Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ деловите кои гласат
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 164/2006 од 18 октомври 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста на деловите од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник, бил донесен од страна на министерот за транспорт и врски, врз основа на член 14 став 2 и 5 од Законот за градење. Правилникот содржи 10 члена.
Според член 1 од Правилникот, со овој правилник се пропишува начинот на издавање, продолжување и одземање на лиценца за управител на градба од прва, втора и трета категорија, формата и содржината на образецот на лиценцата, формата, содржината и начинот на водењето на регистарот за издадени лиценци и висината на надоместокот за добивање на лиценца за управител на градба.
Според член 4, за издавање на лиценца за управител на градба се плаќа надоместок во висина од 10 000 денари. Надоместокот од став 1 на овој член се плаќа на сметка на Комората.
Останатите членови од Правилникот, уредуваат прашања кои се однесуваат на образецот на лиценцата, начинот на издавање на лиценцата, продолжувањето на лиценцата, одземањето на лиценцата, водењето на регистарот на издадени лиценци како и одредба за стапување во сила на Правилникот.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.
Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Уставниот суд со Одлука У.бр. 155/2005 од 22 март 2006 година меѓу другите, го укина ставот 2 на член 14 во делот: “Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот”, од Законот за градење. Во образложението на оваа одлука, Судот застана на становиште дека во отсуство на критериуми во самиот закон, врз основа на кои надлежниот министер би ја определувал висината на надоместокот за добивање на лиценца за управител на градба, се остава простор за мешање на извршната во законодавната власт, односно дека ваквото овластување на министерот за транспорт и врски нема уставна основа и претставува повреда на принципот за поделбата на државната власт од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.
Од ова произлегува, дека оспорениот правилник е донесен врз основа на одредба од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005) која не е повеќе во правниот поредок, односно дека оспорениот Правилник нема законски основ за уредување на прашањето на висината на надоместокот за добивање на лиценца за управител на градба.
Правилникот е донесен и врз основа на ставот 5 на член 14 од Законот за градење според кој, начинот на издавање, продолжување и одземање на лиценцата од ставот 1 на овој член, формата и содржината на образецот на лиценцата, формата, содржината и начинот на водењето на регистарот од ставот 4 на овој член, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Ова значи дека оспорениот правилник ја уредува целата оваа материја, а не само прашањето за висината на надоместокот за добивање на лиценца за управител на градба.
И покрај тоа што со поднесената иницијатива Правилникот се оспорува во целост, со оглед на тоа што правниот основ за уредување на другите прашања што се предмет на овој правилник, освен прашањето за надоместокот, и понатаму останува валиден, односно важечки, Судот утврди дека деловите од Правилникот со кои се уредува прашањето на надоместокот и неговата висина, односно деловите кои гласат: „и висината на надоместокот за добивање на лиценца за управител на градба“ во насловот и во членот 1, како и членот 4 од Правилникот не се во согласност со Уставот и со наведените закони.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски кој го заменува претседателот на Судот и судиите Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.164/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
тјт
Го заменува претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Трендафил Ивановски