Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 ноември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 55 став 2 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/1986, 17/1991, 84/2005, 109/2005 и 70/2006).
2. Милан Аџиевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба од член 55 став 2 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите бил во дирекна спротивност со член 30 од Уставот на Република Македонија. Имено, со оспорениот член со кој бил утврден преклузивен рок од три години за поднесување на тужба кај редовниот суд да се бара бришење на запишаните права на недвижностите и враќање на запишаните права во поранешна состојба се ограничувало и не се гарантирало правото на сопственост на граѓанинот.
3. Судот на седницата утврди дека во член 55 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите е предвидено дека секој што смета дека со запишувањето на правата на недвижностите е повредено неговото право на недвижностите, може со тужба кој редовниот суд да бара бришење на запишаните права на недвижностите и враќање на запишаните права во поранешна состојба.
Тужбата од став 1 на овој член може да се поднесе во рок од 3 години од денот на извршеното запишување (оспорен став).
По барање на заинтересирано лице спорот може да се прибележи во имотниот лист.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.165/1997 од 5 ноември 1997 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 55 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите од што произлегува дека оспорените одредби од Законот била предмет на оценување по однос на нејзината согласност со Уставот. При тоа, Судот утврдил дека оспорената одредба не е во несогласност со Уставот од причини што лицето кое претендира на правото на сопственост на конкретна недвижност која во катастарот е запишна на име на друго лице, во секое време може да го докаже своето право на сопственост во судски спор по сопственичка тужба и да добие пресуда врз основа на која не може да му биде одбиен уписот во катастарот. Ова право на сопственост произлегува од Законот за сопственост и други стварни права со кој е уредена постапката за заштита на правата на сопственост кои одредби во никој случај не се дерогираат со оспорената одредба.
Уставниот суд со Решение У.бр.100/2000 од 24 јануари 2001 година иницијативата, по однос на истата одредба и нејзината согласност со член 30 од Уставот, наоѓајќи дека нема услови за поинакво одлучување, ја отфрлил.
Од причина што и по повод сега поднесената иницијатива на Милан Аџиевски од Скопје, не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесувањето на погоре цитираните решенија, Судот оцени дека се исполнети претпоставките од членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на наведеното, Судот оцени како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.193/2006
15 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи