236/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 4 став 3 од Законот за регистрирање на готовински плаќања („Службен весник на Република Македонија” бр.31/2001, 42/2003, 47/2003, 40/2004, 70/2006 и 126/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.236/2006 од 7 март 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 4 став 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 7, 33 и 55 став 1 и 2 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според член 4 од Законот, фискална сметка, во смисла на овој закон, е документ со кој се потврдува плаќањето на цената на доброто, односно услугата издадена од фискална апаратура (став 1).

Фискална сметка се издава на купувачот на доброто, односно на корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата (став 2).

Според оспорениот став 3 од истиот член од Законот, ако на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата во моме нтот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата не му се издаде фискална сметка, нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот, слободите и правата н а човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Согласно член 2 од Закон за регистрирање на готовински плаќања, даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат (во натамошниот текст: готовински плаќања), должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет, односно услугата (во натамошниот текст: фискална сметка).

Согласно член 6 од Законот, купувачот на доброто, односно корисникот на услугата е должен да побара фискална сметка и истата да ја чува до 15 метри од напуштањето на местото на прометот на доброто, односно на услугата, заради контрола (став 1). Кога местото на прометот на добро, односно услуга се наоѓа во заеднички простории со други објекти, на пазар или во состав на трговски комплекс, како место на напуштање се смета напуштањето на објектот од заедничките простории, пазарот, односно трговскиот комплекс (став 2).

Во член член 8 од Законот е определено дека, фискална сметка се состои од бонов и контролен траг кои се идентични и се запишуваат истовремено. Исечок од боновиот траг се дава на купувачот на добро, односно на корисникот на услуга, а контролниот траг го задржува даночниот обврзник. Даночниот обврзник е должен контролниот траг од фискалната сметка да ја чува во објектот пет години од датумот на последната операција.

Во член 11 став 2 од Законот е определено дека, даночниот обврзник е должен да воведе и да користи фискална апаратура за секое работно место од каде што се извршува прометот на добра или услуги кои готовински се наплатуваат.

Согласно член 12 став 1 од Законот, забранет е прометот на добро или услуга кој не се врши преку монтиран и воведен во користење систем на фискална опрема, освен во случаите кога е потребен ремонт или поправка на фискалната апаратура, а обврзникот не е должен да поседува резервна фискална апаратура.

Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби произлегува дека фискалната сметка е документ издаден од фискална апаратура со кој се потврдува плаќањето на цената на доброто, односно услугата, во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата. Сметката се состои од боновиот траг што се дава на купувачот на добро, односно на корисникот на услуга и контролен траг што го задржува даночниот обврзник, во овој случај продавачот на доброто или давателот на услугата.

Со оспорениот член 4 став 3 од Законот, законодавецот предвидува законска можност за ослободување од обврската на граѓанинот да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата ако во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата не му биде издадена фискална сметка.

Со оглед на фактот што државата преку воведувањето на системот на фискализација и р егистрирање на готовинските плаќања има за цел сузбивањето на т.н сива економија, преку евиденција на остварен готовински промет и соодветно оданочување според Судот одбраното средство со давање можност на граѓаните да не платат за купеното добро, односно реализирана услуга во случај кога нема да добијат фискална сметка не е соодветно по однос на целта што се сака да се постигне.

Имено, на пазарот како учесници во секоја купопродажба или услуга се јавуваат купувачите, односно примателите на услугата и продавачите, односно давателите на услугата, при што секој од учесниците има точно определени права и обврски. Од така настанатиот однос, државата остварува приход од наплатените даноци.

Според Судот, дадената можност од оспорената одредба не е во согласност со востоставените правила што владеат на пазарот на добра и услуги кои неминовно бараат цената на купеното добро, односно направената услуга да биде платена во моментот на предавање на доброто, односно извршувањето на услугата, како што впрочем предвидел и членот 4 став 2 од Законот, со што се заокружува воспоставениот однос помеѓу купувач и продавач или примателот и давателот на услугата. Оттаму, наметнатото решение со оспорената одредба не кореспондира со целината на членот 4 од Законот и особено со ставот 2 од истиот член од Законот, кој предвидува фискална сметка да му се издаде на купувачот на доброто, односно на корисникот на услугата во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, односно на извршувањето и плаќањето на услугата.

Во спротивно , како што предвидува оспорената одредба од Законот, со неплаќањето на договорената или претходно утврдена цена доаѓа до правно нереализирани пазарни односи, доаѓа до несигурност на воспоставените односи на пазарот, заради дисбалансот помеѓу применото и даденото, со што се доведува во прашање владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Исто така, според Судот, не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок да се стекнува сопственост над конкретно добро без да притоа се плати купопродажна цена за истото или да се добие услуга без да се плати за неа. На овој начин, постои можност да се поттикне своевидно беззаконие и да се охрабрат граѓаните да стекнуваат добра или остваруваат услуги без да платат и тоа токму од оние продажни или услужни места каде што не се издаваат фискални сметки.

Притоа, неспорно е дека државата има уставно овластување да ја утврдува својата политика во пазарните законитости и даночната политика и за нивното спроведување да утврдува соодветни мерки. Во таа насока државата има право да преоценува дали одредени мерки ги даваат очекуваните резултати, во случајот забраната за вршење на дејност или пак глобата. Во случај да не ги постигне очекуваните резултати, државата, исто така има уставно право да воведува и нови мерки, покрај постојните, меѓутоа, тоа не може истовремено да резултира со последици по вообичаениот начин на однесување на граѓаните кога се учесници во пазарните односи според воспоставените законитости.

Следствено на тоа, примарната цел на законодавецот што сака да ја постигне со оспорената одредба не може да биде охрабрување на граѓаните да не ги почитуваат пазарните законитости. Оттаму, законодавецот, при воведувањето на нови мерки мора да пронајде баланс меѓу општите интереси на заедницата да ја реализира намерата за фискализација на државата и да ги прибере планираните даноци и гарантираните права на граѓанинот да биде рамноправен учесник во правно уредени и издржани пазарни односи, со почитување на соодносот помеѓу применото и даденото. Сигурно е дека таквата рамнотежа во овој случај не се постигнува, со наметнатата улога на граѓаните, наместо државата и нејзините органи, да бидат контролори на оние кои не ја почитуваат фискалната и даночната регулатива.

Според тоа, ослободувањето од обврската да се плати доброто предмет на купопродажба или направената услуга во случај кога даночниот обврзник не издава фискална сметка не води кон почитување на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членот 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот. Во крајна линија, со оспорената одредба не може основано да се очекува и целосно исполнување на уставната должност за плаќање на даноците и другите јавни расходи од страна на даночните обврзници што не поседуваат фискални апарати или пак не издаваат фискални сметки, како што е утврдено во членот 33 од Уставот.

Оттаму, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 7, 33 и 55 став 1 и 2 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.236/2006
2 мај 2007 година
С к о п ј е
мл/ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи