214/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на детален урбанистички план за локалитетот „Керамидница“ Урбан блок „2“ – Скопје бр.07-2502/05 од 13 јуни 2006 година, донесена од Советот на Општина Гази Баба, објавена во „Службен гласник на општина Гази Баба“ бр. 4 од 19 јуни 2006 година.

2. Драги Петрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, на која е доставено дополнение подносителот на иницијативата бил сопственик на КП.бр.13169 (идеален дел) со површина од 2232 м2, потоа на КП.бр.13172/3 и КП.бр.13172/4 на КО Скопје. Катастарските парцели бр.13172/3 и бр.13172/4 се простирале на градежната парцела 4.2. на локалитетот „Керамидница“ Урбан влок „2“, а КП.бр.13169 се простирала на градежната парцела бр. 4.1а. На градежната парцела 4.2. бил изграден деловен објект, чиј сопственик бил сега подносителот на иницијативата, а кој бил изграден на Ул. „519“ бр.94а, кој бил вклопен во Нацрт деталниот урбанистички план за МЗ „Керамидница“. Во текот на јавната анкета конкретниот објект бил прифатен и внесен во Предлог нацртот на Деталниот урбанистички план за оспорениот локалитет. На ден 13 јуни 2006 година на членовите на Советот на општина Гази Баба не бил доставен предлог план и истиот бил прифатен и објавен во „Службен гласник на општина Гази Баба“ бр. 4 од 19 јуни 2006 година.

Меѓутоа, понатаму во иницијативата се наведува дека скицата на усвоениот Детален урбанистички план се разликувала од скицата на јавната анкета со тоа што во усвоениот Детален урбанистички план биле извршени промени во големина на градежните парцели како што е случајот со градежната парцела бр.4.2. (сопственост на подносителот на иницијативата) која е намалена и градежната парцела 5.6.б и 5.6.а (сопственост на Диловски Ниче) кои биле зголемени.

Оттука, подносителот на иницијативата смета дека во постапката за донесување на оспорениот акт била сторена повреда на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, при спроведување на јавната анкета во која учествувал и подносителот на иницијативата постојниот објект на градежната парцела 4.2. биле во согласност со тогаш постојниот Генерален урбанистички план за град Скопје, па не било јасно врз основа на кој извештај била направена промена на Нацрт-планот на Деталниот урбанистички план истакнат на јавната анкета.

Доколку била извршена промена на предложениот план, согласно член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање комисијата оформена од градоначалникот (член 24 став 6) требала да го извести подносителот на иницијативата, но тоа не било сторено и со тоа е повреден ставот 6 на членот 24 од Законот.

Понатаму, според наводите во иницијативата била сторена повреда и на член 24 став 9 од Законот, бидејќи при извршена промена од предложениот нацрт план за Деталниот урбанистички план до усвоениот Детален урбанистички план, градоначалникот на Општината не бил должен повторно да спроведе јавна презентација и јавна анкета, но таква не била спроведена.

Имено, видно од доставените анкетни листови и барања, според иницијативата, поголем дел се однесувале на битни промени во границите на урбанистичкиот опфат, како и промени на регулационите линии, поради што, според подносителот на иницијативата комисијата требало да спроведе повторна јавна анкета на изменетиот нацрт план.

Поради наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспоренатта одлука содржи 7 (седум) члена. Во членот 1 од Одлуката се утврдува дека со оваа одлука се донесува Деталниот урбанистички план за локалитетот „Керамидница„, Урбан блок „2“ – Скопје.

Членот 2 од Одлуката го одредува просторот што се опфаќа со Одлуката, а во членот 3, пак, од Одлуката се наведува дека Деталниот урбанистички план со Т.бр.2081/02 од АД за урбанизам, проектирање и инжинеринг „ЗУМ“ – Скопје, содржи: Планиран развој; Графички прилози; Текстуален дел и Параметри за уредување на просторот кои се составен дел на планот.

Во членот 4 од Одлуката се предвидува дека Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општина Гази Баба и потпис на претседателот на Советот на Општина Гази Баба.

Членот 5 од Одлуката, ја уредува обврската на Секторот за урбанизам, просторно планирање и заштита на животната средина, комунални дејности и уредување на градежно земјиште на Општина Гази Баба, да во рок од 60 дена од донесувањето на Одлуката да обезбеди комплетна документација и за реализирање на Деталниот урбанистички план.

Со членот 6 од Одлуката се одредува дека Деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува, следи и за негова реализација се грижи Секторот за урбанизам, просторно планирање и заштита на животната средина, комунални дејности и уредување на градежно земјиште на општина Гази Баба.

Со членот 7 од оваа Одлука се регулира дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањеето во „Службен гласник на општина Гази Баба“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005). Во Главата VI „Преодни и завршни одредби“ на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон, ќе продолжи според одредбите на законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Имајќи го предвид изнесеното, анализата на правната и фактичката состојба во однос на постапката за донесување на оспорената одлука донесена на 13 јуни 2006 година, се врши во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој бил во сила во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на оспорената одлука и урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа и јавна анкета.

Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови, во кој спаѓа просторен план на Републиката и урбанистички планови, во кои спаѓаат: генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината.

Со член 16 став 1 од Законот се утврдува дека изработување на сите урбанистички планови врши правно лице овластено од министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот, ако во редовен работен однос има најмалку три овластени лица – со лиценца за изработка на урбанистички планови. Согласно ставот 2 на истиот член, овластување за изработка на урбанистички планови, освен генерален урбанистички план може да добие правно лице кое во редовен работен однос има најмалку едно овластено лице – со лиценца за изработка на урбанистички планови.

Во член 17 став 1 од Законот се утврдува дека плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според став 3 на истиот член, по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета. Согласно став 5 на истиот член, јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичката документација за населено место во општина, ги организира општината, односно градот Скопје. Согласно став 7 на овој член, одлука за организирање јавна анкета по нацрт детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината донесува градоначалникот на општината, односно градоначакникот на Град Скопје по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација. Согласно став 8 на истиот член, органите на државната управа, како и институциите особено од областа на заштитата на спомениците на културата, во текот на изработката на плановите од членот 7 на овој закон, доставуваат свои барања со предлог на мерки и режим на планирање и уредување на просторот.

Според член 18 став 1 на овој закон, јавната анкета по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Согласно ставот 2 на истиот член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Согласно став 4 на истиот член, извештај за стручната расправа и јавната анкета за плановите од член 17 став 5 на овој закон, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината, односно Градот Скопје.

Согласно член 19 став 1 од Законот, пред организирањето на стручната расправа и јавната анкета, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија. Согласно став 2 на истиот член, стручната ревизија на урбанистичките планови ја врши стручно научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот. Согласно став 4 на овој член, изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.

Согласно член 20 став 1 од Законот, измените и дополнувањата на плановите од член 7 на овој закон се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според членот 21-а од Законот, при изработување на урбанистички план од членот 7 точка 2 на овој закон (генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината) задолжително се применуваат нормативи и стандарди за уредување на просторот, кои ги донесува министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот.

Согласно член 22 став 3 од Законот, општината донесува генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината, а согласно став 6 на истиот член, овие урбанистички планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот. Со оваа согласност, согласно член 23 став 1 од Законот, се потврдува дека планот е изработен согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Керамидница„ Урбан блок „2“ – Општина Гази Баба, според Судот Општината Гази Баба како надлежен орган за донесување на наведената одлука, ги спровела сите законски определени дејствија во постапката за донесување на истата.

Нацрт-деталниот урбанистички план за локалитетот „Керамидница„ – Урбан блок 2 е изработен од АД за урбанизам, проектирање и инженеринг „Зум“ – Скопје.

Стручна ревизија на Нацрт-планот, согласно член 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е изработена од ЈП за просторни и урбанистички планови – Скопје во април 2004 година во кој се содржани определени забелешки и сугестии.

Согласно член 19 став 4 од истиот закон, изработувачот на Нацрт-планот дал одговор по забелешките од стручната ревизија бр.0301-236 од 26 април 2004 година, со кој главно се прифатени сите забелешки и сугестии.

Главниот архитект на град Скопје дал свое мислење во врска со Нацрт-планот бр.18а-2622/1 од 15 декември 2004 година, во кои се дадени определени сугестии и забелешки, како и укажување дека постапката за изработка на планот може да продолжи по вградување на забелешките.

Изработувачот на Нацрт-планот доставил до Министерството за транспорт и врски одговор по мислењето на Главниот архитект на град Скопје бр.0301-10 од 24 октомври 2005 година.

Одделението за урбанизам, уредување на градежно земјиште, станбени работи и заштита на животната средина на општината Гази Баба донело Заклучок бр.10-129/1 од 15 февруари 2005 година со кој го утврдил текстот на Нацрт-планот.

На 15 февруари 2005 година, градоначалникот на општина Гази Баба донел Одлука за организирање јавна анкета по Нацрт-планот која била јавно објавена.

Јавната анкета по Нацрт-планот траела 10 дена во периодот од 17 февруари 2005 година (кога е објавено соопштението во јавно гласило) до 2 март 2005 година.

Општина Гази Баба изработила Извештај по јавната анкета бр.22-1785/1 од 19 април 2006 година. Во извештајот се наведува дека на јавната анкета биле поднесени 25 анкетни листови со забелешки и 5 предметни барања, кои комисијата ги разгледала. Од извештајот може да се констатира дека подносителот на иницијативата Драги Петрушевски, доставил барање на анкетен лист бр.16, кое делумно е прифатено од Комисијата, а согласно предложената скица. Имено, на КП.13172/3 и КП.13172/4 КО Скопје – КО Скопје сопственост на Драги Петрушевски согласно доставената копија од катастарски план се планира урбанистичка парцела со намена комерцијален објект со дефинирање на површини за градба и задоволување на сите сообраќајно технички услови согласно Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.

Општина Гази Баба до Министерството за транспорт и врски достави известување бр.22-1945/1 од 3 мај 2006 година во кое се наведува дека е постапено по забелешките од Извештајот од спроведената јавна анкета бр.22-1785/1 од 19 април 2006 година и Извештајот од спроведените стручни консултации бр.22-1607/1 од 10 април 2006 година.

Министерството за транспорт и врски, со свој акт бр.18-8407 од 5 јуни 2006 година, по разгледување на доставеното барање и приложената документација, согласно член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, издало согласност на Предлог-планот.

На 13 јуни 2006 година, Советот на општина Гази Баба ја донел оспорената одлука за донесување на Детален урбанистички план за локалитет „Керамидница“ Урбан блок „2“ – Скопје и истата ја објавил во „Службен гласник на општина Гази Баба“ бр.4 од 19 јуни 2006 година.

Имајќи го предвид значењето на јавната анкета како дел од постапката за донесување на урбанистичкиот план преку која се овозможува запознавање и учество на граѓаните и јавноста во уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата, што претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, во член 18 став 4 на истиот закон, утврдил обврска за општината како организатор на јавната анкета, да изработи извештај за стручната расправа и јавната анкета, со образложение за неприфатените забелешки.

Анализирајќи ја оваа одредба, според Судот со истата, освен што децидно се утврдува обврска за општината да ги образложи причините за неприфаќање на одредено барање изложено на јавната анкета, исто така, произлегува и обврска за општината да ги вгради во Предлог-урбанистичкиот план сите барања изнесени на јавната анкета, за кои таа одлучила дека се исполнети условите за нивното прифаќање. Доколку тоа не е случај, според Судот, смислата на постоење на јавната анкета во постапката за донесување на урбанистичкиот план го губи своето значење утврдено со Законот и станува празна форма која не им овозможува на граѓаните фактичко влијание при уредувањето и хуманизацијата на просторот.

Според Судот, фактот што стручната комисија во својот извештај по спроведената јавна анкета, дала одговор на забелешката дадена во анкетен лист број 8 во врска со КП.13169 КО Скопје, го демантира наводот во иницијативата дека општината не постапила во смисла на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, забелешката во врска со реурбанизација на УП М.1., 4.2. и 3.1., односно усогласување на КП.13169 КО Скопје Стручната комисија делумно го прифатила, со појаснување дека се формираат две урбанистички парцели за изградба на заеднички станбени објекти во однос на КП, а сообраќајната планирана мрежа Ул. „5“ и постојната Т.С. на УП.415 се задржуваат.

Оттука, според Судот, општината постапила согласно член 18 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно нема повреда на законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план, од причини што по дадената забелешка општината постапила и истата е вградена во предлог планот, односно во конечниот урбанистички план.

Во постапката за донесување на оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за предметниот локалитет, исто така Судот утврди дека во целост е испочитуван Законот за просторно и урбанистичко планирање и по однос на оспорените КП.13172/3 и КП.13172/4 КО Скопје, на кој Општината постапувајќи по имотниот лист бр. 16 поднесена од сега подносителот на иницијативата Драги Петрушевски, дала образложени причини за делумното прифаќање на забелешката.

Од горните причини, Судот оцени дека во конкретниов случај, не постојат основи за проблематизирање на оспорената Одлука, односно дека истата е во согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.214/2006
24 јануари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи