14/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 април 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за давање согласност на Одлуката за набавка на автобуси и опрема со кредитно задолжување, бр.07-3387/1 донесено од Советот на град Скопје на 11 декември 2006 година.

2. Министерството за локална самоуправа на Република Македонија – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспореното решение не било во согласност со член 50 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, затоа што Советот на град Скопје без било какво ограничување и условување во поглед на издавањето на гаранции потребни за обезбедување на кредитни средства дал целосна согласност на одлуката на Управниот одбор на Јавното претпријатие, која одлука во себе содржи и одредба за давање на гаранција на кредитни средства од страна на градот Скопје со што всушност е дадена и согласност, односно е верификуван налогот до надлежниот орган на град Скопје да ги издаде потребните гаранции за обезбедување на кредитни аранжмани. Понатаму подносителот наведува дека давањето на гаранција за кредитни задолжувања на јавните претпријатија кои ги основа општината, односно градот Скопје согласно член 50 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа е условено со претходна согласност на Министерството за финансии, а ноторен е фактот дека таква согласност не е дадена.

Исто така подносителот на иницијативата наведува дека спорното решение и ако е изготвено во форма на решение е општ акт затоа што со него не се воспоставува однос обврска (inter partes) помеѓу Управниот одбор на Јавното претпријатие и Советот на град Скопје, туку се воспоставува идна и неизвесна облигација на градот Скопје кон кредиторот Европска банка за обнова и развој (ЕБРД) која во случај на процесуирање на дадените гаранции ќе биде реализирано од Буџетот на град Скопје, што значи на товар на граѓаните на град Скопје како последица на воспоставен однос – обврска (erga omnes) спрема сите.

Во поткрепа на становиштето дека оспореното решение е пропис на општината подносителот наведува одредби од Законот за градот Скопје, Законот за јавен долг и Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека согласно Законот за локалната самоуправа и член 11 точка 5 од Законот за јавните претпријатија, Советот на град Скопје на седницата одржана на 11 декември 2006 година донел Решение за давање согласност на Одлуката за набавка на автобуси и опрема со кредитно задолжување.

Во точката 1 од наведеното решение е предвидено дека „се дава согласност на Одлуката за набавка на автобуси и опрема со кредитно задолжување, донесено од Управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје„ – Скопје бр.02-1540/4 од 20 ноември 2006 година.

Во точката 2 од решениет е предвидено дека решенито влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на град Скопје.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 1 став 1 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006 и 22/2007) јавните претпријатија се основаат заради вршење на стопански дејности од јавен интерес, а според став 2 на овој член стопанска дејност од јавен интерес се дејности кои се незаменлив услов за живот и работа на граѓаните за работа на правните лица и на државните органи.

Во член 2 на овој закон, покрај другите, како стопанска дејност од јавен интрес е и јавниот превоз на патници.

Според член 3 од наведениот Закон, за вршење на одделни стопански дејности од јавен интерес, во рамките на своите надлежности јавни претпријатија можат да основа Владата на Република Македонија во име на Република Македонија, општините и градот Скопје под услови и начин утврдени со закон.

Според член 5 од Законот средствата за работењето и развојот на јавните претпријатија се обезбедуваат од приходите кои тоа ги остварува со сопственото работење, од кредитните средства и од други извори во согласност со законот.

Според член 11 точка 5 од наведениот закон, основачот на јавните претпријатија дава согласност на актот за задолжување на јавното претпријатие.

Според член 50 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа општината може да се задолжува долгорочно во земјата во согласност со одредбите на овој Закон и да дава гаранции за јавните претпријатија кои се основани од општините откако Министерството за финансии утврди дека општината во периодот од најмалку 24 месеци од денот на примената на овој закон, редовно доставува позитивна оценка односнок финансиски извештаи и во период од две години од денот на примената на овој закон, нема непокриени обврски кон доверители.

Според став 2 на овој член Министерството за финансии може по исклучок да даде согласност за финансирање на капитални инвестиции пред роковите утврдени во ставот (1) од овој член, доколку средствата се обезбедуваат од меѓународни финансиски институции и за тоа согласност дава Владата на Република Македонија.

Од наведените законски одредби произлегува дека јавното претпријатие кое врши дејност од јавен интерес и кое е основано од општината, односно град Скопје може да донесе акт за задолжување на ова претпријатие при што на овој акт потребно е да даде согласност основачот.

Меѓутоа, пред да биде дадена согласност на Одлуката за кредитно задолжување согласно законот потребно е согласност да даде Министерството за финансии, а во одредени случаи и Владата на Република Македонија.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека давањето на согласност од страна на основачот треба да се свати како интегрален дел на процесот на деловното работење и кредитно задолжување на јавното претпријатие, односно учество на основачот во креирањето и донесувањето на актот за кој се дава согласност, или поточно речено согласноста на основачот треба да се свати како инструмент со кој се потврдува дека одлуката за набавка и кредитно задолжување е донесена во законита постапка и дури по дадената согласност таа станува полноважна.

Оттука, имајќи ги предвид наведените законски одредби, содржината на оспореното решение како и наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспореното Решение со кое Советот на град Скопје дал согласност на Одлуката за набавка на автобуси и опрема со кредитно задолжување не преставува пропис подобен за уставно судска оценка. Имено, оспореното решение претставува поединечен односно конкретен деловен акт (донесен од Советот на Градот Скопје) за преземање одредени дејствија во текот на постапката односно давање на согласност за донесување на Одлука за набавка на автобуси и опрема со кредитно задолжение од страна на Управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријтие „Скопје“ од Скопје, чија пак законитост, може да се оспорува, но во друга постапка и пред друг орган односно суд, а не пред Уставниот суд на Република Македонија.

5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.14/2007
11 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи