205/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 4 од Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација на општина Делчево, во сектор В, одделение В.1 одделение за урбанизам, заштита на животна средина и комунални дејности за работно место бр. 2., бр. 08-1196/1 од 28 септември 2005 година.

2. Љубица Ѓеоргиевска од Делчево, преку полномошник Николчо Атанасовски, адвокат од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, условите за извршување на работите на работното место – соработник за издавање решенија за локација, услови за градба, решенија за градба ( високо образование – завршен градежен или архитектонски факултет и работно искуство од една година), утврдени во оспорениот член 4 од Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација на општина Делчево, не биле во согласност со потребните услови за извршување на овие работи, утврдени со член 52 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање ( дипломиран инженер архитект со работно искуство од најмалку три години во областа на урбанистичкото планирање).

Подносителот на иницијативата, како градежен инженер, бил распореден на наведеното работно место, поради што имал поднесено тужба за поништување на решението за распоредување, бидејќи не ги исполнувал законските услови.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја поништи како незаконита оспорената одредба од Правилникот, во делот на степенот на образование и во делот на работното искуство за наведеното работно место, со што ќе се создале правни претпоставки за постапување на граѓанскиот суд во постапката по тужба за поништување на решението за распоредување на подносителот на иницијативата на наведеното работно место.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 50 став 1 точка 12 од Законот за локалната самоуправа, член 36 став 1 алинеја 7 од Статутот на општина Делчево, како и Одлуката бр. 07-1054/1 од 31.08.2005 година, градоначалникот на општина Делчево донел Правилник за систематизација на работни места на општинската администрација во општина Делчево, бр. 08-1196/1 од 28.09.2005 година.

Со овој правилник се утврдува вкупниот број на вработени потребни за вршење на работите од надлежност на општинската администрација во општина Делчево, називот и распоредот на работните места, условите потребни за вршење на работите и задачите и описот на работните места.

Правилникот содржи 61 член, распоредени во следниве тематски целини: основни одредби; распоред на работните места по организациони облици и услови за нивно извршување, прикажани во табеларен преглед; опис на работните места, како и преодни и завршни одредби.

Во членот 4, кој е сместен во тематската целина – Распоред на работните места по организациони облици и услови за нивно извршување, во делот В „Сектор за урбанизам и заштита на животната средина, комунални дејности, уредување и одржување на градежно земјиште и изградба и одржување на локални патишта и улици“, дел В.1 „Одделение за урбанизам, заштита на животната средина и комунални дејности“, во табеларниот преглед под реден број 2, е утврдено работното место – соработник за издавање решенија за локација, услови за градба, решенија за градба, во звање соработник, утврдена е потреба од еден извршител, како и утврдени се потребните услови за тоа работно место – ВСС VII1 градежен или архитектонски факултет и една година работно искуство.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобен за уставносудска оцена.

Имено, оспорениот правилник има карактер на интерен акт со кој се определуваат работните места во општинската администрација, се утврдуваат условите потребни за извршување на овие работни места и се утврдува описот на работите и задачите кои се извршуваат на секое работно место, со што се овозможува остварување на работите од надлежност на општина Делчево, како единица на локалната самоуправа.

Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на неговата согласност со Уставот и со законот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.205/2006
20 декември 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи