Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 и 12 јули 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 30-б став 3 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/1998, 18/1999 и 2/2004).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 80-а од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/1997, 53/2000, 37/2002 и 17/2004).
3. „Градинар“ АД – Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби се повредувале повеќе членови од Уставот и тоа: член 8 став 1 алинеја 1, член 30, член 55 и член 57 од Уставот.
Имено, според овие законски одредби со отворањето на стечајна постапка на правните лица кои користеле земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп им се одземало правото на користење на ова земјиште, со што им било оневозможено да се рестартираат со поднесување на план за реорганизација согласно член 53 и другите членови од Законот за стечај. Поради тоа, овие правни лица се доведувале во нерамноправна положба на пазарот во однос на другите правни лица над кои, исто така, била отворена стечајна постапка, но за разлика од нив, овие лица можеле да се рестартираат, иако и тие користеле земјиште што не било во нивна сопственост, а земјоделието не им било основна дејност.
Исто така, оспорените членови од наведените закони сами по себе биле нејасни и двосмислени со оглед на тоа што со нив не се утврдувале правата на објектите и насадите подигнати на земјоделското земјиште, како и на инфраструктурата по одземањето на правото на користење на ова земјиште. Во врска со ова се укажува дека во предлогот на новиот Закон за стечај, во членот 126 биле содржани одредби во кои веќе се утврдувале некои од овие права на должникот по одобрувањето на планот за реорганизација.
Со оспорените законски одредби се ограничувало и правото на легитимни очекувања од идното производство опфатено со краткорочните и долгорочните планови на акционерските друштва на кои основна дејност е земјоделското производство на градинарски и други производи, со која дејност се занимавал повеќе од 50 години и подносителот на иницијативата, односно „Градинар„ АД Охрид.
Поради наведените причини, во иницијативата се предлага Судот да ги укине оспорените законски одредби и да се спречи ликвидацијата на друштвото поради овие одредби кои според подносителот се спротивни на Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 30-б став 1 од Законот за земјоделското земјиште, правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата, престанува по сила на закон, кога:
– корисникот не ги платил даноците и другите јавни давачки кои произлегуваат од користењето на земјоделското земјиште во сопственост на државата, предмет на концесија и закуп и
– со правосилно решение за денационализација земјоделското земјиште во сопственост на државата се врати во сопственост на поранешните сопственици, во обем според решението.
Според ставот 2 на оспорениот член 30-б од овој закон, на правните лица корисници на земјоделско земјиште во сопственост на државата, им престанува правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата по сила на закон и кога над нив е отворена стечајна или ливкидациона постапка, со денот на правосилноста на решението за отворање на постапката.
Основниот суд, кој ја води стечајната или ликвидационата постапка, во случаите од ставот 2 на овој член, по службена должност ќе донесе решение за престанок на правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата на правното лице и враќање на истото во владение на државата (оспорен став).
Во оспорениот член 80-а од Законот за стечај (кој што е додаден со членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај „Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2004) утврдено е дека: „За земјоделското земјиште во државна сопственост што го користел стечајниот должник, кое во катастарската евиденција се води како земјиште на Република Македонија, судот што ја води стечајната постапка, согласно со членот 30-б став (3) од Законот за земјоделско земјиште донесува решение за престанок на правото на користење на стечајниот должник и го враќа во владение на Република Македонија, во рок од осум дена од правосилноста на решението за отворање на стечајната постапка (став 1). Во случај кога е отворена стечајна постапка, а не е донесено решението од ставот (1) на овој член, судот ќе го донесе решението во рок од 30 дена, но најдоцна до заклучувањето на стечајната постапка (став 2)“.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.
Со членот 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според членот 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.
Во делот на Уставот кој се однесува на основите на економските односи, во членот 55 е определено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквоста на субјектите на пазарот, при што државата е должна да презема мерки против монополското однесување на пазарот.
Според членот 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес на Републиката и уживаат посебна заштита.
Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001), во членот 5 утврдил дека правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени во Уставот и законите.
Со одредбата од членот 16 на овој закон е определено дека сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, стварите во општа употреба, градежното земјиште, шумите и земјоделското земјиште, пасиштата и водите, како и стварите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се ствари (добра) од општ интерес за Републиката. Според ставот 2, стварите кои врз основа на Уставот или со посебни закони се прогласени за ствари од општ интерес за Републиката можат да бидат предмет на правото на сопственост на државата односно на физички и правни лица.
Законот за земјоделското земјиште во членот 1 определил дека со овој закон се уредува користењето, располагањето и заштитата на земјоделското земјиште.
Согласно членот 2 од овој закон, земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката, ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврдени со овој закон.
Според членот 5, правото на сопственост врз земјоделското земјиште, создава права и обврски и служи за доброто на сопственикот и на државата.
Со одредбите од Законот за земјоделското земјиште посебно е уреден правниот режим на земјоделското земјиште, според кој тоа може да биде во сопственост на државата и во сопственост на физички и правни лица, а во тие рамки е уредено располагањето со земјиштето под услови и на начин утврдени со законот.
На договорот за закуп, концесија или плодоуживање на земјоделското земјиште во сопственост на државата, според членот 26 од Законот соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.
Правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата (стекнато на еден од начините предвидени во членот 15 од Законот), согласно членот 30-а од Законот престанува по сила на закон или со раскин на договор.
Случаите во кои правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата престанува по сила на закон децидно се утврдени во членот 30-б од Законот, чиј став 3 се оспорува со оваа иницијатива. Така, според став 2 на овој член, на правните лица корисници на земјоделското земјиште во сопственост на државата им престанува правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата по сила на закон и кога над нив е отворена стечајна или ликвидациона постапка, со денот на правосилноста на решението за отварање на постапката.
Од наведените законски одредби произлегува дека земјоделското земјиште, како добро од општ интерес за Републиката, може да биде во државна сопственост и во сопственост на други правни и физички лица. Понатаму, според овие одредби од Законот земјоделското земјиште во државна сопственост може да се даде на користење со концесија, под закуп или плодоуживање на други физички и правни лица согласно условите и на начин утврден со овој закон. И на крај, со овие одредби се уредуваат и условите и начинот на престанок на правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата и тоа било со раскинување на договорот или по сила на закон (членовите 30, 30-а и 30-б).
Имајќи ја предвид содржината на оспорениот став 3 на членот 30-б од Законот, а разгледувајќи ја истата во контекст на целиот овој член и на другите членови од Законот произлегува дека со ставот 3 на членот 30-б не се врши одземање или ограничување на правото на сопственост, ниту на правата кои произлегуваат од сопственоста, туку напротив се утврдува само надлежниот орган за донесување на решение за престанок на правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата кога над правното лице корисник на ова земјиште е отворена стечајна или ликвидациона постапка, во кој случај правото на користење на земјоделското земјиште во сопственост на државата согласно ставот 2 на истиот член 30-б од Законот престанува по сила на закон.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај се работи за земјоделско земјиште, според Судот, уредувањето на користењето и располагањето со тоа земјиште, а во тие рамки и на престанокот на правото на користење на земјоделското земјиште во државна сопственост, има уставен основ во членот 56 став 1 од Уставот и Амандманот IX на Уставот (со кој се заменува став 2 на овој член) согласно кои земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката определено со закон ужива посебна заштита и може да се отстапи на користење на начин и под услови уредени со закон.
Според Судот, со оспорената одредба на член 30-б став 3 од Законот не само што не се повредува правото на сопственост утврдено во членот 30 од Уставот, туку истата сама за себе не создава ниту нерамноправна положба на субјектите на пазарот, како што се наведува во иницијативата. Ова од причини што оваа одредба, како впрочем и ставот 2 на член 30-б од Законот, на која се надоврзува оспорениот став 3, подеднакво се однесува на сите правни лица – корисници на земјоделско земјиште во сопственост на државата кога над нив е отворена стечајна или ликвидациона постапка. Имено, во таков случај, оспорената законска одредба сите правни лица корисници на земјоделско земјиште во сопственост на државата во однос на престанокот на правото на користење на ова земјиште ги става во еднаква правна положба.
Оспорената одредба на членот 30-б став 3, заедно со ставот 2 на овој член од Законот, поконкретно се разработени, односно специфицирани во членот 126 од новиот Закон за стечај, како Lex specialis во однос на наведеното прашање. Впрочем, во овој член на Законот поконретно се утврдуваат ситуациите во кои за земјоделското земјиште што го користел стечајниот должник се донесува решение за престанок на правото на користење и негово враќање во владние на Република Македонија (кога на земјиштето нема трајни вложувања), а во кои ова право преминува заедно со трајните вложувања на друго лице, кое во одредени случаи е должно вредноста на трајните вложувања да му ја исплати на стечајниот должник.
Оттука, со оглед на тоа што планот за реорганизација на стечајниот должник, како дел од стечајната постапка, како и пренесувањето на правото на користење и правата во однос на трајните вложувања на земјоделското земјиште во сопственост на државата, децидно се уредени во новиот Закон за стечај и како такви не се предмет на посебно уредување во Закон за земјоделското земјиште, според Судот, доведувањето на оспорениот член 30-б став 3 од Законот за земјоделското земјиште во врска со овие прашања е надминато, а причините за оспорување на неговата уставност поврзани со тие прашања се неосновани или поточно беспредметни.
Поради наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членот 30-б став 3 од Законот за земјоделското земјиште со членовите од Уставот во однос на кои во иницијативата се оспорува неговата уставност.
6. Во врска со оспорената одредба на членот 80-а од Законот за стечај, Судот утврди дека по поднесување на иницијативата е донесен нов Закон за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006), според чиј член 364, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи претходниот Закон за стечај, со сите негови изменувања и дополнувања.
Со оглед на тоа што со оваа иницијатива се оспорува уставноста на членот 80-а од Законот за стечај, кој со влегувањето во сила на новиот Закон за стечај престана да важи и повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување, поради што, согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот, одлучи иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 80-а од Законот за стечај да ја отфрли.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.
У.бр.217/2005
6 и 12 јули 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи