165/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 декември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ деловите кои гласат

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.165/2006 од 1 ноември 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на деловите од членовите од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за градење.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник е донесен од министерот за транспорт и врски, врз основа на член 32 став 5 од Законот за градење.

Во членот 1 од Правилникот е утврдено дека со овој правилник се пропишува начинот на издавање, продолжување и одземање на овластување за изработка на проектна документација, ревизија на проекти и надзор над изградбата за градби од прва, втора, трета и четврта категорија на градби, формата и содржината на образецот за овластување А и овластување Б и висината на надоместокот за добивање на овластувањето.

Со останатите одредби од Правилникот, освен членот 3, се уредуваат прашањата за кои е донесен Правилникот, освен висината на надоместокот за добивање на овластувањето.

Членот 3 од овој правилник предвидел дека за издавање на овластување А се плаќа надоместок во висина од 1500 денари, а за издавање на овластување Б се плаќа надоместок во висина од 500 денари. Надоместокот за добивање на овластувањето се плаќа на сметка на Комората.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Според членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002) министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи кога за тоа е овластен со закон.

Според членот 56 став 1 од Законот, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Според Судот, имајќи го предвид наведеното, произлегува дека органите на државната управа имаат уставно овалстување да донесуваат подзаконски акти во функција на извршување на законите, особено кога законодавецот препуштил операционализацијата на законските одредби да се направи со акт на министерот, поаѓајќи од местото и улогата на органите на државната управа во системот на организацијата на власта.

Меѓутоа, со оглед на фактот што оспорениот Правилник е донесен врз основа на одредба од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) која во дел не е повеќе во правниот поредок, произлегува дека оспорениот Правилник нема законски основ за уредување на дел од прашањата кои се содржина во оспорениот Правилник. Имено, Уставниот суд со Одлука У.бр.155/2005 од 22 март 2006 година го укинал членот 32 став 5 од Законот за градење, во делот кој се однесувал на овластувањето на министерот, да ја определува висината на надоместокот од причина што Законот не содржел критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја определувал висината на надоместокот за добивање на овластувањето.

Од овие причини, Судот оцени дека во однос на насловот и членот 1 од Правилникот во деловите кои гласат: „и висината на надоместокот за добивање на овластувањето“ и во однос на членот 3, не се во согласност со наведените уставни одредби и со Законот за градење.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.165/2006
20 декември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи