Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на:
– Одлуката за распишување избори за избор на претставници на членовите на Комората во здруженијата според дејности и во регионалните комори и на претставници на здруженијата според дејности и на регионалните комори во Собранието на Стопанската комора на Македонија, број 07-256/3 од 28 јануари 2005 година;
– Одлуката за утврдување на регионалните комори во рамките на Стопанската комора на Македонија, број 07-256/4 од 28 јануари 2005 година; Одлуката за утврдување на здруженијата според дејности во рамките на Стопанската комора на Македонија, број 07-256/5 од 28 јануари 2005 година;
– Одлуката за верификација на мандатот на новоизбраните претставници (членови) во Собранието на Стопанската комора на Македонија, број 07-1018/3 од 10 март 2005 година;
– Одлуката за донесување на Статутот на Стопанската комора на Македонија, број 07-1018/4 од 10 март 2005 година; – Одлуката за избор на претседател на Стопанската комора на Македонија, број 07-1018/9 од 10 март 2005 година; – Одлуката за избор на членови на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, број 07-1018/10 од 10 март 2005 година;
– Одлуката за избор на претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија, број 07-1018/11 од 10 март 2005 година;
– Одлуката за избор на претседател и членови на Надзорниот одбор на Стопанската комора на Македонија, број 07-1018/12 од 10 март 2005 година;
– Финансискиот план на Стопанската комора на Македонија и
– Одлуката за утврдување на висината на придонесот на Стопанската комора на Македонија, усвоени на 10 март 2005 година.
2. Владимир Николиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите донесени од Стопанската комора на Македонија, кои се означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените одлуки на Стопанската комора на Македонија биле изработени, предложени и донесени од ненадлежни органи и неовластени лица во Комората, па поради тоа тие биле во несогласност со одредбите од Законот за Стопанската комора на Македонија, но и со Статутот на Комората. Имено, група граѓани стопанственици како „иницијативен одбор за трансформација и конституирање на Стопанската комора“ изработила предлог акти со потпис од поранешниот претседавач на Собранието на Комората и на 28 јануари 2005 година на седница на Собранието без соодветно мнозинство на членови, биле донесени актите кои се наведени во записникот од седница на Собранието, при што биле донесени и оспорените одлуки.
Со оглед дека се работело за нелегитимно преземање на имотот и работата на Стопанската комора на Македонија од неовластени лица кои не биле избрани во согласност со законот и актите на Комората и поради тоа што оспорените одлуки на Комората не биле донесени од надлежен орган и во пропишана постапка, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки.
3. Судот на седницата утврди дека оспорените акти се донесени од Собрание на Стопанската комора на Македонија и по својата содржина уредуваат материјата за која се насловени.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи предвид дека оспорените акти се донесени од Стопанската комора на Република Македонија, која согласно членот 1 од Законот за стопанската комора на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/2004) претставува деловно-стручна асоцијација која ги усогласува, застапува и штити интересите на своите членови (правни лица со седиште во Република Македонија кои вршат стопанска дејност и се запишани во трговскиот регистар и други субјекти) и имајќи ја предвид содржината на оспорените акти со кои Комората уредува конкретни прашања од своето работење, Судот оцени дека оспорените акти не претставуваат прописи подобни за уставносудска оцена. Имено, оспорените акти не содржат правни норми со кои на општ начин се регулират прашања и се однесуваат на неопределен број субјекти, туку со нив се уредуваат интерни односи во Стопанската комора на Македонија, и тие имаат карактер на поединечни односно конкретни акти, а не на прописи поради што Судот утврди дека се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.180/2006
29 ноември 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи