Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 декември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Одлуката за донесување Детален урбанистички план за градска четврт „Старо Водно“ – Скопје, број 07-545/1од 24 мај 2001 година („Службен гласник на град Скопје“ број 9 од 22 јуни 2001 година); и
б) Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за „Старо Водно“ урбани модули М1, М2, М3, М4 и М5 – Скопје, број 07-467/1 од 18 февруари 2005 година („Службен гласник на град Скопје“ број 2 од 3 март 2005 година).
2. Група граѓани од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките кои се означени во точката 1 од ова решение.
Со иницијативата се оспоруваат одлуките за донесување и за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план „Старо Водно“ во Скопје, поради тоа што се предвидувало изградба на станбени објекти на улицата „Елисие Поповски“, кои според нивото на градба и планираната висина и обем од П+3+П, би го нарушиле нормалното функционирање на објектите во постојното урбано подрачје на жителите од улиците „Козара“ и „Антон Панов“ во Скопје, од аспект на осветлувањето и малото растојание меѓу објектите. Во иницијативата, исто така се наведува дека согласно членот 52 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) е предвидено дека надлежниот орган што го донесува решението за локациски услови писмено ги информира за содржината на решението непосредните соседи на градежната парцела за која се однесува решението. Со оглед на тоа што надлежниот орган во општината има издадено услови за градба на предметните стамбени објекти број 34-16-1535/2 од 1 јуни 2004 година, а за тоа никој од непосредните соседи не бил известен, со иницијативата се предлага Судот да го укине планот односно одлуките за негово донесување и изменување и дополнување, како несогласни со Законот.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на општината Центар – Скопје ја донело Одлуката за донесување Детален урбанистички план за градска четврт „Старо Водно“ – Скопје, со која во членот 1 е определено дека планот се донесува, а во членот 2 се дефинирани границите на планот.
Во членот 3 од Одлуката е утврдено дека планот содржи документациона и планирана состојба и дека составен дел на оваа одлука се текстуалниот дел на планот, графички прилози, одредби за спроведување на планот и извештајот од јавната анкета со осврт од стручната комисија.
Според членот 4 од Одлуката, планот се заверува со печат на Советот на општината Центар и потпис на претседателот на Советот, според членот 5 и членот 6 Одделението за урбанизам на Општината во определен рок треба да обезбеди документација за остварување на планскиот документ и се грижи за негова реализација, а во членот 7 е определено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на град Скопје“.
Советот на општина Центар – Скопје ја донело и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за „Старо Водно“ урбани модули М1, М2, М3, М4 и М5 – Скопје, со која во членот 1 е определено дека со оваа одлука се вршат измени и дополнувања на планот, а во членот 2 се дефинирани границите на опфатот на измените и дополнувањата поединечно за урбаните модули.
Во членот 3 од Одлуката е определено дека планот содржи текстуален и графички дел, а според членот 4, оваа одлука се заверува со печат на Советот на општината и потпис на претседателот на Советот на општината. Оваа одлука, согласно членот 7 влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањет во „Службен гласник на град Скопје“.
4. Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со иницијативата се оспоруваат Одлуките донесени од Советот на општина Центар – Скопје од аспект дека не биле во согласност со членот 52 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој надлежниот орган што го донесува решението за локациски услови писмено ги информира за содржината на решението непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува решението.
Наведената одредба од Законот е во делот кој се однесува на „Спроведување на плановите“ во кој е меѓу другото уредено дека решението за локациски услови важи една година од неговата правосилност и во тој рок барателот е должен да обезбеди одобрение за градење.
Оттука, Судот оцени дека со иницијативата се оспоруваат одлуките од аспект на нивното спроведување односно од аспект дека тие не биле во согласност со членот 52 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи во текот на постапката за спроведувањето на планот (донесен и изменет со наведените одлуки) не се почитувала законската одредба, па поради тоа оспорените одлуки биле незаконити.
Воедно, Судот оцени дека Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за градската четврт „Старо Водно“ – Скопје, е донесена од Советот на општината Центар – Скопје, на 24 мај 2001 година и е објавена во „Службен гласник на град Скопје“ број 9 од 22 јуни 2001 година, а Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за „Старо Водно“ урбани модули М1, М2, М3, М4 и М5 – Скопје е донесена од Советот на општината на 18 февруари 2005 година и е објавена во „Службен гласник на град Скопје“ број 2 од 3 март 2005 година.
Со оглед на тоа што оспорените одлуки не се оспоруваат од аспект на согласноста на постапките за донесување, изменување и дополнување на планот, со законот кој важел во време на водење на тие постапки за што Судот е надлежен да одлучува, туку исклучиво се оспоруваат во однос на спроведувањето на планот во урбаниот простор и тоа со одредби од Законот за просторно и урбанистичкко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) кој стапил во сила на 30 јуни 2005 година и е во важност во однос на примената на планот, што не е предмет на уставносудска оцена, Судот утврди дека согласно наведените уставни и деловнички одредби постојат услови за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.187/2006
6 декември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи