Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Јавниот конкурс („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2006) распишан од Министерството за економија на Република Македонија.
2. Сотир Пановски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот конкурс било предвидено дека понудувачите требале на конкурсот да доставуваат „писмо на понуда“ кое било веќе унифицирано во образец изготвен од Министерството за економија и во тоа писмо било наведено меѓу другото дека „немало да се применуваат идни бенифиции за обновливи извори на енергија во било која форма“.
Оспорениот јавен конкурс содржел обврска да се доставуваат понуди од понудувачите кои биле во наведениот дел, ограничување на нивните права. Од овие причини, според наводите во иницијативата, со оспорениот јавен конкурс на Министерството зе економија, се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото која е утврдена во членот 54 од Уставот на Република Македонија, како и идните концесионери и инвеститори би биле во нееднаква положба со други субјекти на пазарот што се произведувачи на обновлива енергија и кои би користеле бенифиции за обновлива енергија. Воедно со оспорениот конкурс се повредувал и членот 4 став 1 точка 5 од Законот за животна средина, според кој бенифициите за обновливи извори на енергија биле во функција на поттикнување на користењето на тие извори.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 13 точка 1 од Законот за концесии („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2002 и 24/2003), член 155 точка 1 од Законот за води („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998, 19/2000 и 45/2005) и Заклучокот на Владата на Република Македонија од седницата одржана на 20 април 2006 година, Министерството за економија распишало јавен конкурс за прибирање на понуди за изградба на мали хидроелектрични централи по моделот Проектирање, Изградба, Користење и Трансфер на сливови на реките: Црн Дрим, Конска Река, Галичка Река, Радика и Зајаска Река.
Во јавниот конкурс биле наведени техничките параметри за малите хидроелектрични централи кои целосно биле разработени во „Студија за можни мини и мали хидроцентрали“ изготвена од Машинскиот, Градежниот и Електротехничкиот факултет од Скопје, и оваа и друга документација можела од страна на понудувачите да се подигне во Министерството за економија.
Воедно, биле уредени прашањата за учество на домашните и странските правни и физички лица и за документацијата која тие требало да ја поднесат во соодветен период (29 септември 2006 година), потоа прашањата за отварање на понудите, за склучување на договорот за концесија за вода со Владата на Република Македонија која ќе се доделува на период од 20 и 30 години, и други прашања.
4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од содржината на оспорениот јавен конкурс, како за конкретен акт на Министерството за економија, со кој се врши општ повик на неограничен број на заинтересирани лица за пријавување како кандидати од кои ќе се изврши избор за реализација на посебен проект кој се однесува на изградба на мали хидроелектрични централи на повеќе реки во Република Македонија, и дека во случајов оспорениот акт по својот карактер не е пропис подобен за уставносудска оцена во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија, поради што Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.159/2006
2 мај 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи