У.бр.156/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 80 став 3 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 80 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба немала уставна основа од причина што пропишувањето на висината на трошоците за технички прием со акт на Владата на Република Македонија, а не со закон, било спорно. Подносителот на иницијативата смета дека со даденото законско овластување Владата на Република Македонија изворно да ја пропишува висината на трошоците за технички прием се отстапувало од темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Овластувањето утврдено во оспорената одредба од Законот, според подносителот на иницијативата, не претставува извршување на одредбите од Законот, туку, истото значело арбитрерност и можност од нееднаков третман кон субјектите. Од овие причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членовите 33, 51, 68 став 1 алинеи 2 и 3 и 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 80 став 1 од Законот за градење градителот е должен на своја сметка да ги надомести трошоците за извршување на техничкиот прием од членот 75 на овој закон.

Според ставот 2 на овој член од Законот начинот на вршење на техничкиот прием, содржината на извештајот на изведувачот од членот 25 став (1) точка 7 на овој закон ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Во ставот 3 на овој член од Законот е предвидено дека висината на трошоците за техничкиот прием од ставот (1) на овој член на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот ја пропишува Владата на Република Македонија.

4. Уставот на Република Македонија во членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, утврдил дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија го донесува и изменува Уставот и донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во членот 1 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000 и 12/2003) е предвидено дека со овој закон се уредуваат организацијата, начинот на работа и надлежноста на Владата на Република Македонија.

Согласно член 2 од овој закон, Владата како носител на извршната власт е орган на Република Македонија, кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права.

Во Главата IX од овој Закон со наслов “Акти на Владата” се содржани челновите 35 и 36. Според членот 35 од Законот, за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци, а според членот 36 став 2 од Законот меѓу другото со уредба Владата го уредува извршувањето на законите.

Во членот 1 од Законот за градење, се предвидува дека со овој закон се уредуваат градењето, основните барања на градбата, правата и обврските на учесниците во изградбата, проектната документација, градилиштето, употребата, одржувањето, здружување во комора и други прашаања од значење за градењето.

Во членот 12 кој е содржан во Глава III од Законот со наслов „Учесници во изградбата“ се предвидува дека учесници во изградбата се правни и физички лица: носител на правото на градење (градител), проектант, ревидент, изведувач и надзорен инженер.

Според член 13 став 1 од истиот закон градител е правно или физичко лице кое се стекнало со правото на градење согласно со закон и во чие име се гради градбата.

Според член 49 од Законот, изведувањето на градби од членот 50 на овој закон може да започне по издавањето на одобрение за градење кое е конечно и извршно во управната постапка.

Според член 50 од овој закон (1) градбите според видот се: високоградби, нискоградби и хидроградби. Овие градби според нивната специфичност, намената, сложеноста на конструктивниот систем и техничко-технолошките услови се определуваат во категории и тоа:

1. Градби од прва категорија се нуклеарна градба, термоцентрала, центар за истражување, телекомуникациски систем, нафтовод, магистрален гасовод и продуктовод, автопат, магистрален пат и главна пруга, аеродром, хидроелектрана над 10 МВт, далновод со напонско ниво над 110 КВ, депонија за опасен отпад и друго;
2. Градби од втора категорија се градби наменети за вршење на функциите на државата, градби на дипломатски, конзуларни претставништва, како и организации и специјализирани агенции на ОН и Советот на Европа, градба наменета за високо образование, градба наменета за терцијална здравствена заштита, регионален пат, граничен премин, хидроелектрана од 2 до 10 МВт, трафостаница над 10 КВ, далновод до 110 КВ, разводна градска гасоводна мрежа, жичара, градба за одбрана и заштита, регионален водоснабдителен и водостопански систем, опсерваторија и друго;
3. Градби од трета категорија се градба наменета за основно и средно образование, градба наменета за спортски дејности (сала), градба од областа на културата, градба од верски карактер, градба наменета за примарна и секундарна здравствена заштита, градба наменета за социјална заштита, стопанска и индустриска градба, угостителска градба, деловна, станбено-деловна и станбена градба со висина над три нивоа, локален пат и улици, локална пруга, хидроелектрана до 2 МВт, локална градска гасоводна мрежа, ски-лифт, локален водоснабдителен и канализационен ситем со пречистителна станица, водостопанска градба, депонија за комунален отпад и друго;
4. Градби од четврта категорија се станбена иделовна градба до три нивоа висина, градба за мало стопанство со висина до две нивоа, трафостаница до 10 КВ и друго и
5. Градби од петта категорија се семејна куќа, меморијален споменик и спомен обележје, приземна стопанска градба во стопански двор, киоск и друга градба со монтажна конструкција, спортски терен кој со својата површина е поставен рамно на теренот (игралиште за фудбал, тенис и слично) и друго.

(2) Градбите по одделни категории од ставот (1) на овој член, поблиску ги припишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Според член 51 од овој Закон:

(1) Градбите од прва и втора категорија од членот 50 на овој закон се градби од значење за Републиката и одобрение за градење издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

(2) Градбите од трета, четврта и петта категорија од членот 50 на овој закон се градби од локално значење и одобрение за градење издава градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините на градот Скопје.

Главата VII од Законот со наслов “Одобрение за употреба” (во која е содржан и оспорениот член) го регулира, односно уредува прашањето на вршењето технички прием и начинот на издавање на одобрение за употреба на градбата, како и елементите на кои се врши проверка преку техничкиот прием.

Според член 73 од Законот:

(1) Градбата ќе се стави во употреба односно ќе биде употреблива градба, по издаденото одобрение за употреба за градби од членот 50 на овој закон, односно по завршниот извештај изработен од изведувачот за извршените работи за градби од членот 62 на овој закон.
(2) Одобрението за употреба го издава надлежниот орган од членот 51 на овој закон, откако по техничкиот прием ќе се утврди дека градбата е изградена во согласност со основниот проект и проект на изведена состојба.
(3) Постапката за издавање одобрение за употреба се спроведува согласно Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
(4) Против одобрението за употреба, односно против решението со кое се одбива барањето за издавање одобрение за употреба издадено од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, градителот може да изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одобрението, односно приемот на решението до Комисијата за решавање на управните работи во втор степен од областа на транспортот и врските и животната средина при Владата на Република Македонија.
(5) Против одобрението за употреба, односно против решението со кое се одбива барањето за издавање одобрение за употреба издадено од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје, градителот може да изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одобрението, односно приемот на решението до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.
(6) Примерок од одобрението за употреба за градба во која има засолниште се доставува на органот надлежен за вршење на работите од областа на заштитата и спасувањето, заради водење на евиденција на засолништа.
(7) Формата и содржината на одобрението за употреба ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Според член 74 од истиот Закон:

(1) Барањето за издавање на одобрение за употреба го поднесува градителот.

(2) Кон барање за издавање на одобрение за употреба градителот поднесува:
– проект за изведена сотојба,
– доказ за исплата на извршените работи на учесниците во изградбата,
– писмен извештај од изведувачот за изведените работи и
– завршен извештај на надзорниот инженер за извршениот надзор.

Членот 75 од Законот за градење, предвидува дека надлежниот орган од членот 51 на овој закон е должен по приемот на барањето за издавање на одобрение за употреба да изврши технички прием на градбата (став 1). Техничкиот прием на градбата го врши комисија во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето. Комисијата е составена од најмалку три члена и нивни заменици во зависност од видот на градбата на која се врши технички прием со соодветни овластувања од Комората (став 3). Комисијата за технички прием на градба од прва и втора категорија од членот 50 на овој закон ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 4). Комисијата за технички прием на градби од трета, четврта и петта категорија од членот 50 на овој закон ја формира градоначалникот на општината односно градоначалниците на општините на градот Скопје (став 5).

Согласно член 76 став 2 од истиот закон комисијата што врши технички прием за својата работа составува записник во кој констатира дека: градбата може да се употребува; има одредени недостатоци кои мораат да бидат отстранети за да може да се издаде одобрение за употреба или има недостатоци кои ги нарушуваат основните барања на градбата кои се однесуваат на механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита и ќе предложи за таа градба да не се издаде одобрение за употреба.

Во членот 80 став 1 од Законот се предвидува дека градителот е должен на своја сметка да ги надомести трошоците за извршување на техничкиот прием од членот 75 на овој закон. А, согласно членот 80 став 3 (оспорен) висината на трошоците за техничкиот прием од ставот 1 на овој член на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од обалста на уредувањето на просторот, ја пропишува Владата на Република Македонија.

Од анализата на наведените одредби произлегува дека органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, како и градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините, по барање на градителот, како учесник во изградбата преземаат одредени дејствија односно спроведуваат одредени постапки со цел градбата да се стави во употреба, односно да се добие одобрение за употреба. Постапката за издавање на одобрение за употреба, овие органи ја спроведуваат согласно Законот за општата управна постапка.

Од причина што управната постапка е започната и се води по барање на странката (градителот), законодавецот определува тој, градителот сам да ги надомести трошоците за извршување на техничкиот прием на градбата.

Висината на трошоците за техничкиот прием на градбата со свој акт ја пропишува Владата на Република Македонија, а по предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Согласно членот 3 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005) во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон.

Според одредбите од овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон.

Оттука, Законот за општата управна постапка има супсидијарна примена.

Во делот на оспорената одредба на член 80 од Законот за градење, кој е сместен во потточката „Одобрение за употреба на дел или делови од градба“, е уреден субјектот кој има обврска да ги надомести трошоците за извршување на технички прием, а кои всушност настануваат по спроведување на постапката по некоја управна работа. Оттука, и интенцијата на законодавецот да истите ги подмирува оној кој што ја предизвикал постапката.

Имено, согласно член 116 од Законот за општата управна постапка, кој се однесува на „Трошоци на постапката“ посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале по спроведување на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној што ја предизвикал целата постапка.

Според ставот 2 на цитираниот член, кога лицето кое учествувало во постапката по своја вина или несоодветно однесување ќе предизвика трошоци за одделни дејствија во постапката должно е да ги поднесе тие трошоци.

Според членот 120 став 1 од Законот за општата управна постапка, во решението со кое се завршува постапката органот што го донесува решението определува кој ги поднесува трошоците, нивниот износ и на кого и во кој рок треба да му се исплатат.

Со овие и други одредби од Законот за општата управна постапка е регулирана материјата за трошоците на постапката.

Во случајов, со одредбите од Законот за градење (lex specialis) целосно е законски уредено прашањето на трошоците во постапката за добивање на одобрение за употреба на градбата, а посебно во однос на тоа што ја определува висината на трошоците конкретно за техничкиот прием, а кое е во зависност од категоризацијата на градбите, децидно дефинирани во членот 50 од Законот за градењето, со што се дефинирани односно определени општите критериуми за определување на висината на трошоците.

Имено, овластувањето во Законот, Владата да ја пропишува висината на трошоците за технички прием на градбата, а по предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот не е во спротивност со уставните норми. Оттука, имајќи го во вид фактот дека во Законот се содржани критериуми и мерила по кој Владата може да ја пропише висината на трошоците за технички прием, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената законска одредба се повредува темелниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Ова од причина што од анализата на горецитираните законски одредби произлегува дека законодавецот дава рамка, односно општи критериуми врз основа на кои може да се определат висината на трошоците на техничкиот прием на градбата, а тоа се посебно дадени категории на градбата поделени според нивниот вид на високоградби, нискоградби и хидроградби, со децидно определување на нивната спеицифичност, намена, сложеност на конструктувниот систем и техничко-технолошките услови, а се со цел градбата да се стави во употреба, односно да добие одобрение за градба. Оттука овластувањето на Владата дадено во определената законска одредба е во функција на операционализација на законот, а не навлегување на извршната во законодавната власт, како што се тврди во иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на изнесените законски одредби, како и Законот во целина, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Законот не содржи критериуми за определување на висината на трошоците за технички прием на градба, од што произлегува дека оспорената одредба на членот 80 став 3 од Законот за градење е во согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.156/2005
14 март 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи