133/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 57 во делот „а ќе се применува од 1 јануари 2005 година“ од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005 и 70/2006).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на:

а) уставноста на член 8 ставовите 2 и 3, член 35 ставовите 2 и 4 во делот „против кој не е дозвoлена посебна жалба“, член 47 и член 48 став 1 точките 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

б) уставноста и законитоста на Уредбата за групно изземање на договори за дистрибуција и сервисирање на моторни возила („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2005).

3. Друштвото за промет и услуги „Порше Македонија“ ДООЕЛ-Скопје, Трговското друштво за производство и трговија на големо и мало „КА-ДИС“ ДОО увоз-извоз – Скопје, Друштвото за производство, промет и услуги „ХИТ АУТО“ ДОО Скопје, Друштвото за внатрешна и надворешна трговија „Еуро импекс“ ДОО – Скопје, Друштвото за трговија и услуги „Кореа Ауто-Трејд“ ДОЕЛ Скопје, Трговското друштво за промет и посредување „Мак КАР“ Балфинко Макфин ДОО-Скопје и Друштвото за увоз-извоз, трговија на големо и мало, национален и интернационален транспорт и шпедиција, земање и давање под закуп и сервисни активности „МАК Аутостар“ ДОЕЛ – Скопје, преку полномошникот Никола Додевски адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Макекдонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 и 2 а) од Законот за заштита на конкуренцијата и Уредбата означена во точката 2 б) од ова решение.

Воедно подносителот на иницијативата бара Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Уредбата за групно изземање на договорите за дистрибуција и сервисирање на моторни возила.

4. Според наводите на подносителот на иницијативата одредбите од ставовите 2 и 3 на член 8 од Законот за заштита на конкуренцијата не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, бидејќи Законот не содржел рамка, основи и критериуми врз основа на кои Владата на Република Македонија би ги определила условите за групно изземање на договорите и тоа услови кои договорот мора да ги содржи, ограничувањето или условите што тие договори не смеат да ги содржат и други услови кои мора да ги исполнат.

Даденото овластување на Владата, без конкретна законска рамка да ги утврдува условите за групно изземање на договорите претставувало мешање на извршната во законодавната власт што не е во согласност со принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Како последица на немањето на конкретна законска рамка била донесена оспорената Уредба од чиј текст очигледно било дека со истата се воспоставувале правни односи кои што можеле да се уредат само со закон.

Всушност содржината на целата Уредба претставувала регулирање на правни односи кои имале задолжителна примена и законска сила.

Имајќи ја предвид содржината на Уредбата во која за прв пат се употребени поими и дефиниции кои не се ниту содржани во Законот, ниту пак, можат да се подведат под рамките на Законот, а со која биле пропиишани услови за групно изземање на договорите за дистрибуција и сервисирање на моторни возила, карактеристики на таквите договори, условите што таквите договори морале да ги содржат, ограничувањата или условите што тие договори не смеат да ги содржат, очигледно е дека со неа се уредувале прашања кои требало да бидат уредни со закон, а не со подзаконски акт, па законското овластување на Владата за донесување на оспорената уредба немало уставна основа.

Оттука, според подносителот на иницијативата законското овластување на Владата за донесување на Уредбата било во функција на утврдување и разработка на одделни законски одредби заради нивно извршување Уредбата за групно изземање на договорите за дистрибуција и сервисирање на моторни возила не била во согласност и со член 35 од Законот за Владата, а имајќи предвид дека таа нема уставноа основа.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 35 ставовите 2 и 4 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 15 став 2 и член 51 од Уставот, затоа што кога законодавецот предвидел дека непостапувањето по заклучокот претставува прекршок за кој утврдил висока парична казна бил должен да утврди право на посебна жалба против таквиот заклучок, бидејќи спротивно било на Уставот субјектот да биде огласен за виновен за сторен прекршок и да му се изрече санкција за прекршок без претходно да му биде дадено право да го оспорува заклучокот, односно без да биде проверена правната заснованост на задолженијата содржани во таквиот заклучок од страна на повисокиот орган.

Според подносителот на иницијативата, исклучувањето на правото на посебна жалба против заклучокот оставало простор за злоупотреба од страна на управниот орган, а пак принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок своето значење го добивала токму со воведување на контрола на актите кои во управната постапка ги донесувал органот на управата, а правото на жалба претставувало таква контрола која имала за цел да ја штити законитоста на управните акит, а со тоа и правото на субјектите.

Понатаму, според подносителот на иницијативата, не била во согласност со Уставот и одредбата од член 48 став 1 точките 2 и 3 од Законот, бидејќи субјект не можел да се казни за непостапување по закучокот со така висока парична казна (1% од вредноста на вкупниот приход на претпријатието остварен во деловната година што и претходи на годината во која е сторен прекршокот) без претходно истиот да биде проверен од повисок орган.

Оспорениот член 47 од Законот не бил во согласност со член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот затоа што со воведувањето на можноста едно правно лице да биде казнето за прекршок со казна во висина од 10% од вредноста на вкупниот годишен приход, се отварала можност за изрекување на огромна парична казна чија што последица немало да биде воспоставување на законито и дисциплинирано однесување на правните субјекти, туку нивно уништување преку административни мерки и средства што не биле пазарни.

Правните субјекти биле нееднакви пред Законот и не се обезбедувало нивна еднаква правна положба бидејќи за еден ист прекршок две различни правни лица можело да плаќаат казна која била понисика или повисока во однос една кон друга повеќекратно, а во зависност од тоа кои правни лица колкав вкупен приход оствариле.

Со казната која се изрекувала на ваков принцип, правното лице можело да биде доведено во ситуација неговото работење од позитивно – со добивка да биде претворено во негативно работење, затоа што казната не зафаќала дел од добивката, а која логично можело да биде резултат од монополското однесување, туку од вкупниот приход, што значи се санкционираат и трошоците на работењето.

Со ваквите одредби во целост се губела смислата на казната и санкцијата воопшто која имала за цел граѓаните и правните субјекти да ги натера во своето идно постапување и работење да го корегираат своето однесување и да го ускладат со законските прописи.

Членот 57 од Законот во делот „а ќе се применува од 1 јануари 2005 година“ не бил во согласнот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот, затоа што тој имал повратно дејство, а тоа повратно дејство не било поповолно, туку напротив било на штета на субјектите на кој се однесува. Ова дотолку повеќе што со овој закон се уредуваат забранети облици на спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, мерките и постапките во врска со ограничувањето на конкуренцијата и особено казнени одредби содржани во членовите 47 и 48 во кои биле утврдени тешки и други повреди на одредби од Законот за кои се предвидиени превисоки парични казни.

5. Судот на седницата утврди дека со Законот за заштита на конкуренцијата се уредуваат забранетите облици на спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, заштитата на конкуренцијата, мерки и постапки во врска со ограничувањето на конкуренцијата.

Целта на овој закон е обезбедување слободна конкуренција на домашниот пазар заради поттикнување на економска ефикасност и благосостојба на потрошувачите.

Според член 7 од наведениот закон, забранети се сите договори склучени меѓу претпријатијата, одлуките на здруженијата на претпријатијата и договорената практика чија цел или последица е спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, а особено оние кои:

1) директно или индиректно ги фиксираат куповните или продажните цени, или некои други услови за трговија,
2) го ограничуваат или го контролираат производството, пазарот, техничкиот развој или инвестициите,
3) го делат пазарот или изворот на снабдување,
4) применуваат различни услови за исти или слични правни работи со други трговски партнери, со што ги ставаат во понеповолна конкурентска позиција и
5) го условуваат склучувањето на договорите со прифаќање од другите договорни страни дополнителни обврски, што по својата природа или согласност со трговските обичаи не се во врска со предметот на договорот.

Според став 2 на наведениот член 7, договорите и одлуките или поединечните одредби од истите забранети согласно ставот (1) од овој член се ништовни.

Според став 3 на член 7 од Законот, одредбите од став 1 на овој член нема да се применуваат на договори, одлуки на здруженија на претпријатија и договорната практика што придонесуваат за унапредување на производството или дистрибуцијата на добрата или услугите или промовирање на техничкиот или економскиот развој, под услови од тоа да имаат сразмерна корист и потрошувачите, а кои што не им наметнуваат на засегнатите претпријатија ограничување кои што не се неопходни за постигнување на тие цели, и не им овозможуваат на тие претпријатија елиминирање на конкуренцијата во значителен обем за производите кои се во прашање.

Во членот 8 став 1 од Законот „Групно изземање“ е предвидено дека одредбата од член 7 став 3 на овој закон особено се применува на следните водиви договори:

1) вертикални договори за исклучиво право на дистрибуција, селективно право на дистрибуција, исклучиво право на купување и франшизинг,
2) хоризонтални договори за истражување и развој или за специјализација,
3) договори за трансфер на технологија, за лиценца или за know-how.
4) договори за дистрибуција и сервисирање на моторни возила и
5) договори за осигурување.

Во оспорениот став 2 на член 8 од Законот е предвидено дека поблиските услови за групни изземања на договорите од ставот 1 на овој член, на предлог на комисијата ги пропишува Владата на Република Македонија, а во оспорениот став 3 на наведениот член од Законот е предвидено дека со актите од став 2 на овој член се определуваат условите што договорот мора да ги содржи, ограничувањето или условите што тие договори не смеат да ги содржат и други услови кои мора да се исполнат.

Во натамошната постапка, Судот утврди дека врз основа на член 36 став 2 од Законот за Владата и член 8 став 2 алинеја 2 од Законот за заштита на конкуренцијата Владата на Република Македонија на 20.10.2005 година донела Уредба за групно изземање на договори за дистрибуција и сервисирање на моторни возила („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2005).

Со оваа Уредба се пропишуваат условите за групно изземање на договори за дистрибуција и сервисирање моторни возила, карактеристиките на таквите договори, условите што таквите договори мора да ги содржат, ограничувањата или условите што тие договори не смеат да ги содржат и другите услови кои мора да се исполнат за групно изземање (член 1).

Во членот 2 од Уредбата е утврдено значењето на одделни поими кои се употребени во Уредбата како што се: групно изземање, вертикални договори, вертикални ограничувања, конкурентски претпријатија, обврски за неконкурирање, обврска за ексклузивно снабдување, систем на селективна дистрибуција, систем на квантитативно селектирвна дистрибуција, право од интелектуална сопственост, know-how, купувач, овластен сервисер, независен сервисер и други поими.

Понатаму, во член 3 од Уредбата е предвидено во кои категории на вертикални договори согласно член 8 став 1 точка 4 од Законот се применува групно изземање, како и други видови на договори.

Во дел втори „Услови кои вертикалните договори во секторот на моторни возила треба да ги исполнуваат“ односно во членовите 4, 5 и 6 е утврдено дека групното изземање може да се применува под услов пазарниот удел да не надмине одреден процент (30%), како се пресметува пазарниот удел и други услови за групно изземање.

Во делот „Ограничувања и обврски што не смеат да се содржат во вериткалните договори во секторот на моторни возила“ се утврдени тешки ограничувања што се однесуваат само на продажба на нови моторни возила и тешки ограничувања што се однесуваат само на продажба на услуги за сервисирање и одржување и на резервни делови и други тешки ограничувања на конкуренцијата (членовите 7, 8, 9 и 10).

Во членот 10 од Уредбата се утврдени обврски од договори за дистрибуција и сервисирање на моторни возила кои не се предмет на изземање (член 11).

Во членот 11 од Уредбата е предвидено во кои случаи групното изземање уредено со Уредбата може да се повлече.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите, а според алинеја 5, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монопоското однесување на пазарот.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот, определувајќи се за слобода на пазарот и претприемништвото и заштита на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот како темелни вредности на уставниот поредок, а заради поттикнување на економскиот развој и благосостојба на потрошувачите обезбедува слободна конкуренција на домашниот пазар и презема мерки за спречување на ограничување на конкуренцијата. Имено во Законот е промовирана општата забрана на договори и одлуки со кои субјектите на пазарот ја спречуваат, ограничуваат и нарушуваат конкуренцијата на пазарот што како последица повлекува ништавност на таквиот договор.

Меѓутоа, законодавецот и покрај наведеното општо правило за забранетост на договорите и одлуките кои имаат за цел спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата на пазарот направил исклучок од ова правило, при што одредбите од договорите или одлуките на субјектите на пазарот нема да се сметаат за ништавни ако тие придонесуваат за унапредување на производството или дистрибуција на добрата и услугите или промовирање на техничкиот и економскиот развој ако од тоа имаат сразмерна корист и потрошувачите.

Со цел да не се злоупотреби оваа законска можност од субјектите на пазарот, законодавецот таксативно ги утврдил видовите на договори од одделни области кои не може да се подведат под категоријата на договори со кои се спречува, ограничува или нарушува конкуренцијата на пазарот и тоа доколку исполнуваат определени услови.

Од наведеното може да се изведе заклучок дека Законот ги утврдил видовите на договори за групно изземање и општата рамка односно условите што тие договори треба да ги исполнат, при што имајќи ги предвид специфичностите на секој одделен вид на договор кој потпаѓа под категоријата групно изземање препуштил поблиските услови да бидат утврдени со Уредба на Владата, а на предлог на Комисијата.

Оттука, имајќи предвид дека за наведеното законско овластување на Владата на Република Македонија, таа со уредба на предлог на Комисијата за заштита на конкуренцијата да ги пропише поблиските услови за групно изземање на утврдените со закон видови договори, во Законот се пропишани критериуми, односно рамка, Судот оцени дека ова законско овластување не може да биде доведено под сомнение од аспект на уставно утврдената положба и улога на Владата на Република Македонија таа како носител на извршната власт да донесува уредби и други прописи за извршување на законите поради што оспорените ставови 2 и 3 на член 8 од Законот не можат да бидат доведени под сомнение во однос на наведените уставни одредби.

Имајќи предвид дека оспорената законска одредба не може да биде доведена под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, а која одредба е основа за донесување на оспорената Уредба за групно изземање, Судот оцени дека и таа не може да биде доведена под сомнение во однос на уставните и законски одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Судот понатаму утврди дека во оспорениот член 35 став 2 од Законот е предвидено дека „Комисијата потребните податоци ги прибавува со доставување на заклучок против кој не е дозволена посебна жалба.

Во оспорениот член 35 став 4 од Законот е предвидено дека претпријатијата или здруженијата на претпријатијата се должни да дозволат увид врз основа на заклупокот на Комисијата против кој не е дозволена посебна жалба.

Во оспорениот член 48 став 1 точките 2 и 3 од Законот, пак, е утврдено дека со парична казна во износ од 1% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатието остварен во деловната година што и претходела на годината во која е сторен прекршокот ќе се казни за прекршок правното лице ако со умисла или небрежност „не постапи по заклучокот на Комисијата за доставување на податоци или достави неточни, неуставни и невистинити податоци во смисла на член 35 од овој закон; односно не дозволи увид во трговските книги и друга документација во смисла на членовите 35 и 36 од овој закон.

Според член 28 од Законот за заштита на конкуренцијата во постапката пред комисијата се применува Законот за општата управна постапка, освен ако со овој закон поинаку не е определено.

Во членот 35 од Законот „Прибавување на докази“ е предвидено дека заради вршење на овластувањата утврдени со овој закон, Комисијата може од претпријатието или здруженија на претпријатијата да бара да достават податоци во врска со нивната економско-финансиска состојба, нивните деловни односи и врски како и податоци за нивните статути и одлуки и бројот и идентитетот на членовите засегнати со таквите одлуки. Комисијата потребните податоци од претпријатијата ги прибавува со доставување на заклучок против кој не е дозволена посебна жалба. Во заклучокот мора да биде наведена правната основа, предметот и целта на барањето, рокот за постапување по заклучокот и дека непостапувањето по заклучокот претставува прекршок кое согласно член 48 претставува повреда на законот за што е предвидена парична казна во висина од 1% од вредноста на вкупниот приход остварен во годината шти и претходи на годината во која е сторен прекршокот.

Според член 223 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005) со заклучокот се одлучува за прашања што се однесуваат на постапката. Со заклучокот се одлучува за оние прашања што како споредни ќе се појават во врска со спроведување на постапката, а кои не се решаваат со решение.

Во членот 225 став 3 од наведениот закон е предвидено дека заклучоците против кои не е допуштена посебна жалба, заинтересираните лица можат да ги побиваат со жалба против решението освен ако жалбата против заклучок со овој закон е исклучена.

Од наведените одредби произлегува дека заклучокот како правен акт кој се донесува кога во постапката се одлучува за преземање на определени процесни дејности, а кои се битни за понатамошниот тек на постапката, а во конкретниов случај се работи за обезбедување на докази, а против кој заклучок не е дозволена посебна жалба, може да се побива со жалбата против решението со кое се одлучува за главната работа и кое се доставува до странките определени со Законот за заштита на конкуренцијата.

Според Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против одлука донесена во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесен во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против одлука донесена во прв степен пред суд, а додека пак, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен е препуштено да биде уредено со закон.

Оттука, имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека неосновани се наводите во иницијативата дека на претпријатијата од кои со заклучок се бараат одредени податоци за водење на самата постапка, а кои нема да постапат по заклучокот за што е предвиден прекршок, против кој заклучок не е дозволена посебна жалба, затоа што во конкретниов случај, прво, и покрај фактот што против заклучокот не е дозовлена посебна жалба страните во постапката заклучокот можат да го побиваат со жалба против решението со кое мериторно е одлучено и второ, право е на законодавецот да предвиди во кои случаи странката во постапката пред државни органи може да поднесе жалба.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 35 ставовите 2 и 4 и член 48 став 1 точките 2 и 3 од Законот со одредбите од Уставот на кој се повикува подносителот на иницијативата.

8. Судот исто така утврди дека во оспорениот член 47 од Законот во делот „Тешки повреди на одредбите од Законот“ е предвидено дека со парична казна во износ од 10% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатијата, остварен во деловната година што и претходи на годината во која е сторен прекршокот ќе се казни за прекршок правно лице, ако со умисла или небрежност за преземање на одредени дејствија утврдено во точката 1, 2, 3, 4, 5, 6 и 7 овој член на Законот.

Во ставот 2 на овој член, пак, е утврдена висината на паричната казна што може да му биде изречена на физичко лице кое согласно со одредбата на овој закон има својство на претпријатие.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според Амандман XX со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или органиизација и друг орган кој врши јавни овластувања.

Против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредена со закон.

Во членот 14 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдени со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не било предвидена казна.

Во фунција на операционализација на член 14 од Уставот со Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) се определуваат општите услови за прoпишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочна санкција.

Според член 38 од Законот, за прекршоците на правните лица може да се изрече глоба и привремена забрана за вршење на определена дејност.

Во ставовите 2 и 3 на наведениот член од Законот е определено најнискиот и највисокиот износ на глоба што може да биде изречена на правното лице за сторен прекршок, при што во ставот 4 од член 38 е предвидено дека со Законот со кој се пропишува прекршокот може да се пропише и повисока глоба од определената во ставовите 2 и 3 на наведениот член.

Со Законот за заштита на конкуренцијата односно во оспорениот член 47 став 1 е предвидено парична казна за правното лице (која според Законот за прекршок е глоба) во висина од 10% од вредноста на вкупниот годишен приход на претпријатието остварено во деловната година што и претходи на годината во која е сторен прекршокот за определени забранети дејствија и однесување на правното лице на пазарот, а во став 2 на наведениот член е определена висината на паричната казна за физичко лице.

Од наведените одредби произлегува дека казнивите дела и казните се предвидуваат со закон или друг пропис, а во тие рамки како казниви дела можат да се предвидат и прекршоци што можат да ги сторат субјектите кои вршат определена дејност. При утврдувањето на прекршочни санкции за сторен прекршок право е на законодавецот и на доносителот на друг пропис да ја определи висината на прекршочната санкција во зависност од општествената опасност на казнивтеи дела и видот на сторителот.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека, утврдувањето на висината на прекршочната санкција односно висината на глобата не претставува елемент на пазарот и претприемништвото при што тој принцип не може да биде доведен во прашање.

Имено, Судот смета дека воведениот начин на пропишување на паричните казни – санкции за прекршоци е прашање на законодавната и казненета политика, и дека со тоа не се доведува во прашање начелото на еднаквост на субјектите на пазарот и слободата на пазарот и претприемништвото, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека со ваквиот начин на утврдување на висината на паричната казна за прекршок се доведени во нееднаква положба субјкетите на пазарот кои рентабилно работат на пазарот и остваруваат поголема добивка во однос на претпријатијата кои остваруваат помала добивка, со што се губи смислата на казната и санкцијата, Судот смета дека е прашање на законодавната и казнената политика, а не прашање за кое е надлежен Уставниот суд.

9. Судот понатаму утврди дека во член 57 од Законот е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2005 година (оспорен дел).

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба наспрема содржината на оспорениот член од Законот според кој законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија (Законот е објавен на 17 јануари) а ќе се применува од 1 јануари 2005 година очигледно е дека законот се применува ретроактивно, односно пред да влезе во сила поради што пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

Со оглед на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. По однос на барањето во иницијативата Судот да донесе решение за запирање на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот акт, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.133/2006
20 декември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи