92/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на точките 3, 4 и 5 од Тарифата за висината на трошоците за присилна наплата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2006).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 131 став 4 од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006).

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точка 1 и 2 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, oвластувањето утврдено во член 131 став 4 од Законот за даночна постапка, Владата на Република Македонија со тарифа да ја определи висината на трошоците за присилна наплата немало уставна основа, со оглед дека Законот за даночна постапка не содржел доволно прецизни параметри за утврдување на висината на трошоците за присилна наплата, ниту пак критериуми за тоа што се подразбира под поимот „присилна наплата“. Утврдувањето на критериуми и мерила за определувањето на висината на трошоците за присилна наплата претставувало законска материја. Даденото овластување не би можело да биде ниту во функција на утврдување и разработка на одделни законски одредби заради нивно извршување и водело кон утврдување на права и обврски за граѓаните и праваните лица со подзаконски акт, што не било дозволено со член 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Поради тоа, основано можело да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 131 став 4 од Законот за даночна постапка со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 33, член 51, член 68 став 1 алинеја 3 и член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед дека не постоел уставен основ за постоење на оспорената законска одредба, подносителот на иницијативата смета дека не постоел уставен и законски основ за донесување на оспорената тарифа. Поради тоа смета дека оспорената тарифа во целина можела да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 131 став 1 од Законот за даночна постапка, во постапката за присилна наплата се наплатуваат трошоци. Според став 2 на истиот член, побарувањето кое треба да биде наплатено во присилната наплата се зголемува за еднократна посебна такса во висина од 5% од износот кој треба да биде наплатен во присилната наплата. Согласно ставот 3, трошоците за присилна наплата наведени во ставот 1 на овој член и посебната такса наведена во ставот 2 на овој член, паѓаат на товар на должникот во присилната наплата, а според ставот 4 на истиот член, висината на трошоците за присилна наплата со тарифа ја определува Владата на Република Македонија.

Судот, исто така, утврди дека согласно точка 1 од Тарифата за висината на трошоците за присилна наплата, донесена од Владата на Република Македонија, со оваа тарифа се определува висината на трошоците во постапката на присилна наплата на пристигнат даночен долг, кои паѓаат на товар на должникот во присилната наплата.

Според точката 2 од оваа тарифа, висината на трошоците во постапката на присилна наплата се плаќаат во висина на износи за: 1) секое излегување на даночен извршител заради пописи и процена на движни предмети или на недвижности на должникот, во постапка на обезбедување на даночно побарување во присилна наплата (залог) и во постапка на присилна наплата на даночен долг…2.000,00 денари; 2) секое излегување на даночен извршител заради заплена на попишани движни предмети, односно недвижности на должникот, во постапка на обезбедување на даночно побарување во присилна наплата од движни предмети и во постапка на присилна наплата на даночен долг…2.000,00 денари; 3) секоја одржана постапка на продажба на движни предмети, односно недвижности по пат на аукција…3.000,00 денари; 4) присуство на сведок при преземање на дејствија на даночен извршител во постапка на обезбедување на даночно побарување во присилна наплата и во постапка на присилна наплата на даночен долг – по ден…1.500,00 денари

Согласно точката 3 од Тарифата, трошоците за процена на попишани движни предмети на должникот и за утврдување на почетна цена на недвижности од страна на друго стручно лице се определуваат земајќи го предвид барањето на тоа лице во поглед на висината на наградата за извршена проценка.

Според точката 4 од истата тарифа, трошоците за чување и продажба на запленети хартии од вредност на должникот во постапка на присилна наплата се определуваат со договор за депонирање, чување и продажба на хартиите од вредност.

Согласно точката 5 од оваа тарифа, трошоците за превоз, складирање и чување на одземени движни предмети од даночниот обврзник во постапката на присилна наплата на даночен долг, како и трошоците за огласување на продажба на движни предмети, односно на недвижности која се врши по пат на усна јавна аукција, се утврдуваат во висина на вистинските износи.

Според точката 6 од Тарифата, трошоците за присилна наплата на даночен долг, должникот во присилна наплата ги уплатува на посебна сметка на Управата за јавни приходи, а согласно точката 7, оваа тарифа влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и е одговорна за нивното извршување, а според алинеја 5 од истиот член, Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Согласно член 1 од Законот за даночна постапка, со овој закон особено се уредува општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка. Овој закон е единствена основа на општото даночно право и на даночната постапка.

Со член 3 од Законот се утврдува односот на овој закон спрема другите закони, при што согласно ставот 4 на овој член, во однос на постапките уредени со овој закон, се применуваат одредбите од други закони по прашања што поинаку не се уредени со овој закон.

Со член 4 од истиот закон е утврдено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, при што според точка 3 од овој член, даноци се давачки на даночниот обврзник кои мора да бидат платени без противуслуги, кои служат за општо државно добро и кои на сите даночни обврзници им се наметнати со закон, а согласно точка 4 на истиот член, споредни даночни давачки особено се парични казни, даночни казни, камати и трошоци на присилна наплата на данок.

Согласно член 22 став 1 од овој закон, обврската за исполнување на даночен долг претставува должност на даночниот обврзник да го плати утврдениот данок под услови пропишани со овој закон или друг даночен закон, а согласно став 2 на истиот член, одредбата за плаќање на даночниот долг се применува и на обврската за плаќање споредни даночни давачки, доколку со овој закон не е поинаку пропишано.

Според член 23 од истиот закон, даночниот долг престанува со: плаќање на даночниот износ; пребивање на даночни побарувања и даночни долгови на ист даночен обврзник; присилна наплата на даночен долг и застарување на даночен долг.

Редовното намирување на данок, согласно член 116 од Законот, по правило се врши со плаќање на паричен износ на пристигнатиот даночен долг на пропишани уплатни сметки за јавни приходи во рокови пропишани со закон.

Согласно член 119 став 2 од Законот, распоредувањето на уплатениот износ се врши по следниот распоред: 1) трошоци за наплата, 2) парична казна, 3) камата и 4) износ на главната даночна обврска.

На износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки, согласно член 123 од Законот, се пресметува и наплатува камата во висина од 0,05% за секој ден задоцнување.

Во Законот се уредува присилната наплата, како еден од начините за престанување на даночниот долг. Така, согласно член 125 од Законот, доверител во присилната наплата на даночните долгови кои треба присилно да бидат наплатени е Управата за јавни приходи, а должник во присилната наплата е лицето кое должи данок или споредна даночна давачка кои што треба да бидат присилно наплатени.

Со член 131 од овој закон, се утврдува дека во постапката за присилна наплата се наплатуваат трошоци, дека трошоците паѓаат на товар на должникот во присилната наплата, а нивната висина со тарифа ја определува Владата на Република Македонија. Исто така, се утврдува дека побарувањето кое треба да биде наплатено во присилната наплата се зголемува за еднократна посебна такса во висина од 5% од износот кој треба да се наплати во присилната наплата, која посебна такса паѓа на товар на должникот во присилната наплата.

Согласно член 132 од Законот, наплатата на даноци во постапката на присилна наплата се спроведува на: парични средства на должникот во присилната наплата; парични побарувања на должникот во присилната наплата; непарични побарувања и други права на должникот во присилната наплата; готови пари и хартии од вредност; движни предмети и недвижности.

Дејствијата што даночните извршители ги преземаат во постапката за присилна наплата се определени во одредбите на Законот со кои се уредува обезбедувањето на даночно побарување во присилна наплата со воспоставување законско заложно право во корист на Република Македонија како даночен доверител (постапка за воспоставување залог-член 135; попис на движни ствари-член 137; попис на недвижности-член 138); во одредбите на Законот со кои се уредува присилната наплата од движни предмети (процена на движни предмети-член 147; запленување на движни предмети-член 148; продажба на движни предмети-аукција-член 151), како и во одредбите на Законот со кои се уредува присилната наплата од недвижности (попис на недвижности-член 152; запленување на недвижност која не е запишана во соодветен регистар-член 153; продажба на недвижност по пат на усна јавна аукција-член 155).

Од анализата на наведените законски одредби, Законот во целина и обраложението за донесување на Законот, произлегува дека целта на донесувањето на овој закон е создавање единствена основа за даночно право и даночна постапка, со што ќе се надмине досегашната спора и неефикасна управна даночна постапка како последица на уреденоста на даночната материја во повеќе закони.

Законот ја уредува во целина даночната постапка, при што во посебна глава ја уредува постапката за присилна наплата на даночните побарувања.

Постапката за присилна наплата ја спроведува Управата за јавни приходи. Дејствијата кои ги преземаат службениците на Управата за јавни приходи овластени да ја спроведуваат присилната наплата-даночни извршители, се точно утврдени во Законот, и тоа: попис на движни ствари и попис на недвижности во функција на обезбедување (залог) на даночното побарување во корист на Република Македонија како даночен доверител, како и попис, процена, запленување и продажба на движни предмети и на недвижности во функција на присилна наплата.

Во постапката за присилна наплата, покрај даночните извршители, можат да учествуваат и други лица во својство на сведоци при попис на движни ствари или при запленување на недвижности кои не се запишани во соодветен регистар, како и во својство на стручно лице-проценител.

Трошоците што даночните извршители и другите лица ги имаат во постапката за присилна наплата (излегување на лице место, трошоци за чување, превоз и сл.), паѓаат на товар на должникот во присилната наплата, а нивната висина, согласно оспорената одредба од Законот, ја определува Владата на Република Македонија со тарифа.

Трошоците за присилна наплата на данок претставуваат споредни даночни давачки кои подлежат на обврска за плаќање исто како и даноците.

Наводите во иницијативата дека Законот не содржи критериуми за тоа што се подразбира под поимот трошоци за присилна наплата, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што Законот, согласно член 3 став 4 упатува дека во однос на постапките уредени со овој закон, се применуваат одредбите од други закони по прашања што поинаку не се уредени со овој закон. Во оваа смисла, според Судот, треба да се има предвид Законот за општата управна постапка (‘’Службен весник на Република Македонија’’ број 38/2005), кој е Lex generalis во однос на сите управни постапки, во кои спаѓа и даночната постапка. Оттука, при анализата на поимот трошоци за присилна наплата, треба да се има во вид членот 116 став 1 од Законот за општата управна постапка, со кој се утврдува дека посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведување на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној што ја предизвикал целата постапка.

Имајќи предвид дека Законот за даночната постапка во целост ги утврдува дејствијата кои ги преземаат даночните извршители, сведоците и овластените лица во постапката за присилна наплата, како и фактот дека видот на трошоците во управната постапка се утврдени со Законот за општата управна постапка, според Судот претставува доволна законска рамка која определува што се подразбира под трошоци за присилна наплата, односно дека тоа се трошоците на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично предизвикани при спороведувањето на законски утврдените дејствија за присилна наплата. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се прифатат наводите во иницијативата дека Законот не содржи критериуми за тоа што се подразбира под поимот трошоци за присилна наплата, со што се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.

Трошоците за присилна наплата произлегуваат од дејствија кои службените лица ги преземаат не по барање на даночниот обврзник, односно не во функција на остварување на одредено уставно и законско гаранитирано право на даночниот обврзник, туку во функција на остварување на уставно и законски утврдена обврска на даночниот обврзник, која тој доброволно не ја намирил во законски утврдениот рок, а од чие извршување зависи обезбедувањето на финансиски средства за остварување на функциите на државата утврдени со Уставот и со закон, кои ги вршат нејзините органи и институции.
Имајќи го предвид значењето на остварувањето на данокот и другите јавни давачки за функционирањето на државата, од една страна, како и местото и улогата на Владата во организацијата на државната власт, која како носител на извршната власт е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи врз основа и во рамките на Уставот и законите, од друга страна, Судот оцени дека овластувањето на Владата, со тарифа да ја определи висината на трошоците за присилна наплата, има своја уставна основа во членовите 33 и 91 од Уставот.

Ова особено затоа што трошоците направени во постапката за присилна наплата претставуваат надоместок на стварните трошоци што службените лица на органот, по укажана потреба, ги направиле во постапката на реализирање на јавна давачка утврдена со закон и сами по себе не претставуваат јавна давачка, поради што, според Судот, утврдувањето на нивната висина од страна на Владата е во функција на операционализација на Законот.

Оттука, Судот оцени дека овластувањето на Владата утврдено со оспорениот член 131 став 4 од Законот, не може да се доведе под сомневање од аспект на уставно утврдената положба и улога на Владата на Република Македонија, таа како носител на извршната власт да донесува уредби и други прописи за извршување на законите, поради што не го постави прашањето за согласноста на оваа одредба со Уставот.

6. Анализата на содржината на Тарифата за висината на трошоците за присилна наплата, упатува на констатација дека одделни одредби – точки од Тарифата немаат карактер на одредби на тарифа, туку имаат карактер на одредби на тарифен систем, што според Судот, не произлегува од членот 131 од Законот за даночна постапка.

Имено, со точките 3, 4 и 5 од Тарифата не се утврдува конкретна висина на трошокот за присилна наплата (како што е случај во точката 2 од Тарифата), туку претставуваат одредби на тарифен систем со кој се пропишува начинот на утврдување на висината на одделни трошоци, а не и самата висина на трошоците.

Оттука, Судот оцени дека точките 3, 4 и 5 од Тарифата основано можат да се стават под сомнение во однос на согласноста со член 131 став 4 од Законот за даночната постапка, според кој Владата на Република Македонија со тарифа ја определува висината на трошоците за присилна наплата..

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.92/2006
18 октомври 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи