170/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 април 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на деловите: „Работодавачот на работникот“ и „може да му го продолжи договорот за вработување најмногу до 65 години возраст, доколку со закон и општ колективен договор поинаку не е утврдено.“ од членот 104 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 148 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 104 став 2 и членот 148 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Имено, подносителот на иницијативата по цитирање на оспорениот член 104 став 2 од Законот за работните односи наведува дека членот 104 став 1 од Законот бил поништен со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.151/2005 од 21 и 22 декември 2005 година. Со оглед на тоа што оспорениот став 2 на членот 104 о д Законот бил функционално поврзан со сега поништениот став 1, двата става од истиот член се надополнувале и не можеле да опстојуваат самостојно, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба ги повредувала член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

По однос на оспорениот член 148 став 2 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека ги повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот од причина што оваа одредба максимално се злоупотребувала од страна на работодавачите и врз основа на неа противуставно се експлоатирал поголемиот дел од вработените во Република Македонија, особено во текстилната индустрија. Со оваа одредба правно и фактички се негирало, обезвреднувало и не се применувало утврденото право на отсуство од работа, што не било дозволено според член 54 став 1 и 3 од Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 104 став 2 од Законот за работните односи, работодавачот на работникот од ставот 1 на овој член може да му го продолжи договорот за вработување најмногу до 65 години возраст, доколку со закон и општ колективен договор поинаку не е утврдено.

Според член 148 став 1 од Законот, работникот има право на одсуство од работа со надоместок на плата за празниците на Република Македонија, кои што се определени како слободни денови од работа и за другите со закон определени слободни денови.

Според оспорениот член 148 став 2 од Законот, правото од став 1 на овој член на работникот може да м у се ограничи, ако работниот, односно производниот процес се одвива непрекинато или природата на работата бара вршење на работата и на празничен ден.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за работните односи во делот на одредбите кои се однесуваат на откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот во поднасловот “Прекин на договорот за работа поради возраст на работникот” го содржеше сега поништениот член 104 став 1 (Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.161/2005 од 21 и 22 декември 2005 година) во кој беше предвидено работодавачот да има право да го прекине договорот за работа на работникот кога работникот ќе исполни услови за остварување старосна пензија согласно со закон.

Во оспорениот ставот 2 од членот 104 од Законот е предвидено дека работодавачот на работникот од ставот 1 на овој член може да му го продолжи договорот за вработување најмногу до 65 години возраст, доколку со закон и општ колективен договор поинаку не е утврдено.

Споредувајќи ја содржината на поништената и оспорената одредба се утврди дека двете одредби имаат релација со прекин на договорот за работа поради возраст на работникот.

Притоа, по однос на поништената одредба Судот утврдил дека е спротивна на Уставот на Република Македонија од причина што ги доведуваше граѓаните во нееднаква правна положба по основ на пол, бидејќи не водеше сметка за различните условите за остварување на пензија за мажите и жените утврдени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Оваа одредба од Законот беше императивна и им наметнуваше престанок на правото на работа на жените под различни услови од мажите, односно со навршени 62 години живот, во однос на 64 години живот за мажите. Оттаму, Судот утврдил дека оспорената законска одредба не е во согласност со начелото на еднаквост на граѓаните независно од полот и начелото на достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Судот, исто така, го имал предвид и член 17 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно ставот на Судот изразен во Решението У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 година со кое Судот утврдил дека правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж е оправдано со принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената, но во сферата на пензиското и инвалидското осигурување, што не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Во случајот тоа се однесувало на остварување на правото на работа кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.

Што се однесува до сега оспорениот став 2 на членот 104 од Законот, и стиот се повикува на содржината на поништениот став 1 од членот 104 од Законот. Меѓутоа, тоа што оспорената одредба во себе содржи повикување на содржина на претходно укината, поништена или воопшто одстранета правна содржина од правниот поредок, с поред Судот не е доволна причина за доведување под сомнение на целината на одредбата по однос на нејзината согласнот со Уставот.

Имено, Судот, покрај наведената околност, оцени дека е потребно истовремено двете одредби да се релациски поврзани, да преставуваат функционална и тематска целина и по одстанувањето од правниот поредок на едната одредба другата да не може самостојно да функционира, што овде не е случај.

Ова од причина што во оспорената одредба станува случај за исклучок од правилото за прекин на договорот за работа поради возраст на работникот, кој пак исклучок не прави полова разлика и му дава право на работодачот да го продолжи договорот за вработување со работникот, најмногу до 65 години возраст, доколку со закон и општ колективен договор поинаку не е утврдено. Од друга страна, работниот однос на лицата на кои требало да им престане поради навршување на одредена возраст им се продолжува само за одредено време и тоа до 65 години, продолжувањето не настанува по барање или заради интерес на работникот, туку во интерес на работо-давачот и тоа само во случаите кога постои неопходна потреба од таквиот работник кој се разликува од другите вработени по својата стручност и работна способност.

При градење на изнесеното становиште Судот ја имаше предвид и сод ржината на членот 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, од каде произлегува дека прекин на договорот за работа поради возраст и предвидениот исклучок од оспорената одредба е прашање кое се уредува со закон и со колективен договор.

Оттаму, во тие рамки се движи и правото на работодавчот во исклучителни случаи кога тоа е неопходно за работниот процес да одлучи да го пролонгира престанокот на работниот однос за оредено време до престанокот на потребата од одреден работник, кој за одредено време е неопходен да заврши одредени работи или на негово место да се прими друг работник со исти стручни и работни квалитети и услови, со цел да не трпи процесот на вршењето на работата во правниот субјект.

Според тоа, од направената споредбена анализа на содржината на поништената и оспорената одредба, се дојде до заклучок дека наводите на подносителот на иницијативата за повреда на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од членот 8 став 1 алинеја 3 се делумно основани.

Поконкретно, оспорениот член 104 став 2 од Законот, во делот: „од ставот 1 на овој член“ може да биде ставен под сомнение по однос на неговата согласност со наведената уставна одредба од едноставна причина што повикувањето на содржина на одредба што не е дел од правниот поредок нема уставна и правна оправданост, нема целисходност.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решени е.

7. По однос на останатите делови од членот 104 став 2 од Законот кои гласат: „Работодавачот на работникот“ и „може да му го продолжи договорот за вработување најмногу до 65 години возраст, доколку со закон и општ колективен договор поинаку не е утврдено.“ Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот на кои се темели иницијативата.

Имено, наведените делови, според Судот се посебна фунционална целина, суштински и содржински различна од поништениот член 104 став 1 од Законот, кои пак делови можат самостојно да ја остварат целта заради која се креирани од законодавецот.

Оттаму, по однос на овие делови од членот 104 став 2 од Законот, не може да се постави прашање за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото содржи и причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од анализата на наводите од поднесената иницијатива по однос на оспорениот член 148 став 2 од Законот, Судот оцени дека во овој случај не постојат наводи кои би оделе во прилог на навлегување во уставносудска оцена. Ова од причина што аргументите: за злоупотреба во примената на одредбата од страна на работодавачите, противуставно експлоатирање на вработените, особено во текстилната индустрија и непримену-вањето на утврденото право на одсуство од работа се исклучиво аргументи кои се однесуваат на примената на оспорената одредба, за која, пак, Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.

Според тоа иако иницијативата формалноправно содржи причини за оспорување на уставноста на членот 148 став 2 од Законот, според Судот во поднесената иницијатива не е доволно да бидат содржани какви било причини за оспорување, туку за да истата биде подобна за оцена треба да содржи аргументи кои би оделе во прилог на несогласноста со Уставот, што не е случај со овој дел од предметната иницијатива.

Разгледувана во целина, во овој дел поднесената иницијатива, се заснова на фактички прашања по однос на примената на одредбата во практиката, што за Судот преставува процесна пречка за постапување, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 3 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.170/2006
18 април 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи