У.бр.219/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Божица Антониевска и 178 потписници од Гостивар за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот повредени со Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Гзз.бр.67/2006 и Рев.бр.299/2006 од 5 април 2006 година.

2. Божица Антониевска и 178 потписници од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање-иницијатива за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот повредени со Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија означени во точката 1 од ова решение.

Во писмениот поднесок доставен од наведените лица се истакнува дека тие како поранешни и сегашни вработени во ТП „Гостиварска трговија“ – АД „Гетро“ Гостивар, поради фактот што организацијата не им исплатила надоместоци на име регрес за годишен одмор, хранарина и камата поради задоцнување на исплата на плата за период од 1993 до 1994 година, повеле спор пред надлежниот суд во Гостивар. Меѓутоа бидејќи биле повеќе тужители истите се поделиле во две групи. Првата група на тужители ги остварила своите права во рок од 2 години, а додека втората група кои се подносители на предметното барањето – иницијативата не успеале да ги остварат своите права. Оттука, подноситлите на барањето – иницијативата сметаат дека иако се работи за иста правна и фактичка состојба надлежните органи донеле две дијаметрално спротивни одлуки на кој начин е повреден член 9 од Уставот, односно начелото на еднаквост и тие биле дискриминирани во однос на првата група на тужители кои ги оствариле своите права.

Понатаму, подносителите на барањето – иницијативата кои воделе спор повеќе од 11 години во текот на целата постапка, за што се донесени повеќе првостепени и второстепени пресуди, укажувале дека на првата група на подносители (тужбеното барање за исплата на надомест на регрес за годишен одмор, хранарина), тужбеното барање им било усвоено, а на втората група тужбеното барање не им било усвоено. Со оглед на тоа поднесителите бараат од Уставниот суд согласно член 11, член 56 и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста на поединечниот акт и по спроведената постапка да ја поништи Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија Гзз.67/2006 и Рев.бр.299/2006 од 5 април 2006 година.

Со дополнување на барањето – иницијативата подносителите наведуваат дека со Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија е повреден член 9, член 51 и член 54 од Уставот, член 5 став 1, точка г) под 9 од Меѓународната конвеција за укинување на сите форми на расна дискриминација, член 1 од Протоколот на Европската конвенција за човековите права и член 14 од наведената Конвенција, член 26 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права, член 4 од Европската социјална повелба како и член 7 и член 23 став 2 од Универзалната декларација за човековите права.

Воедно, подносителите се повикуваат дека со Пресудата на Врховниот суд се повредувале и одредбите од член 7 став 4 точка 4 член, 66 став 2 и член 105 став 1 од Законот за работни односи од кои произлегува дека работникот има право на заработувачка согласно закон, колективен договор и договор за вработување.

3. Судот на седницата утврди дека Врховниот суд на Република Македонија на 5 април 2006 година одлучувајќи по барањето за заштита на законитоста подигната од Јавниот обвинител на Република Македонија и Ревизијата против Пресуда на Апелациониот суд во Скопје Гж.бр.4361/05 од 8.12.2005 година донел Пресуда, со која барањето за заштита на законитоста се уважува, а Пресудата на Апелациониот суд Скопје Гж.4361/2005 од 8.12.2005 се преиначува и се пресудува жалбата на тужителите да се одбие како неоснована, а Пресудата на Основниот суд Гостивар П.бр.1009/98-II од 6 февруари 2004 година под ставовите I и II се потврдува и решил ревизијата да се отфрли како недозволена.

Во образложението на Пресудата се наведува дека Основниот суд во Гостивар со Пресуда П.бр.1009/98-II од 6 февруари 2004 година под став I го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителите поединечно наведени во Пресудата да се задолжи тужената страна ТП „Гостиварска трговија“ „Гетро“ Гостивар по основ на неисплатен регрес за годишен одмор на тужителите да им исплати одреден износ за 1993 и 1994 година.

Со истата пресуда под став II било одбиено тужбеното барање на сите тужители наведени во изреката под став 1 да се задолжи тужениот да им исплати надомест за хранарина и затезна камата за ненавремено исплатена плата.

Апелациониот суд во Скопје со Пресуда Гж.бр.4361/2005 од 8.12.2005 година жалбата на тужителите ја усвоил, Пресудата на Основниот суд во Гостивар П.бр.1009/98 од 6 февруари 2004 година во став I и II од изреката во делот на одбиеното тужбено барање ја преиначил и пресудил на начин што го усвоил тужбеното барање на тужителите и го задолжил тужениот да им исплати на тужителите по основ на неисплатен регрес за годишен одмор и надомест за исхрана во одреден износ за период од наводите во изреката на побивањата пресуда.

Против Пресудата на Апелациониот суд, Јавното обвинителство подигнало барање за заштита на законитоста поради погрешна примена на материјалното право кое барање било уважено. Имено, Врховниот суд констатирал дека правилен бил заклучокот на првостепениот суд дека правото на надомест за регрес за годишен одмор и надомест за исхрана не им следува, бидејќи тужениот немал можности да исплаќа вакви надоместоци од кои причини го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителите.

Во однос на барањето за ревизија Врховниот суд донел решение со кое утврдил дека ревизијата како вонреден правен лек е недозволено имајќи предвид дека тужбеното барање на тужителот за исплата на регрес за годишен одмор и надомест за исхрана, а во износот посебен за секој од тужителите не го преминува износот од 1.000.000 денари.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Членот 52 од Деловникот на Уставниот суд утврдува дека во барањето од член 51 е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Имајќи ги предвид наводите содржани во барањето, како и од појаснувањето на барањето произлегува дека во суштина барањето не се однесува на заштита на слободите и правата на што барателите само начелно се повикуваат, туку барањето се однесува на испитување од страна на Уставниот суд на уставноста на акт на суд од аспект на различно пресудување по предмети со исти тужбени барања. Имено подносителите бараат Уставниот суд да постапува како инстанционен суд и да одлучува за уставноста на Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија и да утврди дека постои повреда на членовите 9, 51 и 54 од Уставот, член 5 став 1 точка 1 точка г) под 9 од Меѓународната конвеција за укинување на сите форми на расна дискриминација, член 1 од Протоколот и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, член 4 од Европската социјална повелба како и членовите 7 и 23 став 2 од Универзалната деклатација за човекови права.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека поднесеното барање не претставува барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои во согласност со член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити Уставниот суд, туку дека претставува барање Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странки по конкретен предмет од надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски кој го заменува претседателот на Судот и судиите Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.219/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е

Го заменува Претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски