од кредити и други приходи, како извори на средства се утврдуваат и: надоместок за водите, надоместок за заштита на водите од загадување и надоместок за вадење песок, чакал и камен.

Со членот 132 од Законот се утврдуваат физичките и правните лица кои имаат обврска да плаќаат надоместок за води, се утврдува висината на овој надоместок, обврската за пресметување, наплатување и уплатување на овој надоместок.

Со членовите 133, 133-а и 134 од истиот закон се утврдуваат правните и физички лица кои имаат обврска за плаќање надоместок за заштита на водите од загадување и правните и физичките лица кои имаат обврска за плаќање надоместок за вадење песок, камен и чакал, како и се утврдува висината на овој надоместок, обврската за пресметување, наплатување и уплатување на овој надоместок.

Со член 134-а став 1 од Законот се утврдуваат случаите во кои не се плаќа надоместок за користење на вода, а тоа се случаите кога водата се користи за прочистување и вештачко полнење на подземните води и кога водата се користи за заштита на природата и пределот.

Согласно член 135 од овој закон, средствата за финансирање и работа на Фондот се уплатуваат на сметка на Фондот за водите.

6. Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, претставува значајна задача на државата и пошироко на општеството. Тоа подразбира дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е грижа не само на државата, туку и на сите граѓани, претпријатијата, установите и органите на локалната самоуправа. Сите овие субјекти се должни да обезбедат услови за зачувањето на природните и со работа создадени вредности на човековата средина и да ги отстрануваат штетните последици и дејствија што ги загрозуваат тие вредности или го доведуваат во опасност животот и здравјето на луѓето.

Водите, водотеците и езерата како добра од општ интерес на Република Македонија, се во државна сопственост и уживаат посебна заштита утврдена со Законот за водите.

Во функција на операционализација на заложбата за посебна заштита на водите, со Законот за водите е формиран Фонд за водите. Овој Фонд има својство на правно лице, а со Законот се утврдени неговите надлежности, како и изворите на средства за негово финансирање.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавни расходи утврдени со закон.
Смислата и содржината на оваа уставна одредба е утврдувањето општа обврска на сите субјекти, а не само на граѓаните, за обезбедување финансиски средства за функциите на државата утврдени со Уставот и со закон, а кои ги вршат нејзините органи и институции.
Законодавецот, согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, во функција на обезбедување на услови за заштита на водите, утврдил надоместоци за користење на водите, за нивната заштита од загадување и за вадење на песок, чакал и камен, давајќи им на овие надоместоци карактер на јавна давачка.

Со членот 132 од Законот, законодавецот поблиску ги определил субјектите кои се обврзници за плаќање на надоместокот за води, како и висината и начинот на плаќање на оваа јавна давачка.

Притоа, со членот 132 алинеја 1 од Законот, како обврзници за плаќање на надоместокот за водите, законодавецот ги определил вработените во државните органи и јавните служби, задолжувајќи ги за месечно плаќање на надоместокот, во определен процент од платата.

Од анализата на оваа законска одредба, произлегува дека работниот однос во државните органи и јавните служби, е основ за определувањето на овие граѓани за обврзници за плаќање на надоместокот, што за Судот не е спорно. Меѓутоа, од другите одредби на членот 132, како и од целината на Законот, произлегува дека другите вработени граѓани немаат обврска да плаќаат надоместок за водите по основ на работен однос.

Во таков случај, Судот оцени дека со ваквото законско решение се доведуваат во нерамноправна положба пред законот граѓаните во зависност од тоа каде се вработени – во јавниот или во приватниот сектор. Ова од причина што и вработените во државните органи и јавни служби, исто како и вработените во друг сектор, остваруваат плата (од која се пресметува висината на надоместокот за водите), но за едните тоа претставува основ за плаќање надоместок за водите, а за другите тоа не е случај.

Оттука, Судот оцени дека член 132 алинеја 1 во делот „во државните органи и јавните служби“ од Законот за водите не е во согласност со членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.58/2006
8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи