Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 април 2007 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на работните тела и на координатори на советнички групи бр.07-6958/4 донесена од Советот на општината на 20 декември 2006 година и објавена во Службениот гласник на општината бр.17/2006.
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром со Решение У.бр.240/2006 од 24 јануари 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со Уставот и Законот за локалната самоуправа.
5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром на седницата одржана на 20 декември 2006 година донел: Одлука за потврудвање на Одлуката за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на работните тела и на координатори на советнички групи.
Според член 1 од оваа одлука, на членовите на Советот на општина Аеродром им се утврдува надоместок за работа на седница на работните тела во износ од 25% од просечна месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, без оглед на бројот на одржани седници за секоја седница поодделно.
Според член 2 од Одлуката, на членовите на Советот им се утврдува надоместок за дневни трошоци во износ од 750 денари без оглед на бројот на одржани седници, за секоја комисија поодделно, а според членот 3, на координаторите на советнички групи за учество, организирање и работа на седници на работните тела на Советот, им се утврдува месечен надоместок во износ од 1.600 денари.
Со член 4 од Одлуката се утврдува дека оваа одлука стапува на сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1.11.2006 година и ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.
6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.
Според член 32 од Законот, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.
Во членот 45 од Законот е утврдено дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Во членот 50 од Законот, се утврдени надлежностите на градоначалникот меѓу кои градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот.
Согласно членот 51 став 1 од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.
Според ставот 2 од овој член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Во ставот 3, пак, од овој член, се предвидува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. Во ставот 4 од овој член од Законот е утврдено дека за иницијативата од ставот 3 на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Градоначалникот на општината со поднесувањето на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и објавувањето на истата во службено гласило, всушност постапил согласно неговите овластувања утврдени во членовите 50 и 51 од Законот за локалната самоуправа.
Согласно членот 100 од овој закон, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Имајќи ја предвид содржината на цитираните законски одредби произлегува дека законодавецот определил право на членовите на советот да примаат надоместок за присуство на седница и овој надоместок го ограничува со горен лимит најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесување на посебниот закон да им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Оттука, имајќи ја предвид содржината на оспорената Одлука, Судот оцени дека таа не е во согласност со наведените одредби од Законот за локалната самоуправа. Ова од причина што во цитираните законски одредби се предвидува надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, како и надоместок за дневни трошоци врз основа на прописите кои се однесуваат на државните службеници, но не се предвидува надоместок за работа на седница на работни тела без оглед на одржана седница за секоја седница одделно, односно не се предвидува фиксен износ на надоместокот за дневни трошоци без оглед на одржана седница за секоја комисија одделно, како и месечниот надоместок во фиксен износ на координаторите на советничките групи како што предвидуваат членовите 1, 2 и 3 од оспорената одлука.
Понатаму, пак, во членот 4 од оспорената одлука е предвидено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето (20 декември 2006 година), а ќе се применува од 1 ноември 2006 година, што значи дека оспорената одлука има повратно дејство во нејзината примена, поради што Судот утврди дека таа не е во согласност со членот 52 став 1 и 4 од Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.
У.бр.240/2006
4 април 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи