131/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 во делот „во врска со извршувањето на задачите кои им ги доверил Советот“, член 2 став 2 и 3, член 4 и член 5 во делот „односно евиденцијата од секторот за управни работи на Управата за внатрешни работи – Скопје при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за правда за членовите на Советот ангажирани за склучување на бракови“ од Одлуката за утврдување на надоместоци на трошоци на членови на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања на Советот на општината Ѓорче Петров бр.10-46/2 донесена на 22 јануари 2001 година („Службен гласник на град Скопје“ бр.3/2001).

2. Јонче Цветковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука терминолошки и суштински не била усогласена со решенијата на Уставот и законот, поради што не можело да опстојува во правниот поредок.

Исто така, оспорената одлука не била во согласност и со членот 52 став 1 од Уставот на Република Македонија бидејќи со членот 7 од оспорената одлука било предвидено таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а не по објавувањето во службеното гласило на општината.

Во иницијативата понатаму се наведува дека законот не предвидува посебни права за надоместоци за извршување на задачи кои им ги доверил Советот за непосредно следење на одредени прашања кои произлегуваат од работата на Советот, за учество за изготвување и проучување на материјали за седница на Советот, за контакти со институции и граѓани, за посета на определени објекти на населени места во општината и други непосредни задачи како и за учество во склучување на бракови, како што било определено со оспорените одредби од наведената одлука.

Исто така, според иницијативата, законот не содржел обврска за органите на државната управа да водат евиденција за членовите на Советот на општината за нивно учество во постапката за склучување на брак, ниту пак има овластување општината да создава такви обврски за органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука се утврдуваат патните, дневните трошоци и надоместоци (трошоците) на членовите на Советот на општина Ѓорче Петров во врска со извршувањето на задачите кои што им ги доверил Советот.

Според членот 6 од Одлуката со влегувањето во сила на оваа одлука, престанува да важи одлуката за утврдување на надоместоци и трошоци на членовите на Советот на општина Ѓорче Петров бр.07-651/10 од 20.06.1998 година („Службен гласник на град Скопје“ бр.14/1998).

Според членот 7, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, ќе се применува од 1.02.2001 година.

Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања на Советот на општина Ѓорче Петров на седницата одржана на 21 март 2002 година донела Одлука за утврдување на надоместоците, дневни и патни трошоци на членовите на Советот на општина Ѓорче Петров бр.10-323/1.

Со донесувањето на наведената одлука, оспорената Одлука бр.10-46/2 од 22 јануари 2001 година престанала да важи.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлука која со влегувањето во сила на одлуката за утврдување на надоместоците, дневни и патни трошоци на членови на Советот на општината Ѓорче Петров бр.10-323/1 од 21 март 2002 година, престана да важи и повеќе не е дел од правниот поредок, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување, поради што согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.131/2006
28 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи