Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 2 и 3 од Одлуката за верификација на мандатите на членовите на Советот на општина Делчево, бр.07-301/1од 6 април 2005 година.
2. Гоце Стоиловски од с. Драмче – Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 2 и 3 од одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорените членови 2 и 3 на Одлуката биле спротивни на член 7 став 3 и член 62 став 5, од Законот за локалната самоуправа, како и на членот 50 од Статутот на општина Делчево, затоа што Одлуката влегувала во сила со денот на донесувањето, а не осмиот ден од денот на објавувањето или со денот на објавувањето, како што се предвидувало во наведените одредби од Законот и Статутот.
Овие членови биле спротивни и на членот 52 став 1 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Делчево, Одлуката чии членови се оспоруваат со оваа иницијатива ја има донесено на својата прва (конститутивна) седница одржана на 6 април 2005 година, врз основа на член 18 од Статутот на општината и поднесениот извештај од Верификационата комисија на Советот, а во врска со известувањето на Општинската изборна комисија.
Според член 1 од оваа одлука, се верифицираат мандатите на поединечно наведените членови на Советот на општина Делчево избрани на локалните избори одржани на 13 март 2005 година.
Според оспорениот член 2 од Одлуката, мандатот на членовите на Советот трае 4 (четири) години, сметано од 6 април 2005 година, а според оспорениот член 3, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Делчево“.
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и досегашниот став во однос на правните елементи што треба да ги содржи еден пропис, Судот утврди дека одлуката чии членови се оспоруваат со оваа иницијатива не содржи општи норми на однесување, односно не уредува на општ начин определени односи, ниту утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, туку со неа се врши верификација на мандатот поименично на секој член на Советот на општината избран на локалните избори одржани во 2005 година.
Оттука, според Судот Одлуката, чии членови се оспоруваат со оваа иницијатива, не претставува општ акт, односно пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, ниту на член 7 став 3 од Законот за локалната самоуправа, на кој се повикува подносителот на иницијативата, туку е конкретен акт за чија согласност со Уставот и законите Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.112/2006
14 јуни 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи