238/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ членовите 3, 4 и 5 од Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот, број 07-6958/2, објавена во Службен гласник на Општина Аеродром бр.17/2006 од 21 декември 2006 година.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром со Решение У.бр.238/2006 од 7 февруари 2007 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот, Законот за локалната самоуправа, Законот за државните службеници и Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година.

5. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се утврдува надоместокот на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на Советот, без оглед на времетраењето.

Според член 2 од Одлуката, на членовите на Советот на општина Аеродром им се утврдува надоместок во износ од 30% од просечна месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци.

Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека на членовите на Советот им се исплатува надоместок за патни трошоци во износ од 800,00 денари месечно.

Во членот 4, од истата одлука, се предвидува дека на членовите на Советот им се исплаќаат дневни трошоци во износ од 800,00 денари за присуство на седница.

Според член 5 од оваа одлука, истата стапува на сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 01.11.2006 година и ќе се објави во „Службен гласник на Општина Аеродром“.

6. Согласно член 8 став 1 али­неја 3 и 9 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеење­то на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелна вредност на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓа­ни­те.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдни со закон.

Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според член 52 став 2 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004 и 81/2005) државните службеници имаат право, покрај другото и на надоместоци за патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и во странство, како и трошоци за превоз до и од работа (над 2,5 км.).

Висината на надоместоците од став 2 на овој член за секоја година се утврдуваат со Законот за ивршување на Буџетот на Република Македонија, со Одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на Градот Скопје.

Владата на Република Макеоднија поблиску ја утврдува постапката и начинот на распоредување на надоместоците.

Според член 12 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година надоместокот за превоз до и од работно место, по претходно дадена писмена изјава се исплатува на вработените и избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници од централната власт и единиците корисници чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место, но не повеќе од 900,00 денари.

Според член 15 од наведениот закон надоместокот за дневница за службено патување во Републиката без трошоци за ноќевање изнесува 800,00 денари.

Доколку патувањето траело повеќе од 12 часа се исплатува цела дневница.

За патување во траење од 8 до 12 часа се исплатува 50% од утврдениот износ во став 1 на овој член.

Доколку на вработениот му се обезбедени ноќевање и исхрана му следува 20% од утврдениот износ во ставот 1 на овој член.

Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот за членовите на советот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.

Притоа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Во Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година утврдена е висината на патните и дневните трошоци на државните службеници, како и трошоци за превоз до и од работа, под услов ако местото на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место.

Оттука, имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од членовите 3 и 4 од Одлуката со кои Советот на единицата на локалната самоуправа ја утврдил висината на патните и дневните трошоци на членовите на Советот за присуство на седницата на Советот, без притоа да ги има во вид одредбите од Законот за локалната самоуправа, Законот за државните службеници и Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година, Судот оцени дека истите не се во согласност со наведените закони.

Од друга страна, пак, имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 5 од Одлуката според кој таа влегува во сила со денот на донесувањето (21 декември 2006 година), а се применува од 1 ноември 2006 година, односно се утврдува повратно дејство на нејзината примена, Судот утврди дека истата не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.238/2006
21 март 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи