Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 320 став 6, член 372 став 2, 3 и 4 и член 400 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005).
2. Ѓорѓија Бошевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата член 320 став 6 од Законот кој се однесувал за недозволеноста на посебната жалба против одлуката на судот со која се одбива предлогот на тужителот да се донесе пресуда поради изостанок не бил во согласност со членовите 15 и 51 став 1 од Уставот и со член 13 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи. Ова затоа што според наведените уставни одредби и одредбата од член 13 од Конвенцијата на секој чие право и слобода е повредено му се гарантира дека ќе има право на ефективен лек пред домашните судови без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност.
Според подносителот на иницијативата членот 372 став 2, 3 и 4 од наведениот закон не биле во согласност со член 51 од Уставот затоа што и ако новиот Закон за парничната постапка е подобар од претходниот со оглед на тоа што лимитот на вредноста на предмет на спорот за дозволеност на правото за изјавување на ревизија е намален од 1.000.000 на 500.000 (став 1), со предвидувањето на можност за дозволување на изјавување на ревизија без оглед на вредноста на спорот во зависност од видот на спорот како и можност второстепениот суд во изреката на пресудата што ја донел да дозволи изјавување на ревизија ќе се злоупотребува против „политички неподобните“ страни и тие нема да имаат право на третостепена судска заштита и ако согласно член 9 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Од тие причини подносителот смета дека во законот треба да опстои само член 372 став 1 според кој сите странки ќе имаат право да изјават ревизија против второстепена судска пресуда.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 400 не бил во согласност со член 9 став 2 и член 118 од Уставот како и со членовите 46 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи. Ова затоа што граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, па не постоело уставна можност за различен третман на граѓаните при остварување на нивните права како што е правото на откуп на општествени станови или поточно речено некои граѓани ова право да го остваруваат пред надлежни управни органи, други преку нашите судови и трети пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Притоа, граѓаните кои го оствариле правото пред Европскиот суд за човекови права согласно оспорениот член 400 според подносителот на иницијативата требало повторно да бараат да одлучува суд во Република Македонија наместо пресудата на Судот во Стразбур да ја применат директно и таа пресуда да се однесува на сите случаи кои по ист основ барат остварување на правото на откуп на општествен стан што е непотребно.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 320 од Законот за парничната постапка поместен во Глава XXII „Пресуда“ е уредено прашањето кога судот ако се исполнети одредени услови ќе донесе пресуда поради изостанок.
Во оспорениот став 6 на членот 320 од Законот е уредено дека „Против одлуката на судот со која се одбива предлогот на тужителот да се донесе пресуда поради изостанок не е дозволена посебна жалба“.
Според член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Амандман XXI со кој е заменет член 15 став 1 од Уставот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.
Согласно член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 2 на истиот член, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Според Амандман XXV со кој е заменет член 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од наведените уставни одредби произлегува дека посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот претставува правото на граѓанинот на жалба против поединечите правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите. Користејки го ова право, граѓаните не само што имаат можност да ги заштитат своите права и интереси, туку преку правото на жалба се постигнува и отстранување на незаконитостите во работењето на судовите, со што се придонесува за јакнење на законитоста. Оттука, правото на жалба ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и справедлива и поради тоа по жалбата одлучува секогаш повисок суд со што се прокламира и двостепеност во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси.
Со Законот за парничната постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓанинот во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанско правни односи на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено за нив судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.
Според член 121 од Законот, судот донесува одлуки во форма на пресуда или решение. Со пресуда судот одлучува за главната работа и за споредните барања. Решението претставува вид на судска одлука со кое судот одлучува за процесни прашања за основаноста на тужбеното барање. Со решение судот одлучува само по исклучок и тоа во постапката пореди смеќавање на владение и во постапката за издавање на платен налог.
Во Законот за парничната постапка во поголем број на одредби се предвидени случаите кога судот во текот на постапката донесува решенија како и тоа дали против тие решенија е дозволена посебна жалба, не е дозволена посебна жалба и решение против кое не е дозволена жалба.
Во конкретниов случај, со оспорениот член 320 став 6 од Законот, во ситуации кога судот го одбива барањето на тужителот да донесе пресуда поради изостанок не е дозволена посебна жалба.
Во членот 368 став 2 од овој закон во делот „Жалба против решение“ е предвидено дека ако овој закон изрично определува дека посебна жалба не е дозволена, решението на првостепениот суд може да се побива само во жалба против конечната одлука.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби со кои се гарантира правото на жалба, анализата на Законот за парничната постапка како и содржината на оспорената одредба според која против решението со кое се одбива барањето на тужителот судот да донесе пресуда поради изостанок, Судот смета дека не се основани наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се нарушува едно од основните права, а тоа е правото на жалба. Остварувањето на правото на жалба е одложено до моментот на донесување на конечната одлука на судот со цел судската постапка да се спроведе без одолговлекување во разумен рок со што помалку трошоци и да оневозможи злоупотреба на правата на странките во постапката.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредбата од член 15 и 50 од Уставот.
4. Судот, понатаму утврди дека во членот 372 од Законот поместен во Глава XXV „Вонредни правни лекови“ како вонреден правен лек е предвидена ревизијата.
Согласно наведениот член против правосилна пресуда донесена во втор степен, странките можат да изјават ревизија во рок од 30 дена од денот на доставувањето на препис на пресудата (став 1).
Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека „странките можат да изјават ревизија против второстпена пресуда ако вредноста на предметот на спорот на побиваниот дел на пресудата надминува 500.000.
Во оспорениот став 3 на овој член е предвидено дека „По исклучок од ставот (2) на овој член, без оглед на вредноста на спорот ревизијата секогаш е дозволена: 1) во спорови за издршка; 2) во спорови за надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давателот на издршката; 3) во спорови од работните односи по повод престанок на работен однос; 4) во спорови од авторско право и 5) во спорови што се однесуваат на заштита и употреба на пронајдоци и технички унапредувања, мостри, модели и жигови и на правата на употреба на фирма или назив, како и во спорови од нелојален натпревар и монополски однесувања.
Во оспорениот став 4 на член 372 од Законот е уредено дека:
Ревизијата по исклучок е дозволена и против второстепена пресуда против која не може да се изјави ревизија според ставот (2) од овој член, ако второстепениот суд во изреката на пресудата што ја донел тоа го дозволи. Второстепениот суд може така да одлучи ако оцени дека одлуката во спорот зависи од решавање на некое материјално правно или процесно правно прашање важно за обезбедување на единствена примена на законот и уедначување на судската практика. Во образложението на пресудата второстепениот суд е должен да наведе заради кое правно прашање ја дозволува ревизијата и да ги наведе причините поради кои смета дека ова е важно за обезбедување на единствена примена на законот и уедначување на судската практика.
Според Амандман XXV став 4 со кој е заменет членот 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основаноста, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995 и 64/2003) и Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) кој ќе започне да се применува од 1 јануари 2007 година, судската власт ја вршат судовите во Република Македонија и тие се самостојни и независни државни органи.
Според наведените закони, судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Судовите во примената на правото ги заштитуваат човековите слободи и права.
Постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на законитост и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување и економичност.
Со законите за одделните постапки поблиску се уредуваат начелата на постапката, начинот на нивното остварување и можното отстапување кај одделни начела.
Во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови и Врховниот суд на Република Македонија, а со Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) покрај наведените видови на судови востановен е и Управниот суд.
Според член 101 од Уставот на Република Македонија Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законот од страна на судовите.
Според член 34 односно 35 од наведените закони за судовите, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен, покрај другото да решава по вонредни правни лекови против правосилните одлуки на судовите и одлуките на своите совети кога тоа е определено со закон, а според член 35 односно 37 од горенаведените закони, пак, Врховниот суд на општа седница утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законот од страна на судовите по сопствена иницијатива или по иницијатива на седницата на судот или судски оддели од судовите.
Со Законот за парничната постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основни права и обврски на човекот и граѓанинот во спорови од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанско правни односи на физичките и правни лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено за нив судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.
Во Законот за парничната постапка покрај правото на жалба како редовен правен лек со кој се прокламира и оживотворува двостепеноста во одлучувањето како гаранција за остварување на правото и врз закон засновани интереси предвидени се и вонредни правни лекови и тоа ревизија и повторување на постапката.
Согласно Законот, ревизијата е вонреден правен лек што странките можат да го изјават против правосилната пресуда донесена во втор степен во рок од 30 дена од доставувањето на преписот на пресудата. Правото на поднесување на ревизија е ограничено со вредноста на предлогот на спорот при што вредноста на спорот на побивање на пресудата да надминува 500.000 денари (член 372 став 1 и 2).
Меѓутоа и покрај наведеното генерално правило, Законот прави исклучоци при што правото странките да изјават ревизија не го условува со вредноста на спорот, туку секогаш дозволува без оглед на вредноста на спорот за точно определени спорови да може да се изјави ревизија (спорови за издршка, работни спорови и друго – член 372 став 3 и 4).
Понатаму, во Законот за парничната постапка е направен уште еден исклучок од општото правило за изјавување на ревизија како вонреден правен лек.
Имено, според ставот 4 на членот 372 од Законот ревизија може да се изјави и против второстепена пресуда и ако вредноста на спорот на побиваниот дел не надминува 500.000 денари ако второстепениот суд во изреката тоа го дозволил имајќи предвид дека одлуката на спорот зависи од решавањето на некое материјално-правно или процесно-правно прашање, а со цел за обезбедување на единствена примена на законот и воедначување на судската практика.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, Законот за судовите како и Законот за парничната постапка во однос на оспорената одредба од член 372 став 2 и 3 Судот смета дека право е на законодавецот покрај жалбата како редовен правен лек да предвиди и вонредени правни лекови, односно да ја предвиди ревизијата како вонреден правен лек кој странките можат да го изјават доколку се исполнети одредени предуслови, а тоа е вредноста на спорот или видот на спорот поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Воедно Судот смета дека оспорениот став 4 на член 372 од Законот за парничната постапка не може да биде подведен под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Ова затоа што имајќи ја предвид уставната поставеност на Врховниот суд на Република Македонија како највисок суд во Републиката кој обезбедува единствена примена на законите предвидувањето на можноста против пресудата на второстепениот суд без оглед на вредноста на спорот странките да можат да изјават ревизија е во интерес на странката со цел за единствена примена на законот и решавање на некое процесно правно или материјално правно прашање, а кое е битно за одлучување во спорот на кој начин се обезбедува максимално можна заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како темелни вредности на уставниот поредок.
5. Судот исто така утврди дека во оспорениот член 400 од Законот за парничната постапка поместен во поднасловот „Повторување на постапката по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“ е уредено дека:
„Кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на некое човеково право или на основните слободи предвидени во Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи и во Дополнителните протоколи на Конвенцијата, кои Република Македонија ги ратификувала, странката може во рок од 30 дена од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права да поднесе барање до судот во Република Македонија кај судел во прв степен во постапката во која е донесена одлуката со која е повредено некое од човековите права или основните слободи за измена на одлуката со која тоа право или основна слобода е повредена.
Во постапката од ставот (1) на овој член соодветно се применуваат одредбите за повторување на постапката.
Во повторувањето на постапката судовите се должни да ги почитуваат правните ставови изразени во конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права со која е утврдена повреда на основните човекови права и слободи“.
Според член 8 алинеја 1 и 11 од Уставот на Република Македонија покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.
Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.
Според Амандман XXV став 2 со кој е заменет член 98 од Уставот судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а според ставот 4 видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од правниот поредок и не можат да се менуваат со закон.
Според член 13 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи изменети со Протокол 11 заедно со протоколи 1, 4, 6 и 7 („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997) секој човек чии права и слободи признати со оваа Конвенција се нарушени, има право на ефикасен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршењето службена должност.
Според член 19 од наведената Конвенција поместен во Глава II – „Европски суд за правата на човекот“ со цел да се обезбеди почитување на обврските што за Високите страни договорнички произлегуваат од Конвенцијата и нејзините протоколи, се основа Европски суд за правата на човекот.
Според член 32 од Конвенцијата Судот е надлежен за сите прашања во врска со интерпретацијата и примената на Конвенцијата и на нејзините протоколи што ќе му бидат доставени според условите предвидени во членовите 33, 34 и 47.
Според член 34 од Конвенцијата, Судот прима жалби што му ги доставуваат физички лица, невладини организации или група поединци кои се сметаат за жртва на повреда на правото признати во Конвенцијата.
Високите страни договорнички се обврзуват со никаква мерка да не го спречуваат ефикасното врешење на ова право, при што согласно член 35, пак, Судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства, врз основа на општоприфатените принципи од меѓународното право и во рок од 6 месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната интерна одлука.
Според член 46 од Конвенцијата високите договорнички страни се обврзуват да се придржуваат кон конечната пресуда на судот во споровите во кои се странки.
Конечната пресуда на Судот се доставува на Советот на министри кој го надгледува нејзиното извршување.
Од наведеното произлегува дека за остварување на загарантираните слободи и права утврдени во Конвенцијата која Република Македонија ја ратификувала и таа станала дел од внатрешниот правен поредок, Република Македонија ја прифатила и обврската да ги почитува конечните одлуки на Европскиот суд за човекови права како меѓународна институција компетентна да постапува по барањето на лицата кои се жалат дека им е повредено некое право гарантирно со Конвенцијата.
Во пресудата со која ја усвојува жалбата, Судот декларира дека одговорната држава повредила одредено право загарантирано со Конвенцијата, а воедно во одредени случаи може да определи и паричен надоместок за апликантот (член 41).
Со пресудата на Европскиот суд за човекови права не се менува домашната пресуда, не се наметнува обврска за повторно отварање на случајот, ниту пак може да се наметне обврската на државата што повредила некое право во иднина да прекине во повредите.
Имајќи го предвид декларативниот карактер на пресудата на Европскиот суд за човекови права, а со цел за ефикасна заштита на слободите и правата утврдени со Конвенцијата, а кои во одредени случаи се повредени од државите потписнички на Конвенцијата Комитетот на министри за земјите членки на 19 јанаури 2000 година донел Препорака бр. R (2000) 2 во врска со повторното разгледување или повторно отварање на одредени случаи на национално ниво по пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Имено Комитетот на министри имајќи ги предвид практичните согледувања во врска со спроведување на пресудата на Европскиот суд за човекови права: 1) ги повикува договорните страни на национално ниво да обезбедат постоење на соодветна можност за постигнување, колку што е можно restitutio in integrum; 2) ги поттикнува договорните страни особено да ги рзгледуваат нивните национални правни системи со цел да обезбедат постоење на адекватни можности за повторно разгледување на случајот, вклучително и повторно отварање на постапката во случаите кога судот утврдил прекршување на Конвенцијата, а особено кога оштетената страна и натаму трпи сериозни негативни последици поради исходот на одлуката на национално ниво по конкретното прашање, кои не се соодветно корегирани преку правично обештетување и не можат да се корегираат освен со повторно разгледување или отварање на случајот и пресудата на Судот води до заклучок дека оспорената одлука на национално ниво е во своето битие спротивно на Конвецијата или се утврдило прекршување врз основа на процедурални грешки или недостатоци со таква тежина со што се фрла сериозна сенка на сомневање врз исходот на постапката на национално ниво за која е поднесена претставката.
Комитетот на министри на 12 мај 2004 година донел Препорака REC (2004) 6 за подобрување на домашните правни лекови, покрај другото, повикувајќи се на супсидијарниот карактер на механизмот за надзор воспоставен со Конвенцијата, кој имплицира во согласност со член 1, дека правата и слободите гарантирани со Конвенцијата се заштитени на прво место на национално ниво и применувани од страна на државните органи на власта препорачува земјите членки: 1) да утврдат преку постојано преиспитување, во светлина на прецедентното право на Судот, дека домашните правни лекови постојат за секој кој има аргументирана жалба за прекршување на Конвенцијата и дека овие правни лекови се ефективни така што може да резултираат во одлука врз база на правната заснованост на жалбата и во соодветно обештетување за секое утврдено прекршување, 2) да ја преиспитаат, следејќи ги пресудите на Судот кои упатуваат на структурни или општи недостатоци во националното право или практично, ефективноста на постоечките домашни правни лекови и ако е потребно да воспостават ефикасни правни лекови со цел да се избегне случаите што се повторуваат да бидат доставени пред Судот.
Имајќи го предвид наведеното, а во духот на почитување на Конвенцијата за заштита на човековите слободи и права како и препораките на Комитетот на министри, Република Македонија како потписник на наведената Конвенција во Законот за парничната постапка го предвидел институтот повторување на постапката по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбуг. Целта на воведувањето на овој вонреден правен лек е странката во спорот да не трпи последици како резултат на повреда на одредбите од Конвенцијата, поради што Судот смета дека оспорениот член 400 од Законот за парничната постапка не може да биде доведен под сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, а особено во однос на член 9 од Уставот.
Ова оттаму што оспорената одредба се однесува на граѓаните кои се наоѓаат во еднаква правна положба, односно кои аплицирале пред Европскиот суд за човекови права кој со пресуда утврдил дека е повредено некое од човековите права или основни слободи, што претставува основ за повторување на постапката, а не и за сите граѓани без оглед на тоа дали се обратиле до Судот во Стразбур. Поточно речено, во конкретниов случај подносителот на иницијативата во суштина бара не само дирекна промена на пресудата од Судот во Стразбур без повторување на постапката пред домашен суд туку и таквата пресуда да претставува и извор на правото, односно „пилот одлуката“ на Судот во Стразбур да се применува на сите случаи кои можат да бидат подведени под ист основ, што според мислењето на Уставниот суд е неприфатливо. Ова оттаму што судовите согласно Уставот судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот, поради што и од овој аспект оспорената одредба не може да биде доведена под сомнение во однос на Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на член 372 став 4 Судот решението го донесе со мнозинство гласови.
У.бр.35/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи