Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 22 ставовите 1 и 3 од Правилникот за начинот на запишувањето на правата на недвижностите и начинот и постапката на излагањето („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2006 и 95/2006) донесен од директорот на Државниот завод за геодетски работи.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.20/2006 од 1 ноември 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука.
4. Судот на седницата утрди дека според оспорениот став 1 на член 22 од Правилникот при поединечно запишување на правото на недвижност која се наоѓа во катастарска општина во која е во примена катастар на земјиште – пописен катастар, барателот треба со поднесување на барањето да приложи и изјава во која ќе бидат наведени сите граничари на предметната недвижност со име, презиме и адреса на живеење.
Во ставот 2 на член 22 од Правилникот утврдено е дека писмено известените сопственици на соседните катастарски парцели кои биле присутни на денот на увидот и премерувањето и кои се согласни со граничните линии на предметната парцела, го потпишуваат записникот од премерувањето.
Според оспорениот став 3 на член 22 од Правилникот доколку недвижноста граничи со имот на Република Македонија и има разлика во површината помеѓу пописниот катастар и премерувањето поголема од 20%, во постапката на запишување на правата на недвижностите се вклучува Јавниот правобранител на Република Македонија.
5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е утврдено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а според став 3 на истиот член, организацијата и работата на органите на државната управа се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според член 12 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002) како управни организации, кои освен министерствата и другите органи и организации утврдени со Законот ја сочинуваат државната управа, се основаат: Државен архив на Република Македонија; Државен завод за геодетски работи и Државен завод за статистика.
Според член 55 став 2 од истиот закон, директорот на самостојниот орган на државната управа, односно на управната организација, донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Според член 61 став 2 од овој закон, со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Согласно член 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, („Службен весник на СРМ“ бр.27/1986 и 17/1991 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 109/2005 и 70/2006), премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон.
Согласно член 5 од овој закон работите на премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се во надлежност на Државниот завод за геодетски работи.
Според член 10 став 1 од истиот закон, запишувањето на недвижностите во катастарот на недвижностите е задолжително и се врши по службена должност или по барање на странката.
Премерот, катастарот и запишувањето на правата на недвижностите согласно членот 13 на овој закон се вршат според одредбите на Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон не е определено поинаку.
Според членот 50 од Законот, во катастарот на недвижностите се запишуваат: правото на сопственост, стварните и личните службености, товари и ограничувања и други права за кои запишувањето е определено со закон.
Согласно членот 53 од Законот, како носители на правата на недвижностите можат да се запишат домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа под услови и на начин предвидени со овој или друг закон.
Во членот 56 од Законот утврдено е дека директорот на Државниот завод за геодетски работи ќе донесе поблиски прописи за начинот на запишувањето на правата на недвижностите.
Во Глава V од Законот се уредуваат прашањата во врска со установувањето на катастарот на недвижностите, кое според членот 59 опфаќа: излагање на јавен увид на податоците за недвижностите со утврдување на правата на недвижностите, изготвување на катастар на недвижностите, поединечно запишување на правата на недвижностите и конверзија на податоците од катастар на земјиштето во катастар на недвижности.
Во членот 67 од Законот утврдено е дека во постапката за излагање на јавен увид на податоците за недвижностите во државна сопственост, се повикува Јавниот правобранител на Република Македонија.
Во членот 73 од Законот утврдено е дека директорот на Државниот завод за геодетски работи ќе донесе поблиски прописи за начинот и постапката на излагањето.
Согласно член 80-а од Законот, по установувањето на катастарот на недвижностите, правата на недвижностите од членот 65 на овој закон се запишуваат по барање на странката, согласно со одредбите на овој закон кои се однесуваат на постапката за излагање на јавен увид на податоците за недвижностите со утврдување на правата на недвижностите.
Постапката за поединечното запишување на правата на недвижностите е уредена во посебен поднаслов „3 Поединечно запишување на правата на недвижностите“ на Глава V „Установување на катастар на недвижности“. Од членовите што го сочинуваат овој поднаслов како побитни за одлучување во конкретниот предмет се член 81-а, член 81-б став 2 и член 81-в од Законот. Имено, согласно член 81-а од Законот, поединечното запишување на правата на недвижностите се врши по барање на странката во премерени и непремерени катастарски општини каде што е во примена катастар на замјиштето.
Во член 81-б став 2 од Законот пропишано е дека во непремерените катастарски општини податоците на земјиштето и зградите се прибираат со увид и премер на самото место, за што уредно ќе бидат писмено известени сопствениците на соседните катастарски парцели.
Според членот 81-в од Законот, по прибирањето на податоците за земјиштето и зградите, се спроведува постапка согласно со одредбите на овој закон кои се однесуваат на постапката за излагање на јавен увид на податоците за недвижностите со утврдување на правата на недвижностите.
Имајќи ги предвид наведените и другите одредби од Законот, директорот на Државниот завод за геодетски работи врз основа на овластувањето утврдено во член 56 и член 73 од Законот го донел Правилникот, чии одредби се оспоруваат со оваа иницијатива.
Според член 1 од Правилникот, со овој правилник се пропишува начинот на запишувањето на правата на недвижностите и начинот и постапката на излагањето.
Содржината на Правилникот е систематизирана во четири поглавја, а оспорениот член 22 е поместен во III поглавје насловено како „Излагање на податоците за недвижностите по барање на странката“, или поконкретно во вториот поднаслов „2. Поединечно запишување на правата на недвижностите“ од ова поглавје.
Разгледувајќи ја содржината на оспорениот став 1 на член 22 од Правилникот во однос на наведените одредби од Законот, а особено во однос на членот 81-б став 2 од Законот, според Судот јасно произлегува дека со оваа оспорена одредба не се врши операционализација, односно разработка на законската одредба содржана во член 81-б став 2 од Законот заради нејзино извршување, односно примена, како што се наведува во мислењето на Државниот завод за геодетски работи доставено до Судот со допис бр.03-7052/2 од 5 октомври 2006 година.
Напротив, според Судот обврската за приложување на изјавата во која ќе бидат наведени сите граничари на предметната недвижност со име, презиме и адреса на живеење при поднесување на барањето за поединечно запишување на правото на недвижност која се наоѓа во катастарска општина во која е во примена катастар на земјиште – пописен катастар, (односно која се наоѓа во непремерена катастарска општина), утврдена во оспорената одредба на ставот 1 на член 22 од Правилникот води кон неефикасност, дури и до неизвршување на член 81-б став 2 од Законот, затоа што граѓаните не секогаш ќе бидат во можност да ги наведат точно сите тие податоци за сопствениците на соседните катастарски општини, од причини што не располагаат со такви податоци, а ниту имаат начин да дојдат до нив.
Затоа, податоците кои се потребни заради уредно писмено известување на сопствениците на соседните катастарски општини со кои граничи недвижноста за која е поднесено барањето за поединечно запишување на правата на таа недвижност, според Судот треба да ги обезбеди самиот Државен завод за геодетски работи било од сопствените податоци со кои тој располага или пак на друг начин, а не за тоа да ги обврзува граѓаните. Впрочем, ваквата обврска на граѓаните не произлегува и од самата одредба на членот 81-б став 2 од Законот.
Тргнувајќи од наведените причини, Судот утврди дека наводите во иницијативата според кои со оспорениот став 1 на член 22 од Правилникот се пропишувала обврска за граѓаните и правните лица се основани и поради тоа оцени дека истиот не е во согласност со одредбите од Уставот и од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Што се однесува до оспорениот став 3 на член 22 од Правилникот, со кој според наводите во иницијативата бил повреден член 67 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, а со тоа истовремено биле повредени и членовите од Уставот наведени во иницијативата, Судот оцени дека и овој став на член 22 од Правилникот не е во согласност со Уставот и со Законот. Ова од причини што согласно членот 67 од Законот, во постапката на излагање на јавен увид на податоците за недвижностите во државна сопственост, секогаш и во секој случај се поканува Јавниот правобранител на Република Македонија. Тоа, со други зборови значи дека со овој член од Законот не се дозволува, односно не се допушта во постапката за излагање на јавен увид на податоците за недвижностите во државна сопственост Јавниот правобранител на Република Македонија во ниеден случај да не биде поканет, или, пак, да се поканува само во определени случаи, како што е и случајот на кој се однесува оспорената одредба на ставот 3 на член 22 од Правилникот.
Според Судот, оспорената одредба на ставот 3 на член 22 од Правилникот не може да се оправда не само од аспект на член 67 од Законот, во однос на кој со иницијативата се оспорува, туку и од аспект на член 81-б став 2 од Законот, според кој во секој случај при поединечното запишување на правата на недвижностите во непремерените катастарски општини, за увидот и премерот на самото место уредено се известуваат сопствениците на сите соседни катастарски парцели, па оттука секогаш се известува и Јавниот правобранител на Република Македонија, доколку овие недвижности граничат со катастарска парцела во државна сопственост.
Поради наведеното, Судот оцени дека членот 22 став 3 од Правилникот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот со напред наведените одредби од Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски кој го заменува претседателот на Судот и судиите Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.20/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
лк
Го заменува Претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски