Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 23 став 1 во делот „или чии приходи по сите основи, како приход на целото семејство се помали од постојаната парична помош утврдена со овој закон“ од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/1997, 16/2000, 17/2003, 65/2004, 62/2005 и 111/2005).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 23 став 1 во делот „или чии приходи по сите основи, како приход на целото семејство се помали од постојаната парична помош утврдена со овој закон“ од Законот за социјална заштита.
3. Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 35, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот. Ова затоа што наведеното законско дефинирање на правото на постојаната парична помош за лице неспособно за работа во смисла на член 22 став 1 алинеја 1 од Законот за социјална заштита, која се условува со приходите по сите основи на целото семејство за да може да го оствари ова право, не корспондира со уставно загарантираното право на помош на немоќните и неспособните граѓани за работа (член 35 од Уставот). Ова право согласно Уставот се гарантирало како лично право и истото не требало да се условува со приходите по сите основи на целото семејство кое нешто можело да се заклучи и од одредбата од член 21 од истиот закон. Со оспореното законско решение неспособното лице за работа кое заради својот хендикеп не било во можност да ги користи своите уставно гарантирани права како што се образование, вработување и други права се дискриминирале и по овој основ им се ускратувало правото на постојана парична помош, затоа што неговото семејство остварува приход.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 23 став 1 од Законот за социјална заштита е предвидено: „За социјално необезбедно лице во смисла на овој закон се смета лице кое нема приходи или чии приходи по сите основи како приходи на целото семејство се помали од постојаната парична помош утврдена со овој закон“.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.79/2002 од 26 март 2003 година не повел постапка за оценување уставноста на член 23 став 1 од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/1997 и 16/2000).
При одлучувањето Судот ги имал предвид одредбите од член 34 и 35 од Уставот, Законот за семејството како и целината на Законот за социјална заштита и изразил став дека со предвидениот начин на регулирање на паричната помош не се повредува Уставот од причина што граѓанинот како поединец ниту според Уставот ниту според Законот не може да се гледа одвоено туку во контекст на неговото семејство во кое владеат односи на меѓусебно помагање и издржување. Со други зборови хендикепирано лице ќе го остварува своето право на парична помош како поединец, но во контекст на неговото семејство.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, фактот што со предметната иницијатива се оспорува дел од одредба која Уставниот суд на Република Македонија ја оценувал во целина, а не постојат основи за пинакво одлучување, Судот оцени дека постојат услови иницијативата да се отфрли.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.98/2006
21 март 2007 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи