208/2006-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 февруари 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за „Влае 1 урбан модул 5.2“ бр.07-5042/2 од 16 октомври 2006 година, донесена од Советот на општина Карпош, објавена во „Службен гласник на општина Карпош“ бр. 12 од 18 октомври 2006 година.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Ѓорѓи Митевски од Скопје, со Решение У.бр.208/2006 од 27 декември 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).

5. Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2. Општина Карпош-Скопје бр.07-5042/2 од 16 октомври 2006 година, донесена од Советот на општина Карпош содржи 9 (девет) члена. Според член 1 од одлуката со оваа одлука се донесува Деталниот урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2 Општина Карпош – Скопје.

Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, барањата во Програмата за содржината на планот, Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови.

Според член 2 од оваа одлука просторот за кој се донесува Деталниот урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2 општина Карпош – Скопје, е со површина на урбаниот опфат од П = 2,15 ха.

Овој локалитет е дефиниран со следните граници:

– на Југ – границата оди по осовината на ул. „Франц Прешерн“ и по јужните ивици на КП 74,25 и 74,29.
– на Исток – границата оди по кејот на реката Вардар.
– на Север – границата оди по осовината на предвидениот Бул. „Илинден“ и
– на Запад – границата оди по осовината на ул. „Пролетерска“.

Во член 3 се предвидува дека донесувањето на Деталниот урбанистички план за локалитет Влае 1 УМ 5.2 општина Карпош – Скопје, е изготвен во две фази:

– документациона основа за урбан опфат од 2,15 ха, и
– планиран развој за урбан опфат од 2,15 ха.

Подрачјето на опфатот претставува еден урбан модул и во истиот се дефинирани 27 урбанистички парцели.

Во рамките на овој локалитет предвидени се намени, согласно со намените на Генералниот урбанистички план на град Скопје од 2002 година.

Во рамките на планот се предвидени следните намени:

СК – семејни куќи – домување
ЗЗ – заштитно зеленило

Максималната висина на објектите (висина до горен венец) се определува од нивото на тротоар, односно сообраќајницата или пристапна патека и истата изнесува Н мах. 8,80 м. а на веќе изградените постојни семејни куќи се задржува Н мах 10.20 м.

Со Планот се одредени:

– облик и големина на градежна парцела (м2);
– регулациона линија;
– градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради;
– максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот (м2);
– процент на изграденост (%);
– максимална развиена површина на објект (м2);
– коефициент на искористеност (К);
-намена на објектот;
– максимална висина на објектот (до завршниот венец) од ниво на тротоар, сообраќајница или пристапна патека;
– паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.

Според член 4 од одлуката Деталниот урбанистички план содржи: планиран развој со графички дел, а според член 5 од оваа одлука составен дел на оваа одлука се и текстуалниот дел, графичкиот приказ на планските решенија и билансните показатели за планскиот опфат.

Во член 6 се предвидува дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општината Карпош и потпис на претседателот на Советот на општината.

Според член 7 од Одлуката Советот на општината, во рок од 30 дена од завршувањето на целосната законска постпака за донесување на Деталниот урбанистички план, ќе обезбеди комплетна документација за реализација на Планот.

Според член 8 од Одлуката Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува во Секторот за урбанизам – Одделение за просторно и урбанистичко планирање на Општината.

Според член 9 оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Карпош“.

6. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македо­нија, уредувањето и хуманизаци­јата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урба­ни­стичкото планирање, видовите и содржината на плановите, израбо­ту­вањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005). Во Глава VI „Преодни и завршни одредби“ на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година) ќе про­дол­жи според одредбата на законот кој бил во сила на денот на неговото отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Со оглед на тоа што во претходната постапка Судот утврди дека Урбанистичкиот план сé уште не ја поминал фазата на јавна анкета и јавна презентација, согласно член 8 од Законот, анализата на правната и фактичката состојба во врска со постапката за донесување на оспорената одлука се врши во однос на новиот Закон кој е во примена од 1 јули 2005 година.

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урба­ни­стички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.
Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбедување на стручност и јавнот во процесот на просторното и урбани­с­тичко планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мисле­ња­та и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготву­вање на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партицитативното тело се состои од претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претстав­ниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презен­та­ција и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно член 24 став 6, пак, од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко пла­нирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 8 од истиот Закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образло­жение за прифаќање или неприфаќање на неговите збелешки или предлози.

Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градона­чал­никот на општината за нацртот на планот со вградените забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и мес­тото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопш­те­ние во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи пода­тоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Макекдонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за про­сторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Влае 1 УМ 5.2 – Општина Карпош, според Судот општината Карпош како надлежен орган за донесување на наведената одлука, во еден дел ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата, и тоа:

Нацрт-деталниот урбанистички план за Влае 1 – УМ 5.2. е изработен од Институот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА со тех.бр.239/2003 од месец ноември 2004 година.

Согласно член 21 став 2 од Законот, стручно мислење на Нацрт-планот има дадено Министерството за транспорт и врски.

Советот на општина Карпош донел Заклучок бр.08-1880/3 од 5 септември 2005 година со кој е утврден текстот на Нацрт-одлуката за донесување на деталниот урбанистички план.

На 21 ноември 2005 година градоначалникот на општина Карпош донел Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по нацрт планот која била јавно објавена во весникот „Дневник“ на 24 ноември 2005 година.

Јавната анкета и јавната презентација траеле од 24 ноем­ври 2005 до 10 декември 2005 година и во тој период биле доставени 53 писмени забелешки од анкетни листови, по кои збелешки биле направени значајни промени во Нацрт-планот, поради што Градоначалникот на општина Карпош со Одлука бр.08-1091/1 од 27 февруари 2006 година повторно организира јавна анкета и јавна презентација по изменетиот Нацрт план изработен од ИН-ПУМА во месец февруари 2006 година. Соопштението за повторно организирање на јавна презентација и јавна анкета било објавено во весникот „Дневник“ на 28 февруари 2006 година. Јавната презентација и јавната анкета биле одржани во периодот од 28 февруари до 20 март 2006 година и кога биле доставени 7 писмени забелешки.

Согласно член 24 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, стручна комисија ги разгледала анкетните листови и даден е извештај во кој поодделно се има произнесено по однос на поднесените 7 анкетни листови, односно децидно е наве­дено во кој дел од истите се прифаќаат одредени забелешки, а во кој не. Меѓу нив, под реден број 3 е и анкетниот лист на сега подносителот на иницијативата Ѓорѓи Митевски, кој анкетен лист делумно е прифатен.

По завршувањето на повторната јавна презентација и јавна анкета, месната заедница Влае 1, целокупниот материјал го доставила до градоначалникот на општина Карпош, и по кое е изготвен извештај од Комисијата. Градоначалникот на општината Карпош дал известување по Извештајот за спроведената јавна презентација и јавна анкета. Советот на општина Карпош во месец јули 2006 година донел Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план Влае 1 УМ 5.2.

Согласно член 25 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање Министерството за транспорт и врски дало Сог­ласност на предлогот на деталниот урбанистички план под бр.18-14415 од 18 август 2006 година, а Секторот за планирање и уредување на просторот на град Скопје дал Мислење по Предлогот на деталниот урбанистички план под бр.13-2041/1 од 4 септември 2006 година.

Тргнувајќи од целокупната документација што во текот на претходната постапка беше прибавена од страна на Судот, се констатира дека при донесување на сега оспорената одлука, односно во постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за „Влае 1 – урбан модул 5.2“ – општина Карпош – Скопје, не е докрај испочитувана законската регулатива. Имено, во конкретниов случај видно од приложените докази не прозилегува дека е постапено во смисла на член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што стручната комисија не ја исполнила законската обврска писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање односно неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Имајќи го во вид фактот што Советот на општина Карпош, во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука, не го известила писмено секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или пак предлози, Судот утврди дека оспорената Одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.208/2006
28 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи