118/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 и 12 јули 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на измени и дополнувања на дел од Деталниот урбанистички план за втора станбена заедница во Тетово, бр.07-838/6 од 7 август 2002 година (“Службен гласник на општина Тетово” бр.5/2002), донесена од Советот на општина Тетово.

2. Минир Реџа, Вјолца Реџа, Бафти Реџа, Сулејман Реџа, Ракип Реџа, Сабрије Реџа, Агрон Реџа, Абдурахман Реџа, Абдурахим Реџа и Шурафет Реџа, сите од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, постапката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за втората станбена заедница во Тетово, била водена незаконито и спротивно на Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002). Ова поради тоа што во постапката не биле земени во предвид забелешките на подносителите на иницијативата кои ги поднеле на јавната анкета по нацрт планот, а кои се однесувале на неправилно испланираниот простор на дел од нивното дворно место, кое во површина од 70 м2 било планирано за соседната градежна парцела изградена со бесправен објект, со цел за негова легализација и остварување на имотните интереси на други лица. Поради тоа, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената Одлука и да донесе времена мерка со која ќе се забрани примената на урбанистичкиот план.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката бр.07-838/6 од 7 август 2002 година донесена од Советот на општина Тетово, се усвоени измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за втора станбена заедница во Тетово, ограничен со Улиците “Илинденска”, “Браќа Миладиновци”, “Мурат Бафтјари” и “Кочо Рацин”. Составен дел на оваа одлука е графичкиот прилог изработен од АД “Комуна проект” – Тетово, со технички бр.23/2002. Во Одлуката е утврдено дека влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Тетово”.

4. Врз основа на наводите изнесени во иницијативата, Судот утврди дека оспорената Одлука за усвојување на измени и дополнувања на дел од Деталниот урбанистички план за втора станбена заедница во Тетово бр.07-838/6 од 7 август 2002 година (“Службен гласник на општина Тетово” бр.5/2002) донесена од Советот на општина Тетово, веќе била предмет на уставносудска оцена и со решение на Судот У.бр.159/2002 од 2 април 2002 година не била поведена постапка за оценување на нејзината законитост, а во случајов се оспорува од истите причини за кои Судот го донел наведеното решение.

Судот, исто така со Решение У.бр.35/2005 од 16 и 17 март 2005 година ја отфрлил иницијативата од истите подносители од причини што за истата работа веќе одлучувал.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата во случај ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Поради тоа, намерата на подносителите на иницијативата во овој предмет е преку конкретни акти односно управно решение на Министерството за транспорт и врска и пресуда на Врховниот суд на Република Македонија да ја прикаже состојбата на катастарските и градежните парцели на предметното подрачје како аргумент да се поведе постапка од Судот за оценување на законитоста на Одлуката. Меѓутоа според Судот тоа се прашања во доменот на управната постапка и управниот спор за решавањето на имотно правните односи врз основа на тој план, а не и од аспект на донесувањето на самиот план кои би ја довеле во прашање уставноста на Одлуката.

Со оглед на фактот дека повторно пред Судот се оспорува законитоста на наведената Одлука а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.

У.бр.118/2006
6 и 12 јули 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи