178/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за определување на градежно земјиште во градовите и населбите од градски карактер („Службен лист на СФРЈ“ бр. 5/1968 и 20/1969).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот закон не бил во согласност со Уставот, односно уставните одредби на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеја 3 и 6, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија и одредбата на член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, поради еволуцијата на општествените односи и обврската за усогласување на истиот со одредбите од Уставот во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот. Законот, исто така, содржел и низа одредби со суштински и терминолошки неусогласености во однос на Уставот на Република Македонија.

Поради наведеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за определување на градежно земјиште во градовите и населбите од градски карактер.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Законот за определување на градежно земјиште во градовите и населбите од градски карактер го донела Сојузната скупштина на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, на седницата на Сојузниот собор и Организационо-политичкиот собор на 1 февруари 1968 година. Тој е донесен врз основа на член 217 став 1 точка 1 од Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Оспорениот закон содржи 11 члена.

Според член 1 од овој закон, во смисла на Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште, во градовите и населбите од градски карактер градежните земјишта стануваат општествена сопственост под условите определени со овој закон. На поранешните сопственици на градежно земјиште им припаѓа правичен надоместок според одредбите на Законот за експропријација.

Според членот 2 од Законот, градежните земјишта во градовите и населбите од градски карактер се определуваат со републички закон. Како градежни можат да се определат само оние земјиште што веќе се урбанистички изградени или за кои е донесен детален урбанистички план, ако изградбата на тие земјишта во целост или во поголем дел ќе се изврши најдоцна во рок од десет години од денот на влегувањето во сила на републичкиот закон.

Во членовите 3, 4, 5, 6 и 7 од Законот е уредено правото на поранешниот сопственик на користење на земјиштето.

Во членовите 8 и 9 од Законот е уредено правото на надоместок.

Во членот 10 од Законот е содржана одредба за неприменување на одредбите од Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште што се во спрoтивност со овој закон.

Членот 11 од Законот е завршна одредба за влегување во сила на законот.

4. Уставот на Република Македонија во членот 1 определил дека Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Во членот 8 алинеи 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврден принципот на владеење на правото.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од оспорениот закон, во смисла на Законот за национализација на наемните згради и на градежното земјиште, во градовите и населбите од градски карактер градежните земјишта стануваат општествена сопственост под условите определени со овој закон. На поранешните сопственици на градежно земјиште им припаѓа правичен надоместок според одредбите на Законот за експропријација.

Според членот 2 од Законот, градежните земјишта во градовите и населбите од градски карактер се определуваат со републички закон.

Врз основа на оваа одредба од оспорениот закон, во 1968 година во Република Македонија, односно тогашна Социјалистичка Република Македонија бил донесен Законот за определување на градежно земјиште за одделни градови и населби од градски карактер („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 26/1968), со кој во населените места Битола, Прилеп, Куманово, Струмица, Кочани, Кавадарци, Неготино, Делчево и Мургашево,било определено градежното земјиште кое станало општествена сопственост.

Во 1971 година, бил донесен Законот за определување на градежно земјиште во одделни градови и населби од градски карактер во општините Кичево, Тетово, Гевгелија, Радовиш, Крива Паланка и Виница („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 9/1971), со кој исто така било определено градежното земјиште во наведените општини.

Понатаму, во 1974 година бил донесен Законот за определување на градежното земјиште во одделни градови и населби од градски карактер, Битола, Прилеп, Струга, Свети Николе, Џумајлија, Пробиштип, Демир Хисар, Куманово, Гевгелија, Богданци, Стар Дојран, Госитвар, Дебар, Кавадарци, Кичево, Македонски Брод и Радовиш („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 17/1974, 23/1975, 33/1976 и 36/1977). И со овој републички закон, конкретно, по катастарски парцели, биле определени кои градежни земјишта во наведените градови и населби од градски карактер во Социјалистичка Република Македонија се поопштествуваат.

Сите овие наведени закони, всушност претставувале реализација на оспорениот сојузен закон.

Согласно член 2 точка 24 од Уставниот закон за изменување и дополнување на Уставниот закон за спроведување на уставните Амандмани од XV до XXXIX на Уставот на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 45/1972) е утврдено дека до донесувањето на соодветен републички закон, а најдоцна до 31 декември 1973 година, во Социјалистичка Република Македонија ќе се применува како републички закон Сојузниот закон за определување на градежно земјиште во градовите и населбите од градски карактер („Службен лист на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ бр. 5/1968 и 20/1969).

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со донесувањето на наведените републички закони за определување на градежното земјиште во одделни градови и населби од градски каркатер, со кои е извршено поопштествување на градежното земјиште на територијата на тогашна Социјалистичка Република Македонија, практично е остварена целта на сојузниот закон, односно се исцрпел сојузниот закон и тој фактички престанал да важи.

Со оглед на тоа што оспорениот закон е надвор од правниот поредок, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за нејзино отфрлање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 178/2006
14 март 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи