Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 132 алинеја 1 во делот „ во државните органи и јавните служби“ од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1998, 19/2000, 42/2005 и 46/2006).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 131 и член 132 алинеите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот означен во точката 1 на ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот кој се однесува на прашањето за обврската на Меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“ од Струга да пресметува, наплатува и уплатува надоместок за Фондот за водите.
4. Меѓуопштинското јавно претпријатие за снабдување со вода за пиење и одведување и пречистување на отпадни води за општините Охрид и Струга „Проаква“ од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означени во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби не биле во согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Имено, со оспорените членови поедини групи на правни и физички лица се доведувале во нерамноправна положба при оптоварувањето со надоместок за водите.
Така, Меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“, основано од општините Охрид и Струга, кое како своја основна дејност се грижело за водоснабдување, одведување и пречистување на отпадните води, во претходните пет години од своето постоење не побарало ниту добило услуга од Фондот за водите, а со Законот неосновано било во обврска да плаќа месечен надоместок. Имено, работењето на ова јавно претпријатие било усогласено со Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, каде во член 6 таксативно биле наброени критериумите по кои се формира цената, и каде не е споменат и надоместокот за Фондот за водите изразен во прецизиран процент во Законот за водите. Поради тоа Јавното претпријатие „Проаква“ не било во обврска да пресметува, наплатува и уплатува никаков надоместок за Фондот за водите, што и не било правено последните пет години, што било причина Фондот за води, со тужбено барање за кое е во тек судска постапка, да побарува од Јавното претпријатие наплата на надоместокот за води за пет години.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорените членови немале уставна основа и затоа што некои граѓани и правни лица се ставале во нерамноправна положба со оптоварување на нивниот личен имот за иста работа и по исти основи два пати.
Така вработените во државните органи и јавните служби имале обврска да плаќаат 0,20% од платата, а лицата кои се занимаваат со слободни занимања (лекари, стоматолози, адвокати, новинари, нотари, патентни инженери, слободни уметници, сметководители, ревизори, стечајни управници и други лица кои самостојно вршат дејност), со 0,20% од основицата на која плаќаат персонален данок на доход. Овие лица живеат во домаќинства кои повторно, по алинеја 8 од истиот член 132 од Законот за водите, се оптоварувале пак со надомест од по 1,0% за секој употребен м3 вода.
Исто така, правните лица од областа на индустријата за секој искористен м3 вода плаќале по 1,0% од цената на водата што ја утврдило јавното претпријатие и по алинеја 10, некои од тие правни лица кои се занимавале со миење и сепарирање на песок, камен, чакал и друго плаќале за употребена или искористена вода по 1,0% од продажната цена по м3 на сепариран песок, камен, чакал.
Поради напред наведеното, се предлага Уставниот суд да покрене постапка за преиспитување на уставноста на оспорените членови.
5. Судот на седницата утврди дека со членот 131 од Законот за водите, се утврдуваат изворите на средства за финансирање и работа на Фондот за водите, и тоа: надоместок за водите;надоместок за заштита на водите од загадување; надоместок за вадење на песок, чакал и камен; закупнина на државното земјиште дадено под закуп, што во катастарот на недвижностите е заведено „под води“; средства од Буџетот на Република Македонија; кредити и други приходи.
Со членот 132 од Законот се утврдуваат физичките и правните лица кои имаат обврска да плаќаат надоместок за водите, се утврдува висината на овој надоместок, обврската за пресметување, наплатување и уплатување на овој надоместок.
Притоа, иако објавениот текст на членот 132 од Законот содржи 11 алинеи, Судот оцени дека во суштина станува збор за девет алинеи, затоа што алинеите 4, 5 и 6 според својата содржина претставуваат потточки на алинејата 3, а не посебни алинеи. Поради тоа, предмет на анализа пред Судот е членот 132 од Законот, со девет алинеи.
6. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Согласно член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Со Законот за водите се уредуваат условите и начинот на употреба и користење на водите, заштитата од штетни дејства на водите, заштита на водите од исцрпување и загадување, управување со водите, изворите и начинот на финансирање на водостопанските дејности, услови и начини на вршење на водостопанската дејност, давање на водата на користење со одобрение (концесија), меѓудржавните води и други прашања од значење за обезбедување на единствен режим на водите во Република Македонија.
Според членот 2 од овој закон, водите, водотеците и езерата како добра од општ интерес на Република Македонија уживаат посебна заштита утврдена со овој закон и се во државна сопственост.
Согласно член 122 од Законот, за заштита од штетните дејства на водите, преземање на мерки за извршување на определени работи за заштита на водите од загадување, изработка на студии, планови, водостопански основи, биланси на водите, учество во одржување на основните објекти на хидромелиоративните системи, учество за изградба на водостопански објекти и постројки за наводнување и одводнување, обврските од меѓудржавните договори и конвенции и усовршување на кадри од областа на водостопанството, се формира Фонд за водите.
Согласно член 124 од истиот закон, Фондот има својство на правно лице.
Според член 125 од Законот, органи на Фондот се управен одбор и директор. Управниот одбор, согласно член 126 став 1 од овој закон, има девет членови кои ги именува Владата на Република Македонија, за време од четири години. Согласно член 128 од истиот закон, директорот на Фондот го именува и разрешува Владата на Република Македонија, за време од четири години.
Со оспорениот член 131 од Законот се утврдуваат изворите на средства за финансирање и работа на Фондот, при што, покрај средствата добиени по основ на закупнина на државно земјиште што во катастарот на недвижности е заведено „под води“, средства од Буџетот на Република Македонија, средства обезбедени од кредити и други приходи, како извори на средства се утврдуваат и: надоместок за водите, надоместок за заштита на водите од загадување и надоместок за вадење песок, чакал и камен.
Со оспорениот член 132 од Законот се утврдуваат физичките и правните лица кои имаат обврска да плаќаат надоместок за води, се утврдува висината на овој надоместок, обврската за пресметување, наплатување и уплатување на овој надоместок.
Со членот 133, 133-а и 134 од истиот закон се утврдуваат правните и физички лица кои имаат обврска за плаќање надоместок за заштита на водите од загадување и правните и физичките лица кои имаат обврска за плаќање надоместок за вадење песок, камен и чакал, како и се утврдува висината на овој надоместок, обврската за пресметување, наплатување и уплатување на овој надоместок.
Со член 134-а став 1 од Законот се утврдуваат случаите во кои не се плаќа надоместок за користење на вода, а тоа се случаите кога водата се користи за прочистување и вештачко полнење на подземните води и кога водата се користи за заштита на природата и пределот.
Согласно член 135 од овој закон, средствата за финансирање и работа на Фондот се уплатуваат на сметка на Фондот за водите.
7. Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, претставува значајна задача на државата и пошироко на општеството. Тоа подразбира дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е грижа не само на државата, туку и на сите граѓани, претпријатијата, установите и органите на локалната самоуправа. Сите овие субјекти се должни да обезбедат услови за зачувањето на природните и со работа создадени вредности на човековата средина и да ги отстрануваат штетните последици и дејствија што ги загрозуваат тие вредности или го доведуваат во опасност животот и здравјето на луѓето.
Водите, водотеците и езерата како добра од општ интерес на Република Македонија, се во државна сопственост и уживаат посебна заштита утврдена со Законот за водите.
Во функција на операционализација на заложбата за посебна заштита на водите, со Законот за водите е формиран Фонд за водите. Овој Фонд има својство на правно лице, а со Законот се утврдени неговите надлежности, како и изворите на средства за негово финансирање.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавни расходи утврдени со закон.
Смислата и содржината на оваа уставна одредба е утврдувањето општа обврска на сите субјекти, а не само на граѓаните, за обезбедување финансиски средства за функциите на државата утврдени со Уставот и со закон, а кои ги вршат нејзините органи и институции.
Разгледувајќи го оспорениот член 131 од Законот за водите во однос на наведената смисла и содржина на член 33 од Уставот, а имајќи предвид дека водите се добро од општ интерес за Република Македонија, Судот оцени дека законодавецот, согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, имал уставно право во функција на обезбедување на услови за заштита на водите, да утврди надоместоци за користење на водите, нивната заштита од загадување и за вадење на песок, чакал и камен, давајќи им на овие надоместоци карактер на јавна давачка.
Со членот 132 од Законот, законодавецот поблиску ги определил субјектите кои се обврзници за плаќање на надоместокот за води, како и висината и начинот на плаќање на оваа јавна давачка.
Притоа, со членот 132 алинеја 1 од Законот, како обврзници за плаќање на надоместокот за водите, законодавецот ги определил вработените во државните органи и јавните служби, задолжувајќи ги за месечно плаќање на надоместокот, во определен процент од платата.
Од анализата на оваа законска одредба, произлегува дека работниот однос во државните органи и јавните служби, е основ за определувањето на овие граѓани за обврзници за плаќање на надоместокот, што за Судот не е спорно. Меѓутоа, од другите одредби на членот 132, како и од целината на Законот, произлегува дека другите вработени граѓани немаат обврска да плаќаат надоместок за водите по основ на работен однос.
Во таков случај, пред Судот се постави прашањето дали со ваквото законско решение не се доведуваат во нерамноправна положба пред законот граѓаните во зависност од тоа каде се вработени – во јавниот или во приватниот сектор. Ова од причина што и вработените во државните органи и јавни служби, исто како и вработените во друг сектор, остваруваат плата (од која се пресметува висината на надоместокот за водите), но за едните тоа претставува основ за плаќање надоместок за водите, а за другите тоа не е случај.
Оттука, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 132 алинеја 1 од Законот за водите со членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.
8. Видно од образложението за донесување на Законот за водите, при определувањето на другите субјекти кои се обврзници за плаќање на надоместокот за води, законодавецот се раководел од начелото „корисникот плаќа“ и „загадувачот плаќа“ промовирани со Рамковната директива за води. Почитувањето на ова начело при утврдувањето на надоместоците и обврзниците за нивното плаќање, според Судот, не го доведува во прашање начелото дека Републиката гарантира слобода на пазарот и претприемништвото и дека обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот утврден во член 55 од Уставот.
Во оваа смисла Судот оцени дека законодавецот, кога во членот 132 алините 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од Законот за водите, ги утврдил како обврзници за плаќање на надоместокот за водите лицата кои се занимаваат со слободни занимања ( лекари, стоматолози, адвокати, новинари, нотари, патентни инженери, слободни уметници, сметководители, ревизори, стечајни управници и други лица кои самостојно вршат дејност), правните лица кои произведуваат електрична енергија; правните или физичките лица кои користат вода од водоснабдителен систем (јавен или сопствен), освен производителите на електрична енергија; правните или физичките лица кои користат вода од јавен или сопствен водоснабдителен систем за комерцијални цели (производство на пиво, сокови, пакување на вода и сл.); домаќинствата; правните или физичките лица кои користат вода од јавен или сопствен водоснабдителен систем на геотермални води, за топлинска енергија; правните и физичките лица, иматели на рибници, и правните и физичките лица кои се занимаваат со миење и сепарирање на песок, камен, чакал и друго, се придржувал до принципот „корисникот плаќа“ и со тоа не ги довел во нееднаква положба субјектите кои се корисници на водите, односно не го повредил член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија. Ова оттаму што според Судот, целта на законодавецот со оваа одредба е да се обезбедат средства за заштита на водите како добро од општ интерес од сите корисници на водата, што е во функција на зачувување на природата, животната средина и здравјето на луѓето, а не да се доведат во нееднаква положба субјектите кои се корисници на водите.
9. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Наводите во иницијативата за тоа дека Меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“ од Струга немало законска обврска да пресметува, наплатува и уплатува надоместок за Фондот за водите, поради што се води судски спор по тужба на Фондот за води, претставуваат барање за конкретна примена на закон, што е во надлежност на редовните судови, а не на Уставниот суд.
Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека не е надлежен за оценување на законитоста на овие наводи, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во тој дел.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.58/2006
14 март 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи