204/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 52 ставовите 1 и 2 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002 и 31/2003).

2. Ѓорге Чурлинов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 52 ставовите 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 52 став 1 од Законот не бил во согласност со член 39 од Уставот затоа што на граѓанинот-осигуреник му се ускратувало едно од основните права на здравствена заштита. Во Законот за здравствена заштита не е утврдена постапка за начинот на ускратување на правото на здравствена заштита и почитување на волјата на двете страни, кои со поднесената пријава за здравствено осигурување која пријава претставува договор помеѓу Фондот и осигуреникот, Фондот еднострано го раскинува договорот и на граѓанинот не му го обезбедува уставното право на здравствена заштита.

3. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 1 од Законот за здравственото осигурување, за осигуреници за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правата на итна медицинска помош.

Ускратените права од став 1 на овој член повторно се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите пристигнати, а не уплатени обврски.

Воедно Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.171/2001 од 14 ноември 2001 година, не повел постапка за оценување уставноста на член 52 од Законот за здравствено осигурување.

Во образложението на решението се наведува дека тргнувајќи од уставните одредби на членовите 34, 35 и 39 од Уставот, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа и во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста. При тоа, Уставот само утврдил право на социјално осигурување и го гарантирал правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата препуштил да се уредат со закон.

Остварувањето на правата од здравствената заштита непосредно е поврзано со плаќање на придонес за здравствено осигурување што произлегува од задолжителното здравствено осигурување воспоставено со закон. Оттука и произлегува дека во здравственото осигурување е воспоставен принцип на взаемност помеѓу правата на осигурениците и плаќањето на придонес за здравствено осигурување. Ова од причини што законска обврска е да се обезбедат средства за остварување на уставната гаранција за правото на здравствена заштита преку уплата на придонес за здравствено осигурување во Фондот за здравственото осигурување. Според тоа принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните вложувања на осигурениците во Фондот за здравственото осигурување, а не и во изедначување на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаќање на придонесот.

Со оспорената одредба од Законот не се нарушува еднаквоста на граѓаните затоа што за осигурените лица се еднакви и правата но и обврските за плаќање на придонес. Напротив, еднаквоста на граѓаните би била нарушена со ставот наведен во иницијативата редовно да се обезбедува здравствена заштита и на оние кои не плаќаат. Со тоа тие би биле привилегирани во однос на оние осигуреници кои редовно го плаќаат придонесот. Ако тоа е дозволено и натаму ќе се зголемува бројот на оние кои не плаќаат придонес, а тоа ќе доведе до распаѓање на здравственото осигурување.

Врз основа на изнесеното, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба наводите во иницијативата, како и фактот што Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.177/2001 ја оценувал оспорената одредба од Законот, при што не нашол основ за поведување на постапка за оценување на нејзината уставност, а во предметната иницијатива не се наведени нови причини и аргументи кои би можеле да претставуваат основ за поинакво одлучување, Судот утврди дека постојат основи за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски кој го заменува претседателот на Судот и судиите Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.204/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
лк

Го заменува Претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски