Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 септември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 12 од Одлуката за потврдување на Одлуката за востановување на општински признанија и награди, донесена од Советот на општина Аеродром под број 07-737/6 од 10 март 2006 година („Службен гласник на општина Аеродром“ број 1/2006).
2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на членот 12 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот член од Одлуката предвидувал Советот на општината Аеродром да донесе правилник со кој ќе се утврделе начинот, условите, критериумите и постапката за доделување на општински признанија и награди, меѓутоа таков акт требал да донесе градоначалникот на општината, а не Советот на општината. Ова поради тоа што градоначалникот имал надлежност да го „конкретизира извршувањето“ на одлуките на Советот на општината, а со тоа и на предметната Одлука за востановување на општински признанија и награди, но во случајов Советот на општината преку преземањето на правото да го донесе правилникот кој е утврден во оспорената одредба, го оневозможил градоначалникот да го донесе правилникот и на тој начин да ја изврши Одлуката за востановување на општински признанија и награди.
Од овие причини оспорената одредба од Одлуката била во несогласност со членот 50 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и во несогласност со членот 51 од Статутот на општина Аеродром („Службен гласник на град Скопје“ бр.7/2005)), според кои одредби градоначалникот го обезбедувал извршувањето на одлуките на советот.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром донел Одлука за потврдување на Одлуката за востановување на општински признанија и награди, број 07-737/6 од 10 март 2006 година („Службен гласник на општина Аеродром“ број 1/2006). Според членот 1, со оваа одлука се востановуваат општински признанија и награди што ги доделува општина Аеродром – Скопје и се уредува постапката за нивно доделување. Со одредбите од членот 2 и членот 3 е определено дека општинските признанија и награди се доделуваат за значајни остварувања и особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на општината и се доделуваат на поединци и правни лица од општината Аеродром, од Републиката и од странство. Според членот 4, одлука (конкретна) за доделување на општински признанија и награди донесува Советот на општината Аеродром, а согласно членот 5 општинските признанија и награди се доделуваат во форма на плакети, признанија, благодарници и спомен плакети.
Со членовите 6, 7, 8 и 9 од Одлуката е определено во кои случаи и на кого се доделуваат плакети, признанија, благодарници и спомен плакети.
Според членот 10, покрај општинските признанија Советот може да додели и награди во форма на пари и предмети.
Со членот 11 од Одлуката, предлог за доделување на општински признанија и награди со писмено образложение може да поднесат субјектите кои согласно Статутот на општината се овластени да предлагаат донесување на општ акт, поединци, асоцијации и организации.
Со оспорениот член 12 од Одлуката е определено дека начинот, условите, критериумите и постапката за доделување на општински признанија и награди се утврдува со посебен правилник што го донесува Советот на општина Аеродром и истиот ќе се објави во „Службен гласник на град Скопје“.
Според членот 13, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на град Скопје“.
4. Согласно членот 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), единици на локалната самоуправа се општините, тие се правни лица и ги извршуваат своите надлежности преку органи избрани непосредно од граѓаните.
Според членот 20 од овој закон, општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.
Во правниот поредок на Република Македонија егзистира Законот за одликувања и признанија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2002) и со овој закон е уредена материјата само за одликувањата и признанијата на Републиката.
Со оглед на тоа што прашањето за признанија и награди кои ги доделува општината не е со закон исклучено од надлежностите на општините, ниту е опфатено во надлежност на органите на државната власт, Судот оцени дека не постои законска пречка општините да го уредат со свои акти ова прашање следејќи ги рамките во одредбите од Законот за локалната самоуправа.
Според членот 31 од Законот за локалната самоуправа органи на општината се: советот и градоначалникот.
Со одредбите од овој закон, во надлежност на градоначалникот меѓу другото е определено дека го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината како и го извршува буџетот на општината, а во надлежност на советот, е определено дека го донесува буџетот и годишната сметка на буџетот на општината.
Со членот 32 став 1 од овој закон е уредено дека советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината, а со членот 50 став 1 точка 4 од овој закон е уредено дека градоначалникот го обезбедува извршувањето на одлуките на советот.
Според членот 26 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004 и 96/2004), средствата од буџетот на општината можат да се користат само за намените и износите утврдени во буџетот.
Согласно членот 28 од овој закон, Советот на општината го донесува буџетот за наредната година најдоцна до 31 декември во тековната година.
Со членот 30 е определено дека за извршување на буџетот е одговорен градоначалникот на општината. Потписник на сметката на буџетот на општината е градоначалникот на општината или во негово отсуство, од него две овластени лица вработени во општинската администрација. Општината не може да изврши плаќање доколку одговорниот сметководител претходно писмено не потврди дека расходот е одобрен во буџетот и дека се обезбедени потребните средства.
5. Од изнесените законски одредби според Судот произлегува дека законското овластување на советот на општината да одлучува, а градоначалникот на општината да го обезбедува извршувањето на одлуките на советот, има законски рамки определени со финансиските можности на општината утврдени со буџетот, кои не допуштаат неограничено донесување и извршување на одлуки и други акти.
Во овој контекст, Судот утврди дека Советот на општината Аеродром, согласно членот 32 став 1 од Законот за локалната самоуправа има законски основ за донесување на предметната Одлука со која се востановени општинските признанија и награди. Во тие рамки не е незаконита и оспорената одредба од членот 12 од Одлуката со која се утврдува дека начинот, условите, критериумите и постапката за доделување на општинските признанија и награди ќе се уреди со посебен правилник што ќе го донесе Советот на општината Аеродром.
Градоначалникот на општината има законска обврска согласно членот 50 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа да го обезбеди извршувањето на предметната Одлука, која според предметот што го уредува значи и дека за нејзино исполнување е потребно да постои испланирано и обезбедено пари и предмети за наградите. Имајќи го предвид наведеното и имајќи ги предвид одредбите од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа Судот оцени дека градоначалникот може согласно со закон да го обезбеди извршувањето на актите на советот на општината само според планираните намени и средства во буџетот на општината.
Оттука, Судот утврди дека неможе да се доведе во прашање законитоста на оспорената одредба од Одлуката на Советот на општината Аеродром како несогласна со членот 50 став 1 точка 4 и со другите одредби од Законот за локалната самоуправа од причините наведени во иницијативата. Ова затоа што неможе заради остварување на правото на извршување, градоначалникот да го присвои и правото да одлучува и да донесува правилници и други акти за прашањата од надлежност на советот на општината, туку својата надлежност која е во насока на обезбедување на извршувањето на одлуките на советот ќе ја остварува преку своите ингеренции во доменот на финансирањето на општината.
Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба од Одлуката со одредбите на Законот за локална самоуправа, а во однос на наводот во иницијативата за несогласност на оспорената одредба од Одлуката со Статутот на општината Аеродром, согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на општинските акти.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.55/2006
20 септември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи