223/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 57 став 6 од Законот за здравјето на растенијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата ставот 6 на членот 57 од Законот за здравјето на растенијата во кој било предвидено дека висината на посебниот надоместок, како и начинот на неговото плаќање, видот и количеството на растенијата, растителните производи и други објекти и преедмети за кои се плаќа надоместок, како и висината и начинот на плаќање на трошоците од ставовите 1, 3 и 4 на овој член ги пропишува Владата на Република Македонија, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 68 став 1 алинеја 2 и членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што според наводите во иницијативата, во оспорениот член, а ниту во другите одредби од Законот, не биле препишани критериуми, односно рамка за пропишување на висината на посебниот надоместок, видот и количеството на растенијата, растителните производи и други објекти и предмети за кои се плаќало надоместок, како и висината на плаќање на трошоците од ставовите 1, 3 и 4 на овој член, туку тоа со оспорената законска одредба било препуштено Владата на Република Македонија изворно да го пропишува со свој пропис, што според подносителот на иницијативата водело кон мешање на извршната во законодавната власт.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 57 став 1 од Законот за здравјето на растенијата сите трошоци за тестирање на растенија, растителни производи и други објекти и предмети кои се извршени на барање на фитосанитарен инспектор за утврдување на здравјето на растенијат а во случај кога резултатите од анализата не се во корист на сопственикот се на товар на сопственикот од кого биле земени пробите.
Во став 2 на истиот член е предвидено дека сите трошоци за мерките наведени во овој закон, преземени за обезбедување на здравјето на растенијата, се на товар на сопственикот.
Според став 3 од член 57 од Законот, трошоците за техничка обука за добивање овластување за издавање пасоши за растенија се на товар на кандидатот.
Според став 4 од членот 57 од Законот, трошоците за сите овластувања кои произлегуваат од овој закон се на товар на правното и физичкото лице што се овластени.
Според став 5 од членот 57 од Законот, за вршење на фитосанитарна инспекција се плаќа посебен надоместок.
Според став 6 на членот 57 од Законот, висината на посебниот надоместок, како и начинот на неговото плаќање, видот и количеството на растенија, растителни производи и други објекти и предмети за кои се плаќа надоместок, како и висината и начинот на плаќање на трошоците од ставовите 1, 3 и 4 на овој член ги пропишува Владата на Република Македонија. (оспорен дел)
Според став 7 на член 57 од Законот, средствата од ставовите 1, 3 и 4 и надоместокот од ставот 5 на овој член се приход на Буџетот на Република Македонија, а ќе се користат за в ршење на превенции и мерки од областа на здравјето на растенијата од страна на Фитосанитарната управа, согласно со Годишната програма за здравје на растенијата што ја донесува Владата на Република Македонија.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 1 од Законот за здравјето на растенијата, со овој Закон се уредува здравјето на растенијата, мерките и обврските во врска со појавата на штетните организми кај растенијата, растителните производи и други објекти и предмети, превенција од нивно внесување и ширење, мерки за сузбивање, биолошки мерки за заштита на растенијата, протекот и размена на информации и информатичкиот систем, трошоци и надоместоци, надлежност на органите, овластените служби, органи и тела во областа на здравјето на растенијата и се уредуваат и други прашања од областа на здравјето на растенијата.

Според член 4 од овој закон, растенијата како добра од општ интерес за Републиката имаат посебна заштита утврдена со овој закон. Здравјето на растенијата е право и одговорност на Република Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија, давателите на јавни услуги, органи и тела на сопствениците.

Според член 5 на овој закон Фитосанитарната управа има обврска да организира, контролира и спроведува превенција од внесување и ширење на штетни организми и нивно сузбивање, биолошки мерки за заштита на растенијата, интегрална заштита, следи и прогнозира штетни организми, прибира, користи и разменува податоци и информации од областа на здравјето на растенијата.

Фитосанитарната управа и давателите на јавни услуги соработуваат при спроведувањето на следењето на здравјето на растенијата, растителните производи и другите објекти и предмети, заради откривање и известување за појава или ширење на штетни организми и нивно сузбивање.

Давателите на јавни услуги го известуваат фитосанитарниот инспектор и/или Фитосанитарната управа без одложување, за сите нови или неочекувани појави на штетни организми вклучени во Листата I.А и Листата II.А од членот 7 став 2 точка 1 на овој закон.

Фитосанитарната управа и давателите на јавни услуги во соработка ги извршуваат мерките и задачите од областа на следењето и прогнозирањето на штетни организми и други технички работи од областа на здравјето на растенијата.

Државната фитосанитарна лабораторија соработува со Фитосанитарната управа и давателите на јавни услуги за дијагностицирање и детерминирање на штетни организми и други испитувања и предлагање на мерки.

Според член 6 од истиот Закон сопственикот мора да ги контролира растенијата кои ги одгледува, растителните производи и другите објекти и предмети кои ги поседува или на друг начин ги користи или третира, со цел за откривање на појава или ширење на штетни организми.

Сопственикот треба веднаш да го извести фитосанитарниот инспектор и/или давателите на јавни услуги, кои ја известуваат Фитосанитарната управа за сите нови или неочекувани појави на штетни организми вклучени во Листата I.А и Листата II.А. Сопственикот мора да преземе мерки утврдени од страна на Фитосанитаррната управа за спречување на ширењето на штетните организми и нивно сузбивање.

Доколку сопственикот не ги спроведе мерките од ставот 2 на овој член фитосанитарниот инспектор наредува нивно спроведување на трошок на сопственикот.

Сите други лица кои заради карактерот на својата работа се сомневаат или забележале нова или неочекувана појава на штетни организми, се должни според овој закон да го информираат фитосанитарниот инспектор и/или Фитосанитарната управа.

Според член 23 од Законот пратките за кои е задолжителна фитосанитарна инспекција можат да бидат увезени преку одредени места на влез во Република Македонија кои ги исполнуваат условите за извршување на фитосанитарна инспекција според овој закон.

Условите за вршење на фитосанитарна инспекција ги пропишува и места на влез ги определува Владата на Република Македонија.

Според член 24 од овој закон пратките од Листата V.Б I кои се увезени во земјата, нивното пакување, и доколку е потребно и возилото во кои биле транспортирани, мораат да бидат подложени на фитосанитарна инспекција.

Со Фитосанитарната инспекција треба да се утврди дали пратките:

– се придружени со фитосанитарен сертификат;
– не се нападнати од штетни организми од листите I.А и II.А;
– не содржат растенија, растителни производи или други објекти и предмети на Листата III.А и
– ги исполнуваат посебните фитосанитарни услови наведени во Листата IV.А.

Пратките од ставот 1 на овој член мораат да имаат оригинален фитосанитарен сертификат издаден од земјата на потекло, освен кога посебните фитосанитарни услови наведени во Листата IV.А. или IV.Б за одделни видови пратки кои ги пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство можат да бидат исполнети и во земја која не е земја на потекло.

Пратките од ставот 1 на овој член кои по издавањето на фитосанитарен сертификат во земјата на потекло биле испратени, складирани, препакувани или поделени во друга земја која не е земја на потекло покрај оригиналниот сертификат или заверена копија на истиот мораат да имаат и фитосанитарен сертификат за реекспорт издаден во втората земја. Доколку таквите пратки претходно биле последователно увезувани во неколку различни земји и биле издадени повеќе од еден фитосанитарен сертификат за реекспорт, покрај оригиналниот фитосанитарен сертификат или негова заверена копија тие мораат да ги поседуваат и сите претходни фитосанитарни сертификати или нивни заверени копии.

Фитосанитарната инспекција може да биде изввршена и за други пратки, доколку фитосанитарниот инспектор се сомнева дека истите претставуваат ризик по здравјето на растенијата на територијата на Република Македонија.

Начинот на вршење на фитосанитарната инспекција од ставот 1 на овој член го пропишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од анализата на целината на одредбите од Законот за здравјето на растенијата, како и од анализата на оспорената одредба произлегува дека законодавецот предвидел критериуми и рамка врз основа на кои може Владата да ја пропишува висината на надоместоците кои се предвидени во оспорените законски одредби.

Имено, според Судот, ваквото овластување кое произлегува од оспорената одредба во Законот, има основа во одредбите од Законот за здравјето на растенијата, бидејќи во одделни одредби се содржани критериуми и параметри за определување на висината на посебниот надоместок, видот и количеството на растенијата, како и висината и начинот на плаќање на трошоците за тестирање на растенијата, за техничка обука за добивање овластување. Оттука, Судот оцени дека овластувањето во членот 57 став 6 од Законот претставува законска основа Владата на Република Македонија да донесе свој акт односно Одлука за утврдување на висината на надоместокот, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека во конкретниов случај станува збор за мешање на извршната со законодавната власт. Имено, Владата како носител на извршната власт работите од својата надлежност ги врши во рамките на Уставот и законот, меѓу кои е и донесување на прописи за извршување на законите, како што предвидува членот 91 од Уставот, што значи дека овластувањето во оспорената законска одредба Владата да донесува Одлука за определување на висината на надоместокот, претставува само операционализација на Законот.

Оттука, имајќи го предвид сето наведено, тргнувајќи од темелната вредност за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, според Судот Владата на Република Македонија, со вака дадените овластувања не навлегува во сферата на законодавната власт.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека оспорената одредба не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, како и со членовите 51, 68 став 1 алинеја 2 и 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.223/2006
2 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи