23/2007-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 1 став 3, член 2 став 2 и член 12 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на член 12 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Тони Ѓуревски, претседател на Партијата Лига за демократија од Скопје и Ванчо Шехтански, претседател на Трајно македонско радикално обединување „ТМРО“ од Скопје со Решение У.бр.23/2007 од 14 март 2007 година поведе постапка за оценување уставноста на член 1 став 3, член 2 став 2 и член 12 став 3 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што преде Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2007) политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до основниот суд поединечно дадени потписи заверени пред нотар, со број на потписи потребни за основање на политичка партија.

Согласно член 13 од Законот, овој Закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето. Законот е објавен на 16 јануари 2007 година, а влегол во сила на 24 јануари 2007 година.

Судот, исто така, утврди дека на 24 јануари 2007 година, односно на денот на влегувањето во сила на Законот, во „Службен весник на Република Македонија“ бр.8/2007 е објавена исправка на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии од Законодавно правната комисија на Собранието на Република Македонија.

Во исправката се наведува дека по извршеното сравнување со изворниот текст е утврдено дека во текстот на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии се направени грешки поради што член 1 став 3 треба да гласи: Политичката партија е должна пред истекот на секои две години од денот на регистрацијата да достави до Основниот суд поединечно дадени потписи пред службено лице на Министерството за правда според местото на живеење на членот на политичката партија, со број на потписи потребни за основање на политичката партија согласно став 1 на овој член.

Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуват во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето.

Според член 75 став 1 од Уставот, законите се прогласуваат со указ, а според став 2 на истиот член, указот за прогласување на законите, го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието.

Според член 76 став 1 од Уставот Собранието основа постојани и повремени работни тела.

Според член 115 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија е предвидено дека со одлука на Собранието се основаат постојани работни тела.

Со Одлука за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2002) покрај другото како постојано работно тело на Собранието на Република Македонија е основана Законодавно правната комисија.

Законодавно правната комисија покрај другото, е надлежна да дава исправки на грешки во објавениот текст на закони или на други акти, врз основа на изворниот текст на усвоениот закон или друг акт на Собранието.

Од наведените одредби произлегува дека Законодавно правната комисија на Собранието на Република Македонија како постојано работно тело чии членови се од редот на пратениците во Собранието може да дава исправки на грешки во објавениот текст на Законот, што е направено во конкретниот случај.

Меѓутоа, и покрај ваквата надлежност на ова тело, Судот оцени дека Законодавно правната комисија не може текстот на законската норма да го замени со исправка која има карактер на измена на нејзината диспозиција, со што се надминува карактерот на исправката, без да се спроведе нова собраниска процедура за изменување на законот, без таквата измена на законската норма да биде прогласена со указ од страна на претседателот на Републиката и без да се предвиди уставно утврдениот рок за влегување во сила на таквата измена по нејзиното објавување.

Имено, фактот што извршената исправка од Законодавно правната комисија е објавена на денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, покажува дека за оваа одредба, како суштински нова, не е предвиден временски рок за влегување во сила по нејзиното објавување.

Воедно, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, произлегува дека во објавениот текст на Законот постои одредба од суштинско значење која не била изгласана во Собранието. Обидот оваа недоследност да се корегира со исправка од страна на Законодавно правната комисија и таа исправка да го замени објавениот текст и да влезе во сила со денот на објавувањето, ја изместува уставната поставеност на Собранието и неговата надлежност со што во улога на законодавец се јавува Законодавно правната комисија на Собранието на Република Македонија.

Исто така, Судот оцени дека ваквиот начин на внесувањето на правна норма во правниот поредок која не била во текстот на Законот кој со Указ го прогласил претседателот на Републиката, ја доведува во прашање положбата на претседателот на Република Македонија утврдена во член 75 од Уставот.

Крајниот ефект од состојбата настаната со објавувањето на исправката на член 1 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии е во тоа што се покажува дека објективно ниту за законодавецот, а уште повеќе за граѓаните, не е јасно која норма е закон во конкретниот случај. Еден од елементите од принципот на владеење на правото е правната сигурност, која што се обезбедува првенствено со јасност и прецизност на правните норми со кои се утврдуваат права и обврски за субјектите во правото. Во овој случај, според мислењето на Судот, таква сигурност за тоа која е вистинската диспозиција на член 1 став 3 е тешко да се препознае.

Оттука, според мислењето на Судот, а имајќи го предвид начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, оспорениот член 1 став 3 од Законот не е во согласност со Уставот.

6. Судот, исто така, утврди дека според член 2 став 2 од Законот, потписите за основање на политичка партија се даваат пред службени лица на Министерството за правда според местото на живеење на основачот на политичката партија.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Според ставот 2 на овој член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Слободата на политичко здружување како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што без сомнение, во рамките на општото уставно овластување на Собранието да донесува закони, е содржано овластувањето со закон да ги уреди прашањата кои се релевантни за остварување на оваа слобода.

Имајќи предвид дека политичките партии претставуваат организирана група на идејни истомисленици кои на демократски начин се борат да ја освојат државната власт, или ако власта е освоена, се борат за нејзино задржување што е можно подолго време, со цел да се обезбеди владеење на идеите и интересите на нејзиното членство, Судот оцени дека вметнувањето на обврската за давањето на потписи пред Министерството за правда, ги доведува граѓаните во положба да ја декларираат својата партиската определба пред институциите на извршната власт, што може да има ефект на одвраќање и обесхра-брување на граѓаните јавно да поддржуваат одредена политичка партија.

За Судот не е спорно дека законодавецот има право, ако смета за потребно, да обезбеди проверка на веродостојноста на податоците што ги даваат граѓаните како основачи на политичка партија, но тоа може да го обезбеди преку орган кој е независен од законодавната и извршната власт, на кој начин ќе се избегне какво и да е одвраќање на граѓаните слободно да поддржуваат политичка партија.

Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека утврдениот начин за проверување на веродостојноста на потписите не е во согласност со остварување на слободата на политичко здружување и дејствување, поради што оцени дека одредбата од член 2 став 2 од Законот, не е во согласност со член 20 од Уставот.

7. Судот, понатаму, утврди дека во преодните и завршните одредби од наведениот закон, односно во член 12 став 3 е предвидено дека политичките партии регистрирани до денот на примената на овој закон, се должни во рок од 45 дена од денот на примената на овој закон, да постапат согласно со член 1 став 3 од овој закон.

Тргнувајќи од одредбите од Уставот, а кои се однесуваат на основните слободи и права, а посебно на гаранциите за остварување на слободата на здружување за остварување на политичките права и уверувања, како и политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок, се поставува прашањето дали предвидениот рок од 45 дена е разумен, односно доволно реален и објективен особено во случајот кога условот за пререгистрација во однос на бројот на членови кои се заверуваат како основачи на политичка партија е двојно зголемен од 500 на 1000 граѓани, а последицата е престанок на партијата.

Според мислењето на Судот, определениот рок е прекраток за да се организира масовна пропаганда која би ги заинтригирала граѓаните за ставовите и идеите содржани во програмата на партиите, за тие да обезбедат доволен број на приврзаници кои ќе застанат зад тие идеи и ставови, а со тоа ќе овозможи понатамошна политичка активност и егзистенција, ако таков одзив постои.

Според мислењето на Судот, целта на кој и да е закон за политички партии во едно демократско општество секогаш е создавање на услови за остварување на слободата на политичко организирање и дејствување, а не за нејзино ограничување. Оттука, целта и на овој закон мора да е пропишување, но и обезбедување на услови за реорганизација на постојните политички партии, а не преку утврдување нереални услови во поглед на рокот за пререгистрација, нивно згаснување, што е недопуштено во едно демократско општество.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 12 став 3 од Законот, не е во согласност со Уставот.

8. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.23/2007
2 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи