Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 72 и 74 од Одлуката за дополнување на Одлуката за комунален ред („Службен гласник на општина Пробиштип“ бр. 5/2002) донесена од Советот на општина Пробиштип;
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за зонирање на град Пробиштип во границите на градежниот реон („Службен гласник на општина Пробиштип“ бр. 14/1998) донесена од Советот на општина Пробиштип и Заклучокот на комуналниот инспектор на општина Пробиштип бр. 11-371/7 од 4 октомври 2006 година.
3. Вонка Гаврилова од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со член 72 од Одлуката за дополнување на Одлуката за комунален ред на општина Пробиштип, на подрачјето на општината Пробиштип се забранува чување на секаков вид крупна и ситна стока и перјаста живина. Забраната се однесува на зоната центар, I и II градежна зона, определни со Одлуката за зонирање на град Пробиштип. Со оглед на тоа што забраната се однесувала само на центар, I и II зона, а не и на III и IV зона, произлегувало дека граѓаните на општина Пробиштип не се еднакви, односно оние кои живеат во центар, во I и II зона биле граѓани, а оние кои живеат во другите зони биле селани. Оттука, подносителката на иницијативата смета дека оспорената одредба била спротивна на член 9 од Уставот на Република Македонија, бидејќи граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од тоа во кои зони живеат.
Во оспорениот член 74 од Одлуката за дополнување на Одлуката за комуналниот ред, се определени условите под кои граѓаните од зоните III и IV можат да чуваат добиток. Овој член бил спротивен на Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, во кој биле утврдени зоните за санитарна заштита. Така согласно овој Правилник, зоната на санитарната заштита за објекти од прва класа изнесувала над 1200 метри, а во објекти од прва класа спаѓале и фарми за одгледување на живина, свињи, крави, говеда, овци и кози. Оспорената одлука ги определува условите под кои можат да се одгледуваат животни, што било спротивно на законските норми кои стриктно забранувале чување на домашни животни во градовите и градските средини.
Во иницијативата се наведува дека и Одлуката за зонирање на град Пробиштип во границите на градежниот реон, била спротивна на Уставот, бидејќи со ваквата одлука и зонирање на градот се правела дискриминација на граѓаните кои живеат во различни зони. Подносителката наведува дека нејзината куќа во 1988 година се наоѓала во втората градежна зона, додека со новото зонирање извршено врз основа на оспорената одлука, таа се наоѓа во третата зона.
Во иницијативата се предлага Судот да го поништи и Заклучокот бр. 11-371/7 од 4 октомври 2006 година донесен од комуналниот инспектор на општината Пробиштип со кој се запира и не се поведува управна постапка по барањето на подносителката, без да се наведат причини поради кои барањето се одбива. Заклучокот бил неуставен и незаконит бидејќи бил донесен врз основа на неуставни и незаконски одлуки на Советот на општината Пробиштип.
На крајот во иницијативата се предлага Уставниот суд да ги преиспита наведените одлуки и да утврди дали тие се во согласност со Уставот и законите и истите да ги укине.
4. Судот на седницата утврди дека според член 72 од Одлуката за дополнување на Одлуката за комунален ред, на подрачјето на градот Пробиштип се забранува чување на секаков вид крупна и ситна стока и перјаста живина. Забраната се однесува на зона центар, I и II градежна зона на град Пробиштип утврдена со Одлуката за зонирање на град Пробиштип („Службен гласник на општина Пробиштип“ бр. 14/1998). Според член 74 од истата Одлука, Во зоните III и IV кои сакаат да чуваат добиток се обврзани да ги исполнуваат следниве услови: да се чува за сопствени потреби; објектите за чување на добиток да се лоцирани во близина на сопствените станбени објекти; објектите да се соодветно направени (да е бетониран подот и да се хигиенски одржуваат (чистат и редовно да се изнесува изметот од стоката). Доколку лицата иматели на добиток не се придржуваат кон наведените услови под кои можат да чувааат стока, овластеното лице од оваа одлука ќе нареди преместување, односно забрана на чување согласно член 72 од оваа Одлука.
Судот на седницата исто така утврди дека оспорената Одлука за зонирање на град Пробиштип во границите на градежниот реон е донесена на 24 февруари 1998 година од страна на Советот на општина Пробиштип и таа содржи 2 члена. Во првиот член се утврдени зоните, односно границите на зона центар, I зона, II зона, III зона и IV зона. Според член 2 од Одлуката, одлуката влегува во сила по објавувањето во „Службен гласник на општина Пробиштип“.
Судот на седницата утврди дека со оспорениот Заклучок на комуналниот инспектор на општина Пробиштип бр. 11-371/7 од 4 октомври 2006 година се запира и не се поведува управна постапка во врска со барањето на Вонка Гаврилова од Пробиштип, улица „25-ти Мај“ бр. 4 бидејќи согласно важечките прописи нема услови за поведување на постапка.
5. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 9 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и локалната самоуправа, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, нациналното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според Амандман XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Според член 20 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.
Според член 21 став 2 од овој закон, општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење.
Листата на надлежности на општината е утврдена во член 22 став 1, при што во точката 5, како работи чие вршење е во надлежност на општината, се утврдени и комуналните дејности. Според ставот 2 на овој член, надлежностите од ставот 1 на овој член се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон.
Вршењето на комуналните дејности е уредено со Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004).
Според член 1 од овој закон, со овој закон се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности и други прашања од значење за комуналните дејности.
Според членот 2 од Законот, вршењето на комунални дејности е од јавен интерес.
Во членот 3 од Законот, утврдени се комуналните дејности. Во таа смисла, во точката 18 како комунална дејност е утврдено и отстранување и чување на ситна и крупна стока и живина во урбани средини.
Според членот 6 од Законот, посебните услови и начинот на вршење на комуналните дејности од член 3 на овој закон, освен од точките 9, 13, 15, 16, 17, 18, 19 и 20 се уредуваат со закон.
Според член 7 став 1 од Законот, општината, односно Градот Скопје е должна да донесе одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување. Според ставот 2 на овој член, под комунален ред во смисла на став 1 од овој член, се подразбира поблиско уредување на односите и начинот на вршење на комуналните дејности меѓу корисниците и давателите на услугите.
Од наведените одредби произлегува дека отстранувањето и чувањето на ситна и крупна стока и живина во урбани средини претставува комунална дејност, за чие што уредување со подзаконски акт е надлежна општината. Од одредбите од членовите 6 и 7 од Законот за комуналните дејности, произлегува дека општината е овластена со подзаконски пропис, да ги определени посебните услови и начинот на вршење на оваа комунална дејност, бидејќи оваа комунална дејност спаѓа во исклучоците предвидени во членот 6 од Законот, односно таа не е предмет на законско уредување. Оттука, и општината Пробиштип со оспорената Одлука за дополнување на Одлуката за комунален ред ги пропишала посебните услови и начинот на вршење на комуналната дејност – отстранување и чување на ситна и крупна стока и живина во урбани средини. Во таа смисла, со членот 72 од оспорената одлука, општината утврдила забрана за чување на добиток и живина во определени зони од градот (зона центар, прва и втора зона), односно со членот 74 од истата одлука, ги определила условите за чување на овие видови на животни во зоните во кои тоа е дозволено. Оттука, според мислењето на Судот, неосновани се наводите во иницијативата дека оспорената одлука била спротивна на законите бидејќи со неа се определувале условите за чување на домашни животни, од причина што од наведените одредби на Законот за комунални дејности јасно произлегува дека општината е овластена оваа материја да ја уреди со подзаконски акт. Исто така неосновани се наводите во иницијативата дека со оспорената Одлука за дополнување на Одлуката за комунален ред се правела дискриминација помеѓу граѓаните што било спротивно на член 9 од Уставот, од причина што утврдената забрана за чување на крупна и ситна стока и перјаста живина, односно утврдените посебни услови за нивно чување важат подеднакво за жителите на тие зони за кои е предвидена забраната, односно за сите жители на зоните во кои е дозволено, под определените услови, да се чуваат домашни животни. Дали во практиката оваа забрана, односно посебните услови за чување на домашни животни се почитуваат е прашање на примената на прописите, што е надвор од надлежноста на Уставниот суд.
Надвор од надлежноста на Уставниот суд, исто така, е и прашањето за согласноста на оспорената Одлука за дополнување на одлуката за комунален ред со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, на што се укажува во иницијативата, од причина што Уставниот суд не одлучува за меѓусебната согласност на подзаконски прописи.
Од наведените причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 72 и член 74 од Одлуката за дополнување на одлуката за комунален ред, донесена од Советот на општина Пробиштип со одредбите од Уставот, ниту пак со одредбите од Законот за локалната самоуправа и Законот за комунални дејности.
6. Во врска со второоспорената Одлука за зонирање на град Пробиштип во границите на градежниот реон, Судот укажува дека правен основ за реонизација и зонирање на градовите и населените места е член 83 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005).
Според овој член од Законот, заради определување на висината на надоместокот за приватизација, закупнини за долготраен закуп и времен закуп на градежното земјиште се врши реонизација на зоните на градовите и населените места во Република Македонија.
Според ставот 2 на овој член од Законот реонизацијата се врши според местоположбата и степенот на комуналната уреденост на градежното земјиште. Според ставот 3 од овој член од Законот реонизацијата од ставот 1 на овој член ја определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за транспорт и врски.
Овластувањето на општините за донесување на одлуки за зонирање произлегува од одредбите од Законот за локалната самоуправа и од Законот за градежното земјиште. Имено, со Законот за локалната самоуправа се утврдени надлежностите на општините. Така, во листата на надлежностите на општините согласно членот 22 од Законот е определено меѓу другото, и урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Прашањето на уредувањето на градежното земјиште е уредено со Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2001 ).
Во Глава III на овој Закон „Уредување на градежно зејиште“ спаѓа и членот 42 кој во ставот 1 утврдува дека под уредување на градежно земјиште во смисла на овој закон се подразбира изградба на објекти на инфраструктурата, заради обезбедување на непречен пристап до градежната парцела од јавен пат, поставување на водоводна, канализациона (фекална и атмосферска), електрична, ПТТ и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела.
Според ставот 2 на овој член од Законот, планирањето, проектирањето и изведувањето на инфраструктурата од ставот 1 на овој член се врши според просторните и урбанистичките планови и актите што ги заменуваат тие планови како и според коефициентот на искористување на земјиштето утврден со плановите.
Според ставот 3 на овој член од Законот, уредувањето на градежното земјиште од ставот 1 на овој член може да биде извршено целосно или делумно, што го определува општината односно градот Скопје.
Во ставот 4 на овој член од Законот е утврдено дека степенот на уреденост на градежното земјиште поблиску го пропишува министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски.
Од наведеното произлегува дека единиците на локалната самоуправа вршат работи на уредување на градежното земјиште, согласно Програмата за уредување на градежното земјиште која ја носат единиците на локалната самоуправа, согласно степенот на уреденост на градежното земјиште и дека во оваа смисла, тие со закон се овластени да донесуваат одлуки за определување на зоните во градовите односно населените места, како што е направено со оспорената Одлука за зонирање на град Пробиштип во границите на градежниот реон. Со оглед на тоа што со иницијативата оваа одлука не се оспорува од аспект на нејзината содржина, ниту од аспект на постапката за донесување, туку само поради тоа што куќата на подносителката на иницијативата некогаш се наоѓала во II зона, а сега се наоѓа во III зона, Судот одлучи во овој дел иницијативата да ја отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи станува збор за фактичко прашање кое е надвор од надлежноста на Уставниот суд.
Во врска со барањето во иницијативата Судот да го поништи Заклучокот на комуналниот инспектор на општина Пробиштип бр. 11-371/7 од 4 октомври 2006 година, Судот оцени дека и во однос на овој акт иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.
Имено со оспорениот заклучок се запира и не се поведува управна постапка во врска со барањето на подносителката на иницијативата, поради немање услови за водење на управна постапка. Од содржината на актот произлегува дека станува збор за поединечен акт донесен во управна постапка, кој не подлежи на уставно-судска оцена.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 207/2006
2 мај 2007
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи