141/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на меѓусебната усогласеност на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2003) со Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Македонија кон Светската трговска организација, Анекс 1, Табела 4б. („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/2003).

2. Јавното сообраќајно претпријатие СКОПЈЕ – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.

Подносителот на иницијати­вата смета дека оспорениот член од Законот е во спротивност со Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Македонија кон Светската трговска организација, Анекс 1, Табела 4б.

Имено, Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Македонија кон Светската трговска организација бил донесен пред да биде донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, што значи бил во сила и обврзувал да се почитуваат неговите одредби.

Меѓутоа, со оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, целосно бил избришан ставот 2 од членот 30 од Законот за данокот на додадена вредност, каде бил опфатен и „превозот на лица“ што претставувало основна дејност на подносителот на иницијативата, со што престанала да важи повластената даночна стапка од 5% за овој вид на услуга и истата била вратена на општата стапка на ДДВ од 18%, и покрај тоа што Република Македонија се определила да ги следи директивите на Европската унија, особено Шестата системска директива 77/388/ЕЕЗ која дава можност земјите да применуваат повластена стапка на определени категории на стоки и услуги, меѓу кои и за „транспорт на патници“.

Со донесувањето на Законот за ратификација на Протоколот за пристапување кон Светската трговска организација, според подносителот на иницијативата, Република Македонија се обврзала да се придржува кон истиот, конкретно кон Анексот 1, Табела 4б, наслов „Услуги кои подлежат на повластена стапка на ДДВ“, поднаслов „Превоз на лица-превоз на багаж на патници“. Меѓутоа, со донесувањето на Законот за измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, Република Македонија ја прекршила оваа обврска.

Според подносителот на иницијативата, законите во Република Македонија освен што требало да бидат во согласност со Уставот на Република Македонија, требало да бидат усогласени и со меѓународните договори чиј потписник е државата и претставуваат составен дел на правниот поредок во Република Македонија.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, да утврди дека е спротивен на Анексот 1, Табела 4б, наслов „Услуги кои подлежат на повластена стапка на ДДВ“, поднаслов „Превоз на лица-превоз на багаж на патници“ од Законот за ратификација на Протоколот за пристапување кон Светската трговска организација и да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 5 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2003), со кој се менува членот 30 од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1999, 59/1999, 86/1999, 11/2000 и 8/2001), повластена даночна стапка од 5% се применува врз прометот и увозот на производи за човечка исхрана; вода за пиење од јавните системи за снабдување; публикации, и тоа: книги, брошури и слични печатени материјали, весници и други периодични публикации, детски сликовници, книги за цртање и боење за деца и картографски производи од секаков вид, освен публикации кои служат претежно за рекламни цели, како и публикации со порнографска содржина.

Согласно став 2 на истиот член, производите за човечка исхрана од точката 1 и публикациите од став 1 точка 3 од овој член, кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, ги определува Владата на Република Македонија.

Судот, исто така, утврди дека со Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Македонија кон Светската трговска организација што Собранието на Република Македонија го донесе на 23 јануари 2003 година, овој протокол стана дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија.

Согласно ДЕЛ I ОПШТ ДЕЛ став 1 од овој протокол, триесет дена по датумот на кој ќе биде прифатен овој протокол од страна на Република Македонија, Република Македонија ќе пристапи кон Спогодбата за Светската трговска организација и со тоа ќе стане членка на Светската трговска организација.

Согласно ДЕЛ II ЛИСТИ НА ОБВРСКИ од овој протокол, кон Протоколот, во Анекс I, се приложени Листа на отстапки и обврски приложени кон Општата спогодба за царини и трговија од 1994 (ГАТТ 1994) и Листа на специфични обврски приложени кон Општата спогодба за трговија со услуги (ГАТС) кои се однесуваат на Република Македонија.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите и меѓусебната согласност на другите прописи од ист ранг во хиерархијата на правните акти.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид наведената одредба на членот 110 од Уставот со која е утврдена надлежнosta na Ustavniot sud na Republika Makedonija, kako i navodite vo inicijativata со кои се бара оценување на меѓусебната согласност на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност со Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Македонија кон Светската трговска организација, Анекс 1, Табела 4б., Судот оцени дека барањето во иницијативата излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.141/2006
20 септември 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи