197/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 март 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за висината на надоместок и такса за присуство на советници при склучување на брак во рамките на матичната канцеларија во општина Старо Нагоричане, донесена од Советот на општина Старо Нагоричане на 5 јули 2005 година бр.07-267/5.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Жарко Спасиќ од с. Никуљане – Старо Нагоричани со Решение У.бр.197/2006 поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот, Законот за семејство, Законот за локалната самоуправа и Законот за административни такси затоа што со неа се утрдувала давачка за идните брачни другари која не била предвидена во наведените закони.

5. Судот на седницата утврди дека врз основа на членовите 25, 26 и 29 од Законот за семејство – пречистен текст(„Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2004), член 11 став 2 и 3 и член 45 од Законот за локалната самоуправа и член 100 од Статутот на општината, Советот на општината на 5 јули 2005 година ја донел оспорената одлука.

Со оваа одлука се утврдува висината на надоместокот и таксата за присуство на советници при склучување на брак во рамките на матичните канцеларии во општина Старо Нагоричане (член 1).

Според член 2 од Одлуката, таксата за Општината за присуство на советник од Советот при склучување на брак изнесува 500,00 (петсто) денари кои се уплаќаат на сметка на Општината од страна на подносителот на барањето за склучување на брак.

Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека надоместокот за присуство на советник од Советот при склучување на брак изнесува 500,00 (петсто) денари кои се уплаќаат на сметка на Општината од страна на подносителот на барањето за склучување на брак.

Во член 4, пак, е предвидено дека надоместокот за присуство на матичарот кој ги води матичните книги на венчаните, при склучување на брак изнесува 500,00 (петсто) денари кои се уплаќаат на сметка на општината, од страна на подносителот на барањето за склучување на брак.

Од страна на Општината потоа се исплаќа матичарот за присуство при склучување на брак.

Надоместокот од став 1 на овој член се уплаќа само доколку бракот се склучува надвор од работното време на матичарот.

Доколку се склучува во работно време надоместокот на матичарот не се уплаќа.

Според член 5 од Одлуката, матичарите во матичните канцеларии при прием на барањето за венчавање должни се да бараат од подносителот на барањет за венчавање покрај потребните документи и потврда за уплаќање такса на Општината и надоместок за присуство на советникот и по потреба на матичари, во согласност со Законот за семејството, Законот за локалната управа и Статутот на општина Старо Нагоричане.

Доколку матичарите при прием на барањето за венчавање не постапат во согласност со оваа одлука ќе сносат одговорност за непрописно работење и ќе бидат пријавени до надлежните судски и управни органи.

Во членот 6 од одлуката е утврдено дека таа влегува во сила со денот на објавување во Службен гласни на општина Старо Нагоричане.

6. Согласно член 1 од Законот за административните такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/1993, 20/1996, 7/1998, 13/2001, 24/2003, 19/2004, 61/2004, 95/2005, 7/2006 и 70/2006) за списите и дејствијата во управните работи органите на државната управа, органите на општините, органите на општините во градот Скопје и органите на градот Скопје плаќаат административна такса според одредбите на овој закон доколку со друг пропис поинаку не е уредено.

Согласно наведениот закон, административната такса како јавна давачка со сите нејзини елементи утврдени во законот се плаќа за поднесоци, решенија, дозволи и управни дејствија во моментот на поднесување на барањето. Такса не може да се наплатува ако со таксената тарифа не е пропишана. Со Тарифата за административни такси која е составен дел на Законот за административни такси во делот на „Поднесоци“ тарифен број 1 е предвидено дека за барања, молби, предлози, пријави и други поднесоци ако со оваа тарифа не е пропишано друга такса, се плаќа такса од 50 денари.

Согласно член 2 од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1995 и 38/2000) матичните книги ги води Министерството за внатрешни работи и други органи во случаи определени со овој закон.

Матичните книги се водат одделно за секое населено место според матичните подрачја што ги определува Министерството за внатрешни работи и од овластен работник.

Согласно член 25 од Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996 и 38/2004) лицата кои имаат намера да стапат во брак, поднесуваат пријава до органот на управата надлежен за водење на матичните книги на венчаните, а согласно членовите 27 и 29, пак, од Законот, бракот се склучува во присуство на лицата кои сакаат да склучат брак, одборникот во собранието на општината, односно советник на советот на Општината што таа ќе го определи, двајца сведоци и матичарот, при што денот и часот на склучување на бракот го определува матичарот во договор со лицата кои сакаат да склучат брак.

Од наведените законски одредби произлегува дека постапката за склучување на брак врз основа на поднесена пријава на лицата кои сакаат да склучат брак ја спроведува матичар како овластен работник на Министерството за внатрешни работи за кое дејствие е утврдена такса и истата се уплатува на сметка на органот кој ја води постапката, во конкретниов случај Министерството за внатрешни работи.

Оттука, имајќи го предвид наведеното, наспрема содржината на членовите 2 и 4 од оспорената одлука со кои е пропишана такса за општината за присуство на советник на општината при склучување на брак, како и надоместок за присуство на матичарот кој ги води матичните книги на венчаните, кој надоместок се уплатува на сметка на општината, а потоа од страна на општината се исплатува матичарот, Судот оцени дека Советот на општината ги пречекорил своите овластувања и пропишал такса со одлука и надоместок за матичарот кој како овластен работник на Министерството за внатрешни работи е определен да ја спроведува постапката за склучување на брак и ги води матичните книги, поради што тие не се во согласност со наведените законски одредби.

7. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдни со закон.

Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот за членовите на советот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.

Притоа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Овие одредби не предвидуваат право на други надоместоци на членовите на советот како што е на пример: надоместок за присуство на седници и учество во работа на работните тела на советот, за непосредно следење на одредени прашања од надлежност на советот, за учество во изготвување и проучување на материјали за советот, ниту пак, за вршење на други задачи кои ќе ги определи советот, како што е и учеството, односно ангажираноста на членовите на советот во деновите кога се склучуваат бракови.

Оттаму, со оглед на тоа што Законот за локалната самоуправа не предвидува право на советниците на посебен надоместок за нивното учество при склучување на бракови, какво што право е определено во оспорената одлука, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, и со членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа.

8. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.197/2006
14 март 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи