123/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 62 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања во Министерството за внатрешни работи, број 151-24515/1 од 13 мај 2003 година, донесени од министерот за внатрешни работи на Република Македонија.

2. Слободанка Симјановска од Скопје и Илчо Илиев од Делчево преку полномошникот Николчо Атанасоски од Делчево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа посебни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите со оспорената одредба од Правилата донесени од министерот за внатрешни работи било предвидено во случај на приватно патување во странство овластеното службено лице требало писмено да се обрати до раководниот работник заради добивање на одобрение за патување. Со ограничување на слободното одлучување на граѓанинот за движење и патување, како во случајов за одредени вработени лица во Министерството за внатрешни работи, се повредувал Уставот на Република Македонија во однос на членот 27 став 2 кој определува дека секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката и членот 8 став 1 алинеја 3 кој се однесува на владеењето на правото, како и се повредувал Законот за внатрешни работи на Република Македонија кој во членот 67 предвидел дека министерот може да забрани патување во странство само во еден случај и тоа само кога е потребно заради заштита на безбедноста и одбраната на Република Македонија.

Од овие причини со иницијативите се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 62 од Правилата донесени од министерот за внатрешни работи.

3. Судот на седницата утврди дека Правила за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овлатувања во Министерството за внатрешни работи, во членот 62 предвидел дека овластените службени лица кои времено заминуваат од подрачната организациона единица на службен пат, годишен одмор, боледување, во странство и слично, се јавуваат пред заминувањето и по враќањето на својот непосреден раководен работник.

Овластеното службено лице кое сака да патува во странство по приватна работа мора претходно писмено да се обрати на раководниот работник, заради добивање на одобрение за патување.

4. Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите на општ начин и на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во случајов Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања во Министерството за внатрешни работи, донесени од министерот за внатрешни работи, немаат карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не се подобни за уставно-судска оцена.

Имено, наведениот акт на министерот во кој се оспорува конкретната одредба со иницијативите, не се заснива на законско овластување на министерот за донесување на Правилата во функција на извршување на конкретни права и обврски утврдени со Законот за внатрешни работи или друг закон, туку претставува интерен акт за организација на работењето наменет за службените лица вработени во Министерството за внатрешни работи.

Поаѓајќи од оценката дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, а согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата, Судот утврди дека во случајов се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.123/2006
15 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи