Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за населба „Чифлик“- урбан блок А – Општина Кичево, бр. 07-1474/5 од 17.08.2005 година („Службен гласник на општина Кичево“ бр 5/2006).
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката означена во точка 1 од ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката означена во точка 1 од ова решение со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 2/2002).
4. Биљана Гавриловска од Кичево и Марика и Младен Јанаќиески, исто така од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа посебни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата и дополнувањето (прецизирањето) на иницијативата на првиот подносител, оспорениот Детален урбанистички план (во натамошниот текст: ДУП) не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, затоа што во постапката за неговото донесување биле направени суштествени повреди предвидени во член 17 и 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имено, забелешките на подносителот дадени на јавната анкета (парцелата 1996/1 која била во негово владение 32 години да остане како посебна, со предвидена маркица П+2, одвоена од парцелата 1996/2) иако биле прифатени и одобрени во Извештајот по јавната анкета, не биле вградени во донесениот ДУП, така што наместо две посебни парцели, постои само една парцела 1996 со постоечки објект, а предвидениот објект П+2 не постои, со што подносителот бил оштетен.
Причината за ваквата состојба, според подносителот на иницијативата бил фактот што ДУП е изгласан во вакум простор, од страна на новоформираниот совет на општина Кичево, на собрание на советот на кое сеуште не бил избран претседател на советот, што според него значи дека одлуката е неуставна бидејќи е донесена, пред избор на претседател, односно пред конституирање на советот. Исто така наведува дека при донесувањето на ДУП, од страна на советот на општина Кичево воопшто не биле разгледани доставените приговори и предлози.
Врз основа на наведеното, подносителот му предлага на Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука, а со оглед дека на предвидената градежна парцела може да се издаде одобрение за градба на трети лица, како и да се поведат управни постапки за денационализација, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на Одлуката на Уставниот суд, предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.
Според наводите во иницијативата на вторите подносители, целокупната постапка за донесување на ДУП била правена спротивно на важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 2/2002).
Имено, при донесувањето на ДУП не биле почитувани сите фази во постапката. Така, општина Кичево поднела барање до Министерството за транспорт и врски за издавање согласност за Предлог ДУП за „Чифлик“ -УБ „А“ во Кичево, заведено под број 08-163/1 од 09.02.2002 година. На ова барање, Министерството за транспорт и врски ја вратило доставената документација, со акт бр. 13-1322 од 23.02.2005 година, со укажување дека е потребно да се постапи по стручното мислење на Министерството. Општината, наместо да го врати нацрт планот пред граѓаните како истите би биле во можност да дадат свои забелешки, спротивно на член 11 и член 12 од Правилникот, почекала малку и истата документација, без никаква интервенција ја вратила повторно до Министерството за транспорт и врски, со акт бр. 08-163/2 од 09.03.2005 година. Потоа Министерството дало согласност на Предлог – ДУП, а врз основа на таа согласност, Советот на општина Кичево ја донело оспорената одлука.
Доколку не се направеле наведените незаконити дејствија, подносителите на иницијативата наведуваат дека ќе имале можност да интервенираат на начин што ќе укажеле дека границите на К.П. бр.1868 не можеле да бидат во темелот на објектот, повлечени со линија со фасадата, кога се знаело дека објектот има заштитни тротоари и отсекогаш постоел простор за редовна употреба кој требало да се има предвид при донесувањето на ДУП.
На крајот, наведуваат дека видно од комплетната документација која и претходи на оспорената одлука, тогашниот градоначалник на своја рака, без согласност на стручниот тим (што се гледало од фактот што истите не биле потпишувани на ниеден пропратен акт, туку стоел само потписот на градоначалникот) ја донел оспорената одлуката, со што истата била целосно незаконита, поради што предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и предлагаат Судот да определи времена мерка за недавање на никакви согласности врз основа на вака изменетиот урбанистички план.
5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Кичево на седницата одржана на 17.08.2005 година, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за населба „Чифлик“- урбан блок А – Општина Кичево, заведена под број 07-1474/5.
Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за населба „Чифлик“-Урбан блок А во Кичево со Предлог планот изготвен од ДООЕЛ „Стил-проект“ Прилеп со тех. бр. 10/04 од март 2005 година.
Согласно член 2 од Одлуката, планот од член 1 на оваа одлука содржи: Документациона основа, Текстуално образложение, Графички прилози според законски одредби, Стручна ревизија на Нацрт планот изготвена од АД „ЗУАС“-Скопје, од јули 2004 година, Извештај по јавната анкета за Нацрт планот, бр. 08-1472/2 од 18.11.2004 година, Согласност на Предлог планот, издадена од Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот во Скопје, со бр. 13-20803 од 0.04.2005 година.
Според член 3 од Одлуката, Планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесувањето, во седум (7) примероци со потпис и печат од доносителот на планот и се доставува до надлежните служби согласно член 27 став 4 од ЗПУП („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005),еден се чува во архивот на донесувачот на Планот, еден кај органот што го спроведува, еден во надлежниот државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работи за уредување на просторот, еден примерок се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Државниот завод за геодетски работи и седмиот примерок се изложува во Одделението за комунални дејности при Општина Кичево заради достапност во јавноста.
Согласно член 4 од истата одлука, Планот ќе го спроведува Одделението за урбанизам и заштита на животната средина на Општина Кичево.
Според член 5 од Одлуката, примерок од оваа одлука се доставува до ЕЛС-Општина Кичево -Одделение за комунални дејности, Одделение за урбанизам и заштита на животната средина и до Министерството за транспорт и врски -Скопје, Сектор за уредување на просторот Скопје.
Со член 6 од Одлуката се утврдува дека Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кичево“.
Одлуката е објавена во „Службен гласник на општина Кичево“, бр.5/2006 година.
6. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005). Во Главата VI Преодни и завршни одредби на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година), ќе продолжи според одредбите на законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.
Со оглед на тоа што Судот утврди дека во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за општина Кичево и спроведената јавна анкета по нацрт-планот во сила бил Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), анализата на правната и фактичката состојба во врска со постапката за донесување на оспорената одлука се врши во однос на овој закон.
Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови, во кој спаѓа просторен план на Републиката и урбанистички планови, во кои спаѓаат: генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината.
Со член 16 став 1 од Законот се утврдува дека изработување на сите урбанистички планови врши правно лице овластено од министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот, ако во редовен работен однос има најмалку три овластени лица – со лиценца за изработка на урбанистички планови. Согласно ставот 2 на истиот член, овластување за изработка на урбанистички планови, освен генерален урбанистички план може да добие правно лице кое во редовен работен однос има најмалку едно овластено лице – со лиценца за изработка на урбанистички планови.
Во член 17 став 1 од Законот се утврдува дека плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според став 3 на истиот член, по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета. Согласно став 5 на истиот член, јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичката документација за населено место во општина, ги организира општината, односно градот Скопје. Согласно став 7 на овој член, одлука за организирање јавна анкета по нацрт детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината донесува градоначалникот на општината, односно градоначакникот на Град Скопје по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација. Согласно став 8 на истиот член, органите на државната управа, како и институциите особено од областа на заштитата на спомениците на културата, во текот на изработката на плановите од членот 7 на овој закон, доставуваат свои барања со предлог на мерки и режим на планирање и уредување на просторот.
Според член 18 став 1 на овој закон, јавната анкета по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Согласно ставот 2 на истиот член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Согласно став 4 на истиот член, извештај за стручната расправа и јавната анкета за плановите од член 17 став 5 на овој закон, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината, односно Градот Скопје.
Согласно член 19 став 1 од Законот, пред организирањето на стручната расправа и јавната анкета, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија. Согласно став 2 на истиот член, стручната ревизија на урбанистичките планови според Програмата од членот 14 на овој закон ја врши правно лице кое има добиено овластување од член 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот, која ја врши стручно научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот. Согласно став 4 на овој член, изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.
Согласно член 20 став 1 од Законот, измените и дополнувањата на плановите од член 7 на овој закон се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Според членот 21-а од Законот, при изработување на урбанистички план од членот 7 точка 2 на овој закон (генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината) задолжително се применуваат нормативи и стандарди за уредување на просторот, кои ги донесува министерот надлежен за работите на уредувањето на просторот.
Согласно член 22 став 3 од Законот, општината донесува генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината, а согласно став 6 на истиот член, овие урбанистички планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот. Со оваа согласност, согласно член 23 став 1 од Законот, се потврдува дека планот е изработен согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
7. Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на Одлуката за донесување на ДУП за населба „Чифлик“ – Урбан блок А – општина Кичево, Судот оцени дека општина Кичево, како надлежен орган за донесување на наведената одлука, ги спровела сите законски определени дејствија во постапката за донесување на истата, и тоа:
Нацрт- деталениот урбанистички план на дел од населбата „Чифлик“ во Кичево – Урбан блок „А“ ( во натамошниот текст: Нацрт-план) е изработен од „Стил проект“ ДООЕЛ Прилеп во март 2004 година.
Стручна ревизија на Нацрт-планот, согласно член 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, е изработена од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ Скопје, во јули 2004 година, за што е изготвен извештај во кој се содржани определени забелешки и сугестии.
Согласно член 19 став 4 од истиот закон, изработувачот на Нацрт-планот дал одговор по забелешките од стручната ревизија, бр. 08-04 од 09 август 2004 година, со кој главно се прифатени сите забелешки и сугестии.
Министерството за транспорт и врски на Нацрт-планот дало Стручно мислење бр. 13-11329 од 20 септември 2004 година, во кое се дадени определени сугестии и забелешки, како и укажување дека постапката за изработка на планот може да продолжи по вградување на сугестиите и забелешките од Стручната ревизија и Стручното мислење.
Изработувачот на Нацрт-планот доставил до Министерството за транспорт и врски Извештај за постапување по Стручното мислење, бр. 15/04 од 21 октомври 2004 година.
Органот за уредување и употреба на градежно земјиште во градежниот реон на општина Кичево донел Заклучок бр. 08-1371/2 од 25 октомври 2004 година со кој го утврдил текстот на Нацрт- планот.
На 25 октомври 2004 година градоначалникот на општина Кичево донел Одлука за организирање јавна анкета по Нацрт-планот, која била јавно објавена.
Јавната анкета по Нацрт-планот траела 10 дена, во периодот од 25 октомври 2004 година до 5 ноември 2004 година.
На ден 11 ноември 2004 година била извршена стручна консултација по Нацрт-планот, за која бил изготвен записник бр. 08-1433/2 од 11 ноември 2004 година.
Општина Кичево изготвила Извештај по јавната анкета, бр. 08-1472/2 од 18 ноември 2004 година. Во Извештајот се наведува дека на јавната анкета биле поднесени 12 анкетни листови со забелешки по планот, кои Комисијата ги разгледала. Од извештајот може да се констатира дека првиот подносител на иницијативата, Биљана Гавриловска, доставила барање на анкетен лист бр. 3, кое е прифатено од Комисијата. Исто така се констатира дека вторите подносители на иницијативата, Маринка и Младен Јанаќиевски, немале доставено анкетни листови.
Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата доставил Мислење по Нацрт-планот, бр. 08-1489/2 од 19 ноември 2004 година, во кое укажува дека планот се прифаќа само откако ќе се постапи по забелешките кои ги изнесуваат во мислењето.
Во Известувањето за постапувањето бр. 08-1472/3 од 07 февруари 2005 година, општина Кичево констатира дека во Предлагот – планот главно е постапено по Извештајот од јавната анкета, стручната ревизија и стручното мислење.
Со акт бр. 13-1322 од 23 февруари 2005 година, Министерството за транспорт и врски ја враќа до општина Кичево документацијата доставена со барањето на согласност на Предлог-планот, со укажување дека планската документација треба да се изработи согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и да се постапи во целост по Стручното мислење на Министерството за транспорт и врски, како и по мислењето на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.
Изработувачот на Нацрт-планот, односно на Предлог-планот, „Стил проект“ Прилеп, до Министерството за транспорт и врски доставил Извештај по Стручното мислење по предлог-планот, бр. 15/04/2 од 08 март 2005 година. Во извештајот се наведува дека целосно е постапено по напатствијата од стручното мислење на Министерството за транспорт и врски и по забелешките на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, поради што сметаат дека се исполнети условите за добивање на согласност на Предлог-планот.
Министерството за транспорт и врски, со свој акт бр. 13-2803 од 05 април 2005 година, по разгледување на доставеното барање и приложената документација, согласно член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, издало согласност на Предлог-планот.
На 17 август 2005 година, советот на општина Кичево ја донел оспорената одлука за донесување Детален урбанистички план за населба „Чифлик“ – урбан блок А – општина Кичево.
8. Судот утврди дека законодавецот, имајќи го предвид значењето на јавната анкета како дел од постапката за донесување на урбанистички план преку која се овозможува запознавање и учество на граѓаните и јавноста во уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата, што претставува темелна вредност на уставното уредување на Република Македонија, во член 18 став 4 на истиот закон, утврдил обврска за општината како организатор на јавната анкета, да изработи извештај за стручната расправа и јавната анкета, со образложение за неприфатените забелешки.
Анализирајќи ја оваа законска одредба, Судот оцени дека со истата, освен што децидно се утврдува обврска за општината да ги образложи причините за неприфаќање на одредено барање изложено на јавната анкета, исто така произлегува и обврска за општината да ги вгради во Предлог-урбанистичкиот план сите барања изнесени на јавната анкета, за кои таа одлучила дека се исполнети условите за нивното прифаќање. Доколку тоа не е случај, според Судот, смислата на постоење на јавна анкета во постапката за донесување на урбанистички план го губи своето значење утврдено со Законот и станува празна форма која не им овозможува на граѓаните фактичко влијание при уредувањето и хуманизацијата на просторот.
Според Судот, фактот што на организираната јавна анкета во постапката за донесување Детален урбанистички план за населбата „Чифлик„ – Урбан блок А – во општина Кичево, првиот подносител на иницијативата поднел барање на анкетен лист бр. 3 во врска со парцелата 1996, кое според Извештајот по јавната анкета било прифатено со обврска да се постапи по истото и да се вгради во конечниот урбанистички план, но што, видно од донесениот ДУП и писменото известување од градоначалникот на општина Кичево, доставено во претходната постапка (бр. 07-1858/2 од 31.05.2006 година) не е сторено и не е вградено во конечниот урбанистички план, без никакво образложение, претставува повреда на законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план за населено место.
Поради тоа пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и членовите 17 и 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во времето на нејзиното донесување.
9. Во однос на наводите на вторите подносители на иницијативата за несогласноста на оспорената одлука со Правилникот за поблиската содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови, Судот не е надлежен да се произнесува по истите, поради следното:
Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Имајќи ја предвид оваа одредба на Уставот, како и фактот што оспорената одлука и наведениот правилник имаат карактер на прописи – подзаконски акти со иста правна сила, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна согласност.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека се исполнети условите иницијативата во овој дел да биде отфрлена.
10. При донесување на ова решение Судот оцени дека основано може да се очекува дека со извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука може да настанат штетни последици, поради што се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за запирање на нивното извршување.
11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.65/2006
28 јуни 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи