У.бр.62/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 јуни 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 21 став 5 од Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2002 и 46/2004).

2. Јавното претпријатие за поштенски сообраќај „Македонска пошта„ ц.о. Скопје, во текот на постапката трансформирано во Акционерско друштво „Македонска пошта„ ц.о. Скопје во државна сопственост, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 21 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Имено, подносителот на иницијативата по цитирање на оспорената одредба, појаснува дека претпријатието, односно сега друштвото е еден од тројцата основачи на “Поштенска банка” АД Скопје, дека е сопственик на 1/3 од основачкиот влог на наведената банка, потоа се означува висината на акционерскиот капитал на банката и се означува бројот на обични акции врз основа на кои акционерите имаат право да управуваат со банката.

Во иницијативата се цитираат член 48 и член 58 став 4 од Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр. 63/2000, 37/2001, 51/2003 и 85/2003) и се појаснува дека одредбите од овој закон, како lex specialis и посебно второозначената одредба не забранувале лицата наведени во оспорената одредба да бидат членови или претседател на Управен одбор на банка.

Меѓутоа, врз основа на оспорената одредба, а постапувајќи по мислењето на Државната комисија за спречување на корупцијата, Управниот одбор на “Поштенска банка” донел одлука со која го разрешил Директорот на “Македонска пошта” од функцијата член односно претседател на Управниот одбор на наведената банка.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, бидејќи истата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Инаку, во иницијативата се оспорува член 22 став 5 од пречистениот текст на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.83/2004), а станува збор за член 21 став 5 од основниот текст на Законот, кој е предмет на уставносудска оцена во оваа постап ка.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 21 став 5 од Законот за спречување на корупцијата, избран или именуван функционер, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал не може да врши функција на член на управен одбор или на друг орган на управување во трговско друштво или во друго правно лице што се занимава со дејност со која се остварува профит.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македон ија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Во иницијативата, како единствена причина за несогласнот на оспорената одредба од Законот за спречување на корупцијата со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се наведува нејзината неусогласеност со членовите 48 и 58 став 4 од Законот за банките.

Тргнувајќи од содржината на член 110 од Уставот на Република Македонија, а во контекст на изнесените наводи од иницијативата, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува неусогласеноста на одредби од исти или други закони, од каде постоењето на евентуалната таква неусогласеност не може да биде причина за оценување на уставноста на конкретна законска норма.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 62/2005
21 јуни 2006 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи