94/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 од Правилникот за постапката, критериумите и начинот на распределбата на дозволите за меѓународен превоз на стоки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/2005).

2. „ЛЕОВ КОМПАНИ“ ДООЕЛ од Велес преку управителот Трајче Леов, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Правилникот означен во точката 1 од ова Решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба која предвидува дека право на учество за распределба на ЦЕМТ дозволи имаат правни и физички лица т.е. превозници регистрирани на територијата на Република Македонија чија претежна дејност е вршење на меѓународен превоз на стоки во траење од најмалку една година, согласно решението за претежна дејност издадено од Државниот завод за статистика, била во спротивност со член 9 став 2 од Уставот и ја нарушувала слободата на пазарот и претприемништвото што е темелна вредност на уставниот поредок, бидејќи Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Со оспорената одредба, на подносителот на иницијативата му било одземено правото на еднаков третман и положба како и другите правни субјекти на пазарот, поради тоа што во решението од Државниот завод за статистика не стоело дека меѓународниот транспорт на стоки им била претежна дејност, и покрај тоа што друштвото „Леов компани“ било регистрирано и за вршење на оваа дејност. Ова поради тоа што во нашиот правен систем не било дозволено да се имаат во исто време две претежни дејности со кои се занимава едно друштво, туку само една, која е претежна и приоритетна.

Во иницијативата понатаму се наведува дека „Леов Компани“ е еден од осумте најголеми производители на бојлери во Европа и дека поради нејзините извозни аранжмани и обемот на извозно производство, во интерес на нивната деловна политика било самите да го вршат превозот, за што располагале со пет возила што ги задоволувале меѓународните еколошки стандарди.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став 1 на член 7 став 1 од Правилникот за постапката, критериумите и начинот на распределбата на дозволите за меѓународен превоз на стоки, право на учество за распределба на ЦЕМТ дозволи имаат правни и физички лица (во натамошниот текст: превозници) регистрирани на територијата на Република Македонија чија претежна дејност е вршење на меѓународен превоз на стоки во траење од најмалку една година, согласно решението за претежна дејност издадено од Државниот завод за статистика.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 7 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Превозот во патниот сообраќај е регулиран со Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004).

Според член 1 од овој Закон, со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.
Според член 2 од Законот, превозот на патници и стоки во меѓународниот патен сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународни договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.

Во членот 3 од Законот се дефинирани одделни изрази меѓу кои, според точка 3, „превоз во меѓународен патен сообраќај“ е секој патен превоз преку најмалку една државна граница. Според точка 4 од овој член „лиценца“ е документ со кој се одобрува вршење на дејност јавен превоз во патниот сообраќај. Според точка 5, „превоз за сопствени потреби“ е превоз кој физичко или правно лице го врши за задоволување на потребите при вршење на својата дејност, односно задачи од својот делокруг. Според точка 6, „домашен превозник“ е правно или физичко лице со седиште во Република Македонија кое поседува лиценца за вршење на превоз на патници или стоки во внатрешниот или меѓународниот патен сообраќај и правно или физичко лице со седиште во Република Македонија кое врши превоз на патници или стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај за кои согласно со одредбите од овој закон не е потребна лиценца. Според точка 35, „дозвола за превоз“ е заедничко име за повеќе видови документи утврдени со овој закон или меѓународен договор, со кој на возилото со странска регистрација му се дозволува пристап на македонските патишта и возење по нив, односно на возило со македонска регистрација пристап на патиштата на земјата чиј орган ја издал дозволата и возење по нив. Според точка 36, „ЦЕМТ дозвола“ е годишна мултилатерална дозвола за меѓународен превоз на стоки издадена од Секретаријатот на Европската конференција на министрите за транспорт.

Условите за вршење на превоз во патниот сообраќај се утврдени во Глава II од Законот, каде во членот 4 е предвидено дека домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.

Видовите на лиценци за вршење на одделни видови на јавен превоз се утврдени во член 7, кој во меѓународниот патен сообраќај ги предвидува следниве видови на лиценци за: меѓународен линиски превоз на патници; меѓународен слободен превоз на патници; меѓународен превоз на патници за сопствени потреби; меѓународен јавен превоз на стоки и меѓународен превоз на стоки за сопствени потреби.

Условите за добивање на лиценца се утврдени во член 8, според кој лиценца може да добие домашно правно или физичко лице (во натамошниот текст: превозник), ако ги исполнува следниве услови:

1) да е впишано во трговскиот регистар за вршењето на превоз во патниот сообраќај и да има решение за вршење на претежна дејност за одделен вид на превоз, освен лиценци за сопствени потреби;
2) да е сопственик на едно или повеќе возила за одделни видови превози што ги исполнуваат посебните техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз, а за меѓународен линиски превоз на патници да е сопственик на најмалку две возила;
3) да има вработено возачи во зависност од бројот на моторните возила (автобуси, моторни товарни возила и друго) што ги исполнуваат условите предвидени со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата;
. . .
6) управителот или овластеното лице одговорно за превоз да има успешно поминато проверка за професионална компетентност;
7) да располага со сопствен капитал од најмалку 2000 ЕВРА во денарска противвредност по возило или 50 ЕВРА во денарска противвредност по тон на најголема дозволена маса на товарно возило односно по седиште во автобус;
8) да не е во сила правосилна судска пресуда за кривично дело против имотот, стопанството или безбедноста во јавниот сообраќај;
9) да има во сопственост капацитет за паркирање и одржување на возилата или доказ за користење на таков капацитет со рок на важење од најмалку четири години;
. . .
11) да има вработено возачи кои имаат сертификат за вршење на меѓународен превоз на патници и стока.

Според член 9, лиценците предвидени со членот 7 од овој закон ги издава Министерството за транспорт и врски, освен лиценците за општински превоз и авто-такси превоз на патници кои ги издава градоначалникот на општината, а за градот Скопје градоначалникот на градот Скопје.

Според член 11 од Законот, превозникот може да започне да врши превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај откако ќе добие лиценца.

Превозот на стоки е регулиран со Глава V од Законот каде во член 62 е предвидено дека превозот на стоки може да се врши како внатрешен и меѓународен превоз на стоки во патниот сообраќај.

Според член 65 од Законот, меѓународниот превоз на стоки во патниот сообраќај може да се врши како билатерален, транзитен и превоз за и од трети земји.

Според член 66 од Законот, домашен превозник може да врши меѓународен превоз на стоки ако претходно има добиено лиценца за меѓународен превоз на стоки.

Покрај лиценцата, превозникот мора да има и меѓународен товарен лист и дозвола за меѓународен превоз на стока доколку таа се бара согласно со меѓународната спогодба за патен сообраќај склучена меѓу Република Македонија и земјата до, од или преку чија територија се извршува превозот .

Меѓународниот превоз на стоки може да се врши и врз основа на годишна дозвола од мултилатералната квота на дозволи од Европската конференција на министрите за транспорт (ЦЕМТ дозвола).

Според член 67 од Законот, Министерството за транспорт и врски ги добива дозволите за меѓународен превоз на стоки од надлежниот орган на другата земја врз основа на склучена меѓународна спогодба.

Годишните мултилатерални дозволи (ЦЕМТ) Министерството за транспорт и врски ги добива од Секретаријатот на Европската конференција на министрите за транспорт.

Според член 68 од Законот, распределбата на дозволите од членот 67 на овој закон ја врши Министерството за транспорт и врски.

Постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволите ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Според член 69, дозвола за меѓународен превоз на стока може да добие превозник кој има лиценца за вршење на меѓународен превоз на стоки и кој ги исполнува критериумите пропишани со актот од членот 68 став 2 на овој закон.

Врз основа на член 68 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај министерот за транспорт и врски го има донесено Правилникот за постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволите за меѓународен превоз на стоки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/2005), чиј член 7 став 1 е оспорен со оваа иницијатива.

Предмет на уредување на овој Правилник се всушност два вида на меѓународни дозволи и тоа: транспортни дозволи, односно дозволи за меѓународен превоз на стока што Министерството за транспорт и врски врз основа на билатералните спогодби за меѓународен превоз на стока и патници ги добива од надлежните органи на земјите со кои е предвидено превозот да се врши врз основа на дозволи и мултилатерални годишни дозволи од квотата на Европската конференција на министрите за транспорт, односно т.н. ЦЕМТ дозволи.

Согласно член 4 од Правилникот, ЦЕМТ дозвола е мултилатерална дозвола за меѓународен превоз на стоки со која може да се обавуваат неограничен број превози меѓу земјите членки на ЦЕМТ или во транзит преку нивните територии.

Составен дел на ЦЕМТ дозволата е дневникот кој се користи за транспортни операции, по хронолошки ред за секое патување на товарено или празно возило и сертификатите кои потврдуваат на која категорија припаѓа возилото. Дневникот може да се користи само за контрола на дозволата.

Одредени ЦЕМТ дозволи може да имаат територијални ограничувања. Територијалните ограничувања важат за териториите на Република Австрија, Република Италија и Република Грција. Овие дозволи имаат црвен печат со прецртана ознака на земјата во која неможе да се користи. Со ЦЕМТ дозвола не може да се врши каботажа.

Согласно оспорениот член 7 став 1 од Правилникот, право на учество во распределба на ЦЕМТ дозволи имаат правни и физички лица (во натамошниот текст: превозници) регистрирани на територијата на Република Македонија чија претежна дејност е вршење на меѓународен превоз на стоки во траење од најмалку една година, согласно решението за претежна дејност издадено од Државниот Завод за статистика.

Според ставот 2 од истиот член, по отпочнување на издавање на лиценците од страна на Министерството за транспорт и врски право на учество ке имаат превозници кои поседуваат лиценца за меѓународен превоз на стоки.

Превозниците претежната дејност,меѓународен превоз на стока, треба да ја вршат минимум една година пред аплицирањето и во својот возен парк да имаат возила кои ги исполнуваат минимум стандардите за позелени и сигурни возила (Еуро 2).

Согласно член 6 од Правилникот, барањето за добивање на ЦЕМТ дозвола правното и физичко лице го доставува во архивата на Министерството за транспорт и врски во период од 15 септември до 12 октомври во тековната година за наредната година. Содржината на барањето и потребната документација се детално утврдени во член 9 од Правилникот.

Согласно член 2 од Правилникот, распределбата на меѓународните дозволи за превоз на стоки ја врши Комисија за распределба на дозволи формирана од министерот за транспорт и врски.

Согласно член 10 од Правилникот, Комисијата врз основа на поднесените барања предлага распределба на ЦЕМТ дозволи за следната година за секој превозник пооделно. Комисијата има задача да изврши бодирање врз основа на поднесената документација .

Во членот 11 се утврдени начинот, односно критериумите врз основа на кои се врши бодирањето (вид на моторни возила, број на вработени, девизен прилив,исплатени плати по возач, исплатени придонеси и даноци по возач, претходно поседување на ЦЕМТ дозвола итн.).

Согласно член 12 од Правилникот, во зависност од вкупниот број на доделени бодови на сите рангирани превозници и расположивиот број на ЦЕМТ дозволи по пат на пропорција се пресметува колку бодови се потребни за доделување на секоја дозвола по вид и по важност (за кои видови возила согласно ЦЕМТ Резолуциите е наменета и кои територијални ограничувања има).

Комисијата по разгледувањата на барањата и увидот во приложената документација составува записник за бодовната вредност на ЦЕМТ дозволите и предлог ранг листа за распределба.

Според член 13 од Правилникот, врз основа на предлогот за распределба од Комисијата, министерот за транспорт и врски носи решение за распределба на ЦЕМТ дозволите.

Листата за распределба на ЦЕМТ дозволите се објавува на огласна табла во Министерството за транспорт и врски најдоцна до 25 ноември за наредната година. Сите учесници во распределбата имаат право на жалба до Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на транспортот и врските и животната средина при Владата на Република Македонија во рок од 8 дена од денот на приемот на решението.

Општи одредби за предметот на работење на трговското друштво се соджани во членот 62 од од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005), кој поаѓа од принципот на слобода на вршење на дејноста. Имено, согласно став 1 од овој член, трговското друштво може како предмет на работење да ги врши сите дејности што не се забранети со закон. Предметот на работење на трговското друштво се запишува во трговскиот регистар со назначување на шифрата и називот на одделот и на групата на дејноста, утврден со Националната класификација на дејности. Според ставот 3 на овој член, ако за одделни дејности со закон е пропишано дека можат да се вршат само врз основа на согласност, дозвола или на друг акт на државен орган или на друг надлежен орган, уписот на таа дејност во трговскиот регистар ќе се изврши само врз основа на согласноста, дозволата или на друг акт на тој орган. Според ставот 4, трговското друштво може без упис во трговскиот регистар да врши и други дејности коишто се потребни за неговото постоење и за вршење на работите од предметот на работење, но коишто не спаѓаат непосредно во рамките на вршењето на работите од предметот на работење.

Согласно член 63 од Законот за трговските друштва, трговското друштво може да започне да врши дејност којашто е предмет на работење на друштвото по уписот на предметот на работење во трговскиот регистар и по добивањето одобрение од надлежен орган за исполнување на пропишаните услови за вршење на дејноста во рамките на запишаниот предмет на работење ако е тоа определено со закон.

Поимот претежна дејност е дефиниран во Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005).

Согласно член 2 став 1 точка 14 од овој закон, претежна дејност е дејноста преку која субјектот на уписот создава најголем дел од вкупниот приход.

Согласно член 7 став 1 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, во регистарот се запишува претежната дејност со назначување на шифрата и називот на класата и поткласата на дејноста утврдена со Националната Класификација на дејностите (НКД).

Согласно член 7 став 3 од овој закон, субјектот којшто сака да запише вршење и на други дејности покрај претежната дејност класифицирани согласно НКД, што не се забранети со закон ги запишува со назнака: „сите дејности утврдени со НКД, освен оние за кои е потребна согласност, дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган“, при што не се назначуваат дејностите.

Согласно член 8 од овој закон (начин на определување на претежната дејност), определувањето на претежната дејност и промената на претежната дејност на деловните субјекти и единиците во состав се врши врз основа на предлог на субјектот на упис.

Субјектите на упис коишто се запишуваат во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица во согласност со овој закон, предлогот за утврдување и промена на претежната дејност го поднесуваат со пријавата за упис во соодветниот регистар.

НКД ја донесува Владата на Република Македонија по предлог на Државниот завод за статистика.

Согласно член 9 од овој закон, ако субјектот на упис врши повеќе дејности, должен е да поднесе барање за промена на претежната дејност доколку во последните 12 месеци остварил 10% поголем дел од вкупниот приход од друга дејност, а не од дејноста која е запишана како претежна во соодветниот регистар. Промената на претежната дејност се врши со решение што го донесува регистраторот.

5. Од анализата на одредбите од наведените закони произлегува дека дејноста меѓународен превоз на стоки домашните превозници можат да ја вршат врз основа на лиценца што ја издава Министерството за транспорт и врски врз основа на услови кои се прецизно дефинирани во Законот за патниот сообраќај. Еден од условите за добивање на лиценца е вршењето на меѓународниот превоз на стоки на правното или физичкото лице да му претставува претежна дејност која како таква е впишана во трговскиот регистар. Овој услов се однесува подеднакво на превоз на стока и патници како во меѓународниот, така и во внатрешниот патен сообраќај. Тоа значи дека интенција на законодавецот е превозот во патниот сообраќај генерално, вклучувајќи го и внатрешниот и меѓународен патен сообраќај да го вршат превозници, односно физички и правни лица специјализирани за вршење на оваа дејност со која остваруваат најголем дел од вкупниот приход и кои поседуваат лиценца за вршење на превоз. Единствениот исклучок од условот за вршење на превозот како претежна дејност законодавецот го направил за т.н. превоз за сопствени потреби кој е регулиран во посебна Глава VI од Законот за патниот сообраќај.

Согласно член 77 од Законот, превоз за сопствени потреби на патници и стока во патниот сообраќај е превоз што го вршат правни и физички лица заради задоволување на производните или услужните потреби во рамките на својата дејност.

Како превоз на стоки за сопствени потреби што го вршат превозници се смета превозот при кој се превезуваат исклучиво стоки кои се во врска со вршење на нивната основна дејност, при што стоките што се превезуваат се во нивна сопственост или се од нив произведени и продадени, дадени во обработка или доработка, поправка или од нив се дадени на складирање и слично.

При извршувањето на превозот на стоки за сопствени потреби сопственикот на возилото воедно е и сопственик на стоките кои се превезуваат, а возачот е вработен кај него.

Согласно одредбите од членот 79 од Законот, овој вид на превоз може да се обавува и во меѓународниот патен сообраќај, при што Законот определува дека при извршувањето на превозот на стоки за сопствени потреби во меѓународниот патен сообраќај во возилото мора да се наоѓа товарен лист и доказ од кој може да се утврди дека се работи за превоз за сопствени потреби.

Од наведените одредби од Законот со кои е уреден превозот за сопствени потреби, како и одредбите кои се однесуваат на условите за добивање на лиценца за вршење на превоз, јасно произлегува дека правните и физичките лица кои се занимаваат со превоз како претежна дејност и оние кои обавуваат друга дејност како претежна дејност, а кои покрај таа основна дејност вршат и превоз на стоки заради задоволување на производните или услужните потреби во рамките на оваа друга дејност не се наоѓаат во еднаква положба, бидејќи првите се всушност превозници, а другите тоа не се.

Законодавецот, поаѓајќи токму од различната положба на превозниците и на останатите физички и правни лица, врз основа на своето овластување за законско уредување на областа патен сообраќај посебно ги утврдил и условите за вршењето на одделните видови на превоз, односно условите за добивање на потребните лиценци и дозволи, вклучувајќи ги тука и ЦЕМТ дозволите, па така за првите – превозниците вршењето на меѓународен превоз на стоки како претежна дејност, го предвидел како услов за добивање на лиценца за меѓународен превоз на стоки генерално, а со оспрената одредба од Правилникот и како услов за добивање на ЦЕМТ дозвола.

Имајќи предвид, од една страна, дека ЦЕМТ дозволата претставува посебен вид на меѓународна транспортна дозвола која е мултилатерална и со рок на важење од една година, и дека квотата на овие дозволи што годишно Република Македонија ги добива од Европската конференција на министрите за транспорт е ограничена, според Судот, наполно е оправдана интенцијата право на учество во распределбата на овие дозволи да имаат само оние физички и правни лица на кои меѓународниот превоз на стока им претставува основна дејност, со цел да се обезбеди квалитетен превоз во согласност со меѓународните стандарди. Ова дотолку повеќе што услов за добивање на ЦЕМТ дозвола, покрај претежната дејност која субјектот мора да ја врши најмалку една година пред аплицирањето, е и барањето тие во возниот парк да располагаат со возила кои ги исполнуваат минималните европски стандарди за позелени и сигурни возила (ЕУРО 2).

Оттука, според Судот, неосновани се наводите во иницијативата дека оспорената одредба од член 7 став 1 од Правилникот за постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволите за меѓународен превоз на стоки која предвидува право на учество во распределба на ЦЕМТ дозволи само за оние физички и правни лица чија претежна дејност е вршење на меѓународен превоз на стоки во траење од најмалку една година, ги става во нееднаква правна положба оние субјекти кои оваа дејност не ја вршат како претежна дејност. Ова од причина што уставното начело на еднаквост налага при уредувањето на односите еднакво да се постапува со субјекти кои се во еднаква односно иста правна положба, а од наведените одредби од Законот и од оспорениот правилник јасно произлегува дека правните и физичките лица кои вршат превоз како основна дејност не се во иста положба како и останатите физички и правни лица кои обавуваат други дејности како основна, односно претежна дејност. Поради овие причини, Судот утврди дека оспорената одредба од член 7 став 1 од Правилникот за постапката, критериумите и начинот на распределба на дозволите за меѓународен превоз на стоки не може да се стави под сомнение за нејзината согласност со уставното начело на еднаквост од член 9 од Уставот.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека со оспорената одредба од Правилникот се нарушувала слободата на пазарот и претприемништвото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека и овие наводи се неосновани. Имено, со оспорената одредба од Правилникот се пропишуваат условите под кои физички и правни лица – превозници можат да учествуваат во распределбата на ЦЕМТ дозволи, при што не се задира во правото на останатите физички и правни лица да вршат меѓународен превоз на стока, но врз основа на други одредби од Законот. Всушност, законодавецот со изземањето на претежната дејност меѓународен превоз на стоки како услов за издавање на лиценца за вршење на превоз за сопствени потреби и со самото регулирање на превозот за сопствени потреби, допуштил и други физички и правни лица, кои иако не се превозници, да се занимаваат со превоз на стоки во меѓународниот сообраќај, доколку тие стоки се во непосредна врска со вршењето на нивната основна дејност.

Поради наведените причини, Судот утврди дека оспорената одредба од Правилникот не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 94/2006
13 септември 2006
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи