У.бр.34/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 мај 2006 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 184 став 2 и 185 став 1 во делот: „освен кога притворот е задолжителен“ од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997, 44/2002 и 74/2004).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија преку претседателот д-р Мирјана Најческа и по сопствена иницијатива со Решение У.бр.34/2005 од 29 март 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот за кривичната постапка означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 184 став 1 од Законот за кривичната постапка ако постои основано сомнение дека определено лице сторило кривично дело, притвор против тоа лице може да се определи ако:

1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство;

2) постои основан страв дека ќе ги уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, соучесниците или прикривачите и

3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.

Судот исто така утврди дека според член 69 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.74/2002) во членот 184 се додава нов став 2 (кој е оспорен со иницијативата) според кој притвор задолжително се определува кога постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело за кое може да се изрече казна доживотен затвор.

Според член 185 став 1 од Законот, притвор определува истражен судија на предлог на овластен тужител, освен кога притворот е задолжителен. Против решението со кое се одбива предлогот за определување притвор, дозволена е жалба во рок од 48 часа до советот од членот 22 став 6 на овој закон.

Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

5. Согласно член 12 став 1 од Уставот на Република Македонија слободата на човекот е неприкосновена, а во ставот 2 од овој член е утврдено дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Според член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според Амандман XXI точка 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Согласно член 118 од Уставот на Република Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа е ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.

Според член 5 став 1 точка б од Конвенцијата секој човек има право на слобода и на безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон, меѓу другото, и ако е уапсен или притворен поради приведување пред надлежна судска власт, кога постои оправдано сомнение дека тоа лице извршило кривично дело, или кога постојат оправдани причини тоа лице да се спречи да изврши кривично дело, или по извршувањето на кривичното дело да побегне.

Според член 5 став 3 од Конвенцијата секое лице уапсено или притворено според одредбите на став 1в од овој член мора веднаш да биде изведено пред судија или друго судско лице, со закон овластено да врши судска власт и да има право на судење во разумен рок или на пуштање на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со давање гаранција дека тоа лице ќе се појави на судењето.

Согласно член 6 став 2 од Европската конвенција за човекови права секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин се додека неговата вина не се докаже по законски пат.

Уставот гарантирајќи ја слободата на човекот и граѓанинот оди до таму што го утврдува и времетраењето на притворот кој може до подигање на обвинението да трае најдолго 180 дена, а по подигање на обвинението притворот може да се определи или да се продолжи само со одлука на надлежен суд, во случај и во постапка утврдени со закон, што значи неговото траење не е уставно ограничено.

Од наведената одредба од член 12 од Уставот произлегува дека Уставот прокламирајќи ја неприкосновеноста на слободата на човекот како негово основно право, истовремено ги утврдува и основните услови и начинот на нејзиното ограничување, така што утврдува дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Според тоа, нејзиното ограничување мора да се врши со строго почитување на законските, односно со закон пропишаните услови и постапка, со што се исклучува секакво самоволие на било кој орган. Посебна гаранција е наделжноста на судот како независен и самостоен орган кој одлучува за нејзиното ограничување.

Според тоа, граѓанинот може да биде лишен од слобода кога таквиот случај е предвиден со закон и кога за тоа постои одлука на судот за негово лишување од слобода.

Од содржината на членот 13 од Уставот и од членот 6 од наведената Конвенција произлегува дека значењето на презумпцијата на невиност, меѓу другото, се состои и во тоа обвинетото лице да не може да трпи ниедна правна последица пред правосилноста на судската пресуда, ниту да се смета како виновно, односно осудено.

Имајки предвид дека со притворот се ограничува личната слобода на човекот, Законот за кривичната постапка врз основа на Уставот детално го уредува институтот притвор како најстрога мерка за обезбедување на присуство на обвинетиот во постапката.

Имено, во членот 184 на Законот за кривичната постапка точно се утврдени основите кои треба да бидат исполнети за да може да се определи притвор спрема обвинетиот. Во членот 185 од Законот е утврдено дека притворот го определува истражниот судија со решение во кое покрај личните податоци на обвинетиот, кривичното дело за кое се обвинува, законската основа за притворот утврдена е и поука за правото на жалба по однос на утврдувањето на притворот. Во ставот 5 на член 185 е предвидено дека против решението за притвор притвореното лице може да се жали до советот (член 22 став 6) во рок од 24 часа од часот на предавањето на решението за притвор. Советот што одлучува по жалбата за притворот е должен да донесе одлука во рок од 48 часа.

За траењето на притворот по предавањето на обвинителниот акт Законот предвидува повремена контрола која се остварува по службена должност од страна на советот секои 30 дена и без предлог на странките. За траењето на притворот советот одлучува и при секое одлучување по предметот.

Притворот е сместен во Глава XVII-та од Законот за кривичната постапка, каде се утврдени мерките за обезбедување присуство на обвинетиот и за успешно водење на кривичната постапка.

Притворот е најстрогата од предвидените мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во постапката и се состои во одземање на слободата на движењето врз основа на решение на надлежниот суд, кога се исполнети условите предвидени со овој закон.

Со оглед дека ја ограничува личната слобода на човекот, како едно од неговите неприкосновени права, во согласност со уставниот постулат дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаите и во постапка утврдена со закон, максимирано е неговото траење (180 дена) додека постојат законски услови за тоа (член 12 од Уставот на Република Македонија).

Одредбата што ги пропишува правилата за сведување на неговото траење на најкусо нужно време ги обврзува органите и учесниците во постапката да постапуваат со “особена итност”, ако обвинетиот се наоѓа во притвор.

Инаку, во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005 и 60/2006) кривичните дела за кои се предвидува и казната доживотен затвор се поместени во Дваесет и седма глава “Кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај во поднасловите: “Грабнување воздухоплов или брод”, “Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај”. Понатаму, во Дваесет и осма глава “Кривични дела против државата” во поднасловите “Признавање на окупација”, “Убиство на претставници на највисоките државни органи”, “Казнување за најтешките форми на кривични дела”. Во Дваесет и деветата глава “Кривични дела против вооружените сили” во поднасловите “Спротивставување на претпоставен”, “Напад врз воено лице во вршењето на службата”, и во Триесет и четвртата глава “Кривични дела против човечноста и меѓународното право” во поднасловите “Геноцид”, “Злосторство против човечноста”, “Воено злосторство против цивилно население”, “Воено злосторство против ранети и болни”, “Воено злосторство против воени заробеници”, “Употреба на недозволени средства на борба”, “Употреба на хемиско или биолошко оружје”, “Противправно убивање и ранување на непријател”, “Меѓународен териризам”, “Загрозување лица под меѓународна заштита” и “Земање заложници”.

Во врска со наводите во иницијативата дека за притворот не одлучува истражниот судија, туку тој е врзан за квалификацијата на делото што ја дава јавниот обвинител, Судот утврди дека законодавецот со предвидувањето на мерката задолжителен притвор за кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор, “de jure и de facto” без оглед дали има или не предлог на овластен тужител за определување на мерката притвор, тогаш кога истражниот судија спрема одредено лице донесе решение за спроведување на истрага поради постоење на основано сомнение за кривично дело за кое може да се изрече казна доживотен затвор, судијата е оневозможен врз основа на своето слободно судиско уверување и сестрана и грижлива оцена на фактите и доказите да оценува дали постојат основите утврдени во член 184 од Законот за кривичната постапка за да ја определи мерката притвор. Дотолку повеќе што оспорената одредба е конципирана така што нема градација по однос на одредена фаза на постапката, туку таа може да се применува во текот на целата кривична постапка се до донесување на правосилна судска пресуда. Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со принципот на презумпцијата на невиност од член 13 од Уставот.

Оспорениот став 2 од член 184 од Законот за кривичната постапка ја изместува уставната позиција на судот да одлучува за потребата и основаноста на притворот како најстрога мерка за обезбедување присуство на обвинетиот во кривичната постапка, а законодавецот преку оваа императивна норма го обврзува судот само формално да донесе решение за притвор. Утврдувајќи обврска за судот задолжително да определи мерка притвор, само затоа што Законот императивно тоа го наложува, значи дека Законот за конкретни кривични дела одлучил за мерката притвор, а не судот.

Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба од член 184 став 2 од Законот за кривична постапка не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок – поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 4 и принципот дека за лишување од слобода одлучува судот од член 12 и Амандман III од Уставот.

Кога кривичниот совет (од член 22 став 6 од Законот за кривичната постапка) треба да одлучи за поднесена жалба против решението на истражниот судија за задолжителен притвор, не постои законска можност, врз основа на сопствена оцена на сите релевантни докази и околности, суштински да ја оценува оправданоста на притворот, затоа што оспорената императивна законска норма за задолжителноста на притворот тоа го оневозможува. При ваква правна состојба правото на жалба ја губи основната суштина и има само процедурално значење, поради што Судот утврди дека оспорената оредба од Законот не е во согланост со правото на жалба гарантирано со Уставот.

Тргнувајќи од фактот дека при определување на мерката задолжителен притвор судот апсолутно не е независен во одлучувањето за оправданоста од определувањето на оваа мерка, затоа што тој мора да донесе таква мерка бидејќи законот така му наложува, Судот оцени дека членот 184 став 2 и членот 185 став 1 во делот: “освен кога притворот е задолжителен” од Законот за кривичната постапка не е во согласност со наведените одредби од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.34/2005
31 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова