70/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2006) и на Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2006).

3. Група од седум вработени во ОУ „Мануш Турновски“ од Ново Село, Драган Коровешовски од Охрид, група од 13 воспитувачи од Делчево, вработени во основни училишта и детска градинка, Јован Ѓуровски од Битола, Снежана Владева од Свети Николе, група од пет воспитувачи вработени во ОУ „Гоце Делчев“ од Василево и Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од група вработени во ОУ „Мануш Турновски“ од Ново Село, со оспорените законски одредби бил повреден член 52 став 4 од Уставот, затоа што имале ретроактивно дејство и биле неповолни за граѓаните, односно вработените во забавиштата, кои на денот на приемот на работа согласно тогаш важечкиот закон биле примени на неодредено работно време, а сега во оспорениот член 3 на Законот означен во точката 1 од ова решение, за реализација на програмите во подготвителната година се барало тие да имаат завршени високо образование за одделенска настава.

Понатаму, во оваа иницијатива се наведува дека со оспорените членови се повредувал и член 9 став 2 од Уставот, затоа што вработените воспитувачи во основното образование се ставени во нееднаква положба во однос на останатите вработени наставници во одделенска и предметна настава. Ова од причини што со Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2004) во член 32 било предвидено дека за изведување на настава, како во одделенска, така и во предметна настава кандидатите треба да имаат завршено високо образование, а во членот 77 од тој закон, за постојниот наставен кадар со завршено више образование било предвидено и натаму да ги врши работите на работните места на кои се затекнати пред денот на влегување во сила на тој закон. На овој начин, со тој закон била отстранета можноста за негово ретроактивно дејство, што не било случај со оспорениот член 3, а посебно со оспорениот член 15 од овој закон, кој што имал ретроактивно дејство.

Во иницијативата поднесена од Драган Коровешовски од Охрид се оспорува уставноста само на членот 66 став 2, односно на член 3 од Законот означен во точката 2 од ова решение, со кој всушност е изменет ставот 2 на член 66 од основниот текст на Законот за основното образование.

Според наводите во оваа иницијатива, оспорената одредба од член 3 на Законот претставувала негација на статусот и стручноста на лицата со завршено високо образование за претшколска возраст, односно за возраст од 5 до 7 години, затоа што тие според оваа одредба не можеле да ја реализираат програмата од подготвителната година, иако согласно програмите на настава во високото образование кое го завршиле биле специјализирани за работа токму со деца од подготивтелна година.

Оттука, според подносителот на оваа иницијатива, правната ситуација настаната со оспорената законска одредба била неповолна за овој кадар, со оглед на тоа што доведувала до губење на веќе стекнати права за оние кои имаат засновано работен однос во основните училишта согласно нивната стручност. Сето тоа, оспорената законска одредба ја правело да не е во согласност со принципот на владеењето на правото, утврден како темелна вредност на уставниот поредок, со член 32 став 5 и со член 51 од Уставот.

Со оваа иницијатива, се предлага Судот, до донесување на конечна одлука, да донесе и решение со кое привремено ќе се забрани примената на оспорената законска одредба.

Во иницијативата поднесена од група воспитувачи од Делчево се наведува дека со членовите 3 и 15 од Законот досегашните воспитувачи биле ставени во нееднаква положба во однос на колегите по предметна и одделенска настава, кои, исто така, имале вишо образование, а не биле задолжени да го продолжат образованието за разлика од нив кои според Законот се задолжени во одреден рок да го оформат образованието кое се предвидува во оспорениот член 3, а во спротивно според член 15 ќе го изгубиле работното место.

Според подносителите на оваа иницијатива, нерамноправната положба меѓу овие две категории на вработени во основните училишта произлегувала пред се доколку се спореди член 4 со член 15 од Законот, при што можело да се констатира дека за вработени во иста установа со исто образование (вишо) се применети различни критериуми за професионално доусовршување, односно се утврдени различни решенија во однос на нивниот иден статус.

Јован Ѓуровски, воспитувач во подготивтелна година од Битола, во иницијативата наведува дека со оспорените членови од Законот, постојните воспитувачи од подготвителната година со високо образование (Факултет за воспитувачи) биле ставени во нерамноправна положба во однос на другите наставници во основното образование. Нерамноправноста се состоела во тоа што според Законот, наставниците – воспитувачи, со оглед на тоа што не биле остручени да изведуваат настава во I и II одделение, требало да се стекнат со високо образование за одделенска настава (Факултет за учители), додека, наспроти нив наставниците со VI или VII степен (ВПШ и Факултет за учители), иако и тие требало да водат ученици во подготвителна година, тие со Законот не биле задолжени да завршат факултет за воспитувачи. Исто така, во оваа иницијатива се наведува дека со овој закон биле опфатени само воспитувачите со соодветно високо образование од подготвителна година во основно училиште, додека не биле опфатени педагозите со Филозофски факултет – група педагогија, кои сега биле воспитувачи во подготвителна година.

Снежана Владева од Свети Николе, во иницијативата најпрво наведува дека членот 66 став 2 од Законот за основното образование кој што е изменет со член 3 од Законот за изменување и дополнување бил во спротивност со член 32 став 2 од Уставот, затоа што со него се ускратувало остварувањето на уставно загарантираното право според кое секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Имено, според наводите во оваа иницијатива, оспорената законска одредба го оневозможува остварувањето на правото на работа во целост на сите оние кои имаат завршено Педагошки факултет, насока предучилишно образование и се стекнале со звање професор по предучилишно образование, како и на оние кои се студенти по оваа насока.

Со оглед на тоа што по донесувањето на оспорените измени на Законот за основното образование професорите за предучилишно образование за да можеле да работат морале да се дошколуваат, додека пак наставниците кои би требало да работат со децата од предучилишното образование немале обврска да дополагаат предмети од предучилишната насока, подносителката смета дека оние кои завршиле Педагошки факултет – одделенска настава се ставени во многу попривилегирана положба во однос на оние со звршено факултет за предучилишно образование, во поглед на вработувањето. Поради наведените причини, таа смета дека со членот 66 став 2 од Законот за основно образование се повредува гарантираното право од членот 32 став 2 од Уставот и предлага да се поведе постапка за оценување на неговата уставност.

Според наводите во иницијативата и на нејзиното дополнување и прецизирање, поднесена од група воспитувачи од ОУ „Гоце Делчев“ од Василево, со оспорените членови 3 и 15 од Законот се повредувал член 9 од Уставот, затоа што образованието на вработените во иста дејност (основно образование) било нееднакво третирано, односно вреднувано. Имено, според овие одредби дури и оние наставници со високо образование за воспитувачи не биле соодветни за реализирање на наставата во подготвителната година, додека за разлика од нив како соодветни за тоа биле наставниците со високо образование за одделенска настава.

Повредата на член 9 од Уставот, произлегувала и оттаму што согласно член 77 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004), наставниците со више образование во предметна и одделенска настава затечени со донесување на означениот закон, останувале и натаму да ги вршат работите на работните места на кои се затекнати, а со оглед на тоа што со оспорените измени на Законот за основното образование овие наставници не биле опфатени, тие и после овие измени останувале да работат со више образование.

Во иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, меѓу другото, се наведува дека со членот 3 и 15 од Законот, вработените воспитачи во градинките и училиштата, кои до сега работеле со деца од оваа возраст (6-7 години), биле ставени во незавидна и нееднаква правна положба, затоа што им се наметнувало задолжително дооформување на образованието и тоа за неверојатно краток временски период од само 2 години од влегувањето во сила на овој Закон (31.03.2006 година), а во спротивно ќе им престанел работниот однос. Според овој подносител на иницијатива, причина за престанување на работниот однос на граѓанинот не можело да биде ненавременото стекнување соодветно образование во текот на работата, како што било предивдено во оспорената одредба на член 15 од Законот, затоа што во тој случај се повредувало уставно гарантираното право на работа и достапноста на секое работно место од членот 32 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и веќе стекнатите права.

Тргнувајќи од одредбата на член 9 и член 32 став 5 од Уставот, овој подносител, исто така, смета дека со оспорениот член 15 од Законот се воспоставувал нов и поинаков режим за определување на работниците – постојните воспитувачи на кои работниот однос им престанува доколку во рок од две години не го стекнат соодветното образование од оној што е утврден во Законот за работните односи (член 62), поради што и по тој основ работниците – постојните воспитувачи се доведувале во нееднаква, односно нерамноправна положба, што не било во согласност со начелото на еднаквост, утврдено во член 9 од Уставот. Освен тоа, оспорената одредба на член 15 од Законот, според овој подносител на иницијатива, не била ниту јасна, ни потполна, со оглед на тоа што не можело да се утврди под кои услови постојните воспитачи во подготвителна година ќе го стекнат соодветното високо образование, каков ќе биде нивниот статус – нововработени или преземени работници и кој ќе ги плати трошоците за високото дообразование. Исто така, тој смета дека законодавецот не би требало постојано и во краток временски период да ги менува условите за соодветна стручна подготовка, бидејќи со тоа се нарушувала правната сигурност на граѓаните.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 3 од Законот означен во точката 2 од ова решение, членот 66 став 2 се менува и гласи:

„Реализација на програмите од подготвителната година ја вршат наставници со завршено соодветно високо образование за одделенска настава“.

Во врска со оспорениот член 15 од овој закон, Судот утврди дека во време на поднесувањето на иницијативите, според овој член постојните воспитувачи во подготвителна година се должни да стекнат соодветно образование согласно со овој закон, во рок од две години од денот на неговото влегување во сила, во спротивно им престанува работниот однос.

Меѓутоа, по поднесување на иницијативите, овој член од Законот претрпе соодветни изменувања и дополнувања и тоа:

Според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006) во членот 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2006) зборот „две“ се заменува со зборот „четири“.
По ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:
„Одредбата од ставот 1 на овој член не се однесува на постојните воспитувачи во подготвителна година на кои на денот на влегувањето во сила на овој закон им недостасуваат уште пет години за исполнување на условите за остварување право на старосна пензија“.

Со оглед на наведеното, при уставно-судската анализа на оспорениот член 15, Судот ги имаше предвид и неговите изменувања и дополнувања извршени со означениот закон, по поднесување на иницијативите.

5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 44 од Уставот секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, додека според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Како една од гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, во член 52 став 4 од Уставот е утврдена забраната на повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на образование, како комплексно прашање Уставот го уредува само начелно, предоставајќи го неговото поблиску уредување со закон.

Оттука, неспорно е дека Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт, може да донесува закони, меѓу другото, и за уредување на прашања и односи поврзани со остварувањето на уставно утврденото право на основното образование, кое е задолжително. Во рамките на уредувањето на овие прашања, законодавецот може да ги пропише и условите под кои се изведува воспитно – образовната дејност во основното образование, во смисла на утврдувањето на стручната подготовка на наставниците и другиот кадар кои можат да вршат определени работи од оваа дејност, како што впрочем тоа и го направил со Законот за основното образование („Службен весник на Република македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 82/2004-исправка, 55/2005, 81/2005, 113/2005, 35/2006 и 70/2006).

Имено, во членот 66 став 1 од наведениот закон утврдено е дека воспитно-образовната дејност во основното образование, која дејност, пак, според членот 11 на овој закон е од јавен интерес, ја остваруваат наставници, стручни соработници (педагог, психолог, социолог, дефектолог, библиотекар) и воспитувачи.

Во став 2 на член 66 од Законот за основното образование, кој што е изменет со оспорениот член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2006), утврдено е дека реализација на програмите од подготвителната година ја вршат наставници со завршено соодветно високо образование за одделенска настава.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, како и содржината на оспорениот член 15 од Законот означен во точката 1 од ова решение, кој што е изменет и дополнет со Законот означен, исто така, во точката 1, од ова решение, Судот утврди дека овој член по својата содржина и карактер всушност претставува преодна одредба, со која се регулира преодниот режим, односно начинот на преминување од постојните правни норми кон новите.

Според Судот не е спорно дека законодавецот има право при промена на режимот на уредување на односите во одделна област, во конкретниот случај при промена на видот на стручната подготовка, да го уреди преминот од стариот во новиот режим. Меѓутоа, државата овој премин треба да го обезбеди на начин кој подразбира избраните мерки, односно средства да бидат соодветни на целите и причините поради кои се предвидуваат, а притоа да не се доведе во прашање, или во поголем обем да не се загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат. Понатаму, според Судот, законодавецот исто така, треба да има ист однос, односно пристап при уредување на преодниот режим во сите идентични или слични случаи, односно прашања.

Раководејќи се од наведеното, а не навлегувајќи во целисходноста на условот што е утврден во оспорениот член 3 од Законот во поглед на потребната стручна подготовка на лицата за реализација на програмата во подготвителната година, според Судот, обврската што со оспорениот член 15 став 1 од Законот им се наметнува на постојните воспитувачи во подготвителната година не е пропроционална мерка со целите за кои е утврдена, со оглед дека претставува прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а и загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, ако се има предвид последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпи доколку во утврдениот рок не се стекнат со соодветното образование.

Според Судот, со оспорениот член 15 од Законот, исто така, се доведува во прашање и остварувањето на легитимните очекувања на субјектите, во конкретниот случај на веќе вработените воспитувачи кои тие ги имале во моментот на засновањето на работниот однос согласно условите што со Законот за основно образование биле утврдени за вршење на работите за кои и го засновале работниот однос.
Понатаму, Судот при уставно-правната анализа на оспорениот член 15 од Законот, ги имаше предвид и сите досегашни изменувања и дополнувања на Законот за основното образование, од кои може да се констатира дека членот 66 чиј став 2 е изменет со оспорениот член 3 од Законот, целосно е менуван неколку пати и тоа: со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997), потоа со член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002) и со член 32 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004).
Во сите наведени изменувања на членот 66 од Законот за основното образование, во кои инаку се утврдени условите во поглед на стручната подготовка на лицата кои може да ја вршат воспитно-образовната дејност во основното образование, законодавецот утврдувал и соодветни преодни одредби. Така, како преодна одредба, се наведува член 119 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995), со кој е утврдено дека постојниот кадар во одделенска настава со завршена учителска школа и Виша дефектолошка школа и натаму ги врши работите на работните места на кои се затекнати при влегување во сила на овој закон.
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на РМ” бр.24/96) во член 5 е предвидено дека во член 119 по став 1 се додава нов став 2 кој гласи: “Вработените наставници во училиштата за основно музичко образование со работно искуство над 15 години настава и натаму ги вршат работите на работните места на кои се затекнати при влегување во сила на овој закон.

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование (” ;Службен весник на РМ” бр.35/97) во член 10 е предвидено дека: “Во член 119 по став 2 се додаваат нови ставови 3 и 4 кои гласат: ” Наставниците кои изведуваат настава во посебни училишта и паралелки во основните училишта со работно искуство над десет години во настава и натаму ги вршат работите и на работните места на кои се затекнати со влегувањето во сила на овој закон. Наставниците кои не ги исполнуваат условите од ставовите 2 и 3 на овој член се должни да се стекнат со соодветно образование најдоцна за 2 години повеќе од времето што е предвидено за редовно завшрување на тој вид образование.

Ставовите 1 и 2 на член 119 од Законот за основното образование важеле се додека со членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002) не биле избришани, така што Законот сега воопшто не содржи преодна одредба за статусот на кадарот за кој се однесуваа овие два става на овој член од Законот.

Соодветно на измените на членот 66 што се направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004), во членот 77, од овој Закон, кој што е преодна одредба е утврдено: „Постојниот наставен кадар со завршено више образование во одделенска и предметна настава и натаму ги вршат работите на работните места на кои се затекнати пред денот на влегувањето во сила на овој закон“.

Со членот 1 на Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005), во членот 77 на претходно наведениот закон по став 1 се додава нов став 2, кој гласи:

„Наставниците во одделенска настава и по предметна настава со завршено више образование кои работат на определено време во основните училишта на ден 31 август 2005 година можат да засноваат работен однос на определено време до 31 август 2007 година“.

Од наведените преодни одредби од Законот за основното образование произлегува дека законодавецот во сите од нив на одредена категорија наставен кадар кој што не ги исполнувал новоутврдените услови за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образование им овозможувал и понатаму да ги врши работите на работните места на кои се затекнати на денот на влегување во сила на соодветните измени без да ги задолжува во определен рок да се здобијат со соодветното образование (со еден исклучок член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/1997) и со закана дека доколку не се здобијат со такво образование ќе им престане работниот однос, како што е предвидено во ставот 1 на оспорениот член 15 од Законот.

Оттука, разгледувајќи го оспорениот член 15 од Законот, заедно со неговите измени и дополнувања, според Судот, овој член сам по себе не создава нееднаквост меѓу вработените воспитувачи во подготвителната настава во основните училишта. Меѓутоа, доколку овој член се разгледува во однос на сите досегашни преодни одредби на законите со кои се вршени изменувања или дополнувања токму на членот 66 од Законот за основното образование, произлегува дека со решението на оспорениот член 15 од Законот, законодавецот видно отстапува од неговиот дотогашен приод, односно начин на решавање на преминот од стариот кон новиот систем во областа на основното образование.

Имено, имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената законска одредба, според Судот, јасно произлегува дека законодавецот во конкретниот случај различно постапил при уредувањето на преодниот режим за постојните воспитувачи во подготвителната година кои немаат соодветно образование согласно овој закон, поради што со член 15 од Законот, постојните воспитувачи во подготвителната година се доведени во нерамноправна положба во однос на наставниот кадар кој, исто така, немал соодветно образование какво што се предвидувало во тогашните изменувања на членот 66 од Законот за основното образование, а сепак за овој кадар не била предвидена обврска за стекнување на соодветно образование, ниту се предвидувал престанок на работниот однос, доколку не се стекнат со такво образование.

Поради наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2006) и на Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006) со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

6. Во врска со оспорениот член 3 од Законот, означен во точката 2 од ова решение, Судот утврди дека, оваа одредба, како и останатите одредби на членот 66 од Законот за основното образование, се однесува на посебните услови и тоа во однос на степенот на стручната подготовка, што треба да ги исполнуваат лицата за остварување на воспитно-образовната дејност во основното образование, кои законодавецот има право да ги утврдува согласно член 32 став 5 од Уставот. Притоа, кој степен и кој вид на стручна подготовка ќе биде утврден за вршење на воспитно-образовната дејност, а во конкретниот случај за реализирање на програмите од подготвителната година, која со Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004) е опфатена со задолжителното основно образование кое трае девет години, според Судот е работа на целесообразност и е прашање што го оценува законодавецот, врз основа на научни и строго стручни анализи и согледувања.

Поради тоа што наведените услови се утврдени со закон, Судот оцени дека наводите во иницијативите според кои оспорениот член 3 од Законот бил во спротивност со членот 32 став 5 од Уставот, се неосновани или поточно беспредметни.

Исто така, со оглед на тоа што со утврдувањето на условите за реализација на програмите од подготвителната година од задолжителното основно образование, со членот 3 од Законот всушност се создаваат правни претпоставки за остварување, а не за ограничување на правото на работа утврдено во членот 32 став 1 од Уставот, како и со оглед на тоа што стручната подготовка утврдена во овој член 3 од Законот еднакво се однесува за сите граѓани и важи за во иднина, односно по неговото влегување во сила и тоа без никакви ограничувања на правото за вработување по било кој основ, Судот оцени дека наводите во иницијативите според кои со овој член од Законот се повредува правото од член 32 став 2 од Уставот за достапност на секому, под еднакви услови, на секое работно место и дека се создавала нерамноправна положба на граѓаните и оваа одредба имала повратно дејство се, исто така, неосновани.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 3 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1, 2 и 5 и со член 52 став 4 од Уставот во однос на кои се оспорува неговата уставност.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.70/2006
6 декември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи