Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 и 18 мај 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 став 1 алинеја 1, член 19 став 2, член 31 став 2 точки 24 и 37, и член 87, од Изборниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од членот 18 став 1 алинеја 1 од Законикот било предвидено дека член на изборен орган не може да биде лице осудено за казниво дело поврзано со изборите. Со оглед на тоа што одредбата предвидувала по сила на закон да настапат правни последици од осуда за казниво дело, што се состојат во губење или ограничување на права, кои не се изречени од суд во рамки на одлучувањето за казната, произлегува дека оспорената одредба е неуставна.
Во однос на одредбата од членот 19 став 2 од Изборниот законик, во иницијативата се наведува дека таа предвидувала право на надомест за претседателот и членовите на изборните органи чијашто функција немала карактер на професионален ангажман и надоместокот го утврдувала Државната изборна комисија со свој акт, а во контекст на ова со оспорената законска одредба од членот 31 став 2 точка 24 било предвидено дека Државната изборна комисија донесувала правилник и упатство за надоместокот на членовите на изборните органи.
Со оглед на тоа што во Изборниот законик не биле предвидени одредби кои би содржеле критериуми и параметри врз основа на кои Државната изборна комисија со подзаконски акт би ја определувала содржината и висината на надоместоците на членовите на изборните органи, произлегувало дека со Законикот се давало овластување со подзаконски акт Државната изборна комисија да пропишува права и обврски кои само со закон можат да се уредат, па поради тоа одредбите од членот 19 став 2 и членот 31 став 2 точка 24 од Изборниот законик биле во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа членот 8 став 1 алинеја 3, 4 и 5, членот 51, членот 61 став 1 и членот 68 став 1 алинеја 2.
Понатаму, според иницијативата со оспорената одредба од членот 31 став 2 точка 37 од Изборниот законик било предвидено Државната изборна комисија во соработка со Министерството за внатрешни работи да донесе правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите. Меѓутоа, со оглед на тоа што било логично Владата на Република Македонија или министерот за внатрешни работи кој раководи со полицијата да го донесе прописот за извршување на Законикот, а не како во случајов Државната изборна комисија која немала врска со полицијата, произлегувало дека оспорената одредба давала овластување кое било спротивно на уставните начела за владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска утврдени во членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, како и оспорената одредба била во спротивност со членот 51, членот 91 алинеја 1 и 5, членот 96 и членот 97 од Уставот.
Во однос на членот 87 од Изборниот законик, во иницијативата се наведува дека одредбата од ставот 1 на овој член предвидувала надлежниот орган врз основа на одлуката од членот 86 став 3 на овој законик да донесе решение за неисплаќање на надоместок на трошоците на организаторите на изборната кампања во согласност со членот 85 став 7 на овој законик. Меѓутоа, донесувањето на решение за неисплаќање на надоместок не произлегувало од членот 85 став 7, што значи, покрај другото, двете законски одредби не биле ниту усогласени. Имено, членот 85 став 7 од Законикот предвидувал само поведување на соодветна постапка и не упатувал на донесување на решение какво што било предвидено во членот 87 став 1. Од овие причини оспорената одредба од членот 87 став 1 била во спротивност со владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори од член 8 став 1 алинеја 3 и 5, како и со членот 51 од Уставот.
Оспорената одредба од ставот 2 на членот 87 од Изборниот законик, била во контекст со првооспорената законска одредба од членот 18 став 1 алинеја 1, и за двете со иницијативата се наведува дека поради истите причини биле во несогласност со членот 8 став 1 алинеја 3, 4 и 5, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 22, член 23, член 51, член 54 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во дел III од Изборниот законик со наслов „Органи за спроведување на избори“, во членот 18 став 1 е предвидено дека член на изборен орган не може да биде, според алинеја 1, лице осудено за казниво дело поврзано со изборите, а според алинеја 2, лице кое претходно учествувало во спроведување на изборите и во чија работа како член на изборен орган се утврдени неправилности поради кои е поништено гласањето.
Во членот 19 став 1 од овој законик е предвидено дека претседателот и членовите на изборните органи својата функција ја извршуваат непристрасно, совесно и одговорно во согласност со надлежностите утврдени со овој законик.
Според ставот 2 од овој член, претседателот и членовите на изборните органи, чијашто функција нема карактер на професионален ангажман, имаат право на надоместок што се утврдува со акт на Државната изборна комисија.
Според одредбата од членот 31 став 1 од овој законик, Државната изборна комисија се грижи за законитоста во подготовката и спроведување на изборите во согласност со овој законик и врши надзор над работата на изборните органи.
Во ставот 2 од овој член во точката 24 е предвидено дека Државната изборна комисија донесува правилник и упатство за надоместокот на членовите на изборните органи, а според точката 37 Државната изборна комисија во соработка со Министерството за внатрешни работи донесува правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите.
Во дел VI од Изборниот законик со наслов “Изборна кампања и финансирање на изборната кампања” во членот 87 став 1 е предвидиено дека надлежниот орган врз основа на одлуката од членот 86 став 3 на овој законик ќе донесе решение за неисплаќање на надоместок на трошоците на организаторите на изборната кампања во согласност со членот 85 став 7 од овој законик.
Според ставот 2, надлежната изборна комисија ќе донесе решение за поништување на листата на кандидати најдоцна до денот на одржување на изборите, ако со правосилна пресуда се утврди дека во текот на изборната кампања користеле средства стекнати од извршени казниви дела.
5. Според членот 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а согласно членот 2 став 2, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Според членот 8 алинеја 3, 4 и 5 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.
Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според членот 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.
Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.
Согласно членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право во вршењето на јавни функции.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби произлегува дека во овој дел од нормите на Уставот не се прави разлика меѓу активното избирачко право, односно правото на граѓанинот да избира и пасивното избирачко право, односно правото на граѓанинот да биде избран. Избирачкото право е уставно определено како едно од најсуштествените политички права кое кореспондира со останатите демократски определби утврдени со Уставот, посебно во делот на организацијата и функционирањето на државната власт.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите морат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Поаѓајќи од уставното начело на поделба на власта, со Уставот се утврдени органите на власт, нивната организација и надлежности.
Според членот 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот. Согласно членот 62 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници кои се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување. Пратеникот не може да биде отповикан. Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според членот 79 од Уставот, претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката, тој е врховен командант на вооружените сили на Македонија. Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Според членот 80 став 1 од Уставот, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. Со Уставот, исто така, се утврдени начинот и постапката за избор на претседателот на Републиката.
Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Уставот на Република Македонија во институционали-зацијата на власта воспоставил самостојно и независно судство со Врховниот суд на Република Македонија како највисок суд.
Според членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Согласно одредбите од членот 114 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.
Со одредбите од Уставот кои се однесуваат на локалната самоуправа е утврдено дека единици на локалната самоуправа се општините а како посебна единица на локалната самоуправа е определен градот Скопје. Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење.
6. Поаѓајќи од уставните норми произлегува дека власта се остварува преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Во правниот поредок во Република Македонија спроведувањето на изборите беше регулирано со посебни закони за секој вид избори, но со донесувањето и влегувањето во сила на Изборниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006) престанаа да важат посебните закони од областа на изборната регулатива и се кодифицираа прописите во еден законик.
Според членот 1 од Изборниот законик, со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.
Во дел III од Изборниот законик, со наслов “Органи за спроведување на изборите”, во членот 17 е определено дека органи за спроведување на изборите се: Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и избирачките одбори.
Со оспорената одредба од членот 18 став 1 алинеја 1 од овој законик е утврдено дека член на изборен орган не може да биде лице осудено за казниво дело поврзано со изборите.
Според членот 26 од овој законик, Државната изборна комисија е составена од претседател, заменик и пет члена. Претседателот и заменикот се членови на Државната изборна комисија. Претседателот и членовите на Државната изборна комисија функцијата ја вршат професионално со мандат од пет години, со право на повторен избор.
Според одредбите од ставот 5 и ставот 6 од овој член, Државната изборна комисија има својство на правно лице, и средствата за работа на Државната изборна комисија се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.
Понатаму, друг орган за спроведување на изборите се општинските изборни комисии.
Според членот 34 од Изборниот законик, општинската изборна комисија е составена од претседател, четири члена и нивни заменици, (има секретар и негов заменик). Претседателите, нивните заменици, четирите члена и нивните заменици се избираат од вработените во државната, општинската и администрацијата на градот Скопје, со високо образование по случаен избор за време од пет години.
Трет орган за спроведување на изборите е избирачкиот одбор.
Според членот 38 од Изборниот законик, избирачкиот одбор се формира за секое избирачко место, тој е составен од претседател, четири члена и нивни заменици. Претседателите на избирачките одбори и нивните заменици, се избираат од редот на државната, општинската и администрацијата на градот Скопје, а четирите члена и нивните заменици се избираат од редот на јавната администрација по случаен избор за време од четири години и по правило тие имаат живеалиште во општината на која припаѓа избирачкото место.
Кога станува збор за Државната изборна комисија согласно членот 27 став 5 и 6 нејзиниот претседател, заменик и членовите ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. На претседателот и членовите на Државната изборна комисија од денот на изборот им мирува работното место. Што се однесува до општинските изборни комисии и до избирачките одбори, со членот 35 став 2 и членот 39 став 3 од Изборниот законик, е утврдено дека начинот и постапката за именување на претседателот, неговиот заменик, членовите и нивните заменици, се уредуваат со акт на Државната изборна комисија.
Од изнесените законски норми произлегува дека својството на член на изборен орган, во Државната изборна комисија е децидно определено и тоа својство го имаат единствено претседателот, заменикот и петте члена на Државната изборна комисија (член 26). Надвор од тој круг на лица не се сметаат за членови на Државната изборна комисија други лица како што се генерален секретар на Државната изборна комисија и негов заменик, лица во стручна служба на Државната изборна комисија за вршење на стручно-административните и организационо-технички работи, кои се опфатени со законикот.
Својството на член на изборен орган, во општинските изборни комисии и избирачките одбори, го имаат сите лица во нивниот состав. Имено, претседателот, четирите члена и нивните заменици во општинските изборни комисии, како и претседателот, четирите члена и нивните заменици во избирачките одбори, се лица со својство на член на изборен орган.
Оттука, од анализата на оспорената одредба од членот 18 став 1 алинеја 1 од Изборниот законик произлегува дека со неа не се дозволува одредено лице да се стекне со својство на член на изборен орган, согласно одредбите од овој законик, доколку било осудено за казниво дело поврзано со изборите.
Значи, со оспорената одредба се поставува услов и критериум за стекнување на определената функција (член на изборен орган).
Имено, законодавецот не дозволил спроведувањето на изборите како јавна функција да ја вршат членови на изборни органи кои биле осудувани за казниво дело поврзано со изборите.
Делот од оспорената законска одредба кој се повикува на лице осудено за казниво дело поврзано со изборите, јасно определува дека се однесува на донесена правосилна судска одлука по кој момент едно лице може да се смета како осудено за виновно за сторено кривично дело утврдено со закон како казниво дело за кое е предвидена казна. Поради тоа не станува збор за претпоставена вина и повреда на начелото на презумција на невиност.
Оспорената законска одредба воедно не се однесува за било кое казниво дело туку за она кое е поврзано со изборите, а со тоа осудуваноста на лицето ја поврзува за казнивите дела посебно определени во глава четрнаесетта од Изборниот законик и за кривични дела против изборите и гласањето кои се посебно регулирани со одредбите во глава шеснаесетта во Кривичниот законик.
Во контекст на наведеното, треба да се има предвид дека согласно членот 88 од Изборниот законик, изборните органи, а со тоа нивните членови, имаат надлежност да располагаат и користат финансиски средства сопственост на државата кои се алиментираат од Буџетот на Републиката и од локалната самоуправа, што се обезбедуваат од јавните давачки кои ги плаќаат граѓаните. Поради тоа, право на законодавецот е со закон да го обезбеди остварувањето и спроведувањето на изборите преку издигање на кредибилитетот на изборните органи со состав на членови кои би можеле законито и квалитетно да ги извршуваат функциите во изборниот процес, уредувајќи ги за таа цел условите поради кои не може едно лице да биде член на изборен орган, како што е тоа случај со оспорената законска одредба. Ваквата законска определба според Судот е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата и ги афирмира уставно определените вредности и начела.
Ова особено и поради тоа што согласно членот 2 став 1 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, а според ставот 2 граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници. Изборните органи треба да ги обезбедат токму овие уставни вредности и изборот на претставниците да произлегува од граѓаните на кои со Уставот им е дадено вршењето на власта, а не нивниот избор да произлегува од манливи изборни постапки надвор од волјата на граѓаните, што би било спротивно на Уставот.
Оттука, меѓу другото постои и одговорноста на изборните органи да функционираат со членови во својот состав кои исполнуваат определени услови, меѓу кои тоа да се лица кои не се осудувани за казниво дело поврзано со изборите.
Со оспорената одредба од членот 19 став 2 од Изборниот законик е предвидено дека претседателот и членовите на изборните органи, чијашто функција нема карактер на професионален ангажман, имаат право на надоместок што се утврдува со акт на Државната изборна комисија, додека со оспорената одредба од членот 31 став 2 точка 24 од овој законик, во надлежност на Државната изборна комисија е предвидено донесување на правилник и упатство за надоместокот на членовите на изборните органи.
Овие одредби со иницијативата се оспоруваат од аспект дека давале законско овластување на Државната изборна комисија да донесува подзаконски акти за уредување на одредено прашање за кое во самиот Изборен законик немало критериуми и параметри врз основа на кои со подзаконските акти би се операционализирале оредбите од законикот.
Поаѓајќи од наводите во иницијативата и имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби, според Судот неспорно е дека одредбите не можат изолирано и самостојно да се разгледуваат надвор од целината на Изборниот законик, туку тие се во врска со комплексот одредби со кои се регулира предметна материја во Законикот.
Врз основа на веќе изнесените одредби од Изборниот законик, произлегува дека карактер на професионален ангажман во изборен орган имаат претседателот и членовите на Државната изборна комисија. Ова согласно членот 26 став 3 и член 27 став 6 од овој Закон според кои тие функцијата ја вршат професионално со мандат од пет години, со право на повторен избор, и од денот на изборот работниот однос им мирува. Со одредбите од Изборниот законик функцијата на членовите на другите изборни органи (општински изборни комисии и избирачки одбори) не е определена да има карактер на професионален ангажман.
Оттука оспорените одредби од членот 19 став 2 и членот 31 став 2 точка 24 од Изборниот законик, се однесуваат за утврдување на право на надоместок со акт на Државната изборна комисија за претседателот и членовите на општинските изборни комисии и избирачките одбори.
Според Судот, во оспорената одредба од членот 19 став 2, само се утврдува едно право со Законикот, а тоа е право на надоместок за определени субјекти, кој ќе се уреди со акт на Државната изборна комисија, што е посебно определено како нејзина надлежност со оспорената одредба од членот 31 став 2 точка 24.
Според уставносудската анализа на оспорените одредби од Изборниот законик неспорно е дека право на законодавецот е со закон да ги пропишува правата и обврските а во тие рамки и правото на надоместок на кое се однесуваат оспорените оредби и од тој аспект, имајќи ја предвид целината на одредбите од овој Законит тие не се во спротивност со Уставот. Од друга страна, законодавецот исто така го уредил прашањето за средствата за спроведување на изборите, кое е непосредно поврзано со правата и обврските од наведените оспорени одредби.
Имено, според членот 88 од Изборниот законик, покрај тоа што во ставот 1 е определено дека средствата за спроведување на изборите се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и со нив располага Државната изборна комисија, во ставот 2 од овој член се дадени критериумите и општите рамки за располагањето на Државната изборна комисија со средствата, и децидно е определено дека од средствата наменети за изборите две третини служат за покривање на трошоците поврзани со изборните дејствија на органите за спроведување на изборите.
Располагањето на Државната изборна комисија со средствата за спроведување на изборите понатаму е определено и со одредбата од ставот 3 на овој член од Изборниот законик, според која една третина од средствата служи за покривање на дел од трошоците што ги направиле организаторите на изборната кампања чии кандидати се избрани.
Овие критериуми и општи рамки утврдени во ставот 2 и 3 од членот 88 од Изборниот законик го определуваат располагањето со средствата за спроведување на изборите.
Со Изборниот законик овие рамки воедно се определени и со бројот и опфатот на општинските изборни комисии и избирачките места на избирачките одбори на територијата на Република Македонија.
Според Судот тие не дозволуваат неограничено со подзаконски акти да се уредува начинот на располагањето со средствата за спроведување на изборите, а во тие рамки и правото на надоместок кое е утврдено во оспорените одредби, бидејќи Изборниот законик ги утврдил рамките на користењето на средствата, и на таа законска основа е дадено овластување со оспорените одредби со подзаконски акт да се операционализира извршувањето на Законикот.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека за оспорените одредби од членот 19 став 2 и членот 31 став 2 точка 24 од Изборниот законик не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот на кои се однесуваат наводите во иницијативата.
Со оспорената одредба од членот 31 став 2 точка 37 од Изборниот законик е предвидено Државната изборна комисија во соработка со Министерството за внатрешни работи да донесе правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите.
Оваа одредба не се оспорува со иницијативата во однос на овластувањето за донесување на правилник и природата на прашањата кои со него ќе се уредуваат, туку во однос на тоа дека Владата на Република Македонија или пак евентуално министерот за внатрешни работи биле органите кои можеле да го донесат подзаконскиот акт, а не Државната изборна комисија. Според иницијативата некомпетентен бил органот за донесување на конкретниот подзаконски акт па поради тоа оспорената одредба била неуставна.
Поаѓајќи од предметот на уредувањето, Изборниот законик во најголем дел содржи одредби со кои се утврдуваат права и обврски. Тие се однесуваат на субјектите инволвирани во постапката за избор и тоа на органите за спроведување на изборите и другите органи и на лицата со активно и пасивно избирачко право, односно правото на граѓанинот да биде избран и да избира. Во тие рамки се регулирани повеќе прашања кои се однесуваат на избирачките списоци, подносители на листи, кандидати, независни кандидати, политички партии, позиција и опозиција, овластен претставник, коалиција, изборна кампања, организатор на изборна кампања, набљудувачи, вработени во јавната администрација, вработени во државната, општинската администрација и администрацијата на градот Скопје, гласачки места, утврдување на резултати од гласањето и други прашања.
Меѓу другото, во рамките на оваа регулатива со членот 102 од Изборниот законик е уредено дека полицијата го обезбедува гласачкото место непрекинато почнувајќи од 6,00 часот до 19,00 часот. По затворањето на гласачкото место, за време на сумирањето на резултатите полицијата го обезбедува објектот и просторијата во која е сместено гласачкото место и избирачкиот одбор и ги отстранува сите неовластени лица од објектот. Полицијата го обезбедува избирачкиот одбор до предавање на записникот и изборниот материјал на општинската изборна комисија, ако е тоа побарано од страна на избирачкиот одбор.
Со оглед на комплексноста на постапките за спроведување на избор на претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за избор на членови на советите на општините и Советот на градот Скопје и за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје со Изборниот законик е утврдена Државната изборна комисија како највисок изборен орган со определени надлежности, која согласно членот 31 став 1 ќе се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите во согласност со овој законик и врши надзор над работата на изборните органи. Нејзините компетенции произлегуваат од одредбите на Изборниот законик, според кои таа е правно лице со состав кој има професионален ангажман. Претседателот, заменикот и членовите на Државната изборна комисија ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, има генерален секретар и стручна служба.
Значи, со Изборниот законик е определен статусот на Државната изборна комисија како највисок изборен орган одговорен за законито подготвување и спроведување на изборите.
Оттука, со определениот статус и ингеренции на Државната изборна комисија се овозможува на соодветно институционално ниво да се вршат функциите на законито и одговорно подготвување и спроведување на изборите кои опфаќаат разновидни активности во изборните постапки.
Според Судот поаѓајќи од тоа дека право на законодавецот е со Законикот да ги пропишува правата и обврските од предметната област, не постои уставно ограничување со Законикот да се пропише органот кој ќе биде надлежен за вршење на изборните функции, како и да ја пропише и димензионира соработката на тој орган со другите државни органи, институции и единици на локалната самоуправа, како што е тоа предвидено во случајов со оспорената одредба од членот 31 став 2 точка 37 од Изборниот законик.
Покрај тоа, прашањето кое произлегува од иницијативата дека Државната изборна комисија не била компетентен орган да донесува правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите и дека законското овластување за донесување на правилникот од страна на овој орган било нецелисходно законско решение, не е спорно прашање од уставноправен аспект што би ја довело под сомнение уставноста на одредбата.
Со оглед на наведеното со оспорената одредба од членот 31 став 2 точка 37 од Изборниот закон не се повредуваат уставните начела определени во членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 во Уставот, кои се однесуваат на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, ниту се повредуваат други одредби од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата. Ова особено што законитоста е обезбедена во давањето на овластување со одредба од Законикот. Прашањата кои треба да се уредат со подзаконскиот акт се исклучиво материја за разработка со правилник на изборниот орган на начин на кој е тоа всушност рамковно утврдено со Законикот.
Понатаму со оспорените одредби од членот 87 од Изборниот законик е предвидено во кои случаи надлежниот орган ќе донесе конкретно решение за прашања во текот на работењето во изборните постапки.
Според ставот 1 од овој член, надлежниот орган врз основа на одлуката од членот 86 став 3 на овој законик ќе донесе решение за неисплаќање на надоместок на трошоците на организаторите на изборната кампања во согласност со членот 85 став 7 од овој законик.
Имено, со членот 86 став 1 и 2 е утврдено дека право на надоместок за трошоци за избори имаат организаторите на изборната кампања од чии листи на кандидати се избрани кандидати за пратеници, членови на совет, односно кандидат за градоначалник во висина од 15 денари по добиен глас. Надоместокот на трошоците за избори ќе се исплати од Буџетот на Република Македонија, односно од буџетот на општината и на градот Скопје најдоцна во рок од три месеци по поднесување на финансискиот извештај на организаторот за изборната кампања врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за спроведените избори.
Според ставот 3 на овој член, надоместокот на трошоците за избори се определува со одлука на Собранието, советот на општината и на градот Скопје.
Според членот 85 став 7, Државниот завод за ревизија доколку утврди неправилности во финансискиот извештај на организаторот на изборната кампања, а се поврзани со надминување на лимитот за изборна кампања или финансирање на изборна кампања спротивно на одредбите на овој законик ќе ги извести надлежните органи заради поведување на соодветна постапка.
Оттука, следователно на изнесеново е и предвиденото во оспорената одредба од членот 87 став 1 од Изборниот законик, со која се утврдува правото на надлежниот орган (Собранието, советот на општината и на градот Скопје) да донесе решение за неисплаќање на надоместокот.
Понатаму со одредбата од ставот 2 од членот 87 од Изборниот законик е утрдено дека надлежната изборна комисија ќе донесе решение за поништување на листата на кандидати најдоцна до денот на одржување на изборите, ако со правосилна пресуда се утврди дека во текот на изборната кампања користеле средства стекнати од извршени казниви дела.
Имено, ова решение за поништување на листата на кандидати може да биде донесено само во рок до денот на одржување на изборите и само доколку претходно е донесена правосилна пресуда со која било утврдено дека во текот на изборната кампања организаторот користел средства стекнати од извршени казниви дела. Овие два услова се кумулативни и од нив зависи донесувањето на решението, што значи по определениот рок не може да се донесе решението и без правосилна судска одлука за казнивото дело исто така не може да се донесе решението.
Во контекст на ова треба да се има предвид дека согласно членот 72, за законитоста на спроведувањето на изборната кампања е одговорен организаторот на изборната кампања. Тој е одговорен и за оние дејствија на изборната кампања за кои ќе овласти други лица.
Од анализата на оспорените одредби од членот 87 од Изборниот законик, произлегува дека тие утврдуваат право за донесување на решение како конкретен акт од надлежни органи, под услови и за прашања кои се утврдени со Законикот.
Според Судот, оспорените одредби од ставот 1 и ставот 2 на членот 87 се разликуваат по однос на органите кои ги донесуваат решенијата и по однос на прашањата за кои се донесуваат тие решенија. Но, од уставноправен аспект битно е што станува збор за законски одредби со кои се утврдуваат права и обврски за донесување на конкретни акти под определени услови во изборните постапки, овие одредби се законски основ на надлежните органи да донесуваат решенија и не се во спротивност со Уставот. Имено, донесувањето на решението за неисплаќање на надомест од ставот 1 на членот 87, е резултат на постапката на која упатува ставот 7 од членот 85 од Изборниот законик и не може да се прифати наводот во иницијативата дека овие две одредби немале правен континуитет па поради тоа оспорената одредба била неуставна и посебно се повредувале уставните начела на владеење на правото, како и политичкиот плурализам и слободните непосредни демократски избори. Спротивно на тврдењето во иницијативата, всушност со оспорената одредба од ставот 1 на членот 87 правно се заокружува една постапка регулирана со одредбите од членот 85 од овој законик и како резултат на постапката се предвидува донесување на решение за неисплаќање на надоместокот од причините утврдени со Законикот.
Од друга страна и донесувањето на решението предвидено во ставот 2 од членот 87 од Изборниот законик според Судот е во согласност со Уставот, бидејќи оваа одредба претставува законски основ на надлежната изборна комисија за донесување на решение со кое може да се поништи листата на кандидати под услови и од причини утврдени со Законикот и на тој начин со Изборниот законик да се спречи организаторот на изборната кампања да користи во кампањата средства стекнати од извршени казниви дела. Со оспорената одредба е определено дека решението може да се донесе доколку претходно е донесена правосилна пресуда што значи со судска одлука било утврдено конкретно казниво дело кое овозможило финансиски ефекти кои биле употребени од организаторот во изборната кампања. Поради тоа решението за поништување на листата на кандидати не претставува административен акт со кој се повредуваат граѓанските слободи и права утврдени со Уставот на кои посочува подносителот во иницијативата, туку е правно делување во изборните постапки во согласност и континуитет со фактите утврдени со правосилната судска пресуда.
Со оглед на тоа со оспорената одредба од ставот 2 на членот 87 од Изборниот законик, се афирмираат уставните определби во членот 2 од Уставот, кои се однесуваат на демократските принципи во изборот на претставници на граѓаните на Република Македонија во власта и уставното начело на политички плурализам и слободните непосредни и демократски избори определено во членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот. Од овие причини, според Судот не може ниту за одредбата од ставот 2 на членот 87 од Изборниот законик да се постави прашањето за согласноста со Уставот.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
Решението во однос на членот 87 од Изборниот законик е донесено едногласно, а во однос на останатите членови од овој законик е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.74/2006
17 и 18 мај 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова