У.бр.177/2006

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 март 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за определување на висината на надоместокот за издадена лиценца за вршење курирски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2005) донесен од министерот за траnспорт и врски на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.177/2006 од 24 јануари 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија, како и со одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. Судот на седницата утврди дека, Правилникот за определување на висината на надоместокот за издадена лиценца за вршење на курирски услуги е донесен од министерот за транспорт и врски, врз основа на член 13 став 4 од Законот за поштенските услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2002).

Во член 1 од Правилникот е определено дека со овој правилник се утврдува висината на надоместокот за издадена лиценца за вршење на курирски услуги.

Во член 2 од Правилникот е опредлено дека висината на надоместокот од член 1 на овој правилник изнесува 10.000 Евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната Банка на Република Македонија, на денот на плаќањето.

Во член 3 од Правилникот е определено каде се уплатуваат средствата од надоместокот, со означување на даночниот број, жиро сметката и дознаката на банката депонент, Народната Банка на Република Македонија.

Во членот 4 од Правилникот е определено дека овој правилник влегува во сила наредниот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на зако ните кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби н а законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во членот 13 став 4 од Законот за поштенските услуги постоеше овластување за министерот за транспорт и врски со свој акт да ја утврди висината на надоместокот за издавање на лиценци на домашни и странски физички и правни лица за вршење курирски услуги.

Постапувајќи во рамките на така дадените овластувања кои произлегувале од цитираната законска одредба министерот за транспорт и врски го донел оспорениот правилник.

Меѓутоа, Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.172/2005 од 24 мај 2006 година го укина член 13 став 4 од Законот, оценувајќи дека во наведениот закон недостасуваат критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја определувал висината на овој надоместок. Воедно, со така оставената можност, без конкретна законска рамка, да се определува висината на надоместокот за лиценца е оставен простор за мешање на извршната во законодавната власт, како и можност за арбитрерност и нееднаков третман на лицата под објективизирани и еднакви услови да го остваруваат правото на лиценца.

Со оглед на околноста што оспорениот правилник ја црпи својата законска основа од член 13 став 4 од Законо т за поштенските услуги, кој е отстранет од правниот поредок со објавувањето на интервентната Одлука на Судот („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006 од 8 јуни 2006 година), Судот оцени дека министерот за транспорт и врски повеќе нема законско овластување со свој акт да ја утврди висината на надоместокот за издавање на лиценци на домашни и странски физички и правни лица за вршење курирски услуги.

Притоа, престанувањето на правниот основ кој произлегува од укинатата законска одредба на која се заснова оспорениот правилник, претставува основа за негово отстранување од правниот поредок и едновремено претставува престанување на законската можност министерот за транспорт и врски да го уредува ова прашање со подзаконски пропис, што значи и губење на овластувањата за донесување на подзаконски акт во функција на извршување на законите и разработка на одделни одредби на законите заради нивно извршување, како што е предвидено во членовите 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Со оглед на наведеното Судот утврди дека оспорениот правилник не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и член 96 од Уставот на Република Македонија, како и со одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.177/2006
7 март 2007 година
С к о п ј е
мл/ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи