231/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на

а) Член 2 став 1 во делот: „кои ги управува Управата за јавни приходи на Република Македонија“, од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2006); и

б) Членовите од 26 до 38 и од 40 до 85 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ број 61/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите наведени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во Република Македонија постоеле две даночни постапки, и тоа една која е регулирана со Законот за даночната постапка и друга која е регулирана со Законот за даноците на имот.

Со оглед на тоа што Законот за даночната постапка се однесувал само на јавните приходи (даноци) и сите споредни даночни давачки (камати, трошоци на присилна наплата и казни) кои ги управува централната власт, а од друга страна Законот за даноците на имот се однесувал на даноците кои ги управува локалната власт, произлегувало дека на различен начин биле регулирани постапките од даночното право со два закона кои содржеле посебни постапки, и таквата состојба во правниот систем била „недопуштена“. Поради тоа оспорените одредби од двата закона биле несогласни со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кој се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во иницијативата посебно се изнесуваат разликите во двата закона, кои содржеле посебни постапки при што се наведува дека Законот за даночната постапка овозможувал поголема заштита на правата на даночните обврзници (граѓани и правни лица), отколку Законот за даноците на имот. Од овие причини оспорените одредби не биле во согласност и со членот 9 од Уставот според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, со членот 33 од Уставот, дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и со членот 51 од Уставот според кој секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

3. Судот на седницата утврди дека . Законот за даночната постапка, во членот 2 предвидел:

„(1) Овој закон се применува на сите јавни приходи и на сите споредни даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи на Република Македонија“.

(2) Ратификуваните меѓународни договори за оданочување имаат предимство пред националните даночни закони“.

Законот за даноците на имот, во Третиот дел кој се однесува на „Утврдување и наплата на даноците на имот“, ги содржи одредбите од членовите 26 – 85.

Со иницијативата се оспорени членовите од 26 – 38 и од 40 – 85 односно вкупно 57 членови, кои поединечно не се третираат со наводите во иницијативата од аспект на причините за несогласност со Уставот.

Во посебниот поднаслов кој се однесува на „утврдување и наплата“ со членот 26 е определено дека утврдувањето и наплатата на даноците на имот од членот 1 на овој закон (данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности) врши општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје на подрачјето на општината каде се наоѓа имотот. Останатите одредби од членовите 26 – 38 содржани во овој поднаслов се однесуваат на прашањата од надлежноста на општинската администрација, донесувањето на решение за утврдениот данок, податоци потребни за утврдување на данокот, даночна пријава, права и обврски на обврзникот на данокот на имот во однос на рокови за даночна пријава и за почеток на даночна обврска, потоа надлежности на градоначалникот на општината и на градот Скопје, права и обврски за обврзникот на данокот на наследство и подарок во однос на роковите за даночна пријава и други прашања, како и правата и обврските на обврзникот на данокот на промет на недвижности кои се подробно уредени во овие одредби.

Во поднасловот кој се однесува на „одлагање на извршување“ е содржан само членот 40, со кој е утврдено дека на барање на даночниот обврзник, градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје, можат да го одложат извршувањето на решението, односно да дозволат одложено плаќање на обврските или плаќање на рати, до донесување на решение по жалба. Одложувањето на извршувањето може да се одобри доколку даночниот обврзник го обезбеди плаќањето на даночниот долг со инструмент за обезбедување на плаќање.

Во поднасловот кој се однесува на „постапка и начин за обезбедување на плаќање на даночен долг, односно даночна обврска“, се содржани членовите 41 – 51. Според овие одредби, за одложувањето на извршувањето на решението за даночен долг даночниот обврзник мора да приложи банкарска гаранција, уплати готовински депозит или обезбеди друг инструмент за обезбедување на плаќање, освен за даночен долг помал од 10.000,00 денари; потоа плаќањето на даночната обврска може да се одобри на 12 месечни рати; услови за плаќање на рати; услови за одложување на плаќањето на даночниот долг; одлагањето на плаќањето не се одобрува доколку е донесено решение за присилна наплата; дозволена е жалба против решението за одбивање на барањето за одложување на плаќање на даночниот долг; издавањето на банкарска гаранција како инструмент за обезбедување на наплатата на даночниот долг; уплата на готовински депозит на даночниот обврзник; и други прашања.

Во поднасловот кој се однесува на „жалба“ со членот 52 од овој закон е уредено дека против решението на градоначалникот на општината, на градоначалникот на општините на градот Скопје и на градоначалникот на градот Скопје може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до министерот за финансии. Жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок.

Во поднасловот кој се однесува на „присилна наплата“, со членовите 53 – 73, на овој закон се уредени прашањата за наплатата на пристигнатиот даночен долг, паричните казни и каматите кои даночниот обврзник не ги платил доброволно во пропишаниот рок. Оваа материја го опфаќа присилното наплаќање на долгот.

Во постапката се уредува писмената опомена на даночниот обврзник; решението за присилна наплата; доставата на решението; содржината на решението; трошоците на оваа постапка предизвикана од даночниот обврзник; извршување од целокупниот имот на даночниот обврзник освен оној кој е наведен со одредбите од овој закон; попис процена и продажба на имотот по пат на јавно наддавање; прекин на присилната наплата; против решението за присилна наплата даночниот обврзник може во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението да изјави жалба до министерот за финансии која не го одлага извршувањето на присилната наплата; службените лица кои ја вршат присилната наплата; и многу други прецизно уредени прашања од оваа даночна содржина на Законот.

Со поднасловот кој се однесува на „јавна продажба“ со членовите 74 – 76 од овој закон се уредени конкретно предметните прашања на јавната продажба на попишаниот и проценетиот имот, а каматата за ненавремено платен данок е уредена со членот 79 од Законот.

Со одредбите од 80 – 85 од Законот се уредени прашањата за гаранцијата, враќање на повеќе или на погрешно уплатен данок и на застареноста.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата Судот утврди дека со неа се оспоруваат одредбите од Законот за даночната постапка и Законот за даноците на имот од аспект дека не уредувале единствена постапка во материјата на даночното право и постоела меѓусебна неусогласеност на наведените закони кои уредувале различни постапки, како и од аспект на целисходноста на законските решенија кои поинаку требале да ја уредуваат предметната материја во интерес на правата на даночните обврзници.

Право на законодавецот е со закон да ги пропишува прашањата од сферата која ја уредува, а меѓусебната усогласеност на законите и целисходноста на законските норми не се прашања од уставноправен аспект што би можеле да ја доведат под сомнение уставноста на законските одредби.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи ги предвид причините во иницијативата со кои се оспорува уставноста на оспорените одредби од Законот за даночната постапка и Законот за даноците на имот, Судот оцени дека постојат услови за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.231/2006
18 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи