Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Одлуката за пренесување на надлежност („Службен гласник на град Скопје“ бр.14/2005) и
б) Одлуката за утврдување надоместок на членовите на Советот на општината Карпош определени за учество при склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје („Службен гласник на град Скопје“ бр.14/2005).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на називот и член 1 став 1 во делот „за вршење на задачите што им ги доверил Советот“, како и член 2 став 2 и 3 од Одлуката за определување надоместок на членовите на Советот на општината Карпош за вршење на задачите што им ги доверил Советот („Службен гласник на град Скопје“ бр.4/1997, 11/1999 и 7/2002).
3. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуките означени во точката 1 од ова решение.
4. Јонче Цветковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, како и на оспорените одредби од одлуката означена во точката 2 од ова решение.
Во иницијативата најпрво се наведува дека Одлуката за определување надоместок на членовите на Советот на општината Карпош за вршење на задачите што им ги доверил Советот, во оспорениот дел на називот и во член 1 став 1 не била терминолошки и суштински усогласена со Уставот и со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) кој што за разлика од претходниот Закон за локална самоуправа врз чија основа била донесена оваа одлука, не го предвидувал правото на членовите на советот на општината на трошоци направени во извршување на задачите што им ги доверил советот.
Членот 2 став 2 од истата одлука, исто така, не бил во согласност со Законот за локалната самоуправа, затоа што според овој став на член 2 надоместокот се утврдувал и за учество во работните тела на советот, а од членот 45 и 100 од Законот не произлегувало ова право на членовите на советот. Ставот 3, пак, на истиот член од Одлуката не бил во согласност со Законот за локална самоуправа, затоа што со него се овластувала Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања да ги утврдува надоместоците определени со ова одлука, што било во спротивност со членот 32 став 2 од Законот.
Законитоста на одлуката означена во точката 1 под а) од ова решение со иницијативата се оспорува од истите причини од кои се оспорува членот 2 став 3 од претходно наведената одлука.
Со оглед на тоа што Законот за локалната самоуправа во членовите 40 и 100 не предвидувал право на членовите на советот на општината на надоместок за извршување на други работи, како што е и учеството во склучување на бракови, според наводите во иницијативата и одлуката означена во точката 1 под б) од ова решение, исто така, не била во согласност со овие членови од Законот за локалната самоуправа.
Од наведените причини, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на означените одредби, односно на одлуките, а исто така, се предлага до донесување на конечната одлука Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на овие одлуки.
5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука означена во точката 1 под а) од ова решение, со таа одлука, Советот на општината Карпош пренесува надлежност на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања на Советот на општината Карпош, да донесува Одлука за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општината Карпош за секој месец посебно.
Оваа одлука според членот 2 влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на град Скопје“.
Во однос на содржината на оспорената одлука означена во точката 1 под б) од ова решение, Судот утврди дека таа има вкупно пет члена од кои во членот 1 се утврдува дека на членовите на Советот на општината Карпош, определени за учество при склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје се утврдува надоместок во износ од 1.500,00 денари.
Според член 2 од истата одлука, надоместокот утврден во член 1 од оваа Одлука се исплатува посебно за секој ден, без оглед на бројот на скучените бракови во тој ден, кога определените членови на Советот биле ангажирани за склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје.
Надоместокот утврден во оваа одлука според нејзиниот член 3, се исплатува од Буџетот на општината Карпош, врз основа на потврда за присуство при склучување на брак, издадена од Матичната служба на град Скопје.
Во член 4 се утврдува дека со донесувањето на оваа одлука престануваат да важат член 3 и 4 од Одлуката за определување надоместок на членовите на Советот на општината Карпош за вршење на задачите што им ги доверил Советот („Службен гласник на град Скопје“ бр.4/1997, 11/1999 и 7/2002), а додека во член 5 се утврдува дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на град Скопје“.
И на крај, во врска со оспорените одредби на одлуката означена во точката 2 од ова решение, Судот утврди дека оваа одлука, не е во правниот поредок, што се констатира од писменото известување од доносителот на актот.
6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Согласно член 32 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината. Согласно став 2 на истиот член, за разгледување на прашања и утврдување предлози од одредена област, советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии. Согласно став 3 на истиот член, составот и начинот на изборот на членовите на комисиите од ставот 2 се уредуваат со статутот.
Со член 36 од истиот закон се утврдува надлежноста на советот на општината, при што во став 1 точка 1 се утврдува дека во надлежност на советот на општината е да го донесува статутот на општината и другите прописи.
Од наведените законски одредби произлегува дека советот на општината, како претставнички орган на граѓаните, може за разгледување на прашања и за утврдување на предлози од одредена област од својот состав да формира постојани и повремени комисии. Меѓутоа, законодавецот јасно определил дека статутот на општината и другите прописи ги донесува советот на општината, од што несомнено произлегува дека постојаните и повремените комисии, како работни тела на советот немаат ингеренции да одлучуваат за донесување на општи акти, односно прописи со кои се уредуваат прашања од надлежност на општината.
Оттука, имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената Одлука за пренесување на надлежноста, со која Советот на општина Карпош и пренесува на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања да донесува одлука за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општината Карпош за секој месец посебно, Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оваа одлука со членот 32 од Законот за локалната самоуправа, а особено со ставот 2 на овој член од Законот, на кој што посебно се повикува Советот на оваа општина во основот за нејзиното донесување. Имено, токму во ставот 2 на членот 32 од Законот децидно и јасно е утврдено дека постојаните и повремените комисии советот на општината може да ги формира само за разгледување на прашања и утврдување на предлози од одредена област, а не и за донесување на прописи, како што е и одлуката за чие донесување, со оваа оспорена одлука надлежноста на Советот на општина Карпош е делегирана на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.
Имајќи предвид дека според член 2 од оваа одлука, таа влегува во сила со денот на донесувањето, а не по нејзиното објавување, Судот по сопствена иницијатива оцени дека и од овој аспект може да се постави прашањето за согласноста на овој член од одлуката со член 52 став 1 од Уставот.
Со оглед на тоа што Советот на општината Карпош, заедно со оспорените одлуки, во прилог достави и извадоци од Деловникот на Советот на општината, со одредби во кои е утврден делокругот на оваа комисија, според Судот тие одредби од Деловникот, не може да претставуваат аргумент за законитоста на оспорената одлука, затоа што делокрругот на работните тела на Советот, па и на Комисијата во конкретниот случај треба да кореспондира, односно да е во согласност со местото и улогата на постојаните и повремените комисии утврдени во членот 32 од Законот за локалната самоуправа.
При оценувањето на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за утврдување надоместок на членовите на Советот на општина Карпош, определени за учество при склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје, Судот ги имаше предвид членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, во однос на кои се оспорува нејзината законитост.
Според член 45 од истиот закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Согласно член 100 од Законот, кој се наоѓа во Глава XV Преодни и завршни одредби, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Од содржината на наведените членови од Законот за локалната самоуправа произлегува дека законодавецот утврдил членовите на советот да имаат право на надоместок за присуство на седници на советот најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, како и право на надомест на патни и дневни трошоци кои ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници. Овие одредби не предвидуваат право на други надоместоци на членовите на советот како што е на пример: надоместок за присуство на седници и учество во работа на работните тела на советот, за непосредно следење на одредени прашања од надлежност на советот, за учество во изготвување и проучување на материјали за советот, ниту пак, за вршење на други задачи кои ќе ги определи Советот, како што е и учеството, односно ангажираноста на членовите на Советот во деновите кога се склучуваат бракови.
Оттаму, со оглед на тоа што Законот за локалната самоуправа не предвидува право на советниците на посебен надоместок за нивното учество при склучување на бракови, какво што право е определено во оспорената одлука, Судот изрази сомневање дека со оваа одлука се повредуваат одредбите од член 45 и 100 од Законот, поради што и основано го постави прашањето за нејзината согласност со овие законски одредби, а исто така и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
7. Тргнувајќи од тоа дека Одлуката за определување надоместок на членовите на Советот на општината Карпош за вршење на задачите што им ги доверил Советот, според известувањето добиено од Советот на општина Карпош под бр.07-3549/2 од 11 јули 2006 година не е повеќе во важност и не се применува после донесувањето и влегувањето во сила на Одлуката за пренесување на надлежност, со која надлежноста за донесување на одлука за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општина Карпош за секој месец посебно е пренесена на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, Судот утврди дека постојат процесни пречки за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука во оспорените делови, поради што одлучи иницијативата во тој дел да ја отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.
8. Имајќи ги предвид видот и тежината на последиците кои би можеле да настанат со извршувањето на оспорените одлуки, согласно член 27 од Деловникот Судот одлучи, до донесувањето на конечната одлука, да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземани врз основа на тие одлуките означени во точката 1 од ова решение.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.132/2005
8 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи