41/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 февруари 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите: 18 став 3, 35 став 3, 42, 44, 45 и 86 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. „Национална асоцијација за оружје“ – Скопје; 2) „Македонска спортска стрелачка федерација“-Скопје; 3) „Македонска асоцијација за практично стрелаштво“ – Скопје; 4) „Градски стрелачки сојуз“-Скопје; 5) „Федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Македонија“; 6) Ловечко друштво „Фазан“ – Скопје; 7) Ловечко друштво „Жеден“ – Скопје; 8) Ловечко друштво „Потполошка“ – Скопје; 9) „Македонски ловец“ – Скопје; 10) Стрелачки клуб „Работнички“-Скопје; 11) Стрелачки клуб „Чеде Филиповски Даме“ – Скопје; 12) Стрелачки клуб „РЕК БИТОЛА“ – Битола; 13) Стрелачки клуб „Велес“ – Велес; 14) Стрелачки клуб „Стрелец“ – Скопје; 15) Стрелачки клуб „Куманово 2000“ – Куманово; 16) Стрелачки клуб „9-К“ Скопје; 17) Стрелачки клуб „Хантер“ – Скопје; 18) Стрелачки клуб „Магнум“ – Скопје; 19) Стрелачки клуб „Гоце Делчев“ – Скопје; 20) Стрелачки клуб „Струмица“ – Струмица; 21) Стрелачки клуб „Тумбе кафе“ – Битола; 22) Стрелачки клуб „Јане Сандански“ – Битола; 23) Стрелачки клуб „Ристо Шапкар“ – Охрид; 24) Стрелачки клуб „Македонија“ – Пробиштип; 25) Стрелачки клуб „Антена“-Скопје; 26) Стрелачки клуб „Магнум“ – Богданци; 27) Стрелачки клуб „Скопје“ – Скопје; 28) Агенција за обезбедување „Професионал ЈК“ – Скопје; 29) Агенција за обезбедување „Патриот„ – Скопје; 30) Трговско друштво „Микеи интернационал“- Скопје; 31) Трговско друштво „Арсенал“ – Струга; 32) Трговско друштво „Балкан комерц“ – Тетово; 33) Трговско друштво „Диманко“ – Скопје; 34) Трговско друштво „Камник“ – Скопје; 35) Трговско друштво „Инвиктус“ – Скопје; 36) Трговско друштво „Адора“; 37) Трговско друштво „Инфопротект“ – Скопје; 38) Трговско друштво „Киже“ – Кичево; 39) Трговско друштво „Про-Спорт“ – Скопје; 40) Трговско друштво „Матрикс Интернационал“; 41) Трговско друштво „Агро Улцин“ – Скопје; 42) Трговско друштво „АС-ТО“ – Струмица; 43) Трговско друштво „АС-Комерц“ – Гостивар; 44) Трговско друштво „Таргетс“ – Скопје; 45) Трговско друштво „Интер Спорт“-Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите наведени во Законот за оружјето во точката 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените членови од Законот не биле во согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 9 став 2 од Законот, одобрение за набавување на оружјето од категоријата Ц се издава на физичко лице кое покрај условите од ставот 1 точки 1, 2, 3, 4, 6 и 7 на овој член, потребно е да биде активен член на ловечко или стрелачко друштво и да има потврда за положен ловечки испит, односно потврда дека е активен член на стрелачко друштво.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба од член 9 став 2 од Законот претставувала акт на присилба за зачленување на граѓаните во некоја асоцијација за да можеле да се стекнат со одобрение за набавка на оружје од категорија – Ц, кое нешто било спротивно на членот 20 став 1 и 2 и членот 51 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Согласно членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Според ставот 2 од овој член од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Согласно членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според ставот 2 од овој член од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Значењето на одделни изрази употребени во овој закон се утврдени во членот 3 од Законот. Така, според точката 17 на ставот 1 од овој член од Законот, „спортско оружје“ е огнено оружје од Б и Ц категорија, пневматско оружје и оружје со тетива кое согласно со посебни прописи се користи во спортски дисциплини.

Според член 9 од Законот, одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице ги исполнува следниве услови:
1) има наполнето 18 години живот;
2) не му е одземена или ограничена деловната способност;
3) здравствено е способно да поседува и носи оружје;
4) не претставува опасност за јавниот ред;
5) има оправдана причина за набавување на оружје;
6) располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје и
7) има живеалиште на територијата на Република Македонија, а доколку е странец да има одобрен постојан престој на територијата на Република Македонија, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.

Анализирајќи ги наведените уставни одредби во корелација со оспорениот член 9 став 2 од Законот, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот оцени дека со Законот за оружје, поточно со оспорениот член 9 став 2 од овој закон граѓаните не се присилуваат да се зачленуваат на асоцијации, како што се ловечките или стрелачките друштва, туку физичките лица ако сакаат да добијат одобрение за набавување на оружје од категорија Ц, покрај условите предвидени во ставот 1 на членот 9 (освен условот кој е предвиден во точката 5) потребно е да бидат и член на ловечко или стрелачко друштво.

Од оспорената одредба од Законот произлегува дека лицето кое сака да набавува оружје од категорија Ц, доколку со потврда докажува дека има статус на активен член на ловечко или стрелачко друштво, не мора да докажува дека има оправдана причина за набавка на оружје, што како услов е предвиден во членот 9 став 1 точка 5 од Законот.

Според тоа, со оспорениот став 2 на член 9 од Законот не се уредува прашањето на слободата на здружувањето на граѓаните, како што се наведува во иницијативата, туку, за да се добие одобрение за набавување на оружје од категорија Ц, законодавецот предвидел како услов, покрај условите од ставот 1 точки 1, 2, 3, 4, 6 и 7 од членот 9 од Законот, физичкото лице (барателот на набавувањето на оружјето од категорија Ц) да биде активен член на ловечко или стрелачко друштво и да има потврда за положен ловечки испит, со што се обезбедува поголема гаранција за раководење со оружјето, односно ќе се намали можноста од штетни последици по животот и имотот на граѓаните и не значи повреда на уставниот принцип на слободно здружување на граѓаните утврдено во членот 20 од Уставот.

Самата природа на оружјето е таква што не е стока во слободниот промет што може да го набави секој граѓанин, туку е под посебен режим на правниот промет, па оттука и правото на законодавецот да предвидува и услови за неговото набавување односно поседување, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот став 2 на член 9 од Законот со членот 20 став 1 и 2, како и со членот 51 од Уставот на Република Македонија.

5. Според оспорениот член 15 став 2 од Законот припадниците на вооружените сили, полицијата, службата за обезбедување на казнено-поправните установи и други работници на државните органи кои со посебни прописи се овластени да носат оружје, како и лицата кои вршат работи на обезбедување на лица и имот, исполнувањето на условот од член 9 став 1 точка 3 и 6 на овој закон го докажуваат со исправа издадена од соодветниот државен орган дека се овластени да носат оружје.

Подносителите на иницијативата сметаат дека лицата наведени во оспорениот став 2 на член 15 од Законот биле ослободени од лекарски преглед и проверка на техничкото знаење за правилна употреба на оружјето и муницијата, односно условите предвидени во членот 9 став 1 точки 3 и 6 ќе ги докажеле со исправа од соодветен државен орган дека се овластени да носат оружје, додека обичните граѓани, баратели на одобрение за набавка на оружје биле подлежни на лекарски преглед и проверка на техничкото знаење за правилна употреба на оружјето и муницијата, со што се нарушувал приницпот на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите утврдено во членот 9 од Уставот на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од наведената уставна одредба произлегува дека ставот 1 на член 9 го уредува прашањето на еднаквоста на граѓаните независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување и слично, а ставот 2 на овој член е поконкретен во смисла што предвидува граѓаните да бидат еднакви пред Уставот и законите, односно за сите под еднакви услови да важат одредбите од Уставот и законите.

Со оспорената одредба од член 15 став 2 од Законот, само се пропишува начинот на исполнувањето на условот од членот 9 став 1 точки 3 и 6 од страна на лицата припадници на органите наведени во оваа оспорена одредба и се утврдува дека овие лица исполнувањето на условот (од членот 9 став 1 точки 3 и 6) го докажуваат со исправа издадена од соодветниот државен орган дека се овластени да носат оружје. Логично би било наведените лица при добивање на такви исправи да подлежат на исполнување на одредени услови кои се предвидени со посебни прописи и одредена постапка утврдена со други прописи.

Оттука, разликата во исполнувањето на условот од член 9 став 1 точки 3 и 6 од Законот од страна на припадниците на вооружените сили, полицијата, службата за обезбедување на казнено-поправните установи и други работници на државни органи кои со посебни прописи се овластени да носат оружје, кој услов се докажува со исправа издадена од соодветен орган, а другите граѓани да подлежат на лекарски преглед и полагање на стручен испит, не значи нееднаквост меѓу граѓаните, односно не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот став 2 на членот 15 со членот 9 од Уставот, затоа што овие лица не се наоѓаат во иста правна положба.

По однос на наводот во иницијативата дека оваа оспорена одредба не е во согласност со членот 1 став 2 од Законот, Судот смета дека согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оцени меѓусебната согласност на одредени членови од закон.

6. Според оспорениот став 2 на член 18 од Законот трговските друштва што вршат промет со оружје се должни во рок од пет дена од извршената набавка на оружјето да достават извештај за пробните испукувања до надлежниот орган.

Од наведената оспорена одредба од Законот произлегува дека законодавецот ги обврзува трговските друштва што вршат промет со оружје да достават во рок од пет дена извештај за пробните испукувања до надлежниот орган.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата Судот утврди дека со неа се оспорува одредбата од член 18 став 2 од Законот од аспект на обврската на трговските друштва да достават извештај за пробните испукувања до надлежниот орган. Од уставниот основ за законско уредување на правата и обврските во сферата на прометот со оружје, произлегува и основот за утврдување на условите на трговските друштва што вршат промет со оружје. Оттука, предвидувањето на обврската на трговските друштва што вршат промет со оружје со која се предвидува дека тие се должни во рок од пет дена од извршената набавка на оружјето да достават извешатј за пробните испукувања до надлежниот орган, не е против уставно и не би можело да ја доведува во прашање уставноста на одредбата од членот 18 став 2 од Законот.

7. Според оспорениот член 20 став 1 од Законот, надлежниот орган ќе одбие да издаде дозвола за оружје, односно дозвола за поседување на оружјето, ако за оружјето не може да се докаже неговото потекло, ако не е жигосано на начин определен со закон или кога во постапката за регистрација ќе се утврди постоење на причини за одбивање на барањето за регистрација на оружјето.

Според оспорениот став 2 на овој член од Законот, во случаите од ставот 1 на овој член ќе се одземе оружјето и одобрението за набавување на оружјето, а со оружјето ќе се постапи според членот 45 на овој закон.

Според наводите во иницијативата, со оваа оспорена законска одредба се овозможувало одземање на оружје, законско наведување на причините за одземање на оружјето и се отварала можноста за самоволие и злоупотреба на овој член од Законот од страна на надлежниот орган (Министерствто за внатрешни работи), а на штета на граѓанинот кој тоа оружје претходно легално го набавил со уредно издадено одобрение за набавка на оружје. Причините за одземањето на оружјето требало јасно да бидат утврдени во Законот, а не да бидат плод на слободна дискреција на надлежниот орган, бидејќи сопственоста била уставно загарантирана категорија.

Според подносителите на иницијативата ако Министерството за внатрешни работи на некој граѓанин му издал одобрение за набавка на оружје, по што граѓанинот легално набавил оружје и доколку тоа оружје Министерството за внатрешни работи потоа одбие да го регистрира поради причините наведени во оспорената законска одредба, а граѓанинот не извршил никакво казниво дело, редно би било на граѓанинот да му биде обештетен износот на набавеното оружје, а не да му биде одземено и со тоа да се постапи согласно членот 45 од Законот. Поради тоа подносителите на иницијативите сметаат дека оспорената одредба од член 20 не била во согласност со членот 30 од Уставот на Република Македонија.

Согласно член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Тргнувајќи од содржината на оспорените како и од другите одредби од Законот за оружјето, неосновани се наводите на подносителите на иницијативата, од причина што одобрението за набавување на оружје му се издава на физичко лице, односно правно лице, кое ги исполнува условите предвидени во челнот 9, односно во членот 16 од предметниот закон, а условите се непосредно поврзани со подносителот на барањето (физичкото или правното лице).

Врз основа на одобрението за набавување на оружје, физичкото или правното лице набавува оружје, за кое е должно да поднесе барање за регистрација, согласно членот 18 став 1 од Законот, по што на физичкото лице му се издава дозвола за оружје, а на правното лице дозвола за поседување на оружје.

Од анализата на наведените одредби произлегува дека надлежниот орган врши увид во набавеното оружје во рок од осум дена од неготово набавување, односно при поднесувањето на барањето за регистрација на оружјето и издавањето на дозволата за оружје, односно дозволата за поседување на оружје. Според тоа, надлежниот орган формално правно може да одбие да издаде дозвола за оружје, односно дозвола за поседување на оружје, поради причини кои се непосредно поврзани со техничките карактеристики на оружјето, односно да одбие барање за издавање на дозвола за оружје за кое не може да се докаже неговото потекло, кое не е жигосано на начин определен со закон или кога во постапката за регистрација ќе се утврди постоење на причина за одбивање на барањето за регистрирање на оружјето. Под друга причина за одбивање на барањето за регистрирање на оружјето, се подведуваат многубројните недостатоци кои можат да се појават кај оружјето, а кои претставуваат пречка за негова регистрација (оружје забрането за набавување, оружје за кое е во тек оставинската постапка, оружје за кое е во тек кривична или прекршочна постапка и слично).

Доколку надлежниот орган утврди дека се исполнети горе наведените услови под кои може да го одбие издавањето на дозволата за оружје, односно дозволата за поседување на оружје, одбивањето како процесно дејствие се врши со донесување на одлука во управна постапка (решение), против кое, согласно одредбите на Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005), незадоволната странка има право на правен лек и судска заштита.

При одземање на оружјето и одобрението за набавување на оружјето поради наведените причини, истите се предаваат на надлежниот орган (Министерството за внатрешни работи) во рок од 15 дена по завршување на кривична или прекршочна постапка.

Можноста за уништување, користење или продавање на одземеното оружје предвидена во членот 45 од Законот, зависи од конечната одлука на надлежниот суд донесена во кривичната односно прекршочната постапка во која се одзема оружјето.

Со оспорените одредби не се повредува правото на сопственост, особено затоа што за оружје за кое не може да се докаже потеклото, секогаш постои сомневање дека истото претставува имотна корист од кривично дело или прекршок. Во однос на прометот на оружје, муницијата и деловите на оружје, од исклучителна важност е одредбата од членот 53 од Законот, која утврдува дека во промет може да се пушти оружје, муниција и делови на оружјето кои се испитани, жигосани, односно обележани согласно со прописите за испитување и жигосување, односно обележување на рачното огнено оружје и муниција.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 20 од Законот со членот 30 од Уставот на Република Македонија.

Покрај тоа, подносителите на иницијативата при оспорувањето на членот 20 од Законот го наведуваат и тоа дека, доколку надлежниот орган му го одзема оружјето на граѓанинот поради причините наведени во оваа оспорена одредба од Законот, во тој случај, на граѓанинот, би требало да му се надомести износот на набавеното оружје. Значи, подносителите на иницијативата бараат оспорената одредба од Законот да содржи нешто кое таа го нема, односно да има содржина каква што тие сметаат дека треба да има.

По однос на овие наводи, Судот утврди, дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за нешто што се бара, а кое не е содржано во оспорената законска одредба.

8. Според оспорениот член 39 од Законот, во случај на смрт на сопственикот на оружјето, членовите на неговото семејство и другите лица кои со него живееле во исто семејно домаќинство се должни во рок од 30 дена од смртта на лицето да го предадат оружјето и муницијата на надлежниот орган или најблиската полициска станица, за што се издава потврда. Министерот за внатрешни работи донесува подзаконски пропис за начинот на предавање, прием и чување на предаденото оружје, посебно за секоја категорија на оружје.

Лицето кое наследило оружје може во рок од два месеца по завршување на оставинската постапка да поднесе барање за издавање на дозвола за оружјето или оружјето да го отуѓи согласно со членот 35 на овој закон.

Кога барањето од ставот 2 на овој член нема да биде поднесено во предвидениот рок, или кога барањето е одбиено, оружјето и муницијата се одземаат и со нив се постапува согласно со членот 44 на овој закон, а кога оставителот нема наследници, се постапува според членот 45 на овој закон.

Судот надлежен за расправање на оставината го известува надлежниот орган за секое решение со кое се наследува оружје.

Според подносителите на иницијативата оспорената законска одредба не била во согласност со членот 30 од Уставот.

Имено, тие сметат дека Министерството за внатрешни работи не можело да се грижи за семејната сопственост подобро од членовите на семејството, кои живееле во исто семејно домаќинство со сопственикот на оружјето се до неговата смрт и директно или индиректно биле во допир со оружјето и притоа, исто како и сопственикот на оружјето го чувале и се грижеле за оружјето, а додека ако се предаде на чување во Министерството за внатрешни работи, постоело опасност од злоупотреба на истото и кој би ја надоместил штетата, ако оружјето се чува на несоодветни услови и како последица на тоа можело и да се оштети.

Според подносителите на иницијативата во Министерството за внатрешни работи можело да се предаде само ловечко и спортско оружје кое било употребено за извршување на кривично дело или кое било запленето како и оружјето кое после смртта на сопственикот нема член на потесно семејство. Значи, подносителите на иницијативата, членот 39 од Законот го оспоруваат затоа што сметаат дека Министерството за внатрешни работи не може да го чува оружјето како што тоа може да го чува семејството, и ако веќе оружјето се сметало за опасно да се чува кај семејството, зошто тогаш рокот за предавање бил 30 дена, а не веднаш да се предаде во Министерството за внатрешни работи.

Согласно член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од анализата на оспорената одредба од Законот произлегува дека со оспорената одредба се пропишува режимот на постапување со оружјето во случај на смрт на сопственикот на оружјето, и налага дека во тој случај оружјето во рок од 30 дена треба да се предаде во Министерството за внатрешни работи и дека по завршувањето на оставинската постапка, наследникот има право да поднесе барање за издавање на дозвола за оружјето или истото да го отуѓи.

Со оспорената одредба од Законот не се повредува правото на сопственост на оружјето, туку тоа право, имајќи го предвид посебниот (опасниот) карактер на оружјето, временски се ограничува и тоа од моментот на смртта на сопственикот до правосилното завршување на оставинската постапка, што значи дека наследниците на сопственикот на оружјето имаат право оружјето или да го отуѓат или да поднесат барање за издавање на дозвола за оружјето.

Ова, особено поради фактот дека оружјето е под посебен режим и за поседување и носење на оружје треба да се исполнуваат законските услови утврдени во членот 9 од Законот меѓу кои и барањето за издавање на дозвола за оружје се поднесува лично, што значи дека по смртта на сопственикот наследникот не го добива по автоматизам оружјето, туку мора да добие одобрение од надлежен орган како што е утврдено во оспорениот член 39 став 2 од Законот.

Со оспорената содржина на одредбата, законодавецот настојува оружјето како високо ризичен предмет да не остане без соодветен надзор, а со оглед на законско утврдениот делокруг на надлежности на Министерството за внатрешни работи оправдано се очекува дека надзорот над оружјето ќе се изврши на соодветен и стручен начин. Начинот на кој ќе се чува наведеното оружје се регулира со подзаконскиот акт на министерот за внатрешни работи со кој ќе се пропише постапката за постапување со оружје што е во сопственост на граѓаните, а ќе се ограничи можноста за самоволие и недомаќинско постапување со оружје од страна на вработените во Министерството за внатрешни работи.

Оспорениот став 3 на член 39 од Законот, го уредува прашањето на одземањето на оружјето и муницијата во случај да не се постапи согласно ставот 2 на овој член од Законот. Нормално е дека законодавецот мора да предвиди решение и во такви случаи, како што тоа впрочем и е направено од страна на законодавецот, и тоа со ништо не е спротивно на Уставот, односно не се повредуваат сопственичките права на имателот на оружјето. Освен тоа, подносителите на иницијативата намаат посебни наводи за оспорување на ставот 3 и 4 од членот 39 од Законот.

Со оглед на изнесеното Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 39 од Законот со Уставот на Република Македонија.

9. Според оспорениот член 41 од Законот, дозволата за оружје и дозволата за носење на оружје ќе се поништи во случај кога:

1) ќе истекне важноста на дозволата, а истата не е продолжена;
2) донесено е конечно решение за одземање на дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружје;
3) одобрението за постојан престој на странец на територијата на Република Македонија престанало согласно со прописите за движење и престој на странците и
4) ќе настапи смрт на имателот на дозволата.
Дозволата за поседување на оружје ќе се поништи во случај кога:
1) ќе истекне важноста на дозволата за поседување на оружјето, а истата не е продолжена;
2) донесено е конечно решение за одземање на дозволата за поседување на оружјето и
3) правното лице ќе престане да постои.

Во однос на член 41 од Законот, а со оглед на повикувањето на причините и аргументите на подносителите на иницијативата наведени во однос на членовите 20 и 39 во самата иницијатива, анализата на овие членови е истоветна на овој член поради што Судот утврди дека и во однос на член 41 од Законот не би можело да се постави прашањето за неговата согласност со член 30 од Уставот, од аргументите што се однесуваат на членовите 20 и 39 од Законот.

Имено, тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба според која се гарантира сопственоста и одредницата дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а имајќи ја предивд дека природата на оружјето е таква што ја прави нужно потребата со закон да се предвидуваат случаите кога се поништува дозволата за оружје, дозволата за носење на оружје и дозволата за поседување на оружје, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 41 од Законот со членот 30 од Уставот. Ова и поради фактот што поништувањето на дозволата за оружје, носење и поседување на оружје се врши согласно Законот за општа управна постапка во рамките на кој закон е обезбедено и правото на правен лек и судската заштита.

Според тоа, имајќи го предвид изнесеното произлегува дека законодавецот има право со закон да ги определи случаите односно да го уреди прашањето за поништувањето на дозволата за оружје утврдено во членот 41 од Законот за оружје.

10. Според оспорениот член 47 став 2 точка 1 алинеи 2 и 3 од Законот, одобрение за производство на оружје и муниција и поправање на оружје ќе се издаде ако: подносителот на барањето, основачите на трговското друштво и одговорното лице во правното лице: се државјани на Република Македонија и во моментот на поднесување на барање да имаат живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија, а според оспорениот член 52 став 6 од Законот одредбите од членовите 47, 48 и 50 на овој закон соодветно се применуваат и на трговските друштва кои вршат промет со оружје и муниција.

Според наводите во иницијативата со наведените оспорени одредби од Законот одобрение за производство на оружје и муниција или одобрение за промет со оружје и муниција не можело да добиваат странските лица, а исто така и граѓаните на Република Македонија кои немаат живеалиште на територијата на Република Македонија, со што се правело дискриминација по однос на странските инвеститори основачи на фирми во однос на домашните фирми, а со тоа и се оневозможувало нивниот пристап кон македонскиот пазар.

Според иницијативата, во конкретниот случај станувало збор за промет или производство на оружје и муниција кое било наменето за цивилниот пазар, а не за воено оружје и муниција кое било третирано со друг закон. Со ова, субјектие на пазарот немале еднаков третман и се создавало еден вид на монопол на пазарот од страна на домашните фирми, со што се нарушувала слободата на пазарот и претприемништвото.

Според тоа, оспорените одредби од членот 47 став 2 точка 1 алинеи 2 и 3 и членот 52 став 6 од Законот не биле во согласност со членот 8 и 55 од Уставот на Република Македонија.

Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото е утврдена како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и со меѓународни договори.

Според членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Разгледувајќи ги оспорените одредби од член 47 став 2 точка 1 алинеи 2 и 3 и член 52 став 6 од Законот, чија уставност се оспорува во однос на наведените членови од Уставот, Судот утврди дека, овие одредби од Законот се однесуваат на посебните услови кои треба да ги исполнуваат согласно членот 9 став 1, точки 2 до 4 од Законот, подносителите на барањето, оснивачите на трговското друштво и одговорното лице во правното лице, за да добијат одобрение за производство на оружје и муниција и поправање на оружје, како и просторните и техничките услови за оваа намена, кои законодавецот има право да ги утврдува согласно членот 29 став 1 од Уставот.

Притоа, кои услови треба да се исполнуваат и за кои физички и правни лица се однесуваат тие услови за добивање одобрение за вршење на таа дејност (производство, поправање, односно промет на сите видови оружје, муниција и делови за оружје) според Судот е работа на целесообразност и е прашање што го оценува законодавецот според своите стручни анализи и согледувања.

Исто така, со оглед на тоа што од содржината на членот 29 став 1 од Уставот произлегува дека странците во Република Македонија ги уживаат уставно загарантираните слободи и права на граѓаните – државјани на Република Макекдонија но под услови утврдени со закон (прокламирана еднаквост) и меѓународни договори (еднаквост врз основа на реципроцитет).

Оттука, определувањето во оспорените законски одредби дека одобрение за производство на оружје и муниција и поправање на оружје може да се издаде само ако подносителите на барањето, основачите на трговското друштво и одговорното лице во правното лице кое ги исполнува условите, покрај тие утврдени во членот 9 став 1 точки 2 до 4 на Законот и условите утврдени во оспорениот член 47 став 2 точка 1 алинеи 2 и 3 според кои „да се државјани на Република Македонија и во моментот на поднесување на барањето да имаат живеалиште, или престојувалиште на територијата на Република Македонија“, според Судот нема уставна пречка со закон да се утврдат условите и кои лица можат да ја вршат таа дејност.

Со оглед на специфичноста на производството на оружје и муниција, поправање на оружје и прометот со оружје, муниција и делови за оружје, според дикцијата на оспорените одредби се тргнало од уставната можност за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото со закон заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина и здравјето на луѓето, согласно членот 55 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот член 47 став 2 точка 1 алинеи 2 и 3 и членот 52 став 6 од Законот со членот 8 став 1 алинеја 7 и член 55 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

11. Во оспорениот став 3 на членот 18 од Законот е утврдено дека извештајот од ставот 2 на овој член треба да содржи податоци за физичкото, односно правното лице кое го набавило оружјето и податоци за оружјето. Во прилог на извештајот се доставуваат најмалку две чаури и два проектила од извршените пробни испукувања.

Според оспорениот став 3 на член 35 од Законот, физичките лица кои купиле оружје согласно со ставот 2 на овој член, се должни во рок од осум дена од денот на склучувањето на договорот за купопродажба, да го достави купеното оружје заради пробни испукувања на проектили до надлежниот орган.

Според наводите во иницијативата, наведените оспорени одредби од Законот не биле во согласност со членовите 11, 12, 13 и 18 од Уставот на Република Македонија.

Имено, Министерството за внатрешни работи, не можело и не смеело да биде надлежен орган на кого ќе му се доставувале балистичките примероци (оригинални примероци на најмалку две зрна и две чаури) од огнено оружје, кое физичките лица легално ги набивале од причини што, ваквите трагови и предмети што се обезбедувале на ваков начин, можело да бидат идентични со идни докази кои би можело да се најдат на местото на злосторството (зрна и чаури) и би се употребиле за цели на судските постапки, кое нешто претставувало постојана опасност за слободата и правата на граѓаните, или за граѓаните кои би се затекнале во Република Македонија.

Министерството за внатрешни работи според иницијативата е институција која била надлежна да ја води истрагата, а со тоа и да пронаоѓа и обезбедува материјални докази поврзани со криминалните дела, па токму поради тоа институцијата која требала да обезбедува докази, не смеела превентивно истите да ги поседува. Тие докази можело да бидат злоупотребени од страна на МВР и да бидат наместени на невини лица кои после тоа можело да бидат и обвинети дека сториле кривични дела. Токму поради можноста за злоупотреба и, доколку постои потреба, државните институции да располагаат со оригиналните балистички примероци на зрна и чаури, во тој случај подносителите на иницијативата сметаат дека таа институција би била Министерството за правада или друг државен орган надвор од јурисдикцијата на полицијата и МВР. Значи, Банката на превентивно земени балистички примероци на зрна и чаури морало да биде под контрола на Министерството за правда на Република Македонија, а не на Министерството за внатрешни работи.

Согласно членот 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон. Според став 3 од овој член од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002) се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Согласно членот 16 од овој закон, Министерството за внатрешни работи ги врши работите што се однесуваат меѓу другото и на остварувањето на системот на државната и јавната безбедност (член 16 став 1 точка 1) и набавувањето, поседувањето, носењето и контролата на обележувањето на оружјето и муницијата (член 16 став 1 точка 9).

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа се уредува со закон, со кој се утврдени и надлежностите на органите на државната управа, а во тие рамки и надлежностите на Министерството за внатрешни работи.

Според тоа, законодавецот согласно уставните овластувања има право со закон да ги утврди надлежностите на органите на државната управа, како што впрочем тоа и го направил со Законот за организација и работа на органите на државната управа поточно со членот 16 од Законот со кој се утврдени надлежностите на Министерството за внатрешни работи.

Со оспорените законски одредби во никој случај не се повредува уставната неприкосновеност на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, слободата на човекот и условите за ограничување на слободата на човекот, затоа што согласно Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 12/1997, 44/2002 и 74/2004) утврдени се правилата со кои се осигурува дека никој невин нема да биде осуден, а на виновникот ќе му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 29/2004 и 15/2005) и врз основа на законито спроведена постапка. Министерството за внатрешни работи учествува во кривичната постапка, покрај судот и другите државни органи и за сите овие субјекти постои законска должност вистинито и наполно да ги утврдат фактите што се од важност за донесување на законита одлука.

Оттука, неосновани се наводите во иницијативата дека Министерството за внатрешни работи не може да биде тој орган на кого ќе му се доставуваат балистичките примероци (зрна и чаури), односно да биде надлежна институција за извршување на пробни испукувања, дотолку повеќе што Уставниот суд на Република Македонија не може да се меша на политиката на законодавецот и да каже дека соодветен орган на кого ќе му бидат доставени извештајот за пробните испукувања и два проектила од извршените пробни испукувања како што е предвидено во оспорените одредби од членот 18 став 3 и членот 35 ставот 3 од Законот, не би требало да биде Министерството за внатрешни работи, туку Министерството за правда, како што предлагаат подносителите на иницијативите, а од причина што тоа не е во надлежност на Судот. Според тоа, целисходноста и имплементацијата на законските норми не се прашања од уставно-правен аспект што би можеле да ги доведат под сомненине оспорените законски одредби.
Тргнувајќи од тоа дека Судот не ја оценува оправданоста на постоењето на законските норми во правниот поредок од наведените аспекти, ниту има надлежност на тоа, туку тоа е прашање на целисходноста на законодавецот, Судот согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата во овој дел ја отфрли.

12. Според оспорениот член 42 од Законот, надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружје во случај кога ќе утврди дека лицето:

1) ја изгубило деловната способност;
2) ја изгубило способноста да поседува или носи оружје, согласно со мислењето на надлежната здравствена установа;
3) со правосилна пресуда е осудено за кривично дело или прекршок од членот 12 став 1 алинеи 1 и 2 на овој закон и
4) ги крши обврските утврдени со овој закон.

Според ставот 2 од овој член од Законот, надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на дозволата за поседување на оружје во случај кога ќе утврди дека причините за издавање на дозволата повеќе не постојат и правното лице ги крши обврските утврдени со овој закон.

Со став 3 од овој член е уредено дека надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на дозволата, оружјето и муницијата кога во постапка за продолжување на важноста на дозволата за оружје ќе утврди дека оружјето е во толкава мера дотраено што со неговата употреба може да се загрози сигурноста на луѓето, а не постои можност тоа да се поправи или сопственикот на оружјето ќе оцени дека поправката е економски неоправдана.

Против решението од ставовите 1, 2 и 3 на овој член може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до комисијата.

Жалбата против решението од ставовите 1 и 2 на овој член не го одлага неговото извршување.

Во случај кога дозволата за оружје, односно дозволата за поседување на оружје ќе биде одземена согласно со ставот 1 точка 4 и ставот 2 точка 2 на овој член, ново барање за издавање на одобрение за набавување на оружје може да се поднесе по истекот на две години од денот на донесувањето на конечното решение.

Според последниот, односно став 7 од овој член, по донесување на конечно решение од ставот 3 на овој член надлежниот орган го брише од евиденцијата и комисиски го уништува оружјето, а за уништеното оружје не се исплатува надоместок на сопственикот на оружјето.

Членот 42 од Законот се оспорува од причина што подносителите на иницијативата сметаат дека во Законот за оружјето не се наброени обврските кои во случај да се кршат на лицето му се одзема дозволата за поседување и носење на оружјето, и затоа што во ставот 4 на членот 41 од Законот е предвидено правото на жалба, меѓутоа не се знае до која комисија, оти во Законот пишувало само комисија, а исто така, не било предвидено ни правото на управен спор.

Во оспорената одредба од Законот, исто така, не била предвидена постапка за утврдување на неисправноста на оружјето, како и тоа дека немало да се исплати надоместок на лицето за уништување на оружјето.

Преку примената на овие оспорени одредби се овозможувало исправното оружје да се прогласи за неисправно, а потоа истото да се одземе. Наведените оспорени одредби не предвидувале „контролирана“ постапка за одземањето на оружјето или за уништувањето на ваквата сопственост.

Тргнувајќи од фактот дека оспорувањето на член 42 од Законот е поради неговата недореченост или поради отсуство на одредба што според подносителите на иницијативата требало да бидат содржани, како и заради приговори во однос на примената на Законот, согласно надлежноста на Уставниот суд, иницијативата во овој дел, Судот ја отфрли.

13. Според оспорениот член 44 од Законот, Во случаите од членовите 41 и 42 на овој закон, надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на оружјето и муницијата.

Против решението од ставот 1 на овој член, може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до комисијата.

Жалбата против решението од ставот 1 на овој член, не го одлага неговото извршување.

По донесување на конечно решение од ставот 1 на овој член надлежниот орган ќе издаде потврда и ќе го повика сопственикот или правното лице во рок од три месеца оружјето или муницијата да ги продаде.

Ако сопственикот или правното лице во рокот утврден во ставот 4 на овој член не го продаде одземеното оружје и муниција, надлежниот орган ќе спроведе продажба на оружјето и муницијата по пат на јавно наддавање на правните лица што се занимаваат со промет на оружје и муниција и на физички лица кои имаат одобрение за набавување на оружје. За продаденото оружје и муницијата, на сопственикот или правното лице му припаѓа продажната цена намалена за износот на трошоците на продажбата.

Ако оружјето не се продаде по пат на јавно наддавање со оружјето ќе се постапи според членот 45 на овој закон.

Според оспорениот член 45 од Законот, Оружјето и муницијата одземени во кривична или прекршочна постапка ќе се предадат на надлежниот орган во рок од 15 дена од правосилноста на одлуката.

Оружјето и муницијата од ставот 1 на овој член, чие набавување е забрането со овој закон, се уништува.

Оружјето и муницијата од ставот 1 на овој член се користат за службени потреби на Министерството за внатрешни работи, на Министерството за одбрана, односно Армијата на Република Македонија, а доколку не се дел од вооружувањето на Министерството за внатрешни работи, на Министерството за одбрана, односно на Армијата на Република Македонија, можат и да се продадат по пат на јавно наддавање на правните лица што се занимаваат со промет на оружје и муниција и на физички лица кои имаат одобрение за набавување на оружје.

Средствата остварени со продажба на оружјето и муницијата се приход на Буџетот на Република Македонија.

Во однос на оценката на уставноста на членовите 44 и 45 од Законот, подносителите на иницијативата, сметаат дека овие два оспорени членови по правосилноста на решението за одземањето на оружјето не предвидувале и право на поведување на управен спор и дека членовите 44 и 45 биле противречни со членовите 41 и 42 од Законот. Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителите на истата бараат оспорените одредби од членовите 44 и 45 од Законот да содржат нешто што тие го немаат односно да имаат содржина каква што сметаат подносителите на иницијативата. По однос на овие наводи Судот оцени дека иницијативата во овој дел треба да се отфрли од причини што Уставниот суд согласно членот 110 од Уставот е надлежен да ја оцени согласноста на одредбите што тие содржат, а не што тие треба да содржат, според тоа, Судот не е надлежен да одлучува за нешто што се бара, а кое не е содржано во оспорените законски одредби, поради што Судот согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на членовите 44 и 45 од Законот.

14. Според оспорениот член 86 од Законот дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје издадени по досегашните прописи мора да се заменат најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на подзаконскиот пропис за образецот на дозволата за оружје, дозволата за поседување на оружје и дозволата за носење на оружје.

Според оспорениот став 2 на овој член од Законот, дозволите од ставот 1 на овој член ќе се заменат доколку физичкото лице ги исполнува условите од членот 9 став 1 точки 1, 2, 3, 4, 6 и 7 и став 2 на овој закон, односно правното лице ги исполнува условите во членот 16 од овој закон.

Според оспорениот став 3 на овој член од Законот при поднесување на барањето за замена на дозволите од ставот 1 на овој член, физичкото лице, односно правното лице е должно до надлежниот орган според живеалиштето, односно престојувалиштето на странецот и правното лице според седиштето, да го донесе оружјето на кое се однесува дозволата, заради извршување на пробни испукувања од оружјето.

Според подносителите на иницијативата оспорената одредба од член 86 од Законот била класичен пример за повратно дејство на законот на штета на граѓаните преку наметнување на нови дополнителни услови при замена на стари дозволи со нови, доколку сакаат во иднина да го поседуваат ловечкото или спортското оружје кое го набавиле пред влегување во сила на новиот закон за оружје што било во директна спротивност со членот 52 став 4 од Уставот.

За подносителите на иницијативата не било спорно тоа дека по влегување во сила на новиот закон, за сите граѓани (без оглед дали тие биле досегашни сопственици на оружје или не) кои имале намера да набавуваат оружје ќе важат и новите дополнителни услови. Исто така, подносителите на иницијативата, се согласуваат со тоа дека Министерството за внатрешни работи во секое време може од граѓанинот – легален сопственик на оружје, да побара да достави докази, дали и понатаму ги исполнува сите услови, кои ги исполнувал во моментот, кога го стекнал правото да добие одобрение за набавка на оружје, но за нив спорно е тоа што за оружјето кое било набавено според прописите на важечкиот закон, не можело да важат условите кои се предвидувале со новиот закон, бидејќи во овој случај одредбите од Законот имале повратно дејство, што било спротивно на членот 52 став 4 од Уставот. Условите, пак, кои се предвидени во новиот Закон за замената на постоечките дозволи со новите, за оружје кое било набавено пред влегувањето во сила на новиот закон било понеповолно за граѓаните.

Подносителите на иницијативата, исто така, сметаат дека со оспорената одредба од член 86 се повредува и членот 30 од Уставот, бидејќи оружјето граѓаните си го купиле со сопствени средства и тоа претставувало лична сопственост.

Правото за поседување оружје граѓанинот можело да го изгуби само доколку изввршил казниво дело, во судска постапка (а не и во управна постапка како што било предвидено со Законот за оружје), или доколку со судска одлука се утврди дека граѓанинот веќе не ги исполнува истите услови кои биле предвидени во Законот, при постапката за издавање на дозвола за оружје.

Подносителите на иницијативата, сметаат дека оспорениот став 2 на член 86 од Законот, со кој се предвидува дека замената на старите дозволи со нови, се условувало само со задолжително членување на постоечките сопственици на оружје во ловечки, односно стрелачки друштва како активни членови не бил во согласност со членот 20 став 1 и 2 од Уставот, од причини што граѓаните во граѓанските здруженија требало да членуваат по сопствена воља, а не по сила на некој закон.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека условите предвидени во новиот закон треба да ги исполнуваат и сопствениците на трофејното оружје. Во стариот Закон за оружје (Закон за набавување, поседување и носење на оружје) била уредена и категоријата на трофејно оружје. Тоа било оружје кое се чувало како спомен од ослободителните војни и востанија. Ова оружје го поседувале македонските борци ветерани од втората светска војна (1941-1945), како спомен од еден исклучително важен светски настан. Трофејното оружје согласно членот 13 од наведениот закон, беше забрането да се носи, употребува и за него да се набавува муниција, со што истото требало да претставува еден вид сувенир. Со новиот Закон за оружје, категоријата „Трофејно оружје“ не постоела и ова оружје практично било изедначено со останатото оружје, што, исто така, значело дека сопствениците на ова оружје согласно оспорениот член 86 од Законот, при замената на старата дозвола со новата, ќе треба да ги исполнуват и дополнителните услови што не би било возможно поради нивното нарушено здравје или билест, што значи дека истите ќе бидат принудени да го продадат својот трофеј или истиот ќе им биде одземен. Ова е уште една причина според подносителите на иницијативата за несогласноста на оспорениот член 86 од Законот со членот 52 став 4 од Уставот.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.54/2005 од 7 септември 2005 година не поведе постапка за оценување на уставноста, меѓу другото, и на членот 86 од Законот за оружје („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005).

Во образложението на решението стои:

„Што се однесува до членот 86 од овој закон Судот утврди дека тој спаѓа во Главата XIV: Преодни и завршни одредби.

Според Судот со предвидувањето на обврска дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје издадени според досегашните прописи да мора да се заменат во определен рок и под определени услови, всушност се уредува преминот од постоечките на новите правни норми.

Притоа, Судот имаше предвид дека овој закон за оружје предвидува и други услови кои треба да ги исполнува секое лице што ќе поседува и носи оружје и затоа предвидува барањето да биде поднесено лично.

Што се однесува до наводите во иницијативата за повреда на еднаш стекнатото право за поседување и носење на оружје, имајќи ги во вид карактеристиките на оружјето како такво, Судот оцени дека, во случајов, еднаш стекнатото право не може да се смета како трајно.

Во овој контекст, Судот имаше предвид дека поранешниот Закон за оружје не предвидуваше рокови за важењето на дозволите додека новиот Закон за оружје во член 21 став 1 предвидува дозволата за оружје да се издава со рок на важење од пет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење од три години.

Притоа, ставот 2 на член 86 од Законот му дава право на органот, по службена должност, при замената на дозволите да провери дали предвидените услови за поседување и носење на оружје во овој закон се исполнети што значи дека одредбата од член 86 е во функција на горе споменатите одредби од Законот.

Оваа преодна одредба во Законот, граѓаните на Република Македонија ги става во еднаква правна положба пред законот, затоа што дозволите за поседување оружје и дозволите за носење оружје ќе ги стекнуваат под еднакви услови и за ист временски рок на важење предвидени во овој Закон за оружје кој е во правниот поредок.

Од тие причини Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на членот 86 од Законот од овој аспект“.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од член 86 од Законот, а во контекст на наводите во иницијативата произлегува дека членот 86 од Законот спаѓа во преодните и завршните одредби и граѓаните на Република Македонија ги става во еднаква правна положба пред законот, затоа што дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје ќе ги стекнуваат под еднакви услови и за ист временски рок на важење предвидени во овој закон, односно со оваа оспорена одредба не се ограничува правото на сопственост ниту правото на слободно здружување гарантирани со Уставот на Република Македонија (член 30 и член 20 од Уставот), туку само се определува режимот за поседување и носење на оружјето.

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителите на иницијативата оваа оспорена одредба ја оспоруват во однос на членот 20, 30 и 52 став 4 од Уставот само како последица на тоа дека со утврдувањето на новите услови предвидени во членот 9 од Законот доаѓа до повреда на наведените членови од Уставот што истото не може да се прифати како правен аргуметн поради фактот што Судот веќе се произнел по однос на ова прашање при оценувањето на членовите 9 и 86 од Законот.

Исто така, по однос на наводите во иницијативата дека со новиот закон трофејното оружје се изедначува со останатото оружје Судот оцени дека тоа е работа на законодавецот и тој согласно уставните овластувања има право да ги определи и условите и категоријата на оружјето. Впрочем, подносителите на иницијативата во однос на трофејното оружје приговараат зашто за него нема соодветна одредба во Законот, односно во член 86 од Законот, за кое прашање, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Со оглед на изнесеното, а имајќи го предвид тоа дека Уставниот суд на Република Македонија со наведеното решение ја оценил уставноста на оспорениот член 86 од Законот, а според Судот, исто така, нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата по однос на овој член од Законот се отфрла.

15. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

16. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.41/2006
7 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи