169/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седниците одржани на 6 декември 2006 година и на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 5 алинеја 3 и член 26 став 9 во делот „или оперативна инструкција донесена од страна на директорот“ од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ број 81/2005).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оцена на уставноста на член 26 став 7 трета реченица, во делот „директорот“, член 29 став 1 точка 5 и член 30 став 6 во делот „директорот“ од Законот означен во точка 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби во член 9 став 5 алинеја 3 од Законот, според кои мандатот на директорот и на заменикот на директорот можел да престане само доколку бил осуден за кривично дело, како и одредбите на член 29 став 1 точка 5 од Законот, според кои на службеникот му престанувал работниот однос во Управата за јавни приходи со одлука на директорот ако бил осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за службеник и за вршење на служба во Управата за јавни приходи, претставувале правни последици од осуда кои не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, како што било предвидено со оспорените законски одредби, туку тоа можело да се прави само со правосилна судска одлука за изречена казна затвор. Поради тоа, со оспорените одредби се повредувале уставното начело на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51; начелото на еднкавост на граѓаните од член 9; начелото на презумпција на невиност и законитост во пропишувањето и изрекувањето на кривичните санкции утврдени со член 13 став 1 и член 14 став 1; правото на работа и достапност на работните места секому под еднакви услови од член 32 став 1 и 2, како и со член 54 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, одредбата во член 26 став 7 третата реченица од Законот, според која кандидатите кои не се избрани имаат право на приговор до директорот во рок од осум дена од добивањето на одлуката за изборот, како и одредбата од член 30 став 6 од Законот, според која против одлуката од ставот 5 на овој член службеникот има право на приговор до директорот во рок од осум дена од денот на доствување на одлуката, не биле во согласност со начелото на двостепеност, т. е. и по приговорот решавало истото лице – директорот кој решавал во прв степен, а не одлучувал друг повисок орган од органот што одлучувал во прв степен во што се состоело и деволутивното дејство на приговорот-жалбата. Со тоа се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и Амандман 21 на Уставот на Република Македонија.

Одредбата во член 26 став 9 од Законот, според која начинот и постапката за проверка на работните способности и процедурите за започнување на вработувањето, освен со Колективниот договор, можеле да се уредат и со оперативна инструкција донесена од страна на директорот, немала основ во Уставот на Република Македонија, затоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба, согласно член 32 став 5 од Уставот, се уредувале со закон и со колективен договор, а не и со оперативна инструкција донесена од министерот, како што било предвидено во случајот.

Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 9 став 5 алинеја 3 од Законот за Управата за јавни приходи, мандатот на директорот и заменикот на директорот може да престане доколку е осуден за кривично дело.
Согласно член 26 став 7 од овој закон, директорот одлучува за избор од пријавените кандидати. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите треба да бидат известени во писмена форма за извршениот избор во рок од осум дена од денот на донесувањето на одлуката. Кандидатите кои не се избрани имаат право на приговор до директорот во рок од осум дена од добивањето на одлуката за изборот.

Согласно став 9 на истиот член, начинот и постапката за проверка на работните способности и процедурите за започнување на вработувањето ќе се уредат со Колективниот договор или оперативна инструкција донесена од страна на директорот.

Според член 29 став 1 точка 5 од овој закон, на службеникот му престанува работниот однос во Управата за јавни приходи со одлука на директорот ако е осуден за кривично дело во врска со со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за службеник и за вршење на службата во Управата за јавни приходи – со денот на врачувањето на правосилната пресуда.

Според член 30 став 6 од истиот закон, против одлуката за суспендирање или враќање на работа на службеникот која ја носи директорот во писмена форма, службеникот има право на приговор до директорот во рок од осум дена од денот на доставувањето на одлуката. Жалбата не го задржува извршувањето на одлуката.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно член 19 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („ Службен весник на Република Македонија“ број 58/2000), Управата за јавни приходи е основана како орган во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице.

Со цел да се создадат основи за пристапување кон процес на реорганизација на Управата за јавни приходи во ефикасна и ефективна организација во сите сегменти на нејзиното работење поради остварување на основната мисија – наплата на даноците согласно закон заради обезбедување остварување на функциите на државата и давање помош и поддршка на даночните обврзници за доброволно исполнување на даночните обврски, законодавецот го донел Законот за управата за јавни приходи.

Со овој закон се уредува делокругот, организацијата, начинот на вршење на работата и раководењето со Управата за јавни приходи, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Управата.
Со овој закон се уредуваат и специфичностите во правата, обврските и одговорностите на службениците од работен однос, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Управта за јавни приходи. Видно од образложението за донесување на овој закон, ваквата регулатива е резултат на потребата од регулирање на работно-правниот статус на вработените во оваа управа, од причина што со Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“,бр.69/2004), лицата со посебни должности и овластувања вработени во Управата за јавни приходи се изземаат од примената на Законот за државните службеници. Оваа регулатива има за цел да се подигне степенот на професионализам кај даночните службеници со посебни должности и овластувања, како и да се зајакне нивната одговорност.
Службениците на Управата за јавни приходи, согласно член 19 став 1 од Законот, се овластени да спроведуваат постапки и работи во согласност со одредбите на законот што ги уредува даночните постапки и законот што ги уредува одделните видови даноци.
Статус на лица со посебни должности и овластувања, согласно член 19 ставовите 3 и 4 од овој закон, имаат службениците на Управата за јавни приходи кои вршат работи од инспекциски надзор, како и советник на директорот, раководител на сектор во Генералната дирекција и раководител на сектор на регионална дирекција. Ваков статус имаат и службениците на Управата за јавни приходи овластени за спроведување на присилната наплата – даночни извршители, чии посебни должности и овластувања се уредени со Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006).

Специфичностите во правата, обврските и одговорностите од работен однос на службениците во Управата за јавни приходи утврдени со овој закон, се однесуваат на прашањата поврзани со необјавување оглас за слободно работно место заради унапредување или прераспоредување на службеник (член 26), утврдување на основите за престанок на работниот однос (член 29), разработување на институтот суспензија од работа (член 30), уредување на работите кои се неспоиви со службената должност (член 34), стимулирање на работата преку награди и бонуси (член 41), следење на унапредување во кариерата (член 42), донесување кодекс на однесување и одговорности (член 43), доразработување на дисциплинската одговорност (член 45).

Согласно член 9 од Законот, со работата на Управата за јавни приходи раководи директор, кој може да има заменик. Директорот и заменикот на директорот, на предлог на министерот за финансии, ги именува и разрешува од должност Владата на Република Македонија за период од четири години со право на повторно именување. Именувањето на директорот и заменикот на директорот се врши врз основа на нивната стручност и компетентност. Мандатот на директорот и на заменикот на директорот може да престане само доколку:
– истекол периодот на четири години од денот кога е именуван;
– поднесе доброволна писмена оставка;
– е осуден за кривично дело;
– ја изгуби работната способност за вршење на функцијата и
– ја извршува функцијата на начин што е неефикасен за Управата за јавни приходи.

Видно од содржината на оваа одредба, произлегува дека осудата за кривично дело утврдена со член 9 став 5 алинеја 3 од Законот претставува еден од основите поради кои може да престане мандатот на директорот или на заменикот на директорот, а што се оспорува со оваа иницијатива.

При постоење на ваква регулатива, се поставува прашањето дали со истата се постигнува основното начело – владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдено со член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Имено, според Судот, со наведената одредба од Законот се пропишува правна последица од осуда за кривично дело што се состои во губење на веќе стекнато право – престанок на функцијата директор, односно заменик на директорот, поради осуда за кривично дело.

Притоа, Судот смета дека треба да се има предвид значењето на работите кои се извршуваат од страна на Управата за јавни приходи во сферата на спроведување на даночната политика на Република Македонија, од една страна, како и значењето и одговорноста на функцијата директор на Управата, кој е надлежен да организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите на Управата преку донесување оперативни инструкции во писмена форма од сите области на даночното работење, да донесува финансиски план, програма и планови за работа, да одлучува за правата и обврските на вработените во Управа за јавни приходи, од друга страна, кои работи несомнено подразбираат висока стручност, одговорност, совесност и непристрасност од страна на лицето кое ја извршува оваа одговорна функција. Тоа наметнува потреба со закон да се утврдат условите кои треба да ги исполнува лицето на кое ќе му биде доверено извршувањето на вака одговорна функција, како и основите за престанок на извршувањето на функцијата, што е и сторено со Законот за Управата за јавни приходи.

Во таа смисла, според Судот, утврдувањето на осуденоста на кривично дело како основ за престанок на мандатот на директорот, односно на заменикот на директорот, не е во несогласност со Уставот. Меѓутоа, тоа мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/96; 80/99; 4/2002; 43/2003; 19/2004 и 81/2005). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата. Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна . Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата .

Значи, според Судот, престанокот на извршувањето на функцијата директор, односно заменик на директорот на Управата за јавни приходи поради осуденост за кривично дело, може да биде предвидена како правна последица само за осуденост за конкретно дефинирани кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор.

Меѓутоа, во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на директорот, односно на заменикот на директорот. Напротив, од дадената формулацијата на оспорената одредба, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на функцијата директор, односно заменик на директорот на Управата за јавни приходи. Ваквата непрецизност на одредбата може да доведе до ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со функцијата директор на Управата за јавни приходи, да биде основ за престанок на мандатот на директорот или на заменикот на директорот кои се именувани на функцијата согласно нивната стручност и компетентност.

Од овие причини, Судот оцени дека формулацијата на наведената законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Поради непрецизноста, според Судот, оспорената одредба може да се доведе под сомнение и во однос на нејзината согласност со член 13 став 1 од Уставот. Имено, недостатокот на квалификацијата “правосилна” осуда, претставува директна повреда на уставното начело на презумпција на невиност, бидејќи доведува до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука.

Покрај тоа, недефинирањето на кривичните дела чие извршување би имало како последица престанок на мандатот на директорот, односно заменикот на директорот и недефинирањето на видот на санкциите за тие кривични дела, го повредува и принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот, со тоа што овозможува лицето да биде „казнето“, односно да трпи последица за сторување на недефинирано дело и недефинирана казна, и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука, поради што, според Судот, оспорената одредба би можела да се стави под сомнение и во однос на оваа уставна одредба.

Во членот 26 од Законот, со кој се уредува постапката за вработување на службеник во Управата за јавни приходи, во ставот 9 се утврдува дека начинот и постапката за проверка на работните способности и процедурите за започнување на вработувањето ќе се уредат со Колективниот договор или со оперативна инструкција донесена од страна на директорот.

Со иницијативата се оспорува законската одредба од ставот 9 од овој член, само во делот „ или со оперативна инструкција донесена од страна на директорот“, од причини што подносителот на иницијативата смета дека во Уставот нема основ за ваква регулатива, затоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не и со оперативна инструкција донесена од страна на директорот.

Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во оваа смилса, според Судот, начинот и постапката за проверка на работните способности и процедурата за започнување на вработувањето се дел од прашањата поврзани со остварување на правата од работен однос на вработените, кои пак согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и со колективни договори.

Оттука, уредувањето на начинот и постапката за проверка на работните способности и процедурата за започнување на вработувањето во Управата за јавни приходи може да биде предмет на уредување со закон и колективен договор, а не и со оперативна инструкција на директорот, односно со подзаконски акт донесен од директорот, поради што, според Судот, директорот на Управата за јавни приходи нема уставна основа за донесување на таков акт.

Со оглед на наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

6. Со членот 29 од Законот се уредуваат основите за престанок на работниот однос на службеник во Управата за јавни приходи. Тоа се следните случаи: 1) по негово барање; 2) ако трајно ја загуби здравствената и физичката способност за извршување на должностите во Управата за јавни приходи како последица на болест или намалување на физичките или менталните капацитети; 3) му е изречена дисциплинска мерка престанок на работен однос- со денот на врачувањето на конечното решение; 4) ако поради издржување казна затвор мора да биде отсутен од работа подолго од шест месеци-со денот на стапување на издржувањето на казната или ако му биде изречена мерка на безбедност или воспитна мерка во траење подолго од шест месеци и поради тоа мора да биде отсутен од работа – со денот на применувањето на таа мерка; 5) ако е осуден за кривично дело во врска со со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за службеник и за вршење на службата во Управата за јавни приходи – со денот на врачувањето на правосилната пресуда; 6) ги исполни условите за пензија согласно со закон; 7) ако се укине работното место на службеникот поради организациски промени, намалување на надлежноста и обемот на ранотата на Управата за јавни приходи, а службеникот одбие распоредување во исто или пониско звање; 8) ако се утврди дека врз основа на оцена преку примена на систем на вреднување и процена на работата, незадоволително ги исполнува стандардите и барањата на работното место и 9) ако службеникот незадоволително ги извршува своите должности или нема знаења за извршување на својата функција врз основа на оцена преку службена примена на системот на оценување на работата. Ако службеникот е осуден со казна затвор помала од три месеци за кривично дело кое не е поврзано со надлежноста на Управата за јавни приходи, а ниту е направено на работа и не го руши угледот на Управата за јавни приходи, директорот може да одлучи службеникот да го врати на работа по издржувањето на казната, имајќи го предвид неговото претходно работење и однесување.

Со ставот 1 точка 5 од овој член, кој е оспорен со иницијативата, како еден од случаите за престанок на работниот однос се предвидува и случајот кога на службеникот му престанува работниот однос ако е осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за службеник и за вршење на службата во Управата за јавни приходи, со денот на врачувањето на правосилната пресуда.
Од анализата на оспорената одредба, а имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека законодавецот јасно го утврдил причинско-последичниот однос на забраната на службеникот да продолжи да биде во работен однос со постоењето на правосилна судска пресуда со која е утврдено дека сторил такво кривично дело со кое ја злоупотребил својата положба при вршењето на службената должност или друго кривично дело кое го прави недостен за државен службеник, на кој начин, според Судот, не се повредува уставното начело на владеење на правото.

Имено, оспорената законска одредба прецизно утврдува дека престанокот на работниот однос на службеникот е последица од постоење на правосилна пресуда на судот со која лицето кое е во работен однос како службеник е осудено за кривично дело во врска со службената должност, а не остава простор за претпоставки во смисла дали е сторено кривично дело и од каков карактер е тоа кривично дело. Поради тоа не станува збор за претпоставена вина и повреда на начелото на презумција на невиност и начелото на законитост утврдени со член 13 и член 14 од Уставот на Република Македонија.

Според Судот, право е на законодавецот, имајќи ја предвид спецификата на органот и потребата за обезбедување стручен и квалитетен персонал кој ќе овозможи професионално функционирање на Управата за јавни приходи, да пропише критериуми кои треба да ги исполнуваат службениците за вршење на работите и задачите од делокругот на Управата за јавни приходи, вклучувајќи ги и условите и основите за престанок на работниот однос на овие службеници, како што е сторено со членот 29 од Законот.

Предвидувањето на престанок на работниот однос на службеник кој со правосилна пресуда е осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за службеник и за вршење на службата во Управата за јавни приходи, според Судот, не може да се прифати како некакво ограничување на правата и слободите на граѓаните, како што се наведува во иницијативата, туку има за цел обезбедување на стручен, одговорен и професионален персонал кому му е доверена исклучително значајна задача како што е наплата на даноците, со што се обезбедува остварување на функциите на државата.

Оттука, Судот оцени дека ваквата законска определба е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, односно за оспорената одредба не може основано да се постави прашањето за согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51; член 9; член 13 став 1 и член 14 став 1; член 32 ставовите 1 и 2, како и со член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, од причините кои се изнесени во иницијативата.

Постапката за вработување на службеник во Управата за јавни приходи е регулирана со член 26 од Законот. Вработувањето на службеник се врши врз основа на јавен оглас, при што се утврдува начинот на објавување на огласот и содржината на истиот. Согласно ставот 7 на овој член, за изборот на кандидат по огласот одлучува директорот. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите треба да бидат известени во писмена форма за извршениот избор во рок од осум дена од денот на донесувањето на одлуката. Кандидатите кои не се избрани имаат право на приговор до директорот во рок од осум дена од добивањето на одлуката за изборот.

Со член 30 се уредува постапката за суспендирање од работа на службеникот поради причини и во траење предвидени со овој член, како и се утврдува висината на надоместот на плата за времетраење на суспензијата. Одлуката за суспендирање или враќање на работа на службеникот ја носи директорот во писмена форма. Согласно ставот 6 на овој член, против одлуката на директорот службеникот има право на приговор до директорот во рок од осум дена од денот на доставувањето на одлуката.

Наводите во иницијативата дека со наведената регулатива според која по приговорот на одлуката за вработување, односно за суспензија одлучувал истиот орган кој одлучувал и во прв степен, односно директорот, не се овозможувала двостепеност во одлучувањето, што не било во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена со член 8 став 1 алинеја 3, како и со член 51 од Уставот и Амандманот XXI на Уставот на Република Македонија, Судот ги оцени како неосновани.

Имено, согласно Амандамнот XXI на Уставот на Република Македонија, со кој се заменува членот 15 на Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Во конкретниот случај, со оспорените одредби од Законот за Управата за јавни приходи, не се предвидува поднесување на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државна управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања како што предвидува уставната одредба, туку се предвидува поднесување на приговор.

Приговорот е специфично правно средство што се вложува, меѓу другото и во случаите кога вработените не се согласуваат со донесената одлука во врска со нивните права, обврски и одговорности што ги имаат кај конкретен работодавец. Притоа, ова правно средство остава можност за внатрешно решавање на настанатата состојба и одбегнување на натамошно водење на судска или управна постапка, доколку по повод приговорот доносителот на актот против кој се вложува приговорот согледа дека повредил нечии права. Значи, не станува збор за заштита на права во постапка пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, туку станува збор за заштита на права, обврски и одговорности што произлегуваат од работен однос. Притоа, не се задира во правото на вработениот на судска заштита доколку е незадоволен од одлуката донесена по повод приговорот.

Во конкретниот случај, со оглед на тоа што станува збор за право на приговор против одлуки донесени во врска со работниот однос на вработените во Управата за јавни приходи, а не за право на жалба против поединечни правни акти донесени во управна постапка во прв степен што се води пред Управата за јавни приходи, Судот оцени дека оспорените одредби не може да се доведат во релација и да се подведат под сомнение по однос на согласноста со Амандамнот XXI на Уставот на Република Македонија.

Од овие причини, Судот оцени дека оспорените одредби од член 26 став 7 третата реченица , во делот „директорот“ и во член 30 став 6 во делот „директорот“ од Законот, не можат да се доведат под сомнение за нивната согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена со член 8 став 1 алинеја 3, како и со член 51 од Уставот и Амандманот 21 на Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2006
6 декември 2006 година
27 јуни 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи