103/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 79 во делот „акт на работодавачот“, и на член 81 став 3 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 81 став 1 во делот „акт на работодавачот“, став 2 во делот „и со правилата на работодавачот за работниот ред и дисциплина“, и членот 82 став 1 во делот „правилата за работниот ред и дисциплина“, од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Тодор Пљаков од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби биле содржани во делот од Законот кој го уредувал „Откажувањето на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски со отказен рок“. Со оглед на тоа што законодавецот во оспорените одредби предвидел на работникот да му престане работниот однос за неизвршување на работните обврски или кршење на работниот ред и дисциплина предвидени во актите на работодавачите, а не само за обврските предвидени во рамките на закон и колективен договор, според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот за работни односи биле во несогласност со членот 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за работните односи во членот 79 предвидел дека работодавачот може да му го откаже договорот за вработување од лични причини на страна на работникот, ако работникот не ги извршува работните обврски утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување, или ако ги крши работниот ред и дисциплина.

Според членот 81 став 1 од овој закон, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок, особено ако не ги почитува и извршува работите наведени во оваа одредба.

Во ставот 2 од овој член од Законот е определено дека со закон, колективен договор и со правилата на работодавачот за работниот ред и дисциплина може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина.

Според ставот 3 од овој член, правилата за работниот ред и дисциплина, работодавачот е должен да ги истакне на видно место во работните простории на работодавачот и да ги достави до синдикатот.

Во членот 82 од овој закон е уредено дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот: 1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година; 2) го злоупотреби боледувањето; 3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина; 4) внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства; 5) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот и 6) оддаде деловна, службена или државна тајна.

5. Уставот на Република Македонија во делот на нормите кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги утврдил економските, социјалните и културни права.

Во овој дел од Уставот, со членот 32 став 1 е определено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Според ставот 2 и ставот 3 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место и секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Во ставот 4 е определено дека секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат.

Со ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во делот на одредбите на Уставот кои се однесуваат на гаранциите на основните слободи и права, со членот 51 е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за работните односи во членот 1 определил дека работните односи меѓу работниците и работодавачите се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и дека работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Согласно членот 3, со овој закон се уредуваат и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор.

Во работниот однос секоја од страните е должна да ги исполнува пропишаните и договорените права, обврски и одговорности.

Во членот 12 став 1 од Законот е определено дека при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.

Според ставот 2 на овој член од Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Во ставот 3 е определено дека со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Според ставот 4 на овој член од Законот, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или органичат со акти и дејствија на работодавачот.

Законот за работните односи во членот 13 го определил (дефинирал) договорот за вработување дека со него се заснова работен однос.

Според Судот од анализата на изнесените законски одредби произлегува дека предмет на уредување на Законот се права и обврски од работен однос. Договорот кој се склучува помеѓу работодавачот и работникот за работниот однос, има карактер на правна работа помеѓу страните на договорот кој врз основа на Законот е лимитиран во однос на тоа да нема помали права и обврски од оние утврдени со законот, но се допушта договорно зголемување на правата на работниците од работниот однос.

Оттука, со законот се пропишуваат а со договорот конкретно се уредуваат во согласност со законот, правата од работен однос. Имено, со членот 12 од Законот јасно е определено дека актите на работодавачот не можат да содржат одземања и ограничувања на права од работен однос кои се утврдени со Уставот, закон и колективен договор.

Поаѓајќи од наводите во иницијативата и од анализата на оспорената одредба од членот 79 од Законот според која работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот ако во рамки на неговите обврски не ги извршува и оние кои се определени во актот на работодавачот, Судот оцени дека неможе да се доведе во прашање уставноста на оспорениот дел од одредбата.

Ова поради тоа што со актите на работодавачот се уредуваат интерени и конкретни прашања од процесот на работата, а не прашања од кои зависи положбата на вработените, односно тие не претставуваат прописи со кои покрај со закон и со колективен договор би се уредувале правата на вработените и нивната положба. Обезбедувањето на процесот на работа не е само обврска туку и одговорност на работодавачот од повеќе аспекти со цел да се обезбедат квалитетни услуги или квалитетен (техничко-технолошки) производствен процес согласно стандардите пропишани за вршењето на работните задачи. Со оглед на тоа со актите на работодавачите се уредуваат прашањата од процесот на работата во зависност од нејзиниот вид и специфичност, и откажувањето на договорот за вработување на работникот предвидено со законот поради неизвршување на неговите обврски определени во актот на работодавачот не е прашање со кое се повредуваат уставни права, туку е законско регулирање на односите во процесот на работниот однос кое допушта обврските да се разработат со актите на работодавачот.

Во однос на оспорената одредба од членот 81 став 3 од Законот за работните односи, Судот исто така утврди дека неможе да се доведе во прашање нејзината уставност од аспект на наводите во иницијативата. Ова поради тоа што Судот со Решение У.бр.150/2005 од 7 декември 2005 година не повел постапка за оценување на уставноста на делови од одредбите од ставот 1 и 2 од членот 81 од Законот со кои било уредено меѓу другото и прашањето кога работодавачот можел да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина и неисполнување на обврските утврдени со правилата во актот на работодавачот за работниот ред и дисциплина. Соодветно на ставот на Судот за карактерот на актите на работодавачите кои се определени во Законот, и врз основа на веќе изнесената уставносудска анализа, Судот оцени дека не може да се оспори уставноста ниту на ставот 3 од членот 81 од Законот, кој единствено упатува на обврска на работодавачот правилата да ги истакне на видно место во работните простории на работодавачот и да ги достави до синдикатот.

6. Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот со погоренаведеното Решение У.бр.150/2005 веќе одлучувал и не повел постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од членот 81 став 1 во делот „акт на работодавачот“, став 2 во делот „и со правилата на работодавачот за работниот ред и дисциплина“, и членот 82 став 1 во делот „правилата за работниот ред и дисциплина“, и утврдил дека не се во спротивност со членот 32 став 5 од Уставот, Судот оцени дека во случајов постојат услови за отфрлање на иницијативата во однос на овие оспорени законски одредби.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.60/2005
18 октомври 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи