Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 ноември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на
а) уставноста на член 98 ставовите 3, 5, 8 и 11 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 55/2005, 81/2005, 113/2005 и 35/2006), и
б) уставноста и законитоста на Правилникот за постапката и начинот на полагањето на испитот за директор на основно училиште, како и формата и содржината на уверението („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2005).
2. Мирјана Русевска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе две иницијативи за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена под а) од точката 1, односно на уставноста и законитоста на актот означен под б) од точката 1 од ова решение.
Во едната иницијатива, се оспорува член 98 став 3 и 5 од Законот за основното образование. Како причина за оспорување, се наведува тоа дека со оспорениот став 3 од член 98 од Законот се повредувало уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите – член 9 од Уставот и правото на учество во вршење на јавни функции од член 23 од Уставот, како и достапноста на секое работно место уредено со член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија.
Со оспорениот став 5 од членот 98 од Законот, според подносителката на иницијативата се давало дискреционо право на министерот нетранспарентно да формира комисија, бидејќи Законот не дефинирал од кои стручни органи на Министерството и универзитетите ќе ги одбере членовите на Комисијата, на кој начин и кои критериуми, односно оспорената одредба не била целосна.
Со втората иницијатива, подносителката го спори ставот 8 од членот 98 од истиот закон, од причина што смета дека со оваа законска одредба и се давала можност на комисијата од времен карактер и министерот да донесат Програма за полагање на испит за директор, а кое требало да го направи Бирото за развој на образование и наука, во согласност со член 23 став 2 алинеја 2 и став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Ставот 11 од оспорениот член 98 од Законот според подносителот на иницијативата, исто така е противуставен, бидејќи не предвидува која установа ќе биде задолжена за донесување на Програмата и на кој начин.
Според наводите во иницијативата оспорениот Правилник бил во спротивност со Законот, затоа што Програмата за полагање на испитот, како негов составен дел, министерот ја донел без предлог од комисијата. Исто така, членот 2 став 2, членот 4 став 2 и 3, членовите 5, 6, 7 став 2, 8, 9 и 10 од оспорениот Правилник не биле во согласност со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Предвид на наведеното во двете иницијативи се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 98 став 3, 5, 8 и 11 од Законот за основното образование, како и на уставноста и законитоста на оспорениот Правилник.
3. Судот на седницата утврди дека според став 1 на член 98 од Законот за основното образование директорот е раководен орган на основното училиште и е одговорен за законитоста во работата и за материјално-финансиското работење на училиштето.
Според ставот 2 од овој член за директор на основно училиште се избира лице кое покрај општите услови утврдени со закон ги исполнува и условите за наставник, педагог или психолог во основно училиште, има најмалку пет години работно искуство во установа за воспитно-образовна работа верифицирана од Министерството и положен испит за директор.
Според ставот 3 на истиот член по исклучок, доколку нема пријавено кандидат со положен испит за директор, за директор може да биде избрано и лице кое не положило испит за директор, но е должно истиот да го положи во рок од една година од денот на изборот за директор.
Во ставот 4 од овој член на Законот е предвидено дека доколку избраниот директор не го положи испитот за директор во рокот утврден во ставот 3 на овој член, му престанува мандатот на директор.
Според став 5 на овој член од Законот, испитот за директор од ставот 2 на овој член се полага пред стручна комсија формирана од министерот составена од претставници на стручните органи на Министерството и универзитетите.
Ссогласно став 6 на овој член, стручната комисија на кандидатот што го положил испитот му издава уверение за положен испит за директор.
Ставот 7, пак, на овој член, предвидува дека мандатот на членовите на комисијата од ставот 5 на овој член е две години со право на уште еден избор.
Според ставот 8 на овој член, програмата за полагање на испит за директор ја донесува министерот, на предлог на комисијата од ставот 5 на овој член.
Според ставот 9 на овој член, дандатот на директорот трае четири години.
Според ставот 10 на овој член, директорот на основното училиште го избира и разрешува градоначалникот на општината, согласно со овој закон.
Во членот 11 на овој член, постапката и начинот на полагањето на испитот за директор, како и формата и содржината на уверенеито, со посебен акт ги пропишува министерот“.
Со оспорениот правилник се уредуваат постапката и начинот на полагањето на испитот за директор на основното училиште, како и формата и содржината на уверението за положен испит за директор.
Составен дел на овој правилник е Програмата за полагање на испит за директор на основно училиште (член 1).
4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).
Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Согласно членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно членот 1 од Законот за основното образование, со овој закон се уредува дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.
Според членот 11 од Законот за основното образование, дејноста на основното училиште е од јавен интерес, основното училиште има својство на правно лице и се запишува во судски регистар.
Според членот 96 став 1 од Законот, орган на управување со основното училиште е училшен одбор, а според членот 98 став 1 од Законот, директорот е раководен орган на основното училиште и е одговорен за законитоста во работата и за материјално-финансиското работење во училиштето.
Според членот 99 став 1 од Законот, директорот на основното училиште ја организира и раководи воспитно-образовната и друга работа, самостојно донесува одлуки од делокругот на неговата надлежност утврдена со закон и актите на училиштето и го застапува училиштето пред трети лица. Ставот 2 на овој член, пак, ги определува работите што се во надлежност на директорот.
Со оспорениот член 98 од Законот, кој со членот 59 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004) во целост е изменет, всушност се уредува надлежноста на директорот како раководен орган на основното училиште кој е одговорен за законитоста во работата и за материјално-финансиското работе на училиштето и јасно и децидно се разработени и дадени условите и постапката за избор на директор.
Според Судот, наводите во иницијативата дека со оспорените ставови од членот 98 од Законот се повредувало уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, како и достапноста на секое работно место, се неосновани. Ова од причина што прокламираното уставно начело на еднаквост на граѓаните во суштинска смисла значи и обврска на законодавецот во законите да утврдува исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика меѓу нив по основ на полот, националната припадност и другите основи утврдени во членот 9 став 1 од Уставот. Оттука, право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува секој кандидат за избор на директор на основно училиште. Токму, врз основа на ова законодавецот ги определил правата и обврските кои подеднакво се однесуваат за сите граѓани без да се издвојува како привилегирани едни во однос на други, со полагање на испит за директор во основното училиште.
Можноста дадена во оспорениот став 3 од овој член од Законот, доколку нема пријавено кандидат со положен испит за директор, за директор да може да биде избрано и лице кое не положило испит за директор со обврска во период од една година да го положи тој испит, не значи повреда на уставното начело на еднаквост на граѓаните, ниту правото на достапност на секое работно место, од причина што ова решение е во случај кога нема пријавено кандидат со положен испит на директор. Основно правило е дека ова работно место било достапно за секому, но во услови кога нема кандидат кој го исполнува овој услов (положен испит на директор), а во интерес на обавување на основната воспитно-образовна дејност, односно во функција на законитоста во работењето на училиштето што според Судот, е во согласност со Уставот на Република Македонија.
Што се однесува до оспорените ставови 5 и 8 од членот 98 од Законот, односно дека истите се нетранспарентни и дискриминаторски бидејќи давале можност комисијата (формирана од министерот а составена од претставници на стручните органи на Министерството и универзитетот) да предлага програма за полагање на испит за директор, според Судот е во согласност со Уставот. Имено, со законското овластување, испитот за директор од ставот 2 на овој член, да се полага пред стручна комисија, односно програмата за полагање на испит за директор да ја донесува министерот, а на предлог на комисијата од ставот 5 на оспорената законска одредба, не се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, ниту членот 9 од Уставот. Ова од причина што, комисијата е составена од стручни лица од редовите во Министерството за образование и наука, како и претставници од универзитетите кои се вклучени, инволвирани во областа на воспитно-образовната дејност, така што не може да се оспори законската претпоставка дека тие лица се компетентни да го вршат испитот за директори, односно да даваат предлог за донесување на програма за полагање на испит за директор од страна на министерот. Прашањето зошто законодавецот не определил овие работи, наместо комисијата да ги врши Бирото за образование, излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот.
5. Тргнувајќи од фактот дека во оспорениот член 98 од Законот за основното образование се децидно дадени условите и критериумите за постапката и начинот на полагањето на испитот за директор на основно училиште, како и формата и содржината на уверението, донесувањето на оспорениот Правилник од министерот за образование и наука, според Судот претставува само разработка, односно операционализација на законското решение, со што всушност е испочитуван правниот принцип подзаконските акти да се донесуваат врз основа на закон и исклучиво заради негово извршување и со тоа не е повреден член 61 став 1 од Законот за организација на работа на органите на државната управа, на што се укажува во иницијативата.
Наводот во иницијативата, дека со оспорениот Правилник се утврдуваат права и обврски и се пропишува надлежност на комисијата за полагање на испитот за директор со што се повредувал членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, е неоснован. Ова од причини што оспорениот Правилник, поблиску ја пропишува постапката и начинот на полагање на испитот за директор, а не утврдува права и обврски. На тој начин со овој Правилник не се повредува членот 61 став 1 од Законот, на кој се укажува во иницијативата.
6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како вво точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.95/2006
15 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи